Работно место или бојно поле?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГЕРМАНИЈА
„Едноставно не можев повеќе да издржам. Во таа фирма работев повеќе од 30 години. Добив дури и унапредување. Тогаш дојде новиот шеф. Тој беше млад, динамичен и полн со идеи. Си мислеше дека јас го кочам напредокот на фирмата па затоа ме зеде на заб. По многу месеци навреди, лаги и понижување, нервите ми беа при крај. Кога фирмата ми понуди да одам во предвремена пензија, се согласив да заминам“ (Ханс).a
ХАНС бил жртва на малтретирање на работното место. Се проценува дека во Германија, каде што живее Ханс, 1,2 милиони луѓе се малтретирани на работното место. Во Холандија, секој 4-ти вработен човек кога-тогаш ќе го доживее тоа. А еден извештај на Меѓународната работничка организација вели дека малтретирањето станува сѐ поголем проблем во Австралија, Австрија, Британија, Данска, Шведска и Соединетите Држави. Но, што е тоа малтретирање на работното место?
„Војна на нервите“
Според германското списание Focus, малтретирањето на работното место е „често, постојано и систематско вознемирување“. Малтретирањето е повеќе од пецкање — кое може да вклучува сарказам, критикување, подбивање и шеги на туѓа сметка. Тоа е смислена кампања на психолошки терор. Целта е жртвата да биде отфрлена од другите.b
Тактиките на вознемирување варираат од детски караници до кривични дела. Жртвата е предмет на клевети, вербално малтретирање, агресивни постапки и игнорирање. Некои жртви намерно ги претрупуваат со многу работа или секогаш ги добиваат најнепријатните задачи што никој друг не сака да ги заврши. Можеби колегите намерно им пречат да работат продуктивно на тој начин што не им ги доставуваат сите потребни информации. Понекогаш се случувало на жртвата да ѝ ги дупнат гумите на автомобилот или да ѝ провалат во компјутерот.
Некои од жртвите се малтретирани само од една личност. Но, многу почесто жртвата е предмет на напади на повеќе колеги што се здружиле против неа.
Можеби најмногу изненадува тоа што во многу случаи шефот го дозволува малтретирањето. Според некои истражувања што се спроведени во Европа, во 50 проценти од случаите активно учествувале и претпоставените, а многу често тие биле единствените што го правеле тоа. Поради сето ова, работното место станува „долга, мачна војна на нервите“, како што вели германскиот дневен весник Frankfurter Allgemeine Zeitung.
Последици не само на работното место
Честопати, последиците од малтретирањето не се чувствуваат само на работното место. Многу жртви имаат сериозни здравствени проблеми поради тоа што со нив се постапувало сурово. Некои од тие последици се депресија, проблеми со спиењето и напади на паника. А што се случило со Ханс, спомнат во почетокот? Речиси сосема ја изгубил својата самопочит. Лекарот ја советувал Маргарет, која исто така е од Германија, да се лекува во клиника за душевни болести. Зошто? Поради малтретирање на работното место. Тоа може да влијае лошо и врз нечиј брак или семеен живот.
Во Германија, малтретирањето на работното место станало толку вообичаено што една компанија за здравствено осигурување отворила телефонска линија со цел да им се дава помош на жртвите. Таа компанија открила дека повеќе од 50 проценти од оние што телефонирале не можеле да работат цели шест седмици, околу третина од нив не можеле да работат три месеци, а повеќе од 10 проценти не работеле повеќе од три месеци. Едно германско медицинско списание проценува дека „20 проценти од сите самоубиства се последица од малтретирањето на работното место“.
Јасно е дека работното место може да стане кошмар поради малтретирањето. Има ли начин да се спречи тоа? Како можат да владеат мирољубиви односи на работното место?
[Фусноти]
a Имињата во оваа серија статии се променети.
b Статистиките покажуваат дека жените се почесто вознемирувани на работното место отколку мажите. Причината можеби е тоа што жените повеќе зборуваат и бараат помош за тој проблем.
[Слики на страница 4]
Поради малтретирањето, работното место станува војна на нервите