Едно скриено богатство излегува на виделина
Приказната за Библијата Макариј
ВО 1993, еден истражувач во Руската национална библиотека во Санкт Петерсбург нашол куп стари, пожолтени списанија Orthodox Review. На страниците на списанијата од 1860 до 1867 лежело едно богатство што било сокриено од руската јавност повеќе од еден век. Тоа бил превод на целокупните Хебрејски списи, односно „Стариот завет“, на Библијата на руски јазик!
Преведувачите на Писмото биле Михаил Јаковлевич Глухарев, познат како Архимандрит Макариј, и Герасим Петрович Павски. Обајцата биле угледни членови на Руската православна црква, како и јазични научници. Кога овие мажи ја започнале својата работа во почетокот на минатиот век, комплетната Библија уште не била преведена на руски.
Вистина, Библијата била на старословенски — јазик што бил претходник на современиот руски. Меѓутоа, до средината на 19 век, старословенската Библија одамна била излезена од употреба, освен во религиозни служби, каде што била користена од свештенството. Слична ситуација постоела и на Запад, каде што Римокатоличката црква се обидувала да ја чува Библијата исклучително на латински, долго откако латинскиот станал мртов јазик.
Макариј и Павски се обиделе да ја направат Библијата достапна за обичните луѓе. Затоа, откритието на нивното одамна заборавено дело овозможи да се обнови еден важен дел од литературното и религиозното наследство на Русија.
Меѓутоа, кои точно биле Макариј и Павски? И зошто нивните напори да ја пренесат Библијата на обичниот јазик на луѓето, наишле на противење? Нивната приказна е и фасцинантна и зајакнувачка за верата за сите љубители на Библијата.
Потреба од руска Библија
Макариј и Павски не биле првите кои ја увиделе потребата од Библија на обичниот јазик на луѓето. Стотина години порано, рускиот цар Петар I, односно Петар Велики, исто така увидел таква потреба. Значајно е тоа што тој на Светото писмо гледал со почит и е цитиран како рекол: „Библијата е книга која се надвишува над сите други, и содржи сѐ што се однесува на човековата должност спрема Бог и спрема ближниот“.
Така, во 1716, Петар заповедал неговиот царски двор да даде во Амстердам да се отпечати Библија на негов личен трошок. Секоја страница требало да содржи еден столб со руски текст и еден столб со холандски текст. Само една година подоцна, во 1717, делот со Христијанските грчки списи, односно „Новиот завет“, бил готов.
До 1721, бил отпечатен и холандскиот дел на еден четиритомен превод на Хебрејските списи. Еден столб бил оставен празен, за подоцна да биде пополнет со рускиот текст. Петар му ги предал Библиите на „Светиот синод“ на Руската православна црква — врховниот религиозен авторитет на црквата — за да го финализира печатењето и да раководи со дистрибуирањето. Меѓутоа, синодот не го довршил тоа.
За неполни четири години, Петар умрел. Што се случило со неговите Библии? Празните столбови наменети за рускиот текст никогаш не биле пополнети. Библиите биле натрупани во големи купишта во еден подрум, каде што гниеле — подоцна не можел да се најде ниту еден единствен неоштетен примерок! Синодот одлучил „сѐ што останало да се продаде на трговците“.
Почнуваат преведувачките напори
Во 1812, Џон Патерсон, член на Британското и инострано библиско друштво, дошол во Русија. Патерсон го побудил интересот на интелигенцијата од Санкт Петерсбург за формирање библиско друштво. На 6 декември 1812 — истата година кога руската војска ги одбила напаѓачките трупи на Наполеон I — царот Александар I ја одобрил повелбата за Руско библиско друштво. Во 1815, царот му наредил на претседавачот на друштвото, принцот Александр Голицин, да му предложи на управниот синод дека „и Русите треба да ја имаат приликата да ја читаат Божјата Реч на свој руски мајчин јазик“.
За пофалба е што било дадено одобрување да се преведат Хебрејските списи на руски, директно од оригиналниот хебрејски. Древната грчка Септуагинта била темелот за преводи на Хебрејските списи на старословенски. На оние кои требало да ја преведат Библијата на руски, им било речено дека главни начела на преводот треба да бидат точност, јасност и чистота. Што се случило со овие рани напори да се обезбеди Библија на руски јазик?
Смртоносен удар за преведувањето на Библијата?
Конзервативните елементи и во црквата и во владата наскоро станале претпазливи спрема странското религиозно и политичко влијание. Некои црковни водачи понатаму тврделе дека старословенскиот — јазикот на литургијата — ја изразувал библиската порака подобро од рускиот.
И така, во 1826, Руското библиско друштво било распуштено. Повеќе илјади примероци на преводи, произведени од Библиското друштво, биле изгорени. Како последица од тоа, Библијата се нашла во подредена положба во однос на ритуалите и традицијата. Следејќи го примерот што го поставила Римокатоличката црква, во 1836 синодот издал налог: „Допустливо е кој и да е оддаден лаик да го слуша Писмото, но не е допустливо кој и да е да чита некои делови од Писмото, особено Стариот завет, без водство“. На преведувањето на Библијата навидум му било зададен смртоносен удар.
Делото на Павски
Во меѓувреме, Герасим Павски, професор по хебрејски, се зафатил со задачата да ги преведе Хебрејските списи на руски. Во 1821, довршил еден превод на Псалмите. Царот брзо го одобрил и, до јануари 1822, книгата Псалми била издадена за јавноста. Таа наишла на непосредно прифаќање и морала да биде препечатувана 12 пати — со вкупно 100.000 примероци!
Научните напори на Павски му донеле почит од многу јазични научници и теолози. Тој е опишан како отворен и чесен човек кој бил настрана од интригите што го опкружувале. И покрај црковното противење спрема Руското библиско друштво и фактот дека некои мислеле оти тоа ги претставува странските интереси, професорот Павски продолжил на своите предавања да преведува библиски стихови на руски. Неговите студенти кои му се восхитувале, рачно ги препишувале неговите преводи и, со текот на времето, биле во состојба да го компилираат неговото дело. Во 1839, тие се осмелиле самите да објават 150 примероци на пресата во академијата — без дозвола од цензорите.
Преводот на Павски оставил силен впечаток врз читателите, а барањето за него продолжило да расте. Но, во 1841, до синодот била поднесена една анонимна жалба во врска со „опасноста“ од овој превод, која тврдела дека тој застранил од православната догма. По две години, синодот издал декрет: „Да се конфискуваат сите постоечки ракописни и литографски примероци од преводот на Стариот завет на Г. Павски и да се уништат“.
Величање на Божјето име
Меѓутоа, Павски повторно го разгорил интересот за превод на Библијата. Исто така, тој поставил еден важен преседан за идните преведувачи кога станало збор за едно друго важно спорно прашање — Божјето име.
Рускиот истражувач Корсунски објаснил: ‚Самото Божје име, најсветото од неговите имиња, било составено од четири хебрејски букви יהוה и сега се изговара Јехова‘. Во древните примероци на Библијата, тоа особено Божје име само во Хебрејските списи се појавува илјадници пати. Меѓутоа, Евреите погрешно почнале да веруваат дека божественото име е пресвето за да се пишува или изговара. Во врска со ова, Корсунски забележал: ‚Усно или писмено, тоа обично било заменувано со Адонај, збор што општо се преведувал со „Господ“ ‘.
Јасно, отфрлањето на употребата на божественото име се должела на суеверен страв — а не на божествена стравопочит. Самата Библија никаде не одвраќа од употребување на Божјето име. Самиот Бог му рекол на Мојсеј: „Вака кажи им на синовите Израилеви: ‚Господ [Јехова, НС] Бог на татковците наши . . . ме испрати кај вас‘. Тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено“ (2. Мојсеева 3:15). Секогаш одново, Писмото силно ги поттикнува обожавателите: „Славете Го Господа [Јехова, НС], повикувајте Го името Негово“ (Исаија 12:4). Меѓутоа, повеќето преведувачи на Библијата избрале да ја следат еврејската традиција и избегнувале да го употребуваат божественото име.
Меѓутоа, Павски не ги следел овие традиции. Во неговиот превод само на Псалмите, името Јехова се појавува повеќе од 35 пати. Неговата смелост требало да има значително влијание врз еден од неговите современици.
Архимандритот Макариј
Тој современик бил архимандритот Макариј, руски православен мисионер, кој имал импресивни лингвистички вештини. На кревка седумгодишна возраст, тој можел да преведува куси руски текстови на латински. До својата 20-та година, знаел хебрејски, германски и француски. Меѓутоа, понизниот став и длабокото чувство за одговорност пред Бог му помогнале да ја избегне замката на претерана самоувереност. Секогаш одново барал совет од други лингвисти и научници.
Макариј барал да ја реформира мисионерската активност во Русија. Мислел дека, пред христијанството да може да им се однесе на муслиманите и Евреите во Русија, црквата мора да „ги просветли масите со основање школи и со дистрибуирање Библии на руски јазик“. Во март 1839, Макариј пристигнал во Санкт Петерсбург, надевајќи се да добие дозвола да ги преведе Хебрејските списи на руски.
Макариј веќе ги имал преведено библиските книги Исаија и Јов. Меѓутоа, синодот одбил да му даде дозвола да ги преведе Хебрејските списи на руски. Всушност, на Макариј му било речено да ја заборави самата помисла да ги преведува Хебрејските списи на руски јазик. Синодот издал одлука, датирана 11 април 1841, која му наредува на Макариј „да отслужи три до шестнеделно испаштање во домот на еден епископ во Томск за да си ја исчисти совеста преку молитва и коленичење“.
Смелиот став на Макариј
Од декември 1841 па до јануари 1842, Макариј го исполнил своето испаштање. Но, штом тоа било задоволено, веднаш почнал да го преведува остатокот од Хебрејските списи. Добил еден примерок од преводот на Хебрејските списи на Павски и го употребил за да ги провери своите преводи. Како и Павски, одбил да го прикрие божественото име. Всушност, во преводот на Макариј, името Јехова се појавува преку 3.500 пати!
Макариј им испратил примероци од својата работа на симпатизерски настроените пријатели. Иако неколку ракописни примероци влегле во оптек, црквата продолжила да го попречува објавувањето на неговото дело. Макариј направил планови да ја промовира својата Библија во странство. Во предвечерјето на своето заминување, тој се разболел и кратко потоа, во 1847, умрел. Неговиот превод на Библијата никогаш не бил издаден за време на неговиот живот.
Најпосле издадена!
Конечно, политичките и религиозните ветрови се смениле. Низ земјата проструил еден нов либерализам и, во 1856, синодот повторно го одобрил преведувањето на Библијата на руски. Во оваа подобрена клима, Библијата Макариј била издавана во продолженија во Orthodox Review помеѓу 1860 и 1867, под насловот Експеримент за преведување на руски јазик.
Архиепископот Филарет од Чернигов, научник по руска религиозна литература, ја дал следнава оценка за Библијата Макариј: „Неговиот превод е верен на хебрејскиот текст, а јазикот на преводот е чист и одговара на темата“.
Меѓутоа, Библијата Макариј никогаш не била издадена за општата јавност. Всушност, таа била речиси сосема заборавена. Во 1876, целата Библија, вклучувајќи ги и Хебрејските и Грчките списи, конечно била преведена на руски со одобрение од синодот. Оваа комплетна Библија честопати е нарекувана синодален превод. Иронично е тоа што преводот Макариј, заедно со оној на Павски, послужил како првенствен извор за овој „официјален“ превод на Руската православна црква. Но, божественото име било употребено само на неколку места каде што се појавува во хебрејскиот јазик.
Библијата Макариј денес
Библијата Макариј останала во мрак сѐ до 1993. Како што беше забележано во воведот, во тоа време еден примерок од неа беше пронајден во старите списанија Orthodox Review во одделот за ретки книги во Руската национална библиотека. Јеховините сведоци сфатија колкава е вредноста оваа Библија да се направи достапна за јавноста. Библиотеката ѝ издаде дозвола на Религиозната организација на Јеховините сведоци во Русија да направи копија од Библијата Макариј за да може да се подготви за издавање.
Потоа, Јеховините сведоци средија во Италија да бидат отпечатени скоро 300.000 примероци од оваа Библија за дистрибуирање ширум Русија, како и во многу други земји каде што се зборува руски. Освен преводот на Макариј на поголемиот дел од Хебрејските списи, ова издание на Библијата го содржи и преводот на Псалмите од Павски, како и синодалниот превод на Грчките списи што е овластен од Православната црква.
Во јануари годинава, тој беше објавен за време на една конференција за печатот во Санкт Петерсбург (Русија). (Види страница 26.) Руските читатели сигурно ќе бидат многу просветлени и изградени од оваа нова Библија.
Затоа, публикувањето на оваа Библија претставува религиозен и литературен триумф! Тоа е и потсетник што ја јакне верата, во врска со вистинитоста на зборовите од Исаија 40:8: „Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно“.
[Рамка/слика на страница 26]
Библијата добива пофалба од критичарите
„ОБЈАВЕН е уште еден споменик на литературата: Библијата Макариј.“ Со овој вовед, весникот Комсомолскаја правда го најави објавувањето на Библијата Макариј.
Откако забележува дека Библијата за првпат се појавила на руски јазик дури „пред 120-тина години“, овој весник се жалеше: „Многу години црквата се спротивставуваше на преведувањето на светите книги на еден лесно читлив јазик. Откако отфрли неколку преводи, црквата најпосле се сложи со еден од нив во 1876, и тој стана познат како синодален превод. Меѓутоа, не му беше дозволено да влезе во црквите. Таму, до ден-денеска, единствената Библија што е признаена е на старословенски“.
Весникот St. Petersburg Echo исто така укажа на вредноста од издавањето на Библијата Макариј, забележувајќи: „Авторитативни научници од Државниот универзитет во Санкт Петерсбург, од Педагошкиот универзитет Херцен, како и од Државниот музеј на религиозна историја, дадоа високи оценки за ова ново издание на Библијата“. Укажувајќи на преведувањето на Библијата на руски од страна на Макариј и Павски во првата половина од минатиот век, весникот забележа: „Сѐ дотогаш, Библијата во Русија можеше да се чита само на старословенски, кој беше разбирлив само за членовите на свештенството“.
За објавувањето на Библијата Макариј од страна на Јеховините сведоци, беше известено на една конференција за печатот во Санкт Петерсбург на почетокот од годинава. Локалниот дневник Невскоје времја забележа: „Авторитативни научници . . . нагласија дека изданието треба да се цени како факт од енормно значење во културниот живот на Русија и Санкт Петерсбург. Без оглед на тоа што мисли некој за активноста на оваа религиозна организација, публикувањето на овој досега непознат превод на Библијата несомнено е од огромна корист“.
Секако, сите љубители на Бог се восхитуваат кога неговата пишана Реч се прави достапна на еден јазик што обичниот народ може да го чита и да го разбере. Љубителите на Библијата насекаде се восхитуваат што уште еден превод на Библијата е направен достапен за милиони лица ширум светот кои зборуваат руски.
[Слика]
За објавувањето на Библијата Макариј беше известено на оваа конференција за печатот
[Слика на страница 23]
Руската национална библиотека, каде што беше пронајдено скриеното богатство
[Слика на страница 23]
Петар Велики се обидел да даде Библијата да се објави на руски
[Извор на слика]
Corbis-Bettmann
[Слика на страница 24]
Герасим Павски, кој придонел за преведувањето на Библијата на руски
[Слика на страница 25]
Архимандритот Макариј, според кого е именувана новата руска Библија