Корените на предрасудите
МНОГУ работи можат да предизвикаат предрасуди кај луѓето. Сепак, два докажани фактора се: 1) желбата да се бара дежурен кривец и 2) огорченоста што е предизвикана од долга историја на неправди.
Како што беше спомнато во претходната статија, кога ќе дојде до несреќа, луѓето скоро секогаш бараат некого врз кого ќе ја фрлат вината. Ако некои угледни лица доволно често повторуваат одредено обвинение против некоја малцинска група, тоа на крајот се прифаќа и се раѓаат предрасуди. Да спомнеме само еден вообичаен пример: за време на економските кризи во западниот свет, вината за невработеноста најчесто се фрла врз имигрантските работници — иако тие обично прифаќаат работа што најголемиот дел од месните жители одбиваат да ја работат.
Но, сите предрасуди не извираат од барањето на дежурен кривец. Тие можат да влечат корени и од минатото. „Не е претерано да се каже дека трговијата со робови го изгради интелектуалното здание на расизмот и доведе до тоа цели култури да ги презираат црнците“, стои во извештајот УНЕСКО против расизмот. Трговците со робови се обидоа да го оправдаат своето срамно препродавање на човечки суштества со тоа што тврдеа дека Африканците се пониска класа. Оваа неоснована предрасуда, која подоцна се прошири и на други колонизирани народи, постои до ден-денес.
Насекаде низ светот, слични примери на угнетување и неправди од минатото сѐ уште ги одржуваат предрасудите во живот. Непријателството помеѓу католиците и протестантите во Ирска влече корени од 16 век, кога англиските владетели ги прогонувале и ги протерувале католиците. Ѕверствата извршени од таканаречените христијани во текот на крстоносните походи сѐ уште предизвикуваат силни непријателски чувства кај муслиманите на Блискиот Исток. Непријателството помеѓу Србите и Хрватите на Балканот уште повеќе беше засилено по масакрите на цивили во текот на Втората светска војна. Како што покажуваат овие примери, една историја на непријателство помеѓу две групи може да им даде додатна сила на предрасудите.
Незнаењето се учи
Во срцето на едно мало дете нема предрасуди. Напротив, истражувачите забележуваат дека едно дете си игра без проблем со дете од друга раса. Но, на 10 или 11 години, тоа можеби ќе ги отфрли луѓето од друго племе, раса или религија. Во периодот додека се формира неговата личност, тоа усвојува цел спектар од ставови што можат да му останат до крајот на животот.
Како се учат овие работи? Најпрво од родителите, а потоа и од пријателите и учителите, детето прифаќа негативни ставови — без разлика дали тие се кажани со збор или не. Подоцна врз него можат да влијаат и соседите, весниците, радиото или телевизијата. Иако најверојатно не знае скоро ништо за групите на луѓе што не му се допаѓаат, тоа ќе порасне со уверувањето дека тие се луѓе од втор ред и дека не може да им се верува. Можеби дури и ги мрази.
Со порастот на патувањата и трговијата, во многу земји се зголеми и бројот на контакти помеѓу различни култури и етнички групи. И покрај тоа, човекот во чие срце се развиле силни предрасуди обично и понатаму останува цврсто убеден во своите однапред создадени мислења. Тој можеби упорно става во еден кош илјадници па дури и милиони луѓе, потполно уверен дека сите тие имаат извесни заеднички лоши особини. Ако има какво и да било лошо искуство, макар и со само едно лице од таа група, ова само ќе му ги утврди предрасудите. Од друга страна, пак, добрите искуства обично ги смета за исклучоци.
Како да се победат предрасудите
Иако повеќето луѓе во принцип ги осудуваат предрасудите, малкумина успеваат да го избегнат нивниот стисок. Всушност, мнозина што имаат длабоки предрасуди тврдат дека не се такви. Други, пак, сметаат дека не е страшно да се имаат предрасуди, посебно ако луѓето си ги задржуваат за себе. Сепак, предрасудите се нешто страшно, затоа што ги повредуваат и ги разединуваат луѓето. Ако незнаењето е мајка на предрасудите, тогаш тоа најчесто е „баба“ на омразата. Авторот Чарлс Калеб Колтон (1780?—1832) истакнал: „Мразиме некои луѓе затоа што не ги познаваме; а нема да ги запознаеме затоа што ги мразиме“. Меѓутоа, ако предрасудите се учат, тогаш можат и да се одучат. Како?
[Рамка на страница 7]
Дали религијата поттикнува на толеранција или на предрасуди?
Во својата книга Природата на предрасудите, Гордон В. Олпорт изјавува дека „во глобала, се чини дека оние што припаѓаат на некоја црква имаат повеќе предрасуди од оние што не припаѓаат [на ниедна црква]“. Ова и не е баш за изненадување, бидејќи религијата честопати била причина за предрасуди наместо да биде лек за нив. На пример, свештенството со векови подбуцнувало антисемитски чувства. Според Историја на христијанството (History of Christianity), Хитлер во една прилика забележал: „Што се однесува до Евреите, јас само ја продолжувам истата политика што ја има прифатено католичката црква веќе 1.500 години“.
Кога се вршеа ѕверства на Балканот, се чинеше дека православните и католичките учења не беа во состојба кај луѓето да создадат толеранција и почит кон соседите што ѝ припаѓаа на друга вера.
Слично беше и во Руанда, каде што членови на иста црква се масакрираа меѓусебно. National Catholic Reporter истакна дека борбите таму вклучуваа „вистински геноцид, за кој, за жал, се одговорни и католиците“.
Самата католичка црква призна дека била нетолерантна низ историјата. Во 2000 година, при една јавна миса во Рим, папата Јован Павле II побара прошка поради „застранувањата во минатото“. Во текот на церемонијата, посебно беа спомнати „религиозната нетолеранција и неправди што им беа нанесени на Евреите, на жените, на домородците, на имигрантите, на сиромасите и на неродените деца“.
[Слика на страница 6]
Горе: Камп за бегалци (Босна и Херцеговина), 20 октомври 1995
Двајца бегалци од босанските Срби чекаат да заврши граѓанската војна
[Извор на слика]
Фотографија на Scott Peterson/Liaison
[Слика на страница 7]
Научени да мразат
Детето прифаќа негативни ставови од родителите, телевизијата или од други места