Религиозни икони — нивните древни корени
„Иконите се еден начин за да се приближиме до добротата и светоста на Бог и на Неговите Светци“ (ГРЧКА ПРАВОСЛАВНА АРХИЕПИСКОПИЈА НА АВСТРАЛИЈА).
ОВОЈ спарен августовски ден, сончевите зраци ги печат цементните скали што водат до манастирот „Пресвета Богородица“, на островот Тинос, во Егејското Море. Силната жега не ја задушува решеноста на повеќе од 25.000 побожни грчки православни аџии кои бавно се движат обидувајќи се да стигнат до богато украсената икона на Исусовата мајка.
Една млада девојка, инвалид, очигледно во болка и со очаен изглед на лицето, лази на своите тешко раскрварени колена. Недалеку од неа, една исцрпена старица, која допатувала од другиот крај на земјата, се бори да продолжи да чекори со своите уморни нозе. Еден ревносен средовечен човек се препотува додека растревожено се труди да се пробие низ толпата што се турка. Нивната цел е да ја бакнат иконата на Марија и да паднат на колена пред неа.
Без сомнение, овие длабоко религиозни луѓе се искрени во својата желба да го обожаваат Бог. Меѓутоа, колкумина сфаќаат дека таквата оддаденост на религиозни икони води потекло од обичаи што датираат со векови пред христијанството?
Распространетоста на иконите
Во православниот свет, иконите ги има насекаде. Во црквите, иконите на Исус, Марија и многу „светци“ заземаат централно место. Верниците честопати им укажуваат чест на овие икони со бакнување, и со палење темјан и свеќи. Освен тоа, речиси сите православни домови имаат свое катче со икони, каде што се кажуваат молитвите. Не е невообичаено православните христијани да кажат дека кога обожаваат икона се чувствуваат поблизу до Бог. Мнозина веруваат дека иконите се исполнети со божествена милост и со чудесна моќ.
Тие верници веројатно би биле изненадени кога би дознале дека христијаните од првиот век не го одобрувале користењето икони во обожавањето. Книгата Byzantium (Византија) изјавува: „Раните христијани, кои наследиле одбивност кон идолопоклонството од јудаизмот, гледале со прекор на секое обожавање на сликите на светите лица“. Истата книга забележува: „Од петтиот век наваму, иконите или ликовите . . . станале сѐ пораспространети во јавното и во приватното обожавање“. Ако користењето религиозни икони не потекнува од христијанството од првиот век, тогаш од каде потекнува?
Трагање по нивните корени
Истражувачот Виталиј Иванович Петренко напишал: „Употребата на ликови и нејзината традиција потекнуваат многу пред христијанската ера и имаат ‚претци во паганството‘“. Многу историчари се согласуваат со ова, наведувајќи дека корените на обожавањето икони можат да се најдат во религиите на древниот Вавилон, Египет и Грција. Во древна Грција, на пример, религиозните ликови биле во облик на кипови. Се верувало дека тие се обдарени со божествена моќ. Луѓето верувале дека некои од овие ликови не биле направени од човек туку дека паднале од небото. За време на посебните празници, таквите култни ликови биле носени во процесија околу градот и им биле принесувани жртви. „Побожните лица сметале дека култниот лик и самиот е божество, иако се правеле обиди . . . да се направи разлика помеѓу божеството и неговиот лик“, вели Петренко.
Како навлегле таквите идеи и практики во христијанството? Истиот истражувач забележал дека, во вековите по смртта на Христовите апостоли, особено во Египет, „христијанските идеи се соочиле со ‚паганска мешавина‘ — составена од египетски, грчки, еврејски, ориентални и римски обичаи и верувања што биле практикувани паралелно со христијанската вероисповед“. Како резултат на тоа, „христијанските занаетчии си приспособиле еден метод [на меѓуверство] и ги искористиле паганските симболи, ставајќи ги во нов контекст, иако не биле сосем прочистени од паганско влијание“.
Наскоро иконите станале средиште како на приватниот така и на јавниот религиозен живот. Во книгата The Age of Faith (Доба на верата), историчарот Вил Дјурант опишува како се случило тоа: „Како што се зголемувал бројот на светците што биле обожавани, се појавила потреба сите тие да се препознаат и да се запамтат; сликите со нив и со Марија почнале да се изработуваат во голем број; а во случајот на Христос не само Неговиот замислен изглед туку и Неговиот крст станале предмети на длабоко почитување — а за лековерните умови, дури и магични амајлии. Природната слобода на фантазијата кај луѓето ги претворила светите реликвии, слики и кипови во предмети на обожавање; луѓето паѓале на колена пред нив, ги бакнувале, им палеле свеќи и темјан, ги овенчувале со цвеќе и барале чуда од нивната окултна моќ . . . Црковните отци и концили постојано објаснувале дека ликовите не се божества туку само предмети што потсетуваат на нив; луѓето не сакале да прават таква разлика“.
Денес, многумина што користат религиозни икони, на сличен начин би тврделе дека ликовите се само предмети на почитување — не на обожавање. Тие можеби ќе тврдат дека религиозните слики се оправдани — па дури и неопходни — помагала во обожавањето на Бог. Можеби и ти го мислиш истото. Но, прашањето е: ‚Што мисли Бог за тоа?‘ Можно ли е почитувањето икони да биде исто што и нивно обожавање? Може ли таквите практики, всушност, да претставуваат скриени опасности?
[Рамка/слика на страница 4]
Што е икона?
За разлика од киповите што нашироко се користат во римокатоличкото обожавање, иконите се дводимензионални ликови на Христос, Марија, „светци“, ангели, личности и настани од Библијата или настани од историјата на православната црква. Тие обично се нацртани на дрвени плочи што може да се пренесуваат.
Според Православната црква, „на иконите на светците, сликите не изгледаат како слики на обични смртници“. Исто така, кај иконите „перспективата е одназад нанапред“ — сликата не се стеснува додека оди во далечина. Обично „нема сенки ниту начини за прикажување на ден и ноќ“. Исто така, се верува дека дрвото и бојата на иконата можат да „се исполнат со Божјата присутност“.
[Слика на страница 4]
Користењето ликови води потекло од паганските обичаи
[Извор на слика на страница 3]
© AFP/CORBIS