Дали реформаторите имаат решение?
ИЗМАМНИЧКИ деловни постапки, пристрасно спроведување на законот, социјална неправда, лоша здравствена заштита, неквалитетно образование, изнудување пари во името на религијата, безмилосно искористување на животната средина — повеќето од нас разочарано воздивнуваат поради овие работи. За реформаторите, токму овие работи се повик за акција.
Речиси во секое општество има такви реформатори, кои охрабруваат да се извршат промени на мирен начин и според уставот. Општо земено, тие не се залагаат за анархија или за револуција, бидејќи повеќето реформатори дејствуваат во рамките на законот и не се служат со насилство. Некои реформатори се на влијателни положби во општеството и преземаат иницијатива да се воведат промени. Други се обидуваат да влијаат врз оние што се на власт и ги тераат да преземат нешто.
Реформаторите се обидуваат да го натераат општеството да го преиспита својот пристап кон проблемите. Тие не само што протестираат туку имаат и идеи за тоа како да ги подобрат работите. За да привлечат внимание кон она што ги загрижува, реформаторите може да користат петиции, да демонстрираат на улиците или да се обидуваат да стекнат публицитет преку медиумите. Една од најлошите работи што можат да му се случат на еден реформатор е општеството да го игнорира.
Реформаторите во историјата
Историјата е преполна со реформи. Библијата ни кажува дека пред околу 2.000 години, еден јавен говорник го пофалил Феликс, управителот на римската провинција Јудеја, со овие зборови: „Благодарение на твојата промисленост се спроведуваат реформи во оваа нација“ (Дела 24:2). Околу 500 години пред Феликс, грчкиот законодавец Солон спроведувал реформи за да се подобри положбата на сиромашните. Солон „ставил крај на најголемите зла што ги донела сиромаштијата“ во древна Атина, објаснува The Encyclopædia Britannica.
И историјата на религијата е полна со реформи. На пример, Мартин Лутер се обидел да ја реформира римокатоличката црква, а неговата иницијатива помогнала да му се отвори пат на протестантизмот.
Обемот на реформите
Реформаторите може исто така да се обидуваат да ги променат обичните, секојдневни работи. Некои реформатори се залагаат за сосема поинаков начин на живот. Таков бил случајот со германското движење Lebensreform (реформа на начинот на живот) во почетокот на 20 век. Со сѐ поголемата индустријализација на општеството, многу луѓе сметале дека животот станал механички и дека човекот го изгубил својот идентитет. Реформаторите се залагале за тоа луѓето да ѝ се вратат на природата. Тие се залагале за фитнес, активности во природата, природна медицина и вегетаријанство.
Други реформатори ја разоткриваат неправдата и вршат притисок врз владата да ја поправи ситуацијата. Уште во почетокот на 1970-тите, групи активисти што се залагале за подобрување на животната средина протестирале поради злоупотребата и уништувањето на животната средина. Некои од овие групи прераснале во глобални организации. Активистите не се задоволуваат само со тоа да демонстрираат и да протестираат против опасностите што ѝ се закануваат на животната средина. Тие даваат и предлози за тоа како да се поправи ситуацијата. Меѓу другото, помогнале да се промени законот за фрлање токсичен отпад во морето и законот за лов на китови.
Во 1960-тите, Вториот ватикански собор се зафатил со реформа во римокатоличката црква. Во 1990-тите се појавиле и самонаречени реформатори од редовите на лаиците на католичката црква. На пример, тие предлагале промена во поглед на целибатот. Реформаторите во англиканската црква издејствувале промена со која на жените им се дозволува да служат како свештеници.
Не ги сака секој
Со некои реформи се постигнало големо добро. На пример, во Библијата наоѓаме бројни примери на национални водачи и други личности што се залагале за пожелни реформи. Таквите напори воделе до духовно оживување, општествена обнова и одобрување од Бог (2. Цареви 22:3—20; 2. Летописи 33:14—17; Неемија, поглавја 8 и 9). Во поново време, тоа што сѐ повеќе се нагласуваат основните слободи, граѓанските права и човековите права многу придонело да се заштитат и да се одбранат обесправените малцинства и прогонуваните поединци.
Меѓутоа, штом се воведат, реформите честопати носат и изненадувања. Џон В. Гарднер, функционер од 20 век, забележал: „Една од најироничните работи во историјата е тоа што реформаторите многу често грешат во проценувањето на последиците од нивните реформи“. Да разгледаме неколку примери.
Почнувајќи од раните 1980-ти, Европската заедница започна со спроведување на аграрни реформи за искористување на пасиштата и пошумување на голото земјиште. Со новата аграрна политика, во Германија и Италија се издвоија повеќе од 300.000 хектари обработливо земјиште со цел да се претвори во пасишта. И покрај добрите намери, се појавија некои непредвидени ризици. „Иако во почетокот беа радосно прифатени како можност да се зголеми еколошката вредност на тие подрачја“, навела Програмата за заштита на животна средина при Обединетите нации, „мерките со кои се одвојува настрана извесно земјиште можат да имаат и негативни резултати — да ги наведат луѓето да ги напуштат традиционалните земјоделски методи и да усвојат несоодветни методи на пошумување и развој на шумарството.“
Во врска со напорите да им се помогне на сиромашните, Меѓународниот фонд за развој на земјоделството навел: „Сите напори да им се помогне на сиромашните преку реформи во институциите се соочуваат со еден голем проблем. Институциите обично се основаат и функционираат во интерес на оние што имаат моќ . . . ‚Големците‘ настојуваат да управуваат со локалните институции онака како што им одговара на нивните лични интереси“.
Друг пример е феминистичкото движење, кое го промени животот на жените во западниот свет обезбедувајќи им право на глас и повеќе прилики за повисоко образование и кариера. Но, дури и некои од оние што се залагаат за рамноправност на жените признаваат дека феминизмот решил извесни проблеми, но влошил други. Писателката Сузан Ван Скојок прашала: „Дали навистина ја подобривме судбината на жените или, пак, во обид тие да бидат рамноправни на работното место без да им ги намалиме домашните обврски, ги осудивме на вистинска робија?“
Неефикасни реформи
Некои реформатори биле обвинети дека бараат реформи само колку да се промени нешто. Опишувајќи ги реформите за кои вели дека се неефикасни, Фредерик Хес, кој ги изучувал реформите во образованието, забележал: „Причината за очајните резултати од опсежните настојувања да се спроведат реформи лежи во природата на самите реформи. Наместо да ги решат проблемите, овие настојувања станаа примамливо средство што само го одвлекува вниманието и ги зголемува“ проблемите што треба да ги решат. Тој продолжува: „Бидејќи секој режим настојува да воведе нови реформи, на секои неколку години целиот процес започнува од почеток“.
Исто така, реформите можат на крајот да бидат искористени за некоја поинаква, понекогаш дури и опасна цел. Движењето Lebensreform во Германија помогнало да се развие теоријата на евгеника, изучување што се занимава со тоа како да се усоврши човечкиот род така што ќе се избираат родители кои ќе имаат поиздржливо потомство. Меѓутоа, радикалите го злоупотребиле ова спознание за да ги поддржат националсоцијалистите во нивната идеолошка борба за создавање на суперраса.
Дури и горливите застапници на реформите повремено се разочарани од резултатите. Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, се пожалил: „Мислам дека најмногу фрустрира тоа што сите знаеме што не е во ред и што треба да се стори, но честопати не можеме да дејствуваме во склад со тоа. Понекогаш некој секретаријат под раководство на генералниот секретар добива мандат да стори нешто, но не ги добива на располагање и средствата што се потребни за да ги спроведе одлуките. Кога некогаш се случуваат неверојатни работи и сакаме да ја разбудиме свеста на целиот свет, никој не сака да преземе нешто поради лошите искуства од минатото“.
Реформаторите не можат да се надеваат дека ќе стекнат популарност, бидејќи со самото тоа што го свртуваат вниманието кон своите цели, им го загорчуваат животот на другите луѓе. „Реформаторите отсекогаш биле трн во окото“, рекол Јирген Рулеке, професор по современа историја и специјалист за реформатори, цитиран во весникот Die Zeit. Освен тоа, иако повеќето реформатори дејствуваат во рамките на законот и не се служат со насилство, некои од нив стануваат нестрпливи ако напредокот е бавен. Под такви околности, некое реформаторско движење може да создаде милитанти што го кршат законот.
Дали реформите ширум светот во последниве години придонеле луѓето, општо земено, да бидат позадоволни од животот? Изгледа дека не е така. На пример, анкетите на јавното мислење во Германија покажуваат дека во изминативе речиси 35 години, во основа луѓето не се позадоволни од животот. А што е со религијата? Дали верските реформи привлекле повеќе обожаватели? Дали обожавателите се позадоволни од религијата? Не, како што може да се види од тоа што западниот свет сѐ повеќе се свртува кон световни работи, а луѓето сѐ помалку се привлечени кон традиционалната религија.
Дали Исус Христос бил реформатор?
Некои можеби ќе тврдат дека Исус Христос бил реформатор. Дали тоа е точно? Ова прашање е важно за секој оној што сака да биде вистински слуга на Бог, бидејќи тоа вклучува тесно да се следат Христовите стапки (1. Петрово 2:21).
Нема никакво сомневање дека Исус можел да воведе реформи. Како совршен човек, тој можел со далекосежни промени и иновации да го отвори патот кон нешто подобро. Сепак, Христос не започнал кампања за да го ослободи светот од корумпираните службеници или нечесните бизнисмени. Тој не бил на чело на улични демонстрации против неправдата, иако самиот требало да стане невина жртва на едно невидено искривување на правдата. Понекогаш Исус ‚немал каде глава да положи‘. Сепак, тој не основал некое движење за да привлече внимание на потребите на бездомниците. „Сиромасите секогаш ги имате со вас“, објаснил тој кога некои покажале загриженост за финансиската ситуација. Исус останал неутрален во конфликтите на светот (Матеј 8:20; 20:28; 26:11; Лука 12:13, 14; Јован 6:14, 15; 18:36).
Се разбира, Христос не бил рамнодушен на проблемите како што се сиромаштијата, корупцијата и неправдата. Всушност, Библијата покажува дека тој бил длабоко вознемирен поради жалната состојба на човештвото (Марко 1:40, 41; 6:33, 34; 8:1, 2; Лука 7:13). Но, тој понудил едно посебно решение. Она што Исус го имал на ум не била некоја едноставна реформа, туку целосна промена во начинот на кој се управува со работите што ги засегаат луѓето. Оваа промена ќе ја спроведе небесното Царство чиј основач е Творецот на човештвото, Јехова Бог, и со кое ќе владее Исус Христос како Цар. За ова ќе дискутираме во следната статија.
[Истакната мисла на страница 6]
„Една од најироничните работи во историјата е тоа што реформаторите многу често грешат во проценувањето на последиците од своите реформи“ (Џон В. Гарднер).
[Истакната мисла на страница 7]
„Мислам дека најмногу фрустрира тоа што сите знаеме што не е во ред и што треба да се стори, но честопати не можеме да дејствуваме во склад со тоа“ (Кофи Анан, генерален секретар на ОН).
[Рамка/слики на страници 8 и 9]
„Си го ризикував животот за да ја заштитам животната средина“
Ханс бил морепловец 48 години, а повеќе од 35 години бил бродски капетан. Некаде кон крајот на својата кариера служел како капетан на брод што го користела една еколошка организација. Тој објаснува:
„Отсекогаш бев уверен дека луѓето треба да ја почитуваат животната средина и да се однесуваат со ценење кон природата. Затоа, кога ми понудија да бидам капетан на бродот на една еколошка група, веднаш прифатив. Нашата работа беше да ги разоткриваме опасностите што ѝ се закануваа на животната средина. Штом ќе испланиравме некоја акција на море, ги вклучувавме и медиумите за да го привлечеме вниманието на јавноста. Излегувавме на отворено море и се обидувавме да го спречиме исфрлањето на радиоактивен отпад и токсични супстанции. Во една друга акција, се обидовме да го запреме колежот на фоки и нивните младенчиња.
Тоа не беше работа за плашливи. Си го ризикував животот за да ја заштитам животната средина. Во една протестна акција, со лисици си ги врзав рацете за котвата на еден брод и таа ме одвлече на морското дно. Во друга прилика бев во гумен моторен чамец и пловев паралелно со еден поголем брод. Некој фрли тешко метално буре врз нашиот гумен чамец и тој се преврти. Бев тешко повреден“.
Со текот на времето Ханс сфатил дека, иако организацијата имала добри намери, тој си го ризикувал животот со мали шанси да направи некои трајни промени во врска со животната средина (Проповедник 1:9). Кратко откако ја напуштил таа еколошка група, почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и станал крстен Сведок. Денес е полновремен министер. „Библијата ми помогна да сфатам дека Божјето месијанско Царство е единствената реална надеж за зачувување на животната средина.“
[Рамка/слика на страница 9]
Се борела за реформа
Сара (не е нејзиното вистинско име) е родена во Азија во средината на 1960-тите. Била тинејџерка кога со револуција во нејзината земја стапил на власт нов режим, кој ветувал политички и општествени реформи. Во почетокот, жителите на нејзината земја биле задоволни со промената, но за една година новата влада почнала да ги прогонува оние што биле против неа, исто како што правела и претходната влада. Луѓето биле разочарани, и Сара се приклучила на опозицијата во организираниот отпор против новата влада. Таа објаснува:
„Опозиционата група на која ѝ припаѓав одржуваше состаноци и организираше јавни протести. Кога по улиците на главниот град лепев плакати и делев летоци, војската ме уапси. На крајот ме пуштија. Другите во групата не си поминаа толку лесно. Две мои пријателки беа уапсени и погубени. Животот ми беше во опасност, па на наговарање од татко ми ја напуштив земјата“.
Кога стигнала во Европа, Сара почнала да ја проучува Библијата и се крстила како Јеховин сведок. Денес таа е полновремен министер. Осврнувајќи се на минатото, Сара вели:
„Копнеев по правда и решение на проблемите во нашето општество. Видов дека новата влада во нашата земја започна со вакви цели, но стана толку екстремистичка што ги изгуби од вид своите цели и почна да го угнетува народот. Исто така, сфатив дека опозиционата група на која ѝ припаѓав немаше решение за проблемите на нашата земја (Псалм 146:3, 4). Сега сфаќам дека решение за сите проблеми на човештвото е Божјето месијанско Царство.“
[Слика на страница 7]
Берлинскиот ѕид падна во 1989
[Слика на страница 8]
Дали верските реформи привлекоа повеќе обожаватели?
[Извор на слика на страница 5]
Горе десно: U.S. Information Agency photo
[Извори на слики на страница 7]
Кофи Анан: UN/DPI фотографија на Evan Schneider (Feb97); заднина: WHO/OXFAM