ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 7/06 стр. 16-18
  • Зошто морето е солено?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зошто морето е солено?
  • Разбудете се! 2006
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Како нивото на сол во водата останува непроменето?
  • Неверојатна стабилност
  • „Добиена од најдобрите родители“
    Разбудете се! 2006
  • Солта — скапоцен производ
    Разбудете се! 2002
  • Единственото Мртво Море
    Разбудете се! 2008
  • Дали сте знаеле?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
Повеќе
Разбудете се! 2006
g 7/06 стр. 16-18

Зошто морето е солено?

КОГА сета сол од морињата би можела да се извади, и кога со неа рамномерно би се покрила земјата, тој слој би бил дебел околу 150 метри — колку што е висока една 45-катница! Од каде доаѓа сета таа сол, особено кога знаеме дека безброј потоци и реки со слатка вода се слеваат во океаните? Научниците откриле неколку извори.

Еден извор е земјата под нашите нозе. Кога дождовницата ќе навлезе во почвата и во карпите, таа раствора мали количества минерали, меѓу кои и соли, како и нивните хемиски состојки, а потоа, преку потоците и реките, ги носи во морињата (1). Се разбира, концентрацијата на сол во слатките води е многу ниска и затоа не можеме да ја почувствуваме.

Друг извор се минералите од кои се создава солта, а кои се наоѓаат во Земјината кора под океаните. Водата продира во океанското дно низ пукнатините, достигнува многу висока температура, и се враќа назад во океанот носејќи растворени минерали. Низ хидротермалните вентили — од кои некои се вистински морски гејзери — добиената хемиска супа повторно се враќа во океанот (2).

Во еден обратен процес, кој има сличен краен резултат, подводните вулкани исфрлаат во океаните огромни количества вжештени карпи, и водата раствора некои од минералите во нив (3). Додатен извор на минерали е ветерот, кој носи честици од копното во морето (4). Со помош на овие процеси, морската вода се претвора во раствор на сите познати елементи. Но, главна состојка на солта е натриум хлоридот — обичната сол за готвење. Осумдесет и пет отсто од растворените соли се натриум хлорид, и тоа е главна причина за соленоста на морската вода.

Како нивото на сол во водата останува непроменето?

Солта останува концентрирана во морето, бидејќи водата што испарува од океаните е скоро чиста. Минералите си остануваат во водата. Истовремено, во океаните влегуваат уште повеќе минерали, а сепак нивото на сол во водата останува исто — отприлика 35 промили. Тогаш, солта и другите минерали мора да влегуваат и излегуваат од водата со иста брзина. Ова го покренува прашањето: „Каде оди солта?“

Многу состојки на солта се апсорбираат во телата на живите организми. На пример, коралните полипи, мекотелите и лушпарите собираат калциум, состојка на солта, кој влегува во состав на нивните оклопи и скелети. Микроскопските алги наречени дијатоми го вадат силициум диоксидот од водата. Бактериите и други организми ги јадат растворените органски материи. Кога овие организми ќе умрат или ќе бидат изедени, солите и минералите од нивните тела на крајот ќе завршат на морското дно како мртва материја или како измет (5).

Многу од солите што не се разградуваат со помош на биохемиски процеси се отстрануваат на друг начин. На пример, глината и другите копнени материјали што доаѓаат во океаните носени од реките и врнежите или што паѓаат со вулканската пепел, можат да се сврзат со некои соли и да ги спуштат на морското дно. Некои соли исто така се сврзуваат со карпите. На тој начин, преку многу процеси, голем дел од солта завршува на океанското дно (6).

Многу истражувачи сметаат дека ваквиот циклус потполно се затвора со сите овие геофизички процеси, макар за тоа да се потребни и еони. Кората на Земјата се состои од огромни континентални плочи. Некои од овие плочи се среќаваат во зоните на подвлекување, каде што едната плоча се подвлекува под соседната и пропаѓа длабоко во врелата магма. Обично густата океанска плоча се нурнува под полесната континентална плоча, истовремено носејќи го со себе солениот талог како да е огромна подвижна лента. На овој начин, голем дел од земјината кора постепено се рециклира (7). Резултат на овој процес се земјотреси, вулкани и формирање на подводни гребени.a

Неверојатна стабилност

Соленоста на океаните варира од место до место, а понекогаш варира и во различни периоди од годината. Најсолена вода незаградена со копно од сите страни е водата во Персискиот Залив и во Црвеното Море, каде што испарувањата се најголеми. Деловите од океанот во кои се влева слатка вода од големите реки или што се изложени на силни врнежи од дожд не се толку солени. Истото е случај и со морската вода во близина на поларните ледени брегови што се топат, бидејќи тие се состојат од замрзната слатка вода. Но, кога се создава мразот, морската вода што се наоѓа во близина станува посолена. Сепак, гледано во целина, соленоста на океаните е многу стабилна.

И морската вода има релативно стабилна pH-вредност, која претставува мера за киселоста или базичноста на одредена супстанција (вредноста 7 означува неутрална средина). PH-вредноста на морската вода е меѓу 7,4 и 8,3, што укажува дека водата е повеќе базична. (PH-вредноста на човечката крв изнесува 7,4.) Доколку оваа PH-вредност би отишла над или под овие граници, океаните би се нашле во голема неволја. Всушност, токму од ова се плашат некои научници денес. Голем дел од јаглерод диоксидот што луѓето го испуштаат во атмосферата на крајот завршува во океаните, каде што стапува во реакција со водата и формира јаглеродна киселина. Така, со човечките дејности, можеби океаните полека стануваат кисели.

Многу од механизмите што ја одржуваат морската вода хемиски стабилна не ги разбираме во целост. Сепак, она што го знаеме укажува на огромната мудрост на Творецот, кој се грижи за своето ремек-дело (Откровение 11:18).

[Фуснота]

a Види ја статијата „Океанското дно — откриени се неговите тајни“ во српското издание на Разбудете се! од 22 ноември 2000 година.

[Графикон/слики на страници 16 и 17]

(Види во публикацијата)

Дожд

1 Минерали

2 Хидротермален вентил

3 Ерупција во океанот

4 Ветер

ОКЕАН

ОКЕАНСКО ДНО

ЗЕМЈИНА КОРА

5 Дијатоми

6 Вулканска

7 ЗОНА НА ПОДВЛЕКУВАЊЕ

[Извори на слики]

Вентил: © Science VU/Visuals Unlimited; ерупција: REUTERS/Japan Coast Guard/Handout

Дијатоми: Dr. Neil Sullivan, USC/NOAA Corps; слика на вулкан: Dept. of Interior, National Park Service

[Рамка/графикон на страница 18]

Соли што можат да се најдат во морињата

Иако научниците ја проучуваат морската вода повеќе од еден век, сѐ уште не го знаат во потполност нејзиниот хемиски состав. Сепак, биле во можност да ги издвојат различните растворени состојки на солта и да пресметаат во каков меѓусебен размер се тие. Во овие состојки спаѓаат:

[Графикон]

55% хлорид

30,6% натриум

7,7% сулфат

3,7% магнезиум

1,2% калциум

1,1% калиум

0,4% бикарбонат

0,2% бромид

и многу други, како борат, стронциум и флуорид.

[Рамка/слика на страница 18]

Посолени од океаните

Некои мориња во внатрешноста на копното се посолени од океаните. Најголем пример за ова е Мртвото Море, најсоленото море на Земјата. Во Мртвото Море, наречено и Солено Море во библиски времиња, дотекува вода што носи растворени соли и други минерали (Броеви 34:3, 12). Бидејќи брегот на Мртвото Море е најниската копнена точка на Земјата, водата од него може да излезе само на еден начин — со испарување. Ова го намалува нивото на морето и до 25 милиметри дневно во текот на летото.

Поради тоа, содржината на сол во горните слоеви на водата изнесува околу 30 отсто — таа е скоро десет пати поголема од соленоста на Средоземното Море. Бидејќи соленоста ја зголемува и густината на водата, пливачите можат да си лежат на површината. Всушност, тие можат да лежат на грб и да читаат весник без да имаат потреба од душек.

[Рамка на страница 18]

Солта помага за прочистување на воздухот

Истражувањата покажуваат дека честичките што го загадуваат воздухот ги спречуваат врнежите над копното. Но, од загадените облаци над океаните, многу почесто врне дожд. Се смета дека причината за ова се аеросолите од морската сол кои ги има во водната прашина.

Капките вода што се формираат околу честичките кои го загадуваат воздухот во атмосферата обично се премногу мали за да можат да паднат како дожд, и затоа остануваат во воздухот. Кога аеросолите од морската сол влегуваат во облакот, ги привлекуваат овие мали капки што лебдат во облаците над океанот и така капките стануваат поголеми. Како резултат на ова паѓа дожд, кој исто така помага да се прочисти атмосферата од загадувачи.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели