Употребата и злоупотребата на религиозни слики
СЦЕНАТА е Санкт Петерсбург, Русија. Датум: 2. август 1914. Возбудени луѓе кои мавтаат со икони се собрале пред царската палата. Во средината на една голема сала е подигнат еден олтар. Над олтарот стои слика на жена со дете во рацете. Оваа икона е наречена „Владимирова Мајка Божја“. Масите ја сметаат за најсвето богатство на Русија.
Всушност, се верува дека иконата прави чуда. Во 1812, кога руските војски тргнале против Наполеон, генерал Кутузов се молел пред неа. Сега, на 2. август 1914, откако на неговата земја ѝ била објавена војна, пред неа стои цар Николај II. Со подигната десна рака положува заклетва: „Свечено се заколнувам дека никогаш нема да склучам мир сѐ додека има макар еден непријател на руска земја“.
По две недели, царот оди на поклонение во Москва да бара Божји благослов за своите трупи. Во Соборната црква на Богородичното вознесение тој клечи и се моли пред големиот украсен иконостас — преграда на која се наоѓаат слики на Исус, Марија, ангели и „светци“.
Овој религиозен чин не успеал да ја спречи несреќата. За помалку од четири години, руските армии претрпеле над шест милиони жртви и изгубиле голама територија. Освен тоа, царот, неговата царица и нивните пет деца биле брутално убиени. Намест вековно старата монархија, со земјата почнала да владее револуционерна влада која била против религијата. Довербата на цар Николај во иконите се покажала залудна.
Сепак, во Русија и во други земји, до ден-денеска милиони луѓе и понатасму почитуваат икони. Тоа наметнува важни прашања. Како Бог гледа на делата на оддаденост што се вршат пред вакви слики? И што може да се каже за обичајот да се закачуваат на ѕидовите во домовите?
Што вели Библијата?
Кога Исус бил на Земјата, тој го слушал Божјиот Закон што бил даден преку Мојсеј. Тоа ја вклучувало втората од таканаречените Десет заповеди, која гласи: „Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ [Јехова, NW], Бог твој; Бог ревнител [Бог кој бара исклучителна оддаденост, NW]“ (2. Мојсеева 20:4, 5).
Според тоа, Исус не го обожавал Бог со помош на слики или статуи направени од човечки раце. Наместо тоа, неговото обожавање било во склад со објавата на неговиот Татко: „Јас сум Господ [Јехова, NW], тоа е Моето име, и нема да ја дадам славата Своја на друг, ниту честа Своја на идоли“ (Исаија 42:8).
Освен тоа, Исус објаснил зошто Бог треба да се обожава без посредство на материјални предмети. „Иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на [ќе го обожаваат, NW] Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат [кои го обожаваат, NW]“ (Јован 4:23, 24).
Како Исус, неговите вистински ученици ги поучувале другите да го исправат начинот на обожавање. На пример, апостолот Павле еднаш зборувал пред мноштво грчки филозофи кои употребувале идоли за да ги обожаваат нивните невидливи богови. Тој им зборувал за Творецот на човекот и рекол: „Не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица“. Подоцна, истиот апостол објаснил дека христијаните ‚живеат според верата, а не според гледањето‘ и дека христијаните мораат ‚да го избегнуваат служењето на идоли‘ (Дела на св. апостоли 17:16-31; 2. Коринтјаните 5:7; 1. Коринтјаните 10:14).
Едно искуство од животот на апостол Петар покажува дека тој бил брз кога требало да се поправи каква и да било постапка која би можела да доведе до идолопоклонство. Кога римскиот воен офицер Корнилиј паднал пред неговите нозе, Петар приговорил. Го подигнал Корнилиј, велејќи: „Стани и јас сум човек“ (Дела на св. апостоли 10:26).
Што се однесува до апостолот Јован, тој бил толку престрашен од божествените визии, што се поклонил пред нозете на еден ангел. „Стој“ — советувал ангелот. „Немој, оти сум и јас слуга како ти, и браќата твои — пророци и оние, што ги држат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога“ (Откровение 22:8, 9). Апостолот го ценел овој совет. Тој љубезно го запишал настанот за наша корист.
Но како можат горниве искуства да се поврзат со употребата на религиозни слики? Па, ако за Корнилиј било неисправно да се поклони пред еден од Христовите апостоли, што е со почитувањето на безживотни слики на „светци“? И ако за еден Христов апостол било неисправно да падне ничкум пред еден жив ангел, тогаш што е со почитувањето на безживотни слики на ангели? Секако дека таквите дела се спротивни на Јовановото предупредување: „Чеда, пазете се од идолите“ (1. Јованово 5:21).
Како украсни наставни средства
Ова не значи дека самото поседување на една слика од некоја библиска сцена е идолопоклоничко. Ова списание добро ги користи сликите од библиски настани како наставни средства. Исто така, сцените од некои библиски настани можат да бидат употребени за украсување на ѕидовите на куќи и згради. Сепак, еден вистински христијанин нема да сака да истакнува некоја слика за која е познато дека други ја обожаваат, ниту на својот ѕид ќе закачува некаква слика која погрешно ја прикажува Библијата (Римјаните 14:13).
Поголемиот дел од иконите на христијанството прикажуваат круг од светлост околу главите на Исус, Марија, ангелите и „светците“. Тој се нарекува ореол. Откаде потекнува ореолот? „Неговото потекло не било христијанско“ — соопштува The Catholic Encyclopedia (издание 1987) — „затоа што него го употребувале паганските уметници и скулптори за симболички да ги прикажат големата возвишеност и моќ на различните божества“. Освен тоа, книгата The Christians од Бамбер Гаскоњ содржи фотографија на сонце–бог со ореол, добиена од Капитолинскиот Музеј во Рим. Тој бог го обожавале паганските Римјани. Подоцна, објаснува Гаскоњ, „христијанството го позајмило ореолот на сонцето“. Да, ореолот е поврзан со паганско обожавање на сонцето.
Дали е на место на ѕидот во еден христијански дом да се закачуваат слики кои мешаат библиски настани со симболи на паганско идолско обожавање? Не. Библијата советува: „Каква сличност има храмот Божји со идолите? . . . ‚Затоа излезете од нивната средина и одделете се!‘ Вели Господ, и ‚Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!‘“ (2. Коринтјаните 6:16, 17).
Како што одминувало времето, номиналните христијани почнале да го игнорираат тој совет. Се развило отпадништво, како што прорекле Исус и неговите апостоли (Матеј 24:24; Дела на св. апостоли 20:29, 30; 2. Петрово 2:1). Во почетокот од четвртиот век н. е., римскиот император Константин отпадничкото христијанство го направил државна религија. Река од пагани сега почнале да се изјаснуваат како „христијани“. Вообичаена практика меѓу нив било обожавањето на ликови на императорот. Исто така, имале обичај да закачуваат слики од своите претци и други славни луѓе. „Во согласност со култот на императорот“ — објаснува Џон Тејлор во својата книга Icon Painting — „луѓето го обожавале неговиот портрет насликан на платно или на ѕид, а чекорот од таквото обожавање до обожавањето на иконите бил мал“. На тој начин, паганското обожавање на слики било заменето со почитувањето на слики на Исус, Марија, ангели и „светци“.
Како црковните водачи го оправдуваат ова?
Според The Encyclopedia of Religion, црквените водачи ги користеле истите стари аргументи како и паганските филозофи. Плутарх, Дио Хрисостом, Максим од Тир, Целзус, Порфириј и Јулијан [императорот Јулијан Отпадник] признале дека идолите се безживотни. Но овие пагани ја оправдувале употребата на идоли, аргументирајќи дека тоа биле средства во обожавањето на нивните невидливи богови. Рускиот иконограф Леонид Успенски во книгата The Meaning of Icons признава: „Црквените Оци го користеа инструментот на грчките филозофи, па неговото разбирање и јазик го прилагодуваа на христијанската теологија“. (Спореди Колосјаните 2:8.)
За многу луѓе е тешко да сфатат дека почитувањето на ликовите теолошки се оправдува. „Освен високо образованиот, никој друг не можел да ја одреди разликата помеѓу обожавањето на иконата заради она што таа би можела да го претставува и обожавањето на самата неа“, тврди Џон Тејлор во книгата Icon Painting.
Од друга страна, она што Библијата го вели во врска со религиозните ликови лесно може да се разбере. Да ја земеме за пример Емилија која живее во Јоханесбург (ЈАР). Таа била оддадена католичка и имала обичај да клечи и моли пред слики. Тогаш, еден од Јеховините сведоци чукнал на нејзината врата. Била возбудена кога во португалската Библија видела дека Бог има име, Јехова (Псалми 83:18, Almeida). Во текот на нејзините библиски студии прашала: „Што морам да сторам за да го избегнам Јеховиното неодобрување?“ Сведокот покажал на сликата која висела на ѕидот и замолил да го прочита Псалм 113:12-16 (115:4-8, ДК). Вечерта кога сопругот на Емилија се вратил дома, таа му кажала дека сака да се ослободи од своите религиозни слики. Тој се согласил. Следниот ден со синовите Тони и Мануел ги скршиле сликите на парчиња и ги изгореле. Дали денес, после 25 години, Емилија чувствува некакво каење поради тоа? Не. Всушност, заедно со своето семејство, таа им помогнала на многу нејзини блиски да станат среќни обожаватели на Јехова.
Слични искуства се повторувале многупати. Како резултат на делото на Јеховините сведоци за правење ученици ширум светот, милиони учат да го обожаваат Бог „со дух и вистина“. И ти можеш да доживееш благослов од овој возвишен начин на обожавање бидејќи, како што рекол Исус, „Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат“ (Јован 4:23, 24).
[Слика на страница 26]
Цар Николај II ги благословува своите трупи со една икона
[Извор на слика]
Фотографија на К. Н.