Дојдете на Обласниот конгрес „Вера во Божјата Реч“!
МНОГУ милиони ќе бидат присутни на стотици локации ширум светот. Само во Соединетите Држави се планирани 193 конгреси. Првиот ќе биде од 23—25 мај, а последниот од 12—14 септември. Веројатно, еден од овие тридневни собири — од петок до недела — ќе биде во некој град недалеку од Вашиот дом.
Ќе извлечете корист од богатството од практична библиска поука. На повеќето места, секое утро програмата ќе започнува со музика во 9.30 часот. Петок претпладне истакнува 25 минути интервјуа со луѓе врз чиишто животи длабоко влијаела нивната вера во Божјата Реч. Тој прв програмски дел ќе заврши со клучното предавање: „Да одиме по вера, а не по гледање“.
Првиот говор во петок попладне ќе го разгледа животоважниот дел што го имаат младите во христијанското собрание. Следниот троделен циклус зборува за библиските мерила кои се во врска со христијанското однесување во говорот, манирите и личниот изглед. Потоа, говорите „Чувај се од недостиг на вера“ и „Божјата Реч е жива“ се сосредоточуваат на убавата опомена во Евреите, поглавја 3 и 4. Петочната програма ќе заврши со предавањето „Книга за сите луѓе“.
Првиот говор во сабота наутро е „Верата без дела е мртва“. Еден друг важен говор тоа утро, „Станете вкоренети и стабилизирани во вистината“, опишува како може да се постигне духовен раст. Програмскиот дел ќе заврши со една редовна конгресна одлика, „Верата во Божјата Реч води до крштавање“, после која ќе има подготовка новите ученици да се крстат.
Уводниот говор во сабота попладне, „Водете тешка борба за верата“, зборува за опомената од библиската книга Јуда. Еден едночасовен циклус со наслов „Да одиме кон домот на Јехова“, ќе ги разгледа користите од христијанските состаноци. Програмата тој ден завршува со предавањето „Квалитетот на твојата вера — испитан сега“.
Одлика на програмата в недела наутро е еден троделен циклус кој ќе зборува за библиската книга Јоил, вклучувајќи ја и нејзината примена во нашево време. Потоа следи една библиска драма со наслов „Чувај го своето око едноставно“. Врвна точка на конгресот е попладневното јавно предавање „Верата и твојата иднина“.
Сигурно дека ќе бидете збогатени во духовен поглед ако бидете присутни. Срдечно сте добредојдени на секој програмски дел. Уште сега направете планови да присуствувате. Што се однесува до локацијата најблиска до Вашиот дом, контактирајте со локалната Сала на Царството на Јеховини сведоци или пишете до издавачите на списаниево. Исто така, во изданието на Разбудете се! од 8 јуни можете да ги најдете адресите на некои конгреси.