Гледиште на Библијата
Треба ли да се користат икони во обожавањето?
СЕКОЈА година на 15 август, на грчкиот остров Тинос се одржува една голема верска свеченост. Илјадници луѓе се собираат за да се поклонат пред Марија, мајката на Исус, и пред нејзината икона, за која се верува дека има чудотворна моќ.a Во една книга за грчкото православие се вели: „Со посебна вера и оддаденост ѝ оддаваме чест на Најсветата Теоктотос [Богодорица], Мајката на нашиот Господ, и ја молиме да нѐ штити, да нѐ чува и да ни помага. Им се обраќаме на чудотворните светци — свети мажи и жени — да ни помагаат во поглед на нашите духовни и телесни потреби . . . Со длабока оддаденост ги бакнуваме и ги почитуваме нивните свети реликвии и свети икони“.
Многу други луѓе што се изјаснуваат како христијани припаѓаат на вера што има слични постапки во обожавањето. Но, дали учењата од Библијата даваат поткрепа за користењето икони во обожавањето?
Првите христијани
Да разгледаме што се случило отприлика во 50 година од н.е. кога апостол Павле ја посетил Атина, град во кој ликовите имале значајна улога во обожавањето. Павле им објаснил на Атињаните дека Бог „не живее во храмови изградени со рака, ниту му служат човечки раце како да има потреба од нешто . . . Значи . . . не треба да си замислуваме дека Божественото Битие е како злато или сребро или камен, како нешто што е обликувано со човечка умешност и досетливост“ (Дела 17:24, 25, 29).
Всушност, во Христијанските грчки списи, што се нарекуваат и Нов завет често можат да се најдат вакви предупредувања во врска со користењето идоли. На пример, апостол Јован ги опоменал христијаните: „Чувајте се од идоли“ (1. Јованово 5:21). На коринќаните, Павле им напишал: „Каква согласност има Божјиот храм со идолите?“ (2. Коринќаните 6:16). Многу од раните христијани претходно користеле ликови во обожавањето. Павле ги потсетил христијаните во Солун на тоа кога им напишал: „Од вашите идоли се свртивте кон Бог за да му робувате на живиот и вистински Бог“ (1. Солуњаните 1:9). Очигледно, тие христијани имале ист став за иконите како Јован и Павле.
„Христијаните“ почнуваат да користат икони
Во Encyclopædia Britannica се вели дека „во првите три века на христијанската црква . . . немало христијански уметнички слики, а црквата, општо земено, со сите сили се противела на таквите слики. На пример, Клемент од Александрија ја критикувал религиозната (паганска) уметност затоа што таа ги поттикнувала луѓето да го обожаваат творештвото а не Творецот“.
Тогаш, како станале иконите толку популарни? Истата енциклопедија продолжува: „Околу средината на 3. век, во христијанската црква почнале да се користат одредени ликовни претстави. Но, тоа не поминало без жестоко противење од некои собранија. Дури откако под императорот Константин христијанската црква станала државна црква во Рим во почетокот на 4. век, сликите почнале да се користат во црквите и потоа станале составен дел на христијанската религија“.
Меѓу големиот број пагани што во тоа време почнале да се нарекуваат себеси христијани вообичаен обичај било да се обожаваат слики на императорот. „Во согласност со култот на императорот, луѓето го обожавале неговиот лик нацртан на платно или на дрво и тој обичај лесно преминал во обожавање на икони“, објаснува Џон Тејлор во својата книга Icon Painting. На тој начин, паганското обожавање на слики било заменето со обожавање на слики со Исус, Марија, ангели и „светци“. Овие слики, што прво почнале да се користат во црквите, луѓето полека-полека почнале да си ги користат и да ги обожаваат и дома.
Да се обожава „со дух и со вистина“
На оние што го слушале, Исус им рекол дека Божјите слуги мораат да обожаваат „со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Затоа, кога некој искрен човек сака да ја дознае вистината за користењето икони во обожавањето, мора да побара одговор во Божјата реч.
На пример, во Библијата ја наоѓаме оваа изјава на Исус: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене“ (Јован 14:6). Павле изјавил дека „еден е Бог и еден е посредникот помеѓу Бог и луѓето, човек, Христос Исус“ и дека „Христос . . . се зазема за нас“ (1. Тимотеј 2:5; Римјаните 8:34). Ова има уште поголемо значење кога читаме дека Христос може „потполно да ги спаси оние кои преку него му пристапуваат на Бог, бидејќи секогаш е жив за да се зазема за нив“ (Евреите 7:25). Затоа, треба да му се молиме на Бог во името на Исус Христос. Никој друг, а особено не некоја безживотна икона, не може да го замени Исус. Ова спознание од Божјата реч може да им помогне на сите што ја бараат вистината да дознаат како да го обожаваат „Таткото со дух и со вистина“ и да ги доживеат благословите што ги носи овој возвишен начин на обожавање. Да, како што рекол Исус: „Таткото бара такви да го обожаваат“ (Јован 4:23).
[Фуснота]
a Општо земено, една религиозна икона е слика или симбол што членовите на една религија го обожаваат. На пример, во Источната православна црква некои од нив се слики на Христос; на други е прикажано тројството, „светци“, ангели или, како во овој случај, Марија, мајката на Исус. Милиони луѓе имаат почитување за иконите што е слично на ставот што мнозина го имаат за киповите што се користат во обожавањето. Некои религии што не се изјаснуваат како христијански имаат слични верувања и мислења за иконите и киповите на нивните божества.
[Извор на слика на страница 22]
Boris Subacic/AFP/Getty Images