ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/12 стр. 3-4
  • Малтретирање — глобален проблем

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Малтретирање — глобален проблем
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Малтретирањето е глобален проблем
  • На работното место
  • Малтретирање — некои причини и последици
    Разбудете се! 2003
  • Што да правам ако ме малтретираат?
    Младите прашуваат
  • Да му се стави крај на малтретирањето
    Разбудете се! 2003
  • Што да правам ако ме малтретираат на училиште?
    Младите прашуваат — 10 практични одговори
Повеќе
Разбудете се! 2003
g03 8/12 стр. 3-4

Малтретирање — глобален проблем

„Ако дојдеш на училиште утре, ќе те убиеме“ (некој непознат женски глас ѝ ја упатил по телефон оваа закана на Кристен, ученичка од Канада).a

„По природа не сум премногу емотивна, но доаѓав до степен кога не сакав да одам на училиште. Ме болеше желудникот и секое утро повраќав откако ќе појадував“ (Хироми, тинејџерка од Јапонија, го кажува своето искуство со малтретирањето).

ДАЛИ некогаш си морал да поднесуваш малтретирање? Кога тогаш повеќето од нас доживеале такво нешто. Можеби тоа било случај на училиште или на работното место, а можеби се случило дури и дома — каде што таква злоупотреба на моќта е загрижувачки честа појава во денешно време. На пример, еден британски извор проценува дека 53 проценти од возрасните се вербално малтретирани од сопружникот или од партнерот со кој живеат невенчано. Оние што малтретираат и нивните жртви можат да бидат од кој и да е пол и од кој и да е општествен слој во кој и да е дел од светот.

Што точно се подразбира под малтретирање? Тоа не е исто што и додевање или напаѓање. Наместо да е еден единствен или неколку одделни инциденти, обично вклучува повеќе мали инциденти чиј број со текот на времето сѐ повеќе се зголемува. Психологот Дан Олвеус, пионер во систематското изучување на малтретирањето, укажува на некои заеднички елементи на ваквото однесување, како што се намерна агресивност и впечатлива нееднаквост во поглед на моќта.

Можеби нема само една дефиниција што ги опфаќа сите аспекти на малтретирањето, но тоа е означено како „намерна, свесна желба да се повреди другиот и да се предизвика стрес кај него“. Стресот не е предизвикан само од она што навистина се случува туку и од стравот од она што би можело да се случи. Тактиките може да вклучуваат грубо задевање, постојано критикување, навреди, озборување и неразумни барања. (Види ја рамката на 4. страница.)

Кристен, тинејџерката што ја спомнавме во почетокот, била мета на малтретирање во текот на повеќето од нејзините школски години. Во основно училиште оние што ја малтретирале ѝ ставале гума за џвакање во косата, ја задевале поради изгледот и ѝ се заканувале дека ќе ја претепаат. Во средно училиште работите станале уште полоши — по телефон добивала дури и закани со смрт. Сега, на 18-годишна возраст, таа се жали: „Училиштето е место каде што треба да учиш, а не да добиваш закани со смрт и да те застрашуваат“.

Еден стручњак за ментално здравје го дава следниов коментар: „Тоа е тажен но вообичаен аспект на меѓучовечките односи. Некои луѓе се чувствуваат подобро кога го омаловажуваат другиот“. Кога таквото однесување ќе ги помине границите, може да води до насилничка одмазда, па дури и до трагедија. На пример, некој човек што работел во јавниот превоз и имал говорна маана толку многу го задевале и го малтретирале што на крајот убил четворица свои колеги, а потоа се самоубил.

Малтретирањето е глобален проблем

Малтретирањето кај децата на школска возраст е проблем во целиот свет. Една анкета објавена во Pediatrics in Review открива дека во Норвешка, 14 проценти од децата или малтретираат или се жртви на малтретирање. Во Јапонија, 15 проценти од учениците во основно училиште велат дека се малтретирани, додека во Австралија и Шпанија овој проблем постои кај 17 проценти од учениците. Во Британија, еден стручњак проценува дека од малтретирањето се засегнати 1,3 милиони ученици.

Професор Амос Ролидер од колеџот Ејмек Израел анкетирал 2.972 ученика во 21 училиште. Според The Jerusalem Post, овој професор утврдил дека „65% се жалеле дека другите ученици ги удираат, ги клоцаат, ги туркаат или ги вознемируваат“.

Една нова и подмолна појава е малтретирањето по електронски пат — испраќање на заканувачки текстуални пораки преку мобилен телефон и преку компјутер. Исто така, младите отвораат Веб-страници на кои со многу омраза пишуваат за жртвата што ја малтретираат, вклучувајќи и лични информации. Според д-р Венди Крег од Кралскиот универзитет во Канада, овој облик на малтретирање е „крајно штетен за детето што е жртва“.

На работното место

Малтретирањето на работното место е една од сѐ почестите причини за поплака поврзани со насилството на работното место. Всушност, во некои земји се известува дека тоа е позастапено дури и од расната дискриминација или од сексуалното вознемирување. Секоја година, отприлика секое 5. вработено лице во САД е жртва на малтретирање.

Во Британија, во еден извештај што во 2000 го објавил Институтот за наука и технологија при Универзитетот во Манчестер се вели дека од 5.300 вработени во 70 организации, 47 проценти известиле дека во изминативе пет години биле сведоци на случаи на малтретирање. Една анкета што во 1996 ја спровела Европската заедница правејќи 15.800 интервјуа во своите 15 држави-членки, покажала дека 8 проценти од вработените — околу 12 милиони лица — биле изложени на заплашување или малтретирање.

Сеедно дали на училиште или на работното место, изгледа дека сите луѓе што малтретираат имаат едно заедничко обележје — користат моќ за да го повредат или понижат другиот. Но, зошто некои луѓе ги малтретираат другите? Кои се последиците? И што може да се стори во врска со тоа?

[Фуснота]

a Некои имиња се променети.

[Рамка на страница 4]

Типови на луѓе што малтретираат

◼ Луѓе што физички малтретираат: Тие најлесно се препознаваат. Оние што малтретираат физички го излеваат својот бес на тој начин што ја удираат, ја туркаат или ја клоцаат својата жртва — или ги оштетуваат предметите што таа ги поседува.

◼ Луѓе што вербално малтретираат: Оние што малтретираат вербално користат зборови за да ја повредат или понижат својата жртва, сеедно дали се тоа погрдни имиња, навреди или упорно, сурово задевање.

◼ Луѓе што малтретираат ширејќи лаги: Тие шират злобни гласини за својата жртва. Вака обично се однесуваат жени што малтретираат.

◼ Жртви што реагираат со малтретирање: Тие се жртви на малтретирање кои и сами почнале да малтретираат. Се разбира, тоа што биле жртви на малтретирање не е изговор за нивното однесување туку само помага тоа да се објасни.

[Извор на слика]

Извор: Сторете нешто против малтретирањето од Гизел Лајуа, Алисон Меклелан и Синди Седон.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели