Санкт Петербург — руски „прозорец кон Европа“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО РУСИЈА
„Те љубам тебе, о дело на раката на Петар!/ Го љубам твојот цврст, симетричен облик;/ Мирниот и кралски тек на Нева/среде нејзините кејови и гранит“ (АЛЕКСАНДАР СЕРГЕЕВИЧ ПУШКИН).
ПРОЧУЕНАТА песна на Пушкин за Санкт Петербург, делумно цитирана овде, свртува внимание на основачот на овој град и на неговата местоположба далеку на север, каде што реката Нева се влева во Балтичкото Море. ‚Но‘, можеби ќе се прашате, ‚како настанал овој голем светски град во едно мочуриште на север?‘
Кон крајот на 17 век, напредокот на Русија бил спречен затоа што не излегувала на море. Сонот на младиот руски цар, Петар Велики, бил да создаде за Русија еден „прозорец кон Европа“ во облик на излез на море. На југ, излезот на Црното Море го спречувала Отоманската Империја. Затоа Петар го свртел своето внимание на север, каде што Шведска ја поседувала територијата што се граничела со Балтичкото Море.
За да го оствари својот сон, во август 1700 година Петар ѝ објавил војна на Шведска. Иако во почетокот неговите воени походи не биле успешни, тој не се откажал. Во ноември 1702, Петар ја присилил шведската војска да се повлече од езерото Ладога. Реката Нева го поврзува ова најголемо езеро во Европа со Балтичкото Море, кое е оддалечено од него околу 60 километри. Швеѓаните се повлекле во една тврдина на едно мало островче во близина на местото каде што од езерото истекува реката Нева. Петар успеал да ја преземе од Швеѓаните оваа островска тврдина и ѝ го дал името Шлиселбург.
Подоцна Швеѓаните им се спротивставиле на Русите во тврдината наречена Ниншантс, во близина на местото каде што Нева се влева во Балтичкото Море. Во мај 1703 бил поразен шведскиот гарнизон што се наоѓал таму. Оваа победа им овозможила на Русите да стекнат контрола над целата делта. Петар веднаш почнал да гради тврдина на блискиот остров Зајачи за да го брани устието на Нева. Така, на 16 мај 1703, пред околу 300 години, Петар Велики го положил првиот камен-темелник на она што денес е познато како Петропавловска тврдина. Овој датум е прифатен како датум кога е основан Санкт Петербург, кој го добил името според светецот-заштитник на царот, апостол Петар.
Како станал престолнина
За разлика од многу престолнини, Санкт Петербург уште од почетокот бил планиран и граден со цел да биде импресивна престолнина. И покрај тоа што се наоѓа далеку на север — на географска ширина исто како денешен Енкориџ (Алјаска) — Петар постојано напредувал со изградбата. Се носело дрво од пределот на езерото Ладога и од Новгород. Еден начин на кој Петар набавувал камења за градбата бил тој што наметнал еден услов — секој Русин што носел стока во Санкт Петербург морал да донесе и извесен број камења. Исто така, Петар забранил да се градат камени куќи, најнапред во Москва а потоа и во останатиот дел од неговата империја. Затоа, невработените ѕидари почнале да доаѓаат во Санкт Петербург.
Според The Great Soviet Encyclopedia, изградбата на градот продолжила со „извонредно брзо темпо за тоа време“. Наскоро почнале да никнуваат одводни канали, потпорни столбови, улици, згради, цркви, болници и владини објекти. Истата година кога бил основан овој град, почнало да се гради и едно бродоградилиште, познато како Адмиралитет, кое подоцна станало главно седиште на руската флота.
До 1710 се започнало и со изградбата на Летниот дворец — летната резиденција на царевите. Во 1712, руската престолнина со многуте свои владини канцеларии била преселена од Москва во Санкт Петербург. Во 1714 била завршена изградбата на првиот дворец од камен во овој град, кој сѐ уште постои. Тој бил изграден за првиот гувернер на градот, Александар Меншиков. Истата година се започнало и со работа на Петропавловската црква, во тврдината што го носела истото име. Нејзината висока кула е посебно историско обележје на градот. На реката Нева бил изграден и Зимскиот дворец, кој потоа бил рушен и граден неколку пати. Подоцна бил изграден денешниот Зимски дворец, кој има околу 1.100 соби. Оваа величествена палата станала центар на градот и во неа се наоѓа прочуениот Ермитаж, Државниот музеј.
Првата деценија од постоењето на Санкт Петербург била одбележана со неверојатен развој. Се вели дека до 1714 во овој град имало околу 34.500 градби! Изградбата на дворци и огромни згради продолжила со несмалено темпо. Големото влијание на религијата во историјата на Русија може да се види во многу градби во градот.
На пример, тука е Казанската црква, со својот полукружен облик и колонада во предниот дел. Нејзината импресивна појава на најважната улица во градот, која се вика Невски Проспект, придонела оваа улица да стане позната како една од најпрочуените сообраќајници во светот. Подоцна почнала да се гради црквата Свети Исак. Во мочурливото земјиште биле поставени околу 24.000 потпорни столбови, а биле употребени 100 килограми чисто злато за да се позлати нејзината голема купола.
Импресивна била и изградбата во местата околу Санкт Петербург. Изградбата на Големиот дворец, резиденцијата на Петар, започнала во 1714 во Петерхоф, сегашен Петродворец. Во меѓувреме, во блиското гратче Царско Село, сега наречено Пушкин, за сопругата на Петар бил изграден раскошниот дворец Катерина. Кон крајот на истиот век биле изградени два величествени дворца во двете јужни предградија, Павловск и Гачина.
Убавината на овој новооснован град многу ја зголемиле стотиците мостови изградени на многуте речни канали. Затоа, Санкт Петербург честопати бил нарекуван „Венеција на северот“. Француски, германски и италијански архитекти работеле заедно со талентирани руски колеги за да го создадат она што The Encyclopædia Britannica го нарекува „еден од највеличествените и најскладни европски градови“.
Истрајност и покрај тешкотиите
Противниците на Петар не ни сфатиле со каква жилавост Русите ќе се држат за својот прозорец кон Европа. Книгата Peter the Great—His Life and World (Петар Велики — неговиот живот и неговиот свет) објаснува: „Од денот кога Петар Велики првпат стапнал на устието на Нева, земјата и градот што се подигнал таму секогаш останале во рацете на Русите“.
Всушност, како што вели горенаведената книга, „низ вековите, ниеден од освојувачите што еден по друг влегувале во Русија со големи војски — Карл XII, Наполеон, Хитлер — не успеал да го освои балтичкото пристаниште на Петар, иако во II светска војна нацистичките војски го држеле градот под опсада 900 дена“. За време на таа долга опсада умреле околу еден милион луѓе во градот. Многу изумреле од студ и глад во текот на зимата 1941/1942, кога температурите се спуштиле до 40 степени под нулата. Оваа температура е точка кога Целзиусовата и Фаренхајтовата скала се совпаѓаат.
Во 1914, кога започнала I светска војна, името на овој град било променето во Петроград. Во 1924, кога умрел првиот водач на Советскиот Сојуз, Владимир Ленин, името на градот било променето во Ленинград. Конечно, во 1991, со падот на Советскиот Сојуз, на градот му било вратено првобитното име, Санкт Петербург.
Придонес за светот
Во 1724, една година пред да умре Петар на возраст од 52 години, по негова наредба била основана Руската академија на науките, а во 1757 во овој град била отворена Академија на уметностите. Руските сликари од 19 век, Карл Брилјоф и Илија Репин, студирале таму и подоцна се здобиле со меѓународен углед.
Во 1819 бил основан Државниот универзитет на Санкт Петербург, а со текот на времето и многу други институции за високо образование. Кон крајот на 19 век, како жител на Санкт Петербург, рускиот психолог Иван Павлов, добитник на Нобелова награда, го вовел концептот за условен рефлекс. Исто така, токму овде рускиот хемичар Дмитриј Менделеев го составил својот периоден систем на елементите.
И културниот живот во овој град го привлекол вниманието на светот. Во 1738 била основана танчерска академија, која со текот на времето прераснала во светски прочуениот балет Марински. Наскоро градот почнале да го красат многу балетски и концертни сали и театри. Во Санкт Петербург живееле прочуени композитори, вклучувајќи го и Петар Илич Чајковски. Тој е познат по незаборавната музика, како што се класичните балетски композиции Заспаната убавица, Лебедово езеро и Оревокршачката, како и неговата прочуена композиција Увертира 1812.
Санкт Петербург бил дом и на многу прочуени руски поети и писатели што живееле таму. Младиот Александар Сергеевич Пушкин станал она што многу го сметаат за „најголем [руски] поет и основач на современата руска литература“. Она што е Шекспир за Англија, за Русија е Пушкин, чии дела се преведени на сите главни јазици и ја вклучуваат и одата на неговиот „посвоен“ град, цитирана во почетокот. Освен тоа, тука е и Достоевски, за кого The Encyclopædia Britannica вели дека „обично се смета за еден од најдобрите романописци на сите времиња“.
Затоа, може да се рече дека она што Санкт Петербург го добил од Европа во неговите скромни почетоци, великодушно го возвратил и тоа повеќекратно. Низ годините неговите жители ја збогатиле светската култура.
Прилика за размислување
Во седмицата од 24 мај до 1 јуни, стотици илјади посетители на Санкт Петербург ја прославија неговата 300-годишнина. Додека уживаа во резултатите од огромните подготовки, многумина размислуваа за убавината и извонредната историја на овој град.
Сосема случајно, само една седмица пред тоа, многу луѓе го посетија Санкт Петербург за свеченото отворање на проширените објекти на подружницата на Јеховините сведоци во Русија, која се наоѓа во едно од предградијата на градот. Следниот ден, 9.817 лица се собраа на стадионот Киров во Санкт Петербург за да го чујат резимето од програмата за свеченото отворање и охрабрувачките извештаи за активностите на Јеховините сведоци во многу земји.
Повеќе од она што може да се види
Посетителите на Санкт Петербург честопати имаат чувство дека има да се види толку многу што не знаат од каде да почнат. Таква е дилемата во Ермитаж. Се проценува дека, ако човек потроши по една минута за секој предмет во стотиците изложбени салони, ќе требаат години за да заврши со разгледувањето.
Други сметаат дека една од најимпресивните карактеристики на Санкт Петербург е неговиот балет. На пример, во прочуениот театар Марински можете да седите под искитените кристални лустери, опкружени со блескави внатрешни фасади и ѕидови, позлатени со речиси 400 килограми злато. Во ваков амбиент можат да се гледаат веројатно некои од најдобрите балети на светот.
Дури и една обична прошетка низ овој град со околу пет милиони жители, која ќе Ви овозможи глетка на елегантните згради на бреговите на реката Нева, може да претставува прекрасно искуство. Патувањето во чудесното метро на овој град, едно од најдлабоките во светот, може да биде прекрасно културно искуство. Тоа метро го користат повеќе од два милиона луѓе секој ден, кои патуваат меѓу неговите повеќе од 50 станици на шини што се протегаат во должина од 98 километри. Некои станици се меѓу најубавите на светот. Во 1955, кога ова метро беше пуштено во употреба, The New York Times ги нарече станиците „низа подземни палати од дваесеттиот век“.
Навистина, тешко е да не се биде импресиониран од Санкт Петербург — од неговата впечатлива изградба и развој, како и од неговото трајно наследство на убавина, уметност, култура, образование и музика. Какви и да се нивните интереси, посетителите најверојатно ќе се сложат со едно дело што го нарекува Санкт Петербург „еден од најубавите градови на Европа“.
[Слика на страница 23]
Петар Велики, основачот на овој град
[Слика на страница 24]
Петропавловската тврдина со нејзината црква, каде што биле положени темелите на Санкт Петербург
[Слики на страници 24 и 25]
Зимскиот дворец на реката Нева, сега дом на музејот Ермитаж (интериер сосема десно)
[Извор на слика]
Државниот музеј Ермитаж, Санкт Петербург
[Слика на страници 24 и 25]
Големиот дворец
[Слика на страница 25]
Санкт Петербург е наречен Венеција на северот
[Слики на страница 26]
Светски познатиот театар Марински
[Извори на слики]
Steve Raymer/National Geographic Image Collection
Фотографија од Natasha Razina
[Слики на страница 26]
Станиците на подземната железница на Санкт Петербург се опишани како „подземни палати“
[Извори на слики на страница 23]
Слика горе: Edward Slater/Index Stock Photography; слика и симболи: Државниот музеј Ермитаж, Санкт Петербург