Бразилските домородци на работ на изумирање?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
ВО БРАЗИЛСКАТА држава Мато Гросо се наоѓа Националниот парк Шингу, кој зафаќа површина од околу 27.000 квадратни километри — отприлика колку територијата на Македонија. Овој парк, во кој живеат околу 3.600 домородци од 14 етнички групи, на сателитските снимки изгледа како раззеленет остров среде една „огромна маса за билјард“. Околните шуми или се изгорени за да можат дрвосечачите да дојдат до дрвјата што имаат добра цена на пазарот или се претворени во пасишта за големите стада добиток.
Во 1960-тите, владата на Бразил почна да основа резервати за домородците. Повеќето од нив се сместени во Амазонскиот басен и моментално сочинуваат 12 отсто од вкупната територија на Бразил. Ваквиот потег на владата доведе до еден неочекуван пресврт — бројот на домородното население почна да расте, и тоа за првпат по 500 години! Се проценува дека моментално во Бразил живеат околу триста илјади домородци. Меѓутоа, овој број е далеку помал од бројот во 1500 год., кога, според проценките, имало од два до шест милиони домородци.
Според зборовите на еден писател, во последниве 500 години „дојде до страшна демографска катастрофа од огромни размери“. Зошто бројот на домородното население опаднал толку драстично? Дали тоа што во последниве години нивниот број почна да расте значи дека повеќе не им се заканува опасност од изумирање?
Како започнала колонизацијата
Во 1500 год., Бразил станал португалска колонија. Во првите 30 години од своето владеење, колонистите биле главно заинтересирани за варзиловото дрво — тврдо дрво од кое се добива црвена боја и по кое Бразил го добил своето име. Ова дрво било многу ценето во Европа, а Европејците го набавувале во замена за обични дрангулии.
Набрзо било утврдено дека климата во Бразил е многу погодна за одгледување на шеќерна трска. Но, шеќерната трска барала многу работа. Биле потребни сѐ повеќе робови, а доселениците не морале многу да се мачат за да ги најдат — домородци имало на секој чекор!
Како започнало ропството?
Земјоделието не им било главно занимање на домородците — саделе колку што им било потребно. Мажите биле ловци или рибари. Тие имале напорна задача да ги претвораат шумите во обработливо земјиште. Жените, пак, саделе, жнееле и готвеле. Европските интелектуалци зборувале пофално за овие племиња затоа што не трчале по богатство и не биле алчни. Но, многу доселеници ги сметале за обични безделници.
Срдечните домородци биле охрабрени да се преселат во близина на португалските населби за да ги штитат и да им работат на доселениците. Честопати, језуитите и другите верски редови играле важна улога во ваквото наговарање. Ни на крај памет не им паднало колку лошо ќе се одразат ваквите контакти врз домородците. Иако законот им гарантирал слобода и право на земјишен имот, во пракса тие биле принудени да им робуваат на доселениците. Речиси никогаш не добивале ни плата ни обработливо земјиште.
Обидите на португалската круна да го забрани ропството имале мал успех. Доселениците обично успевале да најдат дупки во законите против ропството. Повеќето сметале дека нема ништо лошо во тоа домородците, наводно непријатели запленети во една „праведна војна“, да бидат поробувани или продавани како робови. Домородците што ќе потпаднеле под ропство на некое друго племе, исто така можеле да се купат, т.е. „откупат“ и да служат како робови.
Работите се сведуваат на следново: Новата колонија им била привлечна на доселениците поради профитабилната шеќерна индустрија. Од друга страна, шеќерната индустрија зависела од работната сила на робовите. Според тоа, португалската круна честопати морала да си ја погази совеста за да ги наполни ризниците.
Борба за превласт — Португалија против Франција и Холандија
Во судирите меѓу колонијалните сили најчесто гинеле домородците. Французите и Холанѓаните сакале да го одземат Бразил од Португалија. И двете страни настојувале да ги придобијат на своја страна домородците, кои не можеле да сфатат дека колонизаторите не се заинтересирани за нив, туку за нивната земја. Напротив, тие сметале дека овие судири се шанса да им се одмаздат на своите непријатели — другите племиња — и затоа доброволно се вмешале во туѓите спорови.
На пример, на 10 ноември 1555 год., Николас де Вилгењон, еден француски благородник, пристигнал во заливот Гванабара (денешен Рио де Жанеиро), изградил тврдина и склучил сојуз со племето Тамојо. Португалците ги повеле со себе домородците од племето Тупинамба од Баија и во март 1560 год. ја нападнале оваа навидум неосвоива тврдина. Французите се повлекле, но продолжиле да тргуваат со племето Тамојо и да го подбуцнуваат против Португалците. По многу борби, племето Тамојо било поразено. Се вели дека само во една битка животот го изгубиле 10.000 лица од ова племе, а 20.000 станале робови.
Одвратни европски болести
Кога Португалците првпат дошле во Бразил, домородците биле многу здрави луѓе. Првите истражувачи мислеле дека мнозина од постарите имале и над сто години. Сепак, домородците не биле отпорни на болестите што дошле од Европа и Африка. Ова е веројатно најзначајната причина зошто се нашле на работ на изумирање.
Службените документи на Португалија сведочат за честата појава на страшни епидемии кои воделе до значително намалување на бројот на домородците. Во 1561 год., во Португалија избила епидемија на големи сипаници, која била пренесена и во нејзините колонии. Последиците биле ужасни. Во своето писмо од 12 мај 1563 год., језуитот Леонардо до Вале ги опишал ужасите од епидемијата што го зафатила Бразил: „Оваа форма на големи сипаници е крајно одвратна и предизвикува неподнослива смрдеа што се шири од [болните]. Од таа причина, мнозина умреа без да им се укаже каква и да била помош. Во раните од сипаниците им се собираа црви кои им го јадеа телото. Ги имаше толку многу и беа толку големи што им се згрозуваше на сите што ќе ги видеа“.
Мешаните бракови — шок за језуитите
Уште една причина зошто многу племиња исчезнале биле мешаните бракови. „Ниту Португалците, ниту домородците од Бразил немале ништо против мешани бракови“, стои во книгата Црвеното злато — победа над домородците во Бразил (Red Gold—The Conquest of the Brazilian Indians). Во знак на гостопримство, домородците им нуделе жени на туѓинците, а честопати ги нуделе дури и своите ќерки. Кога првите језуити пристигнале во Бразил во 1549 год., биле запрепастени од она што го виделе. „[Свештениците] јавно ги поучуваат мажите дека нема ништо погрешно во тоа да живеат невенчано со староседелските жени“, се жалел језуитот Мануел да Нубрега. „Доморотките [нивните робинки] им се невенчани жени на доселениците.“ Еден човек го известил кралот на Португалија дека некој португалски доселеник ‚имал толку многу деца, внуци, правнуци и потомци што не би се осмелил пред Неговото Височество да каже колку‘.
До средината на 17 век, домородците кои некогаш живееле во голем број во крајбрежните долини на Бразил изумреле, биле поробени или претопени преку мешани бракови. Наскоро, и племињата од Амазонија ги снашло истото.
По пристигнувањето на Португалците во оваа област, започнала необуздана „ловна сезона“ на жителите во долниот дел од течението на Амазон. Според Мануел Тејшејра, бискупски намесник во Марањан, за само неколку децении Португалците убиле речиси два милиона домородци во Марањан и Пара! Иако оваа бројка можеби е преувеличување, крвопролевањето и страдањето не се. Не поминале подобро ни племињата во горниот дел од течението на Амазон. До средината на 18 век, домородците од цела Амазонија, со исклучок на неколку непристапни делови, биле речиси истребени.
Кон крајот на 19 и во текот на 20 век, многу зафрлени предели во Амазонија доживеале напредок. Како резултат на тоа, белците повторно дошле во контакт со изолираните племиња што опстанале. Во 1839 год., Чарлс Гудјиар го открил процесот на вулканизација на гумата, по што почнале да се произведуваат гумените тркала. Овие откритија ја предизвикале „каучуковата треска“. Трговците нагрнале во Амазонија, која била единствен извор на природен каучук. Овој период е обележан со експлоатација на домородците, што довело до уште поголемо опаѓање на нивниот број.
Домородците во 20 век
Дел од планот за интеграција што во 1970 год. го изготви владата на Бразил беше и изградбата на патишта кои ќе ги поврзуваат зафрлените места во Амазонија. Многу од овие патишта минуваат низ населбите на домородците, поради што тие се изложени на напади од страна на трагачите по скапоцености и на смртоносни болести.
Пример за тоа е племето Панара, кое поради војните и ропството во 18 и 19 век значително се намалило. Еден мал остаток се упатил кон северозапад, навлегувајќи длабоко во шумите во северниот дел од Мато Гросо. Потоа низ нивните населби бил изграден автопатот Кујаба-Сантарем.
Контактот со белците остави страшни последици. Од ова некогаш бројно племе, во 1975 год. останаа само 80 души. Племето Панара беше преселено во Националниот парк Шингу, каде што напразно се обидуваше да пронајде средина што ќе наликува на шумите во кои отсекогаш живеело. Затоа, целото племе одлучило да се врати во својата татковина. На 1 ноември 1996 год., министерот за правда на Бразил донесе одлука едно земјиште со површина од 495.000 хектари да премине во „трајна сопственост на домородците“. Се чини дека ова помогна да не исчезнат.
Се наѕира ли посветла иднина?
Дали резерватите ќе го спречат изумирањето на другите племиња? Моментално, постојат многу слаби шанси да дојде до изумирање на домородците во Бразил. Меѓутоа, земјата каде што живеат содржи скапоцени природни богатства. Се проценува дека потповршинскиот слој на почвата во областа што опфаќа девет држави во северниот и централниот дел од западен Бразил, позната како Законска Амазонија, е богат со минерали — злато, платина, дијаманти, железо и олово — кои вредат отприлика 750 милијарди евра. Околу 98 отсто од населбите на домородците се наоѓаат токму во оваа област. Во некои од нив веќе се врши незаконско копање по скапоцености.
Историјата покажува дека соработката со белците секогаш била на штета на домородците. Во замена за огледала давале злато, во замена за дрангулии давале стебла од варзилово дрво и морале да бегаат во непристапните делови од шумите за да не станат робови. Дали историјата ќе се повтори?
Многу домородци научиле како да ги користат благодетите на технологијата, како што се авионите, моторните чамци и мобилните телефони. Но, само времето ќе покаже дали ќе се снајдат со промените што ги носи 21 век.
[Карта на страница 15]
(Види во публикацијата)
■ Националниот парк Шингу
□ Резервати на домородците
БРАЗИЛ
БРАЗИЛИЈА
Рио де Жанеиро
ФРАНЦУСКА ГВАЈАНА
СУРИНАМ
ГВАЈАНА
ВЕНЕЦУЕЛА
КОЛУМБИЈА
ЕКВАДОР
ПЕРУ
БОЛИВИЈА
ПАРАГВАЈ
УРУГВАЈ
[Слика на страница 15]
Трговците ги експлоатирале домородците користејќи ги како робови на своите плантажи со каучуково дрво
[Извор на слика]
© Jacques Jangoux/Peter Arnold, Inc.
[Извор на слика на страница 12]
Цртеж и мотив: од книгата Бразил и Бразилците (Brazil and the Brazilians), издание од 1857 год.