Мобилен телефон — пријател или непријател?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
ДО ПРЕД неколку години, изразот „мобилен телефон“ не беше баш соодветен назив за овој вид телефони. Бидејќи нивните батерии беа многу тешки, овие телефони беа „мобилни“ само за оние што беа доволно јаки за да ги носат или што ги имаа вградено во своите автомобили. Телефоните беа поголеми од кутија за чевли и чинеа илјадници долари.
Денес во светот има околу 1,35 милијарди мобилни телефони. Во некои земји, повеќе од половина од жителите поседуваат мобилен. Повеќето модели се толку мали што можат лесно да се држат в рака, а понекогаш можат да се добијат и бесплатно.a Австралиското списание The Bulletin известува: „Бројот на мобилни телефони денес е поголем од бројот на телевизори и компјутери заедно“. Во повеќе од 20 земји сега има повеќе мобилни телефони отколку фиксни телефонски приклучоци. Еден стручњак што работи во телекомуникации вели дека мобилните телефони не се само технолошко чудо туку и „општествен феномен“.
Какво влијание имаат мобилните телефони врз општеството? Дали ни се пријатели или непријатели?
Извор на голема заработувачка
Сѐ поголемата продажба на мобилни телефони им оди во прилог на многу компании. Една голема фирма навела: „Мобилните телефони се досега најпродаваниот артикл на полето на електрониката“. Со други зборови, денес се трошат повеќе пари на мобилни телефони отколку на кој и да било друг електронски апарат во минатото.
На пример во Австралија, која има 20 милиони жители, повеќе од 15 милиони поседуваат мобилен телефон. Во една од минатите години, корисниците на услуги на само една компанија направиле повеќе од 7,5 милијарди телефонски повици. Низ целиот свет, мобилните телефони им носат заработувачка од милијарди долари на телекомуникациските куќи. Јасно е зошто големите компании го сметаат мобилниот телефон за пријател.
Создавање на нов јазик
Повеќето од милионите пораки што се разменуваат преку овие високотехнолошки апарати не се во говорен, туку во пишан облик. Наместо за разговор, сѐ поголем број корисници — а особено младите — користат една друга опција што ја нуди овој телефон, а е позната како СМС, односно услуга на кратки пораки (од англиски: Short Message Service). Оваа услуга им овозможува да си пишуваат и да си испраќаат кратки пораки за релативно ниска цена. Бидејќи за ваквото комуницирање треба да се притискаат ситните букви и бројки на телефонот, љубителите на СМС користат скратеници или комбинираат букви и бројки кои, кога гласно ќе се прочитаат, звучат како зборови.b Иако е многу полесно и попрактично да се зборува со соговорникот наместо да му се праќа текстуална порака, секој месец се испраќаат околу 30 милијарди вакви пораки низ цел свет.
Каква е содржината на тие пораки? Едно истражување спроведено во Велика Британија покажало дека 42 отсто од младите на возраст од 18 до 24 години користат СМС за да флертуваат, 20 отсто го користат овој популарен облик на комуникација за да прашаат некого дали сака да излезе со нив, а 13 отсто користат СМС за раскинување на врската.
Некои социолози се плашат дека неправилното пишување и синтакса кои се користат во СМС-пораките можат лошо да влијаат врз писменоста на младите. Други не се сложуваат со ова тврдејќи дека СМС-пораките „кај новите генерации го заживуваат интересот за пишување“. Претставничката на една издавачка куќа која објави еден австралиски речник го изјави следново за весникот Sun-Herald: „Ретко ни се дава прилика да развиеме еден потполно нов стил [во јазикот] . . . Благодарение на СМС-пораките и на Интернет, младите денес пишуваат многу повеќе од порано. [Тие] мора да се изразуваат течно и доволно јасно за да научат како да пишуваат вакви пораки и да можат да ги усвојат популарните зборови и симболи . . . карактеристични за тој вид изразување“.
Некои негативности на мобилниот телефон
Иако мобилните телефони се корисни за одржување на контактите со пријателите и за деловни контакти, мнозина вработени сметаат дека овој апарат не им е пријател затоа што ги врзува за работното место. Едно истражување покажа дека 80 отсто од вработените во рекламната индустрија и 60 отсто од градежните работници се чувствуваат под притисок секогаш да им бидат достапни на својот шеф или на клиентите. Притисокот што луѓето го чувствуваат да одговорат на секој повик, без оглед каде се или што прават, довело до појава на она што еден истражувач го нарекол „култура на прекинување“. Затоа инженерите изумиле посебен градежен материјал што ги блокира сигналите од мобилните телефони, кој се користи за изградба на ресторани и театри. (Видете ја рамката „Како да го користите мобилниот телефон“.)
Освен тоа што на луѓето им создава непријатности и им пречи, оваа направа која што ја има насекаде може да стане и опасна закана за јавноста. Едно истражување спроведено во Канада покажа дека користењето мобилен телефон во текот на возењето е исто толку опасно колку и возење под дејство на алкохол. Професор Марк Стивенсон од Центарот за истражување на повреди при Универзитетот на Западна Австралија, објаснува дека е многу потешко да се разговара на телефон отколку да се разговара со сопатник во автомобилот. И покрај опасностите и фактот дека полицијата на некои места ги казнува возачите што зборуваат на мобилен додека возат, една неодамнешна анкета откри дека една петтина од возачите во Австралија испраќале СМС-пораки додека возеле, а една третина зборувале држејќи го мобилниот в рака.
Опасно е непрописно да се користи мобилен телефон дури и кога се патува со авион. Иако електричната инсталација во поновите авиони е заштитена од сигналите на мобилните телефони, на некои постари авиони што сѐ уште се во употреба ваквите сигнали им сметаат. Во списанието New Scientist се известува: „Врз основа на тестовите спроведени на два патнички авиони, британската служба за цивилно воздухопловство потврди дека радиосигналите од мобилните телефони им создаваат пречки на електронските инструменти во авионот, чија работа е неопходна за безбеден лет“. Укажувајќи на една главна опасност од телефоните, портпаролот на оваа служба изјавил: „Колку што мобилниот телефон е подалеку од предавателот, толку неговиот сигнал е посилен. Тоа значи дека, како што авионот се искачува, така сигналот од мобилниот станува сѐ посилен, и им прави сѐ поголеми пречки на инструментите во авионот во текот на многу важен дел од летот“. Едно истражување спроведено во Австралија покажа дека електронската опрема што патниците ја носеле со себе, вклучувајќи ги и мобилните телефони, повеќе пати била причина за проблемите до кои дошло во текот на летот затоа што патниците не го послушале предупредувањето да не ја користат својата опрема додека се во авионот.
Мобилните телефони и ракот
Сѐ уште се кршат копја околу тоа дали радиофреквенциите што ги емитуваат мобилните телефони и нивните предаватели можат да предизвикаат рак кај луѓето. Бидејќи стотици милиони луѓе ги користат овие апарати, дури и ако кај само мал процент се појават здравствени проблеми, тоа може да стане голем здравствен ризик. Од таа причина биле спроведени десетици научни истражувања за да се види како влијае зрачењето од мобилните телефони на живото ткиво. До какви заклучоци дошле научниците?
Независната стручна група што се занимава со истражувања околу мобилните телефони, или накратко IEGMP, објави извештај во кој се вели: „Врз основа на досега достапните докази, сметаме дека луѓето немаат причина за загриженост во врска со користењето на мобилни телефони“. Списанието New Scientist исто така наведува: „И покрај извештаите со кои бевме заплашувани во последниве неколку години, повеќето досегашни докази укажуваат дека изложеноста на радиофреквенциите на мобилните телефони нема штетно влијание врз здравјето. Иако имаше испитувања при кои беа утврдени некои несакани ефекти, при повторените тестови немаше такви ефекти“.
Бидејќи сѐ уште постојат сомневања дека мобилните телефони штетно влијаат врз здравјето, се трошат милиони долари на понатамошни истражувања. Сѐ додека не се дојде до конечен заклучок, IEGMP го препорачува следново: „Користете ги [мобилните] телефони што е можно пократко. Изберете модел со ниски вредности на апсорпција на зрачење (SAR).c Користете опција „слободни раце“ (hands-free) и други помагала за кои е докажано дека го намалуваат зрачењето“. Оваа група стручњаци исто така вели дека „не е препорачливо деца под шеснаесет години да користат мобилен телефон“, бидејќи во периодот на развој на нивниот нервен систем можат да бидат „поподложни на досега неоткриени здравствени ризици“.
Иако сѐ уште се водат многу полемики, мобилниот телефон и понатаму има силно влијание и во економски и во општествен поглед. Како и неговите електронски роднини — телевизорот и компјутерот — и мобилниот телефон може да ни биде или корисен слуга или суров господар. Одлуката за тоа дали ќе ни биде пријател или непријател дословно се наоѓа во рацете на корисникот.
[Фусноти]
a Понекогаш апаратот се дава како подарок на претплатникот кој склучува договор со телефонската компанија дека одредено време ќе плаќа претплата.
b На пример: „Во 5ок работата е ср1а“ (Во петок работата е средена).
c SAR се однесува на количината зрачење кое телото (најчесто главата) ја апсорбира додека се користи мобилниот телефон. Вредностите на SAR мораат да бидат помали од дозволениот максимум, кој во Европа изнесува 2 W/kg.
[Рамка/слика на страница 19]
КАКО ДА ГО КОРИСТИТЕ МОБИЛНИОТ ТЕЛЕФОН
1. Кога го користите телефонот на јавно место, зборувајте потивко. Микрофонот на мобилниот телефон е многу осетлив, а освен тоа, луѓето околу Вас веројатно не ги интересираат Вашите приватни разговори.
2. Кога сте на некој религиозен собир, на деловен состанок, во кино-сала, во ресторан или на некое друго такво јавно место, исклучете го телефонот или ставете го на вибрации.
3. Додека возите, немојте да зборувате на мобилен телефон, освен ако ја користите опцијата „слободни раце“ (hands-free).
[Слика на страница 18]
Секој месец, се испраќаат околу 30 милијарди пораки низ цел свет
[Слика на страница 20]
Користењето мобилен телефон во текот на возењето е исто толку опасно колку и возење под дејство на алкохол