Драматичната историја на „земјата на контрастите“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
НАРЕЧЕНА е „земја на контрастите“ — и тоа со добра причина. Иако Бразил е главно тропска земја, неговата клима варира од суптропска на југот до екваторска во областа на Амазон. И историјата на Бразил е одбележана со контрасти. Низ годините, оваа пространа земја — која опфаќа површина од 8.511.999 квадратни километри и крајбрежје од 7.400 километри — стана дом на луѓе од повеќе различни култури.
Гостољубивоста била една од првите одлики што ги забележале Португалците кога пристигнале во Бразил пред 500 години. Всушност, кога му пишувал на португалскиот цар Мануел I во 1500 година, Перо Ваз де Камиња ги опишал бразилските староседелци кои слободно се мешале со посетителите од Португалија и ги прегрнувале. Но, што правеле Португалците во Бразил?
На 9 март 1500 година, Педру Алвариш Кабрал испловил од Португалија со цела флота бродови. Тој имал намера да основа трговска постојка во Каликут (Индија). Меѓутоа, пред да пристигне на своето одредиште, Кабрал се истоварил на брегот на денешната бразилска држава Баија. Било 23 април, 1500 година.
Некои истражувачи велат дека Португалците веќе знаеле за постоењето на Бразил и дека Кабрал не застанал таму случајно.a Како и да е, изгледало дека единствената стока што можел да ја понуди Бразил било бразилското дрво, кое е познато по својата темно црвена боја. Иако ова дрво имало очигледен потенцијал, индиските зачини вределе многу повеќе.
Така Португалија му го изнајмила Бразил на португалецот Фернанду де Нороња, кој собирал бразилско дрво и ѝ плаќал даноци на Португалската круна. Но, и други европски земји сакале да ја прошират својата трговија со Новиот свет и затоа Нороња бил немоќен да ја спречи сѐ поголемата илегална трговија што ја воделе морепловците од Франција, Англија и Шпанија. Плашејќи се дека би можеле да го изгубат Бразил, Португалците почнале со колонизација во 1532. Производството на шеќер станало првиот профитен бизнис на Бразил.
Копањето злато и дијаманти станало успешен бизнис во текот на 18 век. Во почетокот на 19 век, производството на латекс од каучуковото дрво станало важна економска дејност во пределот на Амазон.b Подоцна, одгледувањето кафе играло улога во урбанизирањето на Бразил, обезбедувајќи финансии за изградбата на железнички пруги и модернизацијата на пристаништата Сантос и Рио де Жанеиро. На крајот на 19 век, половина од светското производство на кафе доаѓало од Бразил, а Сан Пауло бил главниот економски центар на Бразил.
За жал, и ропството играло улога во историјата на Бразил. Во почетокот, португалските доселеници ги користеле Индијанците за сечење и транспортирање на бразилското дрво. Подоцна, Индијанците работеле на плантажите за шеќерна трска. За жал, голем број староседелци се разболеле од европските болести и умреле. Како замена за овие работници, Португалија носела робови од Африка.
Во текот на годините, милиони Африканци биле однесени во Бразил како робови, а тие со себе ја донеле својата култура и генетско наследство. Тоа влијание може да се види во популарната музика како што е самбата, во капоејрата (систем на борење) и во храната како што е фежуаду, што се прави со црн грав варен со свинско месо, колбаси и суво месо. Конечно, во 1888, во Бразил било укинато ропството. Околу 750.000 луѓе — од кои повеќето работеле на плантажите — биле ослободени.
Почнувајќи од 19 век, милиони странци почнале масовно да доаѓаат во Бразил, вклучувајќи Германци, Италијанци, Полјаци и Шпанци, како и луѓе со швајцарско и сириско-либанско потекло. Убаво е да се живее во Бразил. Неговиот растителен и животински свет е многу богат. Општо земено, во Бразил нема природни катастрофи. Нема војни, земјотреси, вулкани, циклони или плимни бранови. Затоа, зошто не го запознаете Бразил посетувајќи некои од неговите познати знаменитости? Ќе уживате во истата гостољубивост и природни убавини кои ги импресионирале Португалците пред 500 години.
[Фусноти]
a Кога Португалците и Шпанците ja потпишале Спогодбата на Тордесиљас во 1494, тие ја поделиле земјата западно од Јужниот Атлантик. Затоа некои велат дека Кабрал тргнал да ја освои земјата која веќе била одредена за Португалија.
b Види го српското издание на Разбудете се! од 22 мај 1997, страници 14—17.
[Карта/слики на страници 18 и 19]
(Види во публикацијата)
ПРЕДЕЛОТ НА АМАЗОН
ДРЖАВАТА БАИЈА
Бразилија
Рио де Жанеиро
Сан Пауло
Сантос
Водопадите Игуасу
[Слики]
1. Педру Алвариш Кабрал
2. Спогодбата на Тордесиљас, 1494
3. Пренесувачи на кафе
4. Водопадите Игуасу, гледани од бразилската страна
5. Ипишуна Индијанец
[Извори на слики]
Culver Pictures
Со љубезна дозвола на Archivo General de Indias, Sevilla, Spain
Од книгата Brazil and the Brazilians (Бразил и Бразилците), 1857
ФОТОГРАФИЈА: MOURA
[Слики на страница 20]
1. Во Бразил има многу пуми
2. Орхидеи во амазонската џунгла
3. Традиционална облека на Салвадор (Баија)
4. Црвен папагал
5. Плажата Копакабана, во Рио де Жанеиро. Бразил има прекрасно крајбрежје од преку 7.000 километри
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на зоолошката градина во Сан Пауло
[Слика на страница 21]
Бразилија — главен град на Бразил од 1960
[Слика на страница 21]
Сан Пауло — економски центар на Бразил
[Извор на слика]
ФОТОГРАФИЈА: MOURA
[Извор на слика на страница 18]
© 1996 Visual Language