Разноликиот жив свет во горниот тек на Амазон
ОД ПОДНОЖЈЕТО на Андите во Перу, една зелена прекривка се распостила 2.300 километри кон исток низ цела Јужна Америка сѐ до сините води на Атлантскиот Океан.
Делот од оваа џунгла што се наоѓа во Перу, односно перуанскиот дел на Амазон, зафаќа речиси 60 отсто од оваа земја. Иако во неа живее многу мал дел од целокупното население во Перу, изобилниот растителен и животински свет наоѓа заштита под сводот од гранки висок 35 метри. Всушност, Амазон се смета за една од најбогатите еколошки ризници на Земјата. Преку 3.000 видови пеперутки павкаат со своите крилца низ спарниот воздух. Околу 4.000 видови орхидеи го покажуваат сиот раскош на своите прекрасни цветови. Повеќе од 90 видови змии демнат во гранките и лазат по шумското тло. А се проценува дека низ реките и потоците пливаат околу 2.500 видови риби, меѓу кои има електрични јагули и пирани.
Најголем воден тек во оваа област е моќната река Амазон. Во некои делови од шумата, годишно паѓаат од 2,5 до 3 метри дожд, поради што Амазон и нејзините 1.100 притоки се излеваат во шумата. Топлината и влагата заедно создаваат идеални услови за растенијата. Неверојатно е колку бујна вегетација вирее на оваа глинеста почва, која се смета за една од најнеплодните на светот и непогодна за трајно одгледување на растенија.
Древните корени на Амазонците
Кој би одбрал да живее на едно вакво место? Археолозите сметаат дека во минатите векови амазонскиот басен бил дом на милиони луѓе. Се проценува дека моментално во амазонската област на Перу има околу 300.000 жители поделени во повеќе од 40 етнички групи. Се смета и дека 14 од овие групи на староседелци денес живеат сосема изолирано од останатиот дел од светот. Откако за кратко време биле изложени на „цивилизираното“ општество, овие племиња се повлекле во најдлабоките делови на шумата надевајќи се дека со тоа ќе избегнат секаков понатамошен контакт.
Кога се доселиле тука овие жители на џунглата и од каде дошле? Стручњаците претпоставуваат дека, со векови пред нашата ера, првите доселеници дошле од север. Народот Хиваро (познат по тоа што им ги смалувал главите на убиените непријатели) дошол од Карибите, а Аравак од Венецуела. Се смета дека другите племиња дошле од Бразил на исток и од Парагвај на југ.
Откако основале населби, повеќето од овие родовски заедници талкале во границите на одредено подрачје за да ловат и да берат диви плодови. Покрај тоа, одгледувале и неколку земјоделски култури кои виреат во киселкавата почва, како што се маниоката, лутите пиперчиња, бананите и пченката. Шпанските летописци забележале дека некои од народите биле добро организирани, ја собирале храната во амбари и развиле методи за одгледување на диви животни.
Судир на култури
Во текот на 16 и 17 век, шпанските конквистадори ја нападнале Амазонија. По нив дошле језуитските и францисканските мисионери, кои биле решени да ги преобратат домородците во католици. Овие мисионери направиле извонредни карти со што ѝ отвориле на Европа пат кон Амазон. Но, мисионерите отвориле пат и за болести и пустошења.
На пример, во 1638 год., на подрачјето на денешната провинција Мајнас била основана мисионерска населба. Мисионерите ги собрале домородците дури и од завојуваните племиња и ги присилиле да живеат во заедница. Која била нивната „благородна“ цел? Бидејќи домородците биле сметани за неуки и луѓе од втор ред, биле присилувани да работат за мисионерите и конквистадорите. Поради блискиот контакт со Европејците, илјадници домородци умреле од мали и големи сипаници, дифтерија и лепра, а уште неколку илјади умреле од глад.
Многу Индијанци побегнале од мисиите што ги основале различни верски редови, а десетици мисионери биле убиени во бунтови. Всушност, во еден период, во првите децении од 19 век, во Амазонија останал само еден свештеник.
Како живеат денес
Многу домородци и понатаму се држат за својата традиција. На пример, куќите ги прават на традиционален начин — прават рамка од дрвени столбови исечени од шумата покриена со палмови лисја и со други растенија. Бидејќи овие куќи се поставени на колци, годишните поплави и дивите животни ретко претставуваат закана.
Припадниците на племињата се украсуваат на најразлични начини. Мажите и жените што живеат длабоко во џунглата се препашани со платно околу слабините или носат кратки ткаени сукњи, а децата одат голи. Оние што почесто се во контакт со надворешниот свет носат облека во западен стил. Некои домородци ги бушат носот и ушите и ги украсуваат со алки, стапчиња, коски или перја. Други, како на пример племето Мајоруна, ги бушат и ставаат украси и на образите. Некои припадници на племињата Тукана и Хиваро дури си ги стругаат забите. Многу поединци од различните племиња ги отстрануваат влакната од телото и се тетовираат.
Жителите на Амазон познаваат илјадници различни билки, а шумата ја користат како домашна аптека. Во неа наоѓаат лек против каснување од змија, дизентерија, кожни заболувања и многу други болести. Долго пред западниот свет да ја открие гумата, Амазонците ја користеле течноста од каучуковото дрво како изолација за кошниците со кои работеле и за да направат гумени топки за разни игри. Шумата обезбедува и материјали неопходни за превоз и комуникација на голема оддалеченост. На пример, мажите ги сечат дрвјата и од нив прават кануа со кои пловат низ реките, а дебелите трупци ги длабат и од нив прават тапани со кои даваат сигнални пораки што можат да се чујат на голема оддалеченост!
Влијанието на шаманите и суеверието
Жителите на Амазон веруваат дека џунглата е полна со души кои лутаат ноќе, духови кои предизвикуваат болести и богови кои демнат во реките чекајќи некоја невнимателна жртва. Да го земеме за пример племето Агуаруна, едно од најголемите племиња во Перу. Тие обожаваат пет различни богови: „Таткото Воин“, „Таткото Вода“, „Мајката Земја“, „Таткото Сонце“ и „Таткото шаман“. Многумина веруваат дека луѓето се преобразуваат во растенија и во животни. Од страв да не ги навредат духовните суштества, домородците не убиваат извесни животни, а другите ги ловат само кога тоа е неопходно.
Нивните верски и општествени поглавари се шаманите, т.е. лекарите, кои користат халуциногени билки за да паднат во транс. Некои селани им се обраќаат за да бидат излечени, да дознаат дали ќе имаат добар лов, дали сеидбата ќе даде род и други настани во иднината.
На работ на истребување?
Светот на Амазонците сѐ повеќе се стеснува. Шумите се сечат за да се изградат нови автопати. Џунглата се уништува за да се подигнат фарми и да се расчисти земјиште за одгледување кока. Нелегалното сечење на дрвјата соголува големи површини од шумите, дневно се уништува површина отприлика колку 1.200 фудбалски игралишта! Страдаат дури и водните текови, бидејќи легалното рударство и илегалното производство на кокаин ги загадуваат притоките што се влеваат во Амазон.
Без сомнение, и изолираните племиња во Амазонија ги чувствуваат последиците од овие „особено тешки времиња“, како што се наречени во Библијата (2. Тимотеј 3:1-5). Дали Амазон е осуден на целосно уништување? Библијата нѐ уверува дека тоа нема да се случи. Под Божјето Царство, целата Земја ќе се преобрази во рај, како што била и намерата на нашиот Творец (Исаија 35:1, 2; 2. Петрово 3:13).
[Слика на страница 16]
Реката Амазон
[Слика на страница 17]
Племето Агуаруна обожава пет различни богови
[Слика на страница 17]
Жени од племето Ламас
[Слика на страници 18 и 19]
Домородец од Амазон со својата цевка со стрелички
[Извор на слика]
© Renzo Uccelli/PromPerú
[Слика на страница 18]
Типична селска куќа
[Слика на страница 19]
Секој ден нелегално се сече шума со површина од 1.200 фудбалски игралишта
[Извор на слика]
© José Enrique Molina/age fotostock
[Извор на слика на страница 16]
© Alfredo Maiquez/age fotostock
[Извори на слики на страница 17]
Горе: © Terra Incógnita/PromPerú; долу: © Walter Silvera/PromPerú