Мирољубиви односи на работното место
ЗОШТО некои луѓе ги тормозат другите? Библијата ни помага да разбереме зошто. Таа објаснува дека живееме во „последните денови“ на овој систем на работи и затоа ги искусуваме ‚критичните времиња со кои тешко се излегува на крај‘. Многу луѓе се „себељубиви, љубители на пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор, клеветници, без самосовладување, свирепи, без љубов кон доброта, предавници, своеглави, надуени од гордост“ (2. Тимотеј 3:1—5). Во овие бурни времиња сето ова е многу вообичаено, а малтретирањето е една од непријатните последици. Тогаш, како можете да задржите мирољубиви односи на работното место?
Решавање на конфликтите
Малтретирањето често започнува со некој нерешен конфликт помеѓу колегите. Затоа, без да се мешате во туѓи работи, веднаш расчистувајте ги недоразбирањата во кои сте вмешани Вие лично. Тактично и со почит смирете ги повредените чувства. Со колегите постапувајте како со поединци, а не како со група. Ако Ви се чини дека некој има нешто против Вас, обидете се да ги средите работите. Имајте ја на ум Исусовата опомена: „Брзо решавај ги работите со оној кој се жали против тебе“ (Матеј 5:25).
Понатаму, во интерес на секого е да бидат отворени линиите на комуникација. Затоа, трудете се да имате добра комуникација со Вашиот претпоставен без да оставате впечаток дека само се обидувате да му се умилкувате. Исто така, не заборавајте дека добрата комуникација со колегите или со Вашите подредени е добар лек против стресот. Цар Соломон напишал: „Не успеваат намерите, каде што нема советување, а се остваруваат каде има многу советници“ (Пословици 15:22).
Затоа, правете сѐ што можете за да имате добри односи со колегите. Ова не значи дека треба да сте човек што им угодува на сите, кој попустливо се согласува со сѐ што се бара од него и ги компромитира своите начела само за да го зачува мирот. Меѓутоа, изладените односи можат да се „загреат“ со топол и пријателски став. Внимавајте не само на тоа што им кажувате на другите туку и како го кажувате тоа. И за тоа Библијата дава еден разумен совет: „Благиот одговор ја ублажува јароста“ (Пословици 15:1). „Благиот јазик е дрво на животот“ (Пословици 15:4). „Со воздржливост се ублажува управител“ (Пословици 25:15). „Вашиот збор секогаш нека биде љубезен, зачинет со сол, за да знаете како треба секому да одговорите“ (Колошаните 4:6).
‚Вашата разумност нека биде позната‘
Апостол Павле им го дал овој совет на христијаните во Филипи: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5). Во склад со ова начело, поставете си разумни мерила на однесување. Не бидете ниту премногу самоуверени ниту премногу срамежливи. Ако Ве задеваат колегите, не обидувајте се да бидете како нив и да им вратите со иста мерка. Нема да постигнете ништо ако ја избришете границата помеѓу доброто и лошото однесување. Ако се однесувате кон другите со почит и достоинство, најверојатно и тие ќе се однесуваат така со Вас.
Обрнете внимание и на својата облека, а не само на своето однесување. Запрашајте се: ‚Каков впечаток остава мојата облека? Дали изгледам провокативно? Дали изгледам неуредно? Ќе биде ли добро да почнам да се облекувам посоодветно на работа?‘
Во повеќето култури, вредните и совесни работници се почитувани и високо ценети. Затоа, обидете се да стекнете почит од другите со тоа што квалитетно ќе ја извршувате работата. Бидете доверливи. Тоа не мора да значи дека треба претерано да се грижите околу секоја работа. Една жена што станала жртва на малтретирање, подоцна признала дека и самата придонела за својот проблем. „Сакав да бидам совршена“, вели таа. Оваа жена сфатила дека совршенството е недостижна цел: „Јас добро работам, но не мора сѐ да направам совршено“.
Немојте да бидете пречувствителни поради негативните забелешки. Секоја неправедна критика не е исто што и малтретирање. Во Библијата, цар Соломон напишал: „Не брзај со гнев . . . не обрнувај внимание на озборувањето . . . а твоето срце знае како и ти често ги колнеше другите“ (Проповедник 7:9, 21, 22).
Точно, следењето на ваквите добри начела не гарантира дека никогаш нема да бидете жртва на малтретирање. И покрај Вашите најдобри напори, некои колеги можеби сѐ уште ќе Ве тормозат. Што да правите во тој случај?
Барајте поддршка
„Многу страдав кога ме игнорираа неколку месеци“, признава Грегори. Неговото искуство е типично за жртвите, кои доживуваат најразлични болни емоции — гнев, вина, срам, збунетост, како и чувства на безвредност. Дури и нормално стабилна личност може да падне во очај поради притисокот што го чувствува кога е малтретирана. Всушност, Библијата наведува дека „угнетувањето ги прави мудрите — безумни“ (Проповедник 7:7). Според тоа, што може да се направи?
Истражувањата покажуваат дека е најдобро да не се обидувате сами да се справите со малтретирањето. Каде може жртвата да најде поддршка? Некои поголеми компании имаат организирано служби за давање помош на вработените што сметаат дека се малтретирани од своите колеги. Таквите компании знаат дека во нивен интерес е да го искоренат малтретирањето. Според една проценка, вработените што малтретираат некого губат околу 10 проценти од своето работно време. Ако има таква служба, жртвата може да побара помош. Некој непристрасен советник — сеедно дали е од истата работна организација или не — може да им помогне на сите што се вклучени да разговараат за ситуацијата со цел да се утврдат правила на однесување на работното место.
Нема сигурно решение
Се разбира, мора да се признае дека нема сигурно решение за малтретирањето. Дури и оние што ги применуваат библиските начела што се изнесени во оваа статија можеби ќе утврдат дека сѐ уште се малтретирани на работа. Тие можат да бидат уверени дека Јехова сигурно ја забележува нивната истрајност и напорите да покажуваат побожни особини и во тешки околности (2. Летописи 16:9; Еремија 17:10).
Во зависност од тоа колку многу и колку често се малтретирани, некои од оние што се во таква ситуација можеби ќе одлучат да побараат друго вработување. Други немаат голем избор, бидејќи не е лесно да се најде работа и не можат да се обратат за помош на многу места. Моника, спомната во претходната статија, открила дека, со текот на времето, проблемот бил решен кога еден од оние што најмногу ја малтретирале ја напуштил работата. Како резултат на тоа, завладеала релативно мирна работна атмосфера и таа успеала да заврши со обуката пред да одлучи да си најде работа на друго место.
Ханс, спомнат во првата статија, почувствувал целосно олеснување кога заминал во предвремена пензија. Меѓутоа, дури и додека трпел малтретирање, на Ханс му помогнала поддршката што му ја давала неговата сопруга. „Таа знаеше низ што сѐ минувам и ми беше столб на кој се потпирав“, вели тој. Додека ги поднесувале своите неволји, Моника и Ханс особено црпеле утеха од нивната вера како Јеховини сведоци. Учеството во јавната служба ја зајакнало нивната самопочит, додека дружењето со соверниците ги поткрепило нивните стабилни пријателства.
Каква и да е Вашата ситуација, давајте сѐ од себе за да имате добри односи со колегите. Ако Ве малтретираат, настојувајте да го следите советот на апостол Павле: „Никому не враќајте зло за зло . . . Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе . . . Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладувај го злото со добро“ (Римјаните 12:17—21).
[Истакната мисла на страница 8]
Изладените односи можат да се „загреат“ со пријателски став
[Истакната мисла на страница 9]
„Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (РИМЈАНИТЕ 12:18).
[Слика на страници 8 и 9]
Веднаш расчистувајте ги личните недоразбирања