Ќе присуствуваат милиони — ќе бидете ли таму и Вие?
◼ КАДЕ? На еден од Обласните конгреси „Оддајте му слава на Бог“, што се одржуваат на стотици места низ целиот свет. Тридневната програма, подготвена од Јеховините сведоци, е наменета да им се помогне на сите оние што го сакаат Бог да живеат на начин што му ја оддава на Творецот честа што ја заслужува.
Првиот ден од конгресот ќе се сосредоточи на темата „Достоен си, Јехова . . . да ја примиш славата“ (Откровение 4:11). „Созданието ја објавува Божјата слава“ е наслов на говорот што ќе ни помогне да видиме како Јеховините особини „јасно се гледаат“, односно „се согледуваат по она што е направено“ (Римјаните 1:20). Охрабрувачкото клучно предавање, „Славните пророчки визии нѐ поттикнуваат на поголема активност“ ќе ги поттикне сите да ги држат цврсто во мислите значајните настани претскажани во Божјата реч за нашево време. „Пророштвото на Амос — неговата порака за нашево време“ е наслов на циклусот од три дела, кој ќе ја истакне денешната примена на предупредувањата на овој древен пророк. Предавањето „,Добрата земја‘ — претслика на Рајот“ ќе го зголеми нашето разбирање за регионот што Јехова му го дал на својот древен народ.
Вториот ден од конгресот ќе ја истакне темата „Разгласувајте ја меѓу народите славата Негова“, темелена на Псалм 95:3 (ПСП). Меѓу врвните точки ќе биде еден циклус предавања со наслов „Одразувајте ја како огледала Јеховината слава“. Ова излагање во три дела ќе истакне како можеме поефикасно да ја извршуваме нашата служба. По предавањето „Мразени без причина“ ќе следи говорот за предание и крштавање — обележје на сите конгреси на Јеховините сведоци. Попладне, предавањето „Чувај се од ‚гласот на странците‘ “ ќе даде навремена опомена во врска со ‚лажните учители‘ што се обидуваат да го залажат Божјиот народ со „измамливи зборови“ (2. Петрово 2:1, 3). Програмата за тој ден ќе заврши со предавањето „Нашите деца — драгоцено наследство“. Тоа ќе претставува вистинско задоволство и за родителите и за децата.
Последниот ден на конгресот ќе ја разработи темата „Сѐ правете за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31). Низата интервјуа ќе го дополни предавањето со наслов „Како младите го фалат Јехова“. Утринската сесија ќе вклучува и драма од 45 минути со наслов „Сведочи смело и покрај противење“. Бидејќи на вестите постојано се зборува за религијата, јавното предавање ќе го обработи прашањето „Кој му оддава слава на Бог денес?“ Со говорот „,Донесувајте многу плод‘ на Јеховина слава“, конгресот ќе има возбудлив завршеток.
Ова се само некои од мотивирачките излагања што ќе ги чуеме на Обласните конгреси на Јеховините сведоци „Оддајте му слава на Бог“. Сигурно ќе сакате да присуствувате сите три дена. За конгресните локации најблиску до Вашето место, контактирајте со локалната Сала на Царството на Јеховините сведоци или пишете до издавачите на ова списание.