Јеховините сведоци ширум светот — Бразил
БРАЗИЛ е огромна земја по многу нешта. Како по површина, така и по број на жители, таа е петта по големина во светот. Бразил ја опфаќа скоро половината од површината на Јужна Америка и е дом на повеќе луѓе отколку сите други земји на континетот заедно. Во Бразил се наоѓа и најголемата површина со дождовна шума во светот. Низ таа шума тече најмоќната река на Земјата — Амазон.
Бразил е огромен и во друг поглед. Бројот на објавителите на добрата вест за Божјето Царство, во оваа земја се приближува кон 400.000, а минатата година на Споменот на Христовата смрт присуствуваа повеќе од 1.000.000 лица. Затоа, оваа земја особено се истакнува што се однесува до делото на проповедање на Царството. Некои недамнешни искуства го илустрираат ова.
Служење каде што потребата е поголема
Антонио и неговата сопруга ја донеле тешката одлука да ги напуштат своите роднини, како и сигурната и добро платена работа во Сан Паоло за да служат таму каде што потребата од објавители на Царството е поголема, во покраината Минас Жераис. Нивното подрачје опфаќало една колонија работници кои работеле во рафинеријата за шеќер. Првиот ден кога сведочеле таму, започнале девет библиски студии. За 18 месеци, воделе повеќе од 40 студии!
Отпрвин, состаноците биле одржувани во самата рафинерија. Меѓутоа, новите објавители сакале да видат вистинска Сала на Царството. Така, бил изнајмен еден автобус за да превезе 75 лица до најблиското собрание. Потоа следел конгрес; 45 од новите библиски ученици присуствувале и биле интервјуирани. Во таа прилика, петнаесет од нив биле крстени. Излишно е да се каже дека потекле многу солзи радосници!
Истата автобуска компанија била користена за слични патувања, а службениците им дале посебен попуст. Во знак на благодарност, Антонио му предложил библиска студија на сопственикот на автобуската компанија. Тој се согласил уште истата вечер да почне да ја проучува Библијата и, после неколку месеци вредно проучување, бил крстен. Во почетокот, неговата сопруга се противела на студијата, но со текот на времето нејзиниот став омекнал. Денес и таа е крстен Сведок на Јехова.
Во февруари 1992 било формирано едно собрание од 22 активни објавители. До 1994 овој број се зголемил на 42, со 4 општи пионери, односно полновремени проповедници на добрата вест. Како резултат на тоа, Антонио заклучил: „Жена ми и јас се уверивме дека ако го ‚испитаме Јехова‘, како што наведува Малахија 3:10, тој ќе ‚излие благослов на нас, па да имаме и на претек‘“.
Нудење на библиска литература
Веројатно, уште една причина зошто делото на проповедање во Бразил прави толку гигантски чекори е тоа што Сведоците нудат библиска литература во секоја прилика. На пример, едно собрание пишало до подружницата на Друштвото Стражарска кула, барајќи 250 примероци од книгата Questions Young People Ask—Answers That Work (Младите прашуваат — Делотворни одговори). Зошто толку голема нарачка?
Писмото објаснило: ‚Едно од училиштата во градот решило да ја употребува оваа книга како материјал за поучување во едно од одделенијата. Одлуката на школската управа се должи на неформалното сведочење од страна на родителите на учениците кои се Јеховини сведоци и од страна на еден од училишните надзорници. Јехова нека продолжи да ги благословува своите слуги додека даваат добра поука со оваа книга‘. Да, и нека продолжи да го благословува добриот напредок на делото на проповедање на Царството во огромната земја Бразил.
[Рамка на страница 8]
ИЗВЕШТАЈ ОД ЗЕМЈАТА
за 1994 службена година
НАЈВИСОК БРОЈ НА ОБЈАВИТЕЛИ: 385.099
ОДНОС: 1 Сведок на 404
ПРИСУТНИ НА СПОМЕНОТ: 1.018.210
ПРОСЕЧЕН БРОЈ НА ПИОНЕРИ: 38.348
ПРОСЕК НА БИБЛИСКИ СТУДИИ: 461.343
БРОЈ НА КРСТЕНИ: 24.634
БРОЈ НА СОБРАНИЈА: 5.928
ПОДРУЖНИЦА: ЦЕЗАРИО ЛАНЖЕ
[Слика на страница 9]
Автомобил со разглас во Сан Паоло, околу 1940 година
[Слика на страница 9]
Сведочење во Ботаничката градина во Рио де Жанеиро
[Слика на страница 9]
Подружницата во Цезарио Ланже