Библиотеки — порти кон знаењето
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД АВСТРАЛИЈА
БИБЛИОТЕКИТЕ се наречени „еден од столбовите на цивилизацијата“. Во World Book Encyclopedia се вели дека тие играат една од најважните улоги во развојот на културата и технологијата на човекот. Германскиот поет Гете ги нарекол меморија на човештвото.
Кои библиотеки се вбројуваат меѓу најважните „столбови на цивилизацијата“? Која книга имала најголемо влијание и врз библиотеките и врз ширењето на писменоста? И колку книги имаат најголемите современи библиотеки? За да одговориме на првото прашање, да се вратиме назад во времето и да посетиме една од најстарите библиотеки во светот.
Древна „енциклопедија на човечкото знаење“
Замислете си дека се наоѓате на Блискиот Исток, на подрачјето на денешен Ирак. Годината е 650 пр.н.е. Се наоѓате внатре во ѕидините на градот Нинивија (во близина на денешен Мосул). Пред Вас се издигнува царската палата на царот Асурбанипал — владетел на Асирија, Египет и Вавилонија.a Додека стоите пред портите на палатата, забележувате луѓе што на колички внесуваат тешки глинени ќупови. Овие луѓе само што се вратиле од најдалечните краеви на асирското царство. Тие се трудат да соберат колку што можат повеќе документи и книги што зборуваат за општествените, културните и религиозните традиции на народите што живеат во царството на Асурбанипал. Ако отвориш еден од ќуповите, ќе видиш дека се полни со правоаголни глинени плочки широки околу 8 а долги околу 10 сантиметри.
Еден од луѓето со ќуповите влегува во палатата и Вие одите по него. Таму гледате писари со коскени пера како втиснуваат клинести симболи на мали плочки од влажна глина. Тие преведуваат документи од странски јазици на асирски. Подоцна, плочките ќе се печат во печки, по што записот ќе стане речиси неуништлив. Записите се чуваат во простории со многу полици на кои се наредени стотици ќупови. Над влезот од секоја просторија има натпис на кој е наведена темата на записите што се чуваат во неа. Во оваа библиотека има над 20.000 глинени плочки што содржат информации за деловни трансакции, верски обичаи, закон, историја, медицина и анатомија на луѓето и животните. Еден научник подоцна ги нарекол „енциклопедија на човечкото знаење“.
Библиотеките пред и по Нинивија
Пред библиотеката на Асурбанипал во Нинивија, имало и други големи библиотеки. Илјада години пред Асурбанипал, царот Хамураби изградил библиотека во вавилонскиот град Борсипа. Рамзес II ја основал познатата библиотека во египетскиот град Теба 700 години пред Асурбанипал. Но, поради разноликоста на информациите и огромниот број записи, библиотеката на Асурбанипал стекнала репутација на „најголема во древниот свет“. Дури 350 години подоцна една друга библиотека го презела приматот.
Околу 300 година пр.н.е., таа поголема библиотека ја изградил Птолемеј I Сотер, еден од генералите на Александар Велики. Била изградена во египетскиот пристанишен град Александрија, а нејзините библиотекари се труделе да соберат колку што можат повеќе записи од целиот свет.b Според преданијата, токму во Александрија околу 70 изучувачи почнале да ги преведуваат Хебрејските списи од Библијата на грчки. Овој превод подоцна бил наречен грчка Септуагинта и раните христијани многу го користеле.
Библиотеките на Истокот
Во времето кога Асурбанипал ја збогатувал својата библиотека, во Кина владеела династијата Чоу. За време на владеењето на оваа династија, од 1122 пр.н.е. до 256 пр.н.е., била создадена една збирка книги што станала позната како Пет класици. Таа се состоела од: книга за толкување на иднината, збирка со говори на првите владетели, книга со поезија, книга со правила за религиозните церемонии и ритуали и историја на државата Лу од околу 722 пр.н.е. до 481 пр.н.е., што воедно е и последната книга што му се припишува на кинескиот филозоф Конфучие. Петте класици и големиот број коментари за нив влијаеле врз размислувањата во Кина и повеќе од две илјади години се составен дел како на царските така и на приватните библиотеки.
Во Јапонија, во 1275 година, Хоџо Санетоки, член на едно владеачко семејство самураи, основал библиотека во својот дом во Каназава (сега дел од Јокохама). Се обидел да ги собере сите книги што постоеле на кинески и на јапонски. Иако не се сочувани сите книги, оваа збирка сѐ уште постои.
Библијата, манастирските библиотеки и западната култура
„Колкава моќ има печатениот збор и колкава вредност има библиотеката, најдобро се гледа од подемот, ширењето и опстојувањето на христијанската религија“, се вели во книгата A History of Libraries in the Western World. Како е поврзан развојот на библиотеките со ширењето на христијанството?
По распадот на Римското царство, збирките на големите библиотеки биле или уништени или расејани на сите страни. Низ Европа никнале голем број христијански манастири и во нив било собрано она што останало од тие древни библиотеки. Една од најважните активности во овие манастири било препишувањето на библиските и други ракописи. На пример, во бенедиктинските манастири се живеело според „Правилото на св. Бенедикт“ кое налагало да се читаат и да се препишуваат книги.
Во библиотеките во Константинопол се чувале и се правеле преписи на древни ракописи кои подоцна повторно стигнале до Италија. Се верува дека тие ракописи одиграле значајна улога за да започне ренесансата. Историчарот Елмер Џонсон вели: „Не можеме да ја негираме улогата што манастирските библиотеки ја одиграле во зачувувањето на западната култура. Во период од околу илјада години, тие биле интелектуалното срце на Европа, и без нив западната цивилизација би била многу, многу поинаква“.
Препишувањето на Библијата помогнало „интелектуалното срце на Европа“ да продолжи да чука во текот на овој период. А кога Европа ја зафатил бранот на реформацијата, желбата да ја читаат Библијата го поттикнала обичниот народ да се ослободи од прангите на неписменоста. Во книгата The Story of Libraries се вели: „Во протестантската реформација ги наоѓаме зачетоците на идејата дека секој член на општеството мора да има барем толку образование колку да може да ја чита Библијата. Како што се вжештувале теолошките расправи, станувало сѐ поважно читањето на голем број религиозни списи. За ова не било доволно човек само да знае да чита, туку и да има пристап до книгите“.
Според тоа, Библијата имала клучна улога во развојот на библиотеките и во ширењето на писменоста во западниот свет. Со пронаоѓањето на печатарската машина, низ Европа, а потоа и низ целиот свет, почнале да никнуваат големи приватни и државни библиотеки во кои можеле да се најдат книги на најразлични теми.
Библиотеките на 21. век
Денес некои библиотеки се навистина огромни. Замислете си да стоите пред полица со книги што е долга 850 километри и на која се наоѓаат 29 милиони книги. Толку книги отприлика содржи најголемата библиотека во светот — Конгресната библиотека во САД. Освен книги, во оваа библиотека има и околу 2,7 милиони аудио и видео снимки, 12 милиони фотографии, 4,8 милиони карти и 57 милиони ракописи. Секој ден, збирката на оваа библиотека станува побогата за околу 7.000 публикации!
Втора по големина е Британската библиотека во Лондон, во која има преку 18 милиони книги. Руската државна библиотека во Москва има збирка од 17 милиони книги и околу 632.000 годишни повези од различни весници. Француската национална библиотека, една од најстарите национални библиотеки во Европа, има 13 милиони книги. Освен тоа, во книгата Library World Records се вели: „Француската национална библиотека била првата библиотека што овозможила пристап до поголемиот дел од својата збирка преку Интернет“. Луѓето што имаат пристап до компјутер и Интернет можат многу лесно да дојдат до таа ризница на човечкото знаење.
Количината на информации што ѝ се достапни на јавноста расте со поголема брзина од кога и да е порано. Се проценува дека вкупниот број на книги во светот двојно се зголемува на секои четири и пол години. Само во Соединетите Држави секоја година се издаваат преку 150.000 нови книги.
Затоа, денес особено значење имаат зборовите на древниот изучувач, писател и цар — Соломон, кој напишал: ‚Потребно е неизмерливо многу труд за да се напише книга, и многу учење го уморува телото‘ (Проповедник 12:12). Меѓутоа, кога се користат мудро, библиотеките и понатаму се, како што ги нарекува УНЕСКО, „порти кон знаењето што ти се на дофат“.
[Фусноти]
a Асурбанипал бил современик на јудејскиот цар Манасиј.
b Повеќе информации за древната и за современата библиотека во Александрија можете да најдете во изданието на Разбудете се! од 8 април 2005.
[Рамка/слика на страница 20]
Улогата на библиотекарот
Ако во каталогот на библиотеката не можете да ја најдете книгата што ја барате, не очајувајте — обратете му се на библиотекарот. Неговата стручност честопати е од непроценлива корист. Родерик, кој 20 години работи како библиотекар, вели: „Луѓето честопати се плашат од библиотеките и од библиотекарите. Кога сакаат да прашаат нешто, често почнуваат: ‚Можеби ова ќе Ви звучи глупаво, но . . .‘ Сепак, нема глупави прашања. Вештината на еден добар библиотекар се состои во тоа да го најде она што го барате, иако не знаете како да прашате“.
[Рамка/слика на страница 21]
Што значат сите тие бројки? → 225,7
Универзална децимална класификација
Многу библиотеки го користат системот на Универзална децимална класификација (УДК).c Тој, всушност, се состои од низа броеви што се наоѓаат во нивните каталози и на нивните книги. Според оваа класификација, сите публикации во библиотеката се класифицираат според темата и организирани се во десет главни групи:
000-099 Општи
100-199 Филозофија, психологија
200-299 Религија, теологија
300-399 Општествени науки
400-499 (засега слободна група)
500-599 Математика, природни науки
600-699 Применети науки, медицина, техника
700-799 Уметност, забава, спорт
800-899 Јазици, лингвистика, книжевност
900-999 Географија, биографии, историја
Потоа, секоја од главните групи е поделена на десет подгрупи, од кои секоја содржи конкретни теми. На пример, Библијата се наоѓа во групата од 200 (Религија) и носи ознака 220. Конкретни теми за Библијата и понатаму се расчленуваат. Бројот 225 го означува „Новиот завет“ (Грчките списи). Има и дополнителни броеви кои го означуваат видот на публикацијата:
01 Библиографии
02 Книги општо
03 Енциклопедии, лексикони, речници, прирачници
04 Збирка на различни списи
05 Сериски публикации, списанија
06 Публикации на здруженија, организации, установи и други правни лица
07 Публикации со упатства, за учење, обука
08 Зборници, полиграфија и слично
09 Разни историски и правни извори
Според тоа, енциклопедија која се занимава со целокупната Библија би ја носела ознаката 220,3, а дело со коментари за Грчките списи би било означено со бројот 225,7
[Фуснота]
c Универзалната децимална класификација се темели на Дјуиевата децимална класификација што ја осмислил американскиот библиотекар Мелвил Дјуи и која е во употреба од 1876 година.
[Слика на страница 18]
Асирскиот цар Асурбанипал во чија библиотека имало глинени плочки на клинесто писмо, 650 пр.н.е.
[Слика на страница 18]
Британската библиотека (Лондон, Англија)
[Слика на страница 18]
Библиотека во манастир (Швајцарија), 1761
[Слика на страница 19]
Александриската библиотека (Египет), околу 300 пр.н.е.
[Извор на слика]
Од книгата Ridpath’s History of the World (Vol. II)
[Слика на страници 20 и 21]
Конгресната библиотека во САД, најголемата библиотека во светот
[Извор на слика]
Од книгата Ridpath’s History of the World (Vol. IX)
[Извори на слики на страница 18]
Фотографија најгоре лево и долу: Erich Lessing/ Art Resource, NY; плочка: Photograph taken by courtesy of the British Museum