ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 1/08 стр. 25-27
  • Единственото Мртво Море

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Единственото Мртво Море
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Најниско и најсолено
  • Дали е навистина најлековито?
  • Асфалт од морето
  • Зошто морето е солено?
    Разбудете се! 2006
  • Дали сте знаеле?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2014
  • Дојди и прошетај крај Галилејското море
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
Разбудете се! 2008
g 1/08 стр. 25-27

Единственото Мртво Море

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИЗРАЕЛ

ТОА е најсоленото, најниското, најмртвото, а според некои и најлековитото море на светот. Низ историјата, било нарекувано Смрдливо Море, Ѓаволско Море и Асфалтно Море. Библијата го нарекува „Соленото Море“ и „морето Араба“ (1. Мојсеева 14:3; Исус Навин 3:16). Според едно предание со кое се согласуваат многу изучувачи, во неговите длабочини се наоѓаат урнатините на Содом и Гомор. Затоа е наречено и Морето на Содом или Морето на Лот — библиска личност поврзана со драматичните настани што се одиграле во тие древни градови (2. Петрово 2:6, 7).

Некои од овие називи воопшто не укажуваат на ова море како на привлечна туристичка дестинација. И покрај тоа, секоја година илјадници луѓе го посетуваат ова необично Мртво, т.е. Солено Море. Зошто е толку солено? И, како може истовремено да биде и мртво и лековито?

Најниско и најсолено

Мртвото Море се наоѓа во северниот дел од Големата Раседна Долина која се протега кон источна Африка на југ. Реката Јордан се извива низ неа од север па сѐ до најниската површина на Земјата — околу 418 метри под морското ниво. Таму е сместено ова копнено море меѓу двата раседни ѕида, односно ридовите на Јудеја од западната и моавските планини во Јордан од источната страна.

Но, зошто Мртвото Море е толку солено? Солните соединенија — главно магнезиум, натриум и калциум хлориди — дотекуваат во Мртвото Море преку реката Јордан и други помали реки, потоци и извори. Се проценува дека само реката Јордан во него внесува и до 850.000 тони сол годишно. Бидејќи морето се наоѓа на многу ниско ниво, водата нема каде да истече од него; единствено може да испари. Лете, кога времето е многу жешко, само за еден ден испаруваат седум милиони тони вода, и затоа волуменот на езерото не се зголемува. Но, иако водата испарува, солните соединенија и минералите остануваат. Поради тоа, ова е најсоленото море во светот. Соленоста на водата во него е 30 отсто, што значи дека е неколку пати посолена од океаните.

Луѓето од памтивек биле одушевени од извонредните карактеристики на Мртвото Море. Грчкиот филозоф Аристотел чул дека ова море е „толку горчливо и солено, што во него не живеат риби“. Поради необично високата концентрација на сол, водата има поголема густина која овозможува да не потонат дури и оние што не знаат да пливаат. Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј известува дека во една прилика римскиот генерал Веспазијан ги фрлил во морето своите воени заробеници за да се увери во тоа.

Но, како ова Мртво Море може да биде и лековито?

Дали е навистина најлековито?

Во средниот век, трговците што ќе се врателе од пат раскажувале чудни приказни за некакво безживотно море каде што нема ни птици, ни риби, ни растенија. Се верувало и дека смрдливата пареа од езерото е смртоносна. Така се рашириле гласини дека постои некое смрдливо и мртво море. Точно е дека поради големата концентрација на сол, во него можат да преживеат само прости организми, како што се некои отпорни бактерии. Тешко на оние риби што водата од реките ќе ги одвлече во морето — веднаш ќе умрат!

Точно е дека во ова море не може да опстане ништо живо, но тоа не важи и за неговата околина. Иако овој крај е главно неплоден, наместа има бујни оази со водопади и со тропски растенија. Освен тоа, целата област е идеален дом за дивите животни. Во близина на морето живеат 24 видови цицачи, меѓу кои и песочната мачка (Felis margarita), малиот западноазиски волк (Canis lupus arabs) и козорогот (Capra ibex nubiana), кој може често да се види. Изворите со слатка вода се дом на многу водоземци, влекачи и риби. Бидејќи Мртвото Море им е попатна станица на многу птици-преселници, овде се забележани повеќе од 90 видови птици, како што се црниот и белиот штрк, белоглавиот мршојадец и белата кања.

Но, зошто може да се каже дека Мртвото Море е најлековитото море на светот? Се вели дека во старо време, луѓето ја пиеле водата бидејќи биле уверени во нејзините лековити својства — нешто што ниту еден нормален човек не би го направил денес! Многу поразумно би било да се искапете во солената вода бидејќи некои сметаат дека тоа го прочистува телото. Целата област е прочуена по тоа што дејствува добро врз здравјето на луѓето. Поради ниската местоположба, атмосферата е богата со кислород. Се смета дека високата концентрација на бромид во воздухот има смирувачко дејство, а црната кал која изобилува со минерали, како и врелите сулфурни извори по должината на брегот се користат за лекување на кожни болести и артритис. Дрвото Commiphora opobalsamum кое порано растело во оваа област, отсекогаш било ценето и се користело во козметиката и во медицината.

Асфалт од морето

Една од најчудните појави во Мртвото Море е битуменот (асфалтот) што понекогаш излегува на површината во вид на грутки.a Во 1905 год., едно списание извести дека во 1834 год. на брегот било исфрлено огромно парче битумен со тежина од речиси 3 тони (The Biblical World). Битуменот е опишан како „прв нафтен дериват што го користел човекот“ (Saudi Aramco World, ноември/декември 1984). Порано некои мислеа дека овие парчиња се откинуваат од дното на Мртвото Море и излегуваат на површината под дејство на земјотреси. Многу пологично објаснување е дека асфалтот се пробива низ потешките горни слоеви или се процедува низ пукнатините на морското дно, каде се прилепува за карпите од наталожена сол. Потоа, кога овие карпи ќе се растворат во водата, асфалтните грутки избиваат на површината.

Битуменот се користел со векови и тоа за најразлични работи — за импрегнирање на чамци, во градежништвото, а и како средство против инсекти. Се смета дека некаде околу 350 год. пр.н.е., Египќаните почнале масовно да го користат битуменот при мумифицирањето, но некои стручњаци не се согласуваат со ова тврдење. Во тоа време, Наватејците, древен номадски народ кој се населил на подрачјето на Мртвото Море, биле единствените во тој предел што се занимавале со овој занает. Најпрво го ваделе битуменот на брегот, потоа го сечеле, и на крај го носеле во Египет.

Мртвото Море е навистина единствено во секој поглед. Нема да претераме ако кажеме дека тоа е најсоленото, најниското, најмртвото, а можеби и најлековитото море на светот. Тоа е едно од најинтересните мориња на нашата планета!

[Фуснота]

a Битуменот што се добива со преработка на нафтата се нарекува и асфалт. Меѓутоа, во многу јазици, зборот „асфалт“ се однесува на битумен помешан со минерални материи како што се песокот и чакалот, кој се користи за асфалтирање на патишта. Во оваа статија зборовите „битумен“ и „асфалт“ се користат наизменично за да се укаже на необработениот производ.

[Рамка/слика на страница 27]

СОЛТА ГИ СОЧУВАЛА

Историчарите тврдеа дека Мртвото Море на времето било прометен трговски пат. Ова неодамна беше потврдено со пронаоѓањето на две дрвени котви.

Овие котви беа пронајдени во близина на некогашното древно пристаниште Ен-Геди, од каде што се повлекува водата на Мртвото Море. Се проценува дека едната котва е стара околу 2.500 години, што значи дека тоа е најстарата котва која некогаш била пронајдена во областа околу Мртвото Море. Се смета дека втората е изработена пред околу 2.000 години со помош на најсовремената технологија што ја користеле Римјаните во тоа време.

Во обична морска вода, дрвените котви се распаѓаат, а металните не. Но, бидејќи Мртвото Море е заситено со сол и во него нема кислород, дрвото и прицврстените јажиња се сочувани во одлична состојба.

[Слика]

Дрвена котва изработена некаде помеѓу 7 и 5 век пр.н.е.

[Извор на слика]

Фотографија од © Israel Museum, со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority

[Слика на страница 26]

Водопади од врел извор

[Слика на страница 26]

Козорог (мажјак)

[Слика на страница 26]

Ем си читаш, ем си пливаш!

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели