Младите Прашуваат...
Зошто никогаш не ме викаат?
„На викендите изгледа дека сите, освен мене, убаво се забавуваат“ (Рене).
„Децата се собираат, се дружат, а мене не ме викаат“ (Џереми).
ВРЕМЕТО е супер, а ти немаш никакви планови. Но, сите други имаат. Сите твои другари се излезени и се забавуваат. И повторно тебе не те викнаа!
Самото тоа што нема да те викнат може навистина да боли, но уште повеќе боли кога ќе почнеш да размислуваш зошто не те викнале. ‚Можеби со мене нешто не е во ред‘, си велиш. ‚Зошто никој не сака да се дружи со мене?‘
Зошто боли
Желбата да бидеме прифатени и да бидеме дел од некоја група е сосема нормална. Ние подобро функционираме кога сме со други луѓе. Пред да ја создаде Ева, Јехова рекол за Адам: „Не е добро човекот да биде сам“ (1. Мојсеева 2:18). Очигледно е дека нам, како луѓе, ни се потребни луѓе — така сме создадени. И токму затоа толку боли кога другите не сакаат да се дружат со нас.
Особено е болно кога често ќе ти се случи да не те викнат некаде или кога другите ти оставаат чувство дека не си доволно добар за да се дружиш со нив. „Има некои групи што прават добри работи“, вели една девојка по име Мари, „но можеш да почувствуваш дека не те сметаат за доволно добар да бидеш во нивно друштво.“ Кога другите не те примаат во своето друштво, на крајот ќе почнеш да се чувствуваш отфрлен и осамен.
Понекогаш може да се чувствуваш осамен дури и кога има многу луѓе околу тебе. „Колку и да звучи чудно“, вели Никол, „се сеќавам дека на една забава се чувствував ужасно осамена. Мислам дека причината беше тоа што бев опкружена со многу луѓе, но никој од нив не ми беше близок.“ Некои се чувствуваат осамено дури и на христијанските собири и конгреси. „Изгледа како сите да се познаваат, а само јас не познавам никого!“ — вели Меган. И Марија размислува слично. Таа вели: „Имам чувство дека сум опкружена со пријатели, а, всушност, немам пријатели!“
Секој може да се почувствува осамен одвреме-навреме — дури и оние што важат за популарни или среќни. „И во смеа срцето може да чувствува болка“, вели една библиска изрека (Изреки 14:13). Кога осаменоста трае долго и притиска силно, човек може да се исцрпи. Во Библијата стои: „Болката во срцето го крши духот“. Во еден друг превод овој стих гласи: „Тагата во срцето, духот го потиштува“ (Изреки 15:13, Радосна Вест). Што можеш да направиш ако некогаш си потиштен затоа што другите не те викаат да излезеш со нив?
Бори се против осаменоста
За успешно да се бориш против осаменоста, обиди се со следниве чекори:
◼ Концентрирај се на своите добри страни (2. Коринќаните 11:6). Прашај се: ‚Кои се моите јаки страни?‘ Размисли какви таленти и добри особини имаш, и запиши ги овде.
․․․․․
Кога ќе се почувствуваш отфрлен, потсети се на своите јаки страни — како овие што ги запиша тука. Точно, си имаш и слаби страни на кои треба да работиш. Сепак, не дозволувај твоите маани да те скршат. Наместо тоа, продолжи да работиш на нив. Можеби не е сѐ како што треба, но има и работи што се во ред. Концентрирај се на тие работи!
◼ Биди отворен за нови пријателства (2. Коринќаните 6:11-13). Биди тој што го прави првиот чекор за да се запознаеш со нови луѓе. Точно, тоа не е баш лесно. „Кога ќе видиш некоја група луѓе, понекогаш просто те фаќа страв“, вели 19-годишната Лиз, „но, ако му пријдеш макар на еден од таа група и му речеш ‚здраво‘, веднаш стануваш дел од групата.“ (Види ја рамката „Како да започнеш разговор“.) Кога зборуваме за отфрлање, внимавај ти да не отфрлаш некого — на пример, постарите. Една тинејџерка по име Кори раскажува: „Кога имав 10-11 години, имав една пријателка која беше многу постара од мене. Бевме многу блиски, и покрај разликата во годините“.
Размисли кои двајца возрасни од твоето собрание би сакал да ги запознаеш подобро.
․․․․․
На следниот состанок, пријди му на едниот од двајцата што ги запиша овде. Почни муабет со него. Прашај го како се заинтересирал за Библијата. Колку повеќе се дружиш со „сите браќа“ толку помалку ќе се чувствуваш отфрлен и осамен (1. Петрово 2:17).
◼ Довери му се на некој возрасен (Изреки 17:17). Нема да се чувствуваш толку осамен ако им ги кажеш своите грижи на своите родители или на некој друг возрасен. Една 16-годишна девојка многу добро го сфатила тоа. Отпрвин, многу ѝ пречело тоа што другите не ја викале со нив. „Си го враќав филмот во главата и размислував зошто се чувствував отфрлена“, вели таа. „Но, потоа зборував со мајка ми, и таа ми даде совет како да излезам на крај со тој проблем. Многу помага кога ќе се искажеш!“
Ако некогаш чувствуваш потреба да разговараш со некого за осаменоста која веќе долго те мачи, со кого би можел да поразговараш?
․․․․․
◼ Размислувај за другите (1. Коринќаните 10:24). Библијата вели дека не треба ‚да се грижиме само за себе туку и за другите‘ (Филипјаните 2:4). Додуша, кога ти се чини дека си отфрлен, лесно може да те опфати чувство на потиштеност или тага. Меѓутоа, наместо сѐ подлабоко да тонеш во очај, направи нешто за некого кому му треба помош. Така можеби ќе склопиш и нови пријателства!
Размисли кому, можеби во твоето семејство или собрание, добро би му дошло твоето друштво или помош. Напиши го овде името на тоа лице и опиши како би можел да му помогнеш.
․․․․․
Кога размислуваш за другите, а не само за себе, и правиш нешто за нив, имаш помалку време да бидеш осамен. Тоа ќе ти помогне да гледаш попозитивно на работите, поради што другите повеќе ќе сакаат да се дружат со тебе. Во Изреки 11:25 се вели: „Кој обилно ги напојува другите, и самиот ќе биде обилно напоен“.
◼ Внимателно избирај (Изреки 13:20). Подобро е да имаш само неколку вистински пријатели кои те сакаат, отколку многу таканаречени пријатели кои можат да те вовлечат во неволја (1. Коринќаните 15:33). Размисли за младиот Самоил кој е спомнат во Библијата. Веројатно и тој бил осамен во светиот шатор. Заедно со него служеле Офни и Финес, кои поради своето лошо постапување не биле добро друштво, иако му биле синови на првосвештеникот. Да се трудел Самоил да биде како нив, тоа за него ќе било како духовно самоубиство. Но, Самоил не го сакал тоа! Библијата вели: „Момчето Самоил растеше и им стануваше сѐ помило и на Јехова и на луѓето“ (1. Самоилова 2:26). На кои луѓе? Па, се разбира не на Офни и Финес, кои можеби и го одбегнувале Самоил затоа што тој правел добри работи. Поради убавите особини што ги имал, Самоил им бил мил на оние што се држеле за Божјите мерила. Нам ни требаат баш такви пријатели — луѓе што го сакаат Јехова!
◼ Биди позитивен (Изреки 15:15). Секој се чувствува отфрлен одвреме-навреме — барем донекаде. Што може да помогне? Наместо во главата постојано да ти се вртат негативни мисли, труди се да гледаш позитивно на животот. Не заборавај, иако можеби не можеш да контролираш сѐ во својот живот, сепак можеш да се контролираш како ќе реагираш.
Кога се чувствуваш отфрлен, преземи некои позитивни чекори или за да ја смениш ситуацијата или барем да го смениш својот став кон таа ситуација. Исто така, имај на ум дека Јехова многу добро те познава, што значи дека знае што ти треба и како да ти ја задоволи таа потреба. Моли му се на Јехова секогаш кога ќе се почувствуваш осамен. Биди уверен дека „тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22).
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Што можам да направам кога се чувствувам отфрлен?
◼ Кои стихови ќе ми помогнат да имам исправно гледиште за себе наместо да се давам во негативни мисли?
[Рамка/слика на страница 12]
Како да започнеш разговор
◼ Насмевни се. Ако си срдечен, другите ќе сакаат да разговараат со тебе.
◼ Претстави се. Кажи како се викаш и од каде си.
◼ Поставувај прашања. Замоли го другиот да ти каже нешто за себе, но не биди премногу љубопитен и не навлегувај во лични работи.
◼ Слушај. Не размислувај што ќе кажеш понатаму. Пред сѐ слушај. Потоа, природно ќе ти дојде што да кажеш.
◼ Опушти се! Разговорот може да биде почеток на нови пријателства. Затоа, уживај во него!