ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/12 стр. 3-5
  • Лицето на предрасудите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Лицето на предрасудите
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Предрасудите низ вековите
  • Предрасудите — проблем од светски размери
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Корените на предрасудите
    Разбудете се! 2004
  • Предрасуди — дали ги носиш во себе?
    Разбудете се! 2020
  • Ќе има ли свет без предрасуди?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
Повеќе
Разбудете се! 2004
g04 8/12 стр. 3-5

Лицето на предрасудите

„Истерај ги предрасудите низ вратата, и тие ќе ти влезат низ прозорецот“ (Фридрих Велики, крал на Прусија).

РАЏЕШ живее во Палијад, село во Индија. Како и другите парии (Индијци од најниската каста), тој мора да пешачи 15 минути за да носи вода до дома. „Не смееме да ги користиме чешмите во селото што ги користат повисоките касти“, објаснува тој. Кога одел на училиште, Раџеш и неговите другари не смееле дури ни да ја допрат топката со која другите деца играле фудбал. „Наместо со топка, игравме со камења“, вели тој.

„Чувствувам дека луѓето ме мразат, но не ми е јасно зошто“, вели Кристина, тинејџерка од Азија, која живее во Европа. „Тоа навистина ме фрустрира“, додава таа. „Обично почнувам да ги избегнувам, но и тоа не е решение.“

„Првпат дознав што се предрасуди кога имав 16 години“, вели Стенли, кој живее во западна Африка. „Едни луѓе што воопшто не ги познавав ми рекоа да ме нема од градот. На некои од моето племе им ги изгореа куќите. Банковната сметка на татко ми беше блокирана. Поради сето ова, почнав да го мразам племето што спроведуваше ваква дискриминација против нас.“

Раџеш, Кристина и Стенли се жртви на предрасуди, и тие не се единствените. „Денес, стотици милиони човечки суштества се жртви на расизам, дискриминација, ксенофобија и исклучување од општествените текови“, објаснува Коихиро Мацура, генерален директор на УНЕСКО (Организација за образование, наука и култура при Обединетите нации). „Таквите нечовечни постапки, разгорувани од незнаење и предрасуди, предизвикаа внатрешни немири во многу земји и беа причина за неописливо човечко страдање.“

Ако никогаш не сте биле жртва на предрасуди, можеби ќе Ви биде тешко да сфатите какви трауми можат да предизвикаат тие. „Некои живеат со нив без да пуштат глас. Другите им враќаат на предрасудите со уште поголеми предрасуди“, стои во книгата Лице в лице со предрасудите (Face to Face Against Prejudice). На кој начин предрасудите ги уништуваат животите на луѓето?

Ако ѝ припаѓате на некоја малцинска група, можеби ќе забележите дека луѓето Ве избегнуваат, Ве гледаат напреку или даваат понижувачки коментари за Вашата култура. Можеби шансите за вработување Ви се сосема мали, освен ако не прифатите некоја ниска работа што никој друг не сака да ја работи. Можеби Ви е тешко да најдете соодветно место за живеење. Можеби Вашите деца се чувствуваат изолирани и отфрлени од соучениците.

Што е уште полошо, предрасудите можат да ги поттикнат луѓето на насилство, па дури и на убиства. Всушност, страниците на историјата се испишани со ужасни примери на насилство што било разгорено од предрасуди — насилство што вклучува масакри, геноцид и таканаречени етнички чистења.

Предрасудите низ вековите

Едно време, главна мета на предрасуди биле христијаните. На пример, кратко по смртта на Исус, тие биле заплиснати од еден бран на сурово прогонство (Дела 8:3; 9:1, 2; 26:10, 11). Два века подоцна, оние што се изјаснувале како христијани се соочиле со свирепо малтретирање. „Ако има чума“, напишал Тертулијан, писател од третиот век, „веднаш се крева повик: ‚Фрлете ги христијаните на лавовите!‘ “

Меѓутоа, со крстоносните војни во почетокот на 11 век, Евреите станале неомилено малцинство во Европа. Кога црната чума почнала да пустоши по континентот покосувајќи околу една четвртина од населението за само неколку години, било многу лесно Евреите да станат мета на обвиненија бидејќи мнозина од луѓето и така веќе ги мразеле. „Чумата била само изговор за оваа омраза, а омразата, пак, ги навела исплашените луѓе да тврдат дека Евреите се криви за чумата“, пишува Џенет Фарел во својата книга Невидливите непријатели (Invisible Enemies).

На крајот, еден Евреин во јужниот дел на Франција под мачење „признал“ дека Евреите ја предизвикале епидемијата со тоа што ги затруле бунарите. Се разбира, неговото признание не било точно, но било нашироко разгласувано и прифатено како вистинито. Наскоро биле масакрирани цели еврејски заедници во Шпанија, Франција и Германија. Се чини дека никој не им обрнал внимание на вистинските виновници — стаорците. А малкумина забележале дека и Евреите умирале од чумата исто како и сите други!

Штом еднаш ќе се разгорат пламењата на предрасудите, тие можат да тлеат со векови. Во средината на 20⁠-тиот век, Адолф Хитлер ги распламтел чувствата на антисемитизам обвинувајќи ги Евреите за поразот на Германија во Првата светска војна. На крајот од Втората светска војна, Рудолф Хес, нацистички заповедник во концентрациониот логор Аушвиц, признал: „Според нашата воена и идеолошка обука беше најнормална работа да ја заштитиме Германија од Евреите“. За да ја ‚заштити Германија‘, Хес го надгледувал истребувањето на околу 2.000.000 луѓе, од кои повеќето биле Евреи.

За жал, во децениите што следеа, на ѕверствата не им дојде крајот. На пример, во 1994, во источна Африка се разгоре омраза меѓу племињата Тутси и Хуту, покосувајќи најмалку половина милион луѓе. „Немаше каде да се бега“, извести списанието Time. „Меѓу клупите во црквите, каде што мнозина побараа засолниште, течеа потоци крв . . . Тоа беше борба гради в гради, од многу лична природа, ужасна и морничава, толку крволочна што оние кои успеаја да се спасат ги остави занемени и со скаменети погледи.“ Дури ни децата не беа поштедени од ова страотно насилство. „Руанда е мала“, изјави еден жител. „Но, во ова мало место е собрана сета омраза на светот.“

Во судирите до кои дојде при распаѓањето на поранешна Југославија животите ги изгубија околу 200.000 луѓе. Се испоубија соседи што со години живееле заедно во мир. Илјадници жени беа силувани, а милиони луѓе беа со сила истерани од своите домови под бруталната политика на етничко чистење.

Иако повеќето предрасуди не водат до убиства, тие по правило предизвикуваат поделби меѓу луѓето и раѓаат огорченост. И покрај глобализацијата, се чини дека расизмот и расната дискриминација „се во пораст во поголемиот дел од светот“, стои во еден неодамнешен извештај на УНЕСКО.

Може ли да се стори нешто за да им се стави крај на предрасудите? За да одговориме на ова прашање, мораме да видиме како предрасудите пуштаат корени во умот и во срцето.

[Рамка на страница 5]

Со што се карактеризираат предрасудите

Во својата книга Природата на предрасудите (The Nature of Prejudice), Гордон В. Олпорт наведува пет видови на однесување кои се резултат на предрасудите. Кај лицето што има предрасуди обично може да се забележи еден или повеќе од нив.

1. Негативни коментари. Лицето зборува со презир за групата што не му се допаѓа.

2. Избегнување. Ги избегнува сите што ѝ припаѓаат на таа група.

3. Дискриминација. На членовите на групата која е погрешно прикажана им ускратува одредени видови работа, места за живеење или привилегии што ги нуди општеството.

4. Физички напад. Прибегнува кон насилство со намера да ги заплаши луѓето што ги мрази.

5. Истребување. Учествува во линчувања, масакри или програми за истребување.

[Слика на страница 4]

Камп за бегалци Бенако (Танзанија), 11 мај 1994

Жена се одмора покрај кофите со вода. Преку 300.000 бегалци, повеќето од нив од племето Хуту во Руанда, преминаа во Танзанија

[Извор на слика]

Фотографија на Paula Bronstein/Liaison

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели