Младите прашуваат . . .
Што да направам за дечкото да престане да ме малтретира?
„Денес за првпат мојот дечко ме натепа. Ми се извинуваше, но сега не знам што да правам“ (Стела).a
„РЕЧИСИ секоја петта студентка изјавува дека била физички и/или сексуално малтретирана од дечкото со кого излегувала“, стои во една статија на The Journal of the American Medical Association. Во една анкета спроведена меѓу младите на возраст од 17 до 20 години во Германија, повеќе од 25 отсто од девојките изјавиле дека биле присилени да имаат сексуални односи — со употреба на физичко насилство, вербален притисок, дрога или алкохол. Според една анкета спроведена во САД, 40 отсто од тинејџерите што биле анкетирани виделе како некои од нивните соученици „сурово навредуваат некого со кого излегувале“.b
Дали си млада личност која размислува за брак со лице што те навредува, ти вика или те понижува, те оттурнува, или ти удира шлаканици? Претходната статија од оваа рубрика покажа дека таквото малтретирање станало загрижувачки секојдневна појава.c Исто така, покажа дека Јехова Бог не ги одобрува ниту навредливиот говор ниту малтретирањето, и дека жртвите не треба да го прифатат таквото лошо однесување како нешто нормално или, пак, да сметаат дека тие самите се виновни за тоа (Ефешаните 4:31). Сепак, не е лесно човек да знае како да постапи во таква ситуација. Можеби и покрај лошото однесување на твојот дечко, ти сѐ уште го сакаш. Или, пак, што е уште полошо, можеби се плашиш како ќе реагира ако го критикуваш. Што да правиш?
Процени ја ситуацијата
Прво, треба да се смириш и објективно да размислиш за она што се случува (Проповедник 2:14). Дали си навистина жртва на вербално малтретирање? Дали твојот дечко злонамерно се однесува така со тебе или само ‚зборувал непромислено‘? (Пословици 12:18, NW). Колку често му се случува такво нешто? Дали било само еднаш, па затоа можеш едноставно и да преминеш преку тоа? Или, пак, му станало навика да ти се обраќа со понижувачки или навредливи зборови?
Ако не си сигурна што точно чувствуваш во врска со ова, разговарај отворено со некого — не со некој врсник туку со лице што е постаро и помудро. Можеби можеш да им се довериш на родителите или на некој зрел сохристијанин. Таквиот разговор ќе ти помогне да утврдиш дали ти претеруваш или, пак, навистина постои сериозен проблем.
Ако ти се чини дека не е опасно да разговараш со твојот дечко за оваа работа, направи го тоа (Пословици 25:9). Кажи му смирено како неговото однесување влијае на тебе. Конкретно кажи му со што те навредил. Постави му јасни граници во однос на тоа што нема да толерираш. Како реагира? Дали едноставно не обрнува внимание на она што му го кажуваш или, пак, се разбеснува уште повеќе? Ова е јасен знак дека нема намера да се промени.
Но, што ако покажува понизност на побожен начин и ако вистински се кае? Тогаш, можеби врската ќе може да се спаси. Сепак, внимавај! Често се случува оние што ги малтретираат другите, откако ќе ги повредат, да кажуваат избрани зборови со кои звучат како да се каат, но повторно почнуваат да навредуваат кога следниот пат ќе се почувствуваат испровоцирани. Само времето ќе покаже колку искрено тој сака да се промени. Еден добар знак за тоа колку сериозно го сфатил ова ќе биде неговата спремност да побара помош од христијанските старешини (Јаков 5:14—16).
Добро е да сфатиш дека ‚сите згрешиле и не ја достигнуваат Божјата слава‘ (Римјаните 3:23). Залудно ќе бараш некој што е совршен. Сите брачни двојки ќе доживуваат „неволја во своето тело“ во извесна мера затоа што се несовршени (1. Коринќаните 7:28). На крајот, ти си таа што треба да решиш дали ќе можеш да ги трпиш тие негови маани и да бидеш среќна. И во тој случај, најсигурно е да почекаш извесно време пред да донесеш одлука.
Ако е насилен
Меѓутоа, сосем друга работа е ако освен навредлив говор користи и вулгарни зборови или ти се заканува со насилство или, пак, те малтретира физички — можеби така што те оттурнува или ти удира шлаканици. Ова е показател за опасен недостиг на самосовладување; работите можат лесно да се влошат и да прејдат во потешко насилство.
Најдобро е невенчаните двојки да избегнуваат воопшто да бидат сами. Но, ако од некоја причина се најдеш насамо со гневен човек, не ‚враќај зло за зло‘ (Римјаните 12:17). Запомни: „Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот“ (Пословици 15:1). Остани смирена. Замоли го да те однесе дома. Ако треба, сврти се и замини — па дури и со трчање!
Што да прави девојката ако дечкото се обиде да ја присили на сексуални односи? Секако, мудро е веднаш во почетокот на врската двајцата да си постават јасни граници во поглед на тоа на кој начин ќе си покажуваат наклоност (1. Солуњаните 4:3—5). Ако еден млад човек се обиде да ја присили девојката да ги прекрши библиските начела, таа мора јасно и гласно да му стави до знаење дека нема да го направи тоа (Битие 39:7—13). „Не попуштај“, те моли Ен, која подлегнала на таков притисок. „Задржи си го своето достоинство. Те молам, не прави ја таа грешка, без разлика колку го сакаш!“ Ако тој го игнорира твоето одбивање, кажи му дека секој натамошен обид од негова страна ќе го сметаш за силување. Ако и покрај тоа не сака да престане, повикај за помош и пробај да се одбраниш како што би се бранела од секој друг силувач.d
И за двата случаја одговара библискиот совет од Пословици 22:24: „Не спријателувај се со гневлив, и не оди со бесен човек“. Немаш апсолутно никаква обврска да бидеш во врска со некој што те малтретира. Секако, би било лудо да се најдеш насамо со насилен дечко за да му кажеш дека сакаш да раскинеш. Најдобро би било да им кажеш на родителите што се случува. Нормално е тие да бидат лути и вознемирени затоа што те малтретирал. Но, можат да ти помогнат да одлучиш кои натамошни чекори да ги преземеш.e
Обид да го промениш
Како и да е, не е твоја одговорност да го смениш твојот дечко. Ирена признава: „Мислиш дека го сакаш, дека ќе се снајдеш некако и дека можеш да му помогнеш. Но, едноставно не можеш“. Нејдин кажува нешто слично: „И понатаму мислам дека можам да го променам“. Факт е дека само тој може ‚да го обнови својот ум‘ и да се промени (Римјаните 12:2). А тоа е долготраен процес што бара многу труд.
Затоа, цврсто држи се за твојата одлука и не дозволувај му на ниеден начин да те фати на емоции. Држи се на колку што е можно поголемо растојание од него — и емотивно и физички. Не дозволувај му да те наговори, да те измоли или со закани да те натера пак да бидеш со него. Кога Ирена раскинала со својот дечко кој бил насилен, тој се заканувал дека ќе се убие. Јасно е дека на такво лице му треба помош, но не твојата помош. Ти можеш најмногу да му помогнеш ако решително му се спротивставиш на нехристијанското однесување. Ако сака да се промени, слободно може да бара помош.
Но, некои мислат дека бракот ќе го реши овој проблем. Еден истражувач вели: „Девојките што се земаат со своите насилни дечковци и дечковците што се земаат со своите насилни девојки обично се изненадени кога откриваат дека насилството не престанува. Многу луѓе веруваат во митот дека штом еднаш ќе застанат пред матичар, сите такви проблеми ќе исчезнат. Немојте да се залажувате“. Факт е дека физичкото насилство што започнало додека двајца биле во врска обично продолжува и откако ќе се земат.
„Претпазливиот го предвидува злото и се скрива“, вели Библијата (Пословици 22:3). Тешко е да раскинеш со некого што го сакаш. Но, уште потешко е да се заробиш во брак во кој ќе бидеш малтретирана. Освен тоа, не треба да се плашиш дека никогаш нема да најдеш партнер што ќе ти одговара. Со увидот што си го стекнала, ќе сакаш повеќе од кога и да е порано да најдеш некој што е нежен, љубезен и што има самосовладување.
Заздравување на емоционалните рани
Страшно е да се биде жртва на вербално или физичко малтретирање. Една жртва по име Мери советува: „Побарај помош — веднаш кажи некому. Си мислев дека можам сама да го пребродам проблемот, но ми помогна тоа што разговарав со други“. Довери им се на родителите, на некој близок зрел пријател или на христијански старешина.f
На некои им помогнало тоа што се посветиле на корисни работи како читање на изградувачки материјал, спорт или хоби. „Најважно од сѐ“, си спомнува Ирена, „беше проучувањето на Библијата и посетувањето на христијанските состаноци.“
Јасно, Јехова не ги одобрува навредливите зборови или постапки. Со негова помош, можеш да се заштитиш од тоа да станеш жртва на малтретирање.
[Фусноти]
a Некои имиња се сменети.
b Иако и машките е женските можат да бидат жртви на вербално и физичко малтретирање, Центрите за контрола и превенција на болести во САД забележува дека „жените претрпуваат многу повеќе повреди отколку мажите“. Во секој случај, заради едноставност, во оваа статија ќе зборуваме за оној што малтретира како да е од машки пол.
c Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Зошто е толку лош со мене?“ во изданието на Разбудете се! од 8 септември 2004.
d Англиското издание на Разбудете се! од 8 март 1993 содржи информации за тоа како да се спротивставиш ако некој се обиде да те силува.
e Во некои случаи како, на пример, обид за силување, можеби твоите родители ќе одлучат да пријават во полиција. Ова може да помогне и други девојки да не доживеат слично ужасно искуство.
f Во случај на тешка траума, некои можеби ќе решат да побараат помош од лекар или од стручњак за ментално здравје.
[Слика на страница 29]
Малтретирањето во текот на врската обично продолжува и во бракот
[Слика на страница 30]
Не дозволувај да бидеш присилена на непристојно изразување на наклоност