Малтретирање — некои причини и последици
ЗОШТО едно дете почнува да ги малтретира другите? Ако некогаш сте биле жртва на малтретирање, можеби сте на искушение да речете: „Не ме интересира зошто! Нема никаков изговор за таквото однесување“. И, веројатно сте во право. Но, има една голема разлика помеѓу причина и изговор. Причините зошто едно дете почнува да малтретира не се изговор за неисправното однесување, но би можеле да ни помогнат да го разбереме тоа однесување. А таквото разбирање може да биде многу скапоцено. Во кој поглед?
Една стара пословица гласи: „Разбирањето го прави човекот бавен на гнев“ (Пословици 19:11, NW). Гневот поради однесувањето на оној што малтретира може да нѐ заслепи, да нѐ исполни со фрустрација, па дури и со омраза. Но, ако разбереме зошто тој се однесува така, нашиот гнев може да се смири. Така ќе можеме појасно да гледаме додека бараме решенија. Затоа, да разгледаме некои фактори што се причина за ваквото неприфатливо однесување.
Што е причина за малтретирањето?
Во многу случаи, во годините на развој на оној што малтретира влијаел лошиот пример на родителите или нивното потполно запоставување. Многу од оние што малтретираат потекнуваат од семејства каде што родителите биле студени или незаинтересирани или, пак, ги учеле своите деца да ги решават проблемите со бес и насилство. Децата што израснале во таква средина можеби не мислат дека нивните вербални напади и физичка агресивност се малтретирање; тие можеби сметаат дека нивното однесување е нормално и прифатливо.
Една 16-годишна девојка што дома била малтретирана од очувот а на училиште од другите ученици вели дека во седмо одделение и самата почнала да малтретира други. Таа признава: „Во основа, во мене имаше насобрано голем гнев; јас едноставно го излевав врз кого ќе стигнев. Тешко е да се поднесува болка. Штом ти лично ја почувствуваш, сакаш да им ја нанесеш и на други“. Иако таквата физичка агресија можеби не е вообичаена кај девојките што малтретираат, гневот што стои зад неа е карактеристичен за сите.a
Во многу училишта голем број ученици се со различни заднини и биле воспитувани на најразлични начини. За жал, некои деца се агресивни затоа што дома ги научиле дека само ако ги заплашуваат и ако ги навредуваат другите, тогаш ќе го добијат тоа што го сакаат.
За жал, изгледа дека таквите методи честопати успеваат. Шели Химел, продекан на Универзитетот во Британска Колумбија (Канада), го изучува однесувањето на децата веќе две децении. Таа вели: „Имаме деца што откриваат како може да го добијат она што го сакаат и, за жал, малтретирањето е еден успешен начин да го постигнат тоа. Тие го добиваат она што го сакаат — добиваат моќ, статус и внимание“.
Друг фактор што придонесува за раширеноста на малтретирањето е недостигот на надзор. Многу жртви имаат чувство дека немаат каде да се обратат — а трагично е тоа што во повеќето случаи тие се во право. Дебра Пеплер, директор на центарот Ламарш за истражување на насилството и решавање на конфликтите, при Универзитетот Јорк во Торонто, внимателно ги набљудувала учениците во училишниот двор и дошла до заклучок дека наставниците откриваат и спречуваат само околу 4 проценти од случаите на малтретирање.
Сепак, д-р Пеплер смета дека е многу битно да се преземе нешто. Таа вели: „Децата не се способни да го решат овој проблем затоа што се работи за моќ, а секогаш кога некој ќе малтретира некоја жртва, станува уште помоќен“.
Според тоа, зошто не се пријавуваат повеќе случаи на малтретирање? Затоа што жртвите на малтретирањето се уверени дека, ако го пријават проблемот, тој само ќе стане уште поголем. Така, во некоја мера, многу млади ги минуваат школските години во постојана состојба на загриженост и несигурност. Кои се последиците од таквиот живот?
Физички и емоционални последици
Еден извештај на Државното здружение на училишните психолози во Соединетите Држави вели дека секој ден повеќе од 160.000 деца не одат на училиште затоа што се плашат дека ќе бидат малтретирани. Жртвите на малтретирање може да престанат да зборуваат за училиштето или за некој посебен предмет или активност на училиште. Може да се обидат секој ден да доцнат на училиште или да бегаат од часови, па дури и да наоѓаат изговор за воопшто да не одат на училиште.
Како можат да се препознаат децата што се малтретирани? Па, може да станат нерасположени, раздразливи, исфрустрирани или, пак, да бидат уморни и повлечени. Може да станат агресивни кон домашните или кон врсниците и пријателите. Недолжните ученици што ги гледаат малтретирањата отстрана исто така трпат последици. Таквата ситуација им влева значителен страв, кој ја намалува нивната способност да учат.
Меѓутоа, списанието Pediatrics in Review вели: „Најекстремна последица од малтретирањето за жртвите и за општеството е насилството, вклучувајќи го самоубиството и убиството. Чувството на немоќ што го имаат децата кои се жртви на малтретирање може да биде толку силно што некои реагираат со самодеструктивни постапки или со смртна одмазда“.
Д-р Ед Адлаф, научен истражувач и професор од областа на здравствената заштита на Универзитетот во Торонто, изразува загриженост дека „е голема веројатноста оние што се вклучени во малтретирање да имаат емоционални проблеми сега и во иднина“. Во текот на 2001 учебна година биле анкетирани повеќе од 225.000 ученици од Онтарио, и една четвртина до една третина од нив биле вклучени во некаков облик на малтретирање, или како жртви или како извршители. Во истата група, секој 10. ученик сериозно размислувал за самоубиство.
Упорното малтретирање може да ја поткопа самодовербата на жртвата, да предизвика сериозни здравствени проблеми, па дури и да уништи нечија кариера. Оние што се малтретирани може да имаат главоболки, несоница, да ги измачуваат грижи и депресија. Кај некои се јавува посттрауматски стрес. Додека физичките напади можат да ги наведат другите да ѝ дадат сочувствителна поддршка на жртвата, емоционалните напади можеби нема да наидат на иста реакција. Штетата не е толку очигледна. Затоа, наместо да сочувствуваат со жртвата, на пријателите и на семејството можат да им здодеат нејзините поплаки.
Малтретирањето остава лоши последици и врз самите оние што малтретираат. Ако не се прекине во детството, кога ќе пораснат тие веројатно ќе ги малтретираат другите на работното место. Всушност, некои истражувања откриваат дека на оние што малтретирале како деца тоа им останало навика и кога станале возрасни. Исто така, постоела поголема веројатност дека ќе имаат криминално досие за разлика од оние што не малтретирале.
Последици врз семејството
Малтретирањето на работното место влијае врз стабилноста и мирот дома. Тоа може да предизвика необјаснив порив жртвата да ги повредува своите сакани дома. Освен тоа, сопружникот или некој член на семејството може да биде наведен на погрешен начин да ѝ даде поддршка на жртвата со тоа што ќе се пресмета со оној што ја малтретира. Од друга страна, пак, сопружникот може да го обвинува својот брачен другар што е жртва дека самиот си прави проблеми. Кога таквите случаи на малтретирање ќе останат нерешени, дури и сопружниците што инаку даваат поддршка можат да изгубат трпение. Додека минуваат годините, поголема е веројатноста семејството да се распадне.
Во некои случаи малтретирањето може да доведе до губење на кариерата и средствата за живот, до одвојување и развод, па дури и до самоубиство. Една половина до две третини од жртвите на малтретирање на работното место во Австралија известиле за лошите последици врз нивните блиски односи, како што се односите со партнерот, сопружникот или семејството.
Малтретирањето чини многу
Малтретирањето на работното место скапо ги чини и работодавците. На работното место може да малтретира некој шеф со остар јазик или некој лукав колега, сеедно дали е маж или жена. Таквите претерано ги контролираат другите, ситничарат и ги омаловажуваат со негативни забелешки и постојано критикување, честопати понижувајќи ја својата жртва пред другите. Оние што малтретираат ретко признаваат дека се непристојни и ретко се извинуваат за своето однесување. Тие честопати ги малтретираат работниците што се способни, лојални и што им се омилени на другите вработени.
Работниците што се малтретирани обично не работат толку ефикасно. Тоа влијае и врз продуктивноста на колегите што се очевидци на малтретирањето. Малтретирањето може да ги наведе работниците да не му бидат толку лојални на својот работодавец и да не бидат толку посветени на работата. Еден извештај тврди дека луѓето што малтретираат, според некои проценки, ја чинат индустријата во Обединетото Кралство три милијарди долари годишно. Исто така, се вели дека таквото однесување е причина за повеќе од 30 проценти од болестите поврзани со стрес.
Јасно, малтретирањето влијае врз луѓето во целиот свет. Прашањето е: Може ли да се стори нешто за да се спречи и да се отстрани овој проблем?
[Фуснота]
a Девојките што малтретираат обично користат тактики како што се исклучување од друштвото и ширење гласини. Меѓутоа, изгледа дека сѐ поголем број од нив се служат и со физичко насилство.
[Слика на страница 7]
За жал, малтретирањето на работното место е многу честа појава
[Слика на страница 7]
Жртвите на постојано малтретирање можат да станат потиштени и осамени