Обожавај го Бог „во дух“
„Со кого ќе го уподобите Бога? И со каков лик ќе Го споредите?“ (ИСАИЈА 40:18).
МОЖЕБИ искрено си убеден дека користењето икони е прифатливо во обожавањето на Бог. Можеби сметаш дека тоа те приближува кон Слушачот на молитви, кој е невидлив и може да изгледа безличен и апстрактен.
Но, дали сме потполно слободни да си избираме сопствен метод за да му пристапиме на Бог? Зарем не треба самиот Бог да биде крајниот авторитет за тоа што е прифатливо а што не? Исус го објаснил Божјето гледиште во врска со тоа кога рекол: „Јас сум Патот, Вистината и Животот. Без Мене, никој може да дојде кај небесниот Татко“ (Јован 14:6, Радосна вест). Токму овие зборови го исклучуваат користењето икони или други свети предмети.
Да, има одреден вид обожавање што Јехова Бог го прифаќа. А кое е тоа? Во една друга прилика Исус објаснил: „Доаѓа часот, и веќе настапи, кога вистинските поклоници ќе му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зашто Таткото сака такви поклоници. Бог е Дух, и оние кои му се поклонуваат, треба да му се поклонуваат во дух и вистина“ (Јован 4:23, 24, Стандарден превод).
Може ли Бог, кој „е дух“ да биде претставен со материјален лик? Не. Без оглед на тоа колку величествена може да биде некоја икона, таа никогаш не може да ја одрази славата на Бог. Затоа, една слика на Бог никогаш не може да биде верна претстава за него (Римјаните 1:22, 23, Стандарден превод). Дали едно лице би ‚обожавало во вистина‘ доколку му пристапува на Бог преку икона направена од некој човек?
Јасно библиско учење
Божјиот закон забранувал правење ликови како предмети за обожавање. Втората од Десетте заповеди наредувала: „Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш“ (Излез 20:4, 5). Инспирираните Христијански списи исто така заповедале: „Бегајте од идолопоклонство“ (1. Коринќаните 10:14).
Точно, многумина тврдат дека тоа што користат ликови во обожавањето не е идолопоклонство. Православните христијани, на пример, честопати одрекуваат дека всушност ги обожаваат иконите на кои им се поклонуваат, пред кои клечат и на кои се молат. Еден православен свештеник напишал: „Ние им оддаваме чест затоа што се свети предмети и затоа што го почитуваме она што иконите го претставуваат“.
Сепак, останува прашањето: ‚Дали Бог го одобрува користењето икони дури и за таканареченото индиректно почитување‘? Библијата никаде не ја овластува таа практика. Кога Израелците подигнале кип на теле, наводно за да му оддадат почит на Јехова, тој го изразил своето големо незадоволство, велејќи дека отпаднале (Излез 32:4—7).
Скриена опасност
Користењето опипливи предмети во обожавањето е опасна практика. Лесно може да ги заведе луѓето да го обожаваат предметот наместо Бог кој наводно тој предмет го претставува. Со други зборови, иконата станува центар на идолопоклонство.
Тоа се случило со поголем број предмети во времето на Израелците. На пример, Мојсеј направил бронзена змија за време на патувањето низ пустелијата. Првобитно, ликот на змијата на столб служел како средство за лекување. Оние што биле казнети со каснување од змија можеле да погледнат кон бронзената змија и да примат Божја помош. Но, откако се населиле во Ветената земја, изгледа дека овој столб го претвориле во идол, небаре самата бронзена змија имала моќ да лекува. ѝ палеле темјан па дури ѝ дале и име, Неустан (Броеви 21:8, 9; 2. Цареви 18:4).
Израелците, исто така, се обиделе да го користат ковчегот на заветот како амајлија против своите непријатели, со катастрофални резултати (1. Самоил 4:3, 4; 5:11). А во времето на Еремија, на граѓаните на Ерусалим повеќе им бил важен храмот отколку Бог кој таму бил обожаван (Еремија 7:12—15).
Склоноста да се обожаваат предмети наместо Бог сѐ уште постои. Истражувачот Виталиј Иванович Петренко рекол: „Иконата . . . станува предмет на обожавање со опасност од идолопоклонство . . . Мора да се признае дека тоа во суштина е паганска идеја внесена во обожавањето икони преку популарните верувања“. На сличен начин, грчкиот православен свештеник Деметриос Константелос во својата книга Understanding the Greek Orthodox Church (Да се сфати Грчката православна црква) вели: „Можно е христијанинот да направи од иконата предмет на обожавање“.
Тврдењето дека иконите се само помош за посредно обожавање е многу дискутабилно. Зошто? Па, зарем не е вистина дека извесни икони на Марија или на некои „светци“ може да се сметаат како достојни за поголема оддаденост и како поделотворни од други икони што ја претставуваат истата одамна почината личност? На пример, извесна икона што ја прикажува Марија во Тинос, Грција, има свое побожно православно движење наспроти подеднакво верните поклоници на една друга икона што ја прикажува Марија во Сумела, северна Грција. И двете групи веруваат дека нивната икона е најдобра, дека извршува поимпресивни чуда од другата, иако и двете ја прикажуваат истата одамна почината личност. На тој начин, во пракса, луѓето им припишуваат вистинска моќ на извесни икони и ги обожаваат.
Да им пристапуваме на „светците“ или на Марија?
Меѓутоа, што е со почитувањето поединци, како што се Марија или „светците“? Исус, како одговор на искушението на Сатана, се осврнал на Второзаконие 6:13 и рекол: „На Господа, твојот Бог, ќе Му се поклонуваш и ќе Му служиш само Нему“ (Матеј 4:10, ДХК). Подоцна рекол дека вистинските обожаватели ќе го обожаваат „Таткото“, никој друг (Јован 4:23). Сфаќајќи го ова, еден ангел го укорил апостол Јован затоа што се обидел да го обожава, велејќи му: „Не прави го тоа . . . Обожавај го Бог“ (Откровение 22:9).
Дали е исправно да се молиме на Исусовата мајка Марија или на одредени „светци“ барајќи да се заземат за нас кај Бог? Директниот одговор на Библијата е: „Постои само еден Бог и постои Еден што може да посредува меѓу Бог и луѓето: тоа е човекот Исус Христос“(1. Тимотеј 2:5, Радосна вест).
Чувај го својот однос со Бог
Со оглед на тоа што е во спротивност со јасното учење на Библијата, користењето икони во обожавањето не може да им помогне на луѓето да го стекнат Божјето одобрување и да добијат спасение. Напротив, Исус рекол дека вечниот живот зависи од тоа да се прима спознание за вистинскиот Бог, да се запознае неговата неспоредлива личност како и да се учи за неговите намери и неговите постапки со луѓето (Јован 17:3). Иконите што не гледаат, не чувствуваат ниту, пак, зборуваат, не му помагаат на човек да го запознае Бог и да го обожава на прифатлив начин (Псалм 115:4—8). Тоа најважно образование е достапно само со проучување на Божјата реч, Библијата.
Освен што не донесува никаква корист, обожавањето икони може да биде духовно штетно. Како? Пред сѐ, може да предизвика јаз во односот со Јехова. Во врска со Израел, кој ‚го разјарил со туѓите богови и гнасотии‘, Бог прорекол: „Ќе им го скријам Своето лице“ (Второзаконие 32:16, 20). Повторното изградување на нивниот однос со Бог значело да ги ‚отфрлат своите идоли‘ (Исаија 31:6, 7, ПСП).
Затоа, колку е само прикладен библискиот совет: „Дечиња, чувајте се од идоли“ (1. Јованово 5:21).
[Рамка на страница 6]
Им било помогнато да обожаваат „во дух“
Оливера била ревен член на православната црква во Албанија. Кога државата ја забранила религијата во 1967 година, Оливера тајно продолжила со своите религиозни обичаи. Поголемиот дел од својата скромна пензија го користела за да купи златни и сребрени икони, темјан и свеќи. Ги чувала скриени во својот кревет и честопати спиела на столче близу креветот од страв некој да не ги види или да не ги украде. Кога во раните 1990-ти била посетена од Јеховините сведоци, Оливера го препознала звукот на библиската вистина во нивната порака. Таа видела што вели Библијата за вистинското обожавање „во дух“ и дознала што мисли Бог за користењето икони (Јован 4:24, Стандарден превод). Жената Сведок што ја проучувала Библијата со неа приметила дека секој пат кога ќе ја посетела куќата на Оливера имало сѐ помалку икони. На крај, немало ниту една. После нејзиното крштавање, Оливера коментирала: „Денес, наместо бескорисните икони го имам Јеховиниот свет дух. Толку сум благодарна што на неговиот дух не му се потребни икони за да ме достигне“.
Атена, од островот Лезбос во Грција, била особено активен член на Православната црква. Била член на хорот и грижливо ја следела религиозната традиција, вклучувајќи го и користењето икони. Јеховините сведоци ѝ помогнале на Атена да сфати дека не сѐ што била поучена било во согласност со Библијата. Тоа го вклучувало и користењето икони и крстови во обожавањето. Атена инсистирала самата да истражува во врска со потеклото на тие религиозни предмети. По длабоко копање во разни прирачници, се уверила дека корените на тие предмети не биле христијански. Нејзината желба да го обожава Бог „во дух“ ја довела до тоа да ги фрли иконите и покрај нивната парична вредност. Меѓутоа, Атена била среќна да претрпи каква и да било загуба за да го обожава Бог на еден духовно чист и прифатлив начин (Дела 19:19).
[Рамка/слика на страница 7]
Иконите како уметност?
Во последниве години, луѓе во целиот свет собираат православни икони. Колекционерите обично не гледаат на иконата како на свет религиозен предмет туку како на уметничко дело што ја одразува византиската култура. Не е невообичаено да се најдат многу такви религиозни икони како украси во домот или канцеларијата на некој што тврди дека е атеист.
Меѓутоа, искрените христијани не ја забораваат главната цел на иконата. Таа е предмет на обожавање. Иако христијаните не го оспоруваат правото на другите да поседуваат икони, тие лично немаат икони, дури ни како колекционерски предмети. Ова е во согласност со начелото што се наоѓа во Второзаконие 7:26: „Не внесувај гнасотии [ликови што се користат во обожавање] во својата куќа, за да не бидеш проколнат како и неа; презри ја длабоко и грози се од неа“.
[Слика на страница 7]
Бог не го толерирал користењето ликови во обожавањето
[Слика на страница 8]
Спознанието од Библијата ни помага да го обожаваме Бог во дух