ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 1/08 стр. 11-14
  • Како едно рибарско село стана метропола

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Како едно рибарско село стана метропола
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Од рибарско селце до град на шогуните
  • Сметалка наместо меч
  • Едо станува Токио
  • Се издига од пепелта
  • Ставот на жителите — причина за постојаниот напредок
  • Од обожавање на императорот до вистинското обожавање
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Атомската бомба „го ослободи“ татко ми од затвор
    Разбудете се! 1995
  • Ќе има ли свет без предрасуди?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
Разбудете се! 2008
g 1/08 стр. 11-14

Како едно рибарско село стана метропола

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА

ЕДЕН убав летен ден во август 1590 год., Јејасу Токугава (десно), кој подоцна станал прв шогунa од династијата Токугава, пристигнал во рибарското село Едо во источна Јапонија. Според книгата Градот на шогуните — историја на Токио (The Shogun’s City—A History of Tokyo), во тоа време „Едо го сочинувале само неколку стотици трошни куќарки во кои живееле селаните и рибарите“. Во близина се наоѓала една запуштена тврдина стара повеќе од еден век.

Ова селце, кое со векови било зафрлено место, прерасна не само во главен град на Јапонија, туку и во прометна метропола со повеќе од 12 милиони жители. Токио е главен центар на технологијата, телекомуникациските системи, транспортот и трговијата, и во него се наоѓаат седиштата на познати финансиски организации. Како дојде до ваква драстична промена?

Од рибарско селце до град на шогуните

Цел век по Онинската војна (граѓански немири што избувнале во 1467 год.), завојуваните феудалци ја цепкале Јапонија на многу феуди. На крајот, во 1585 год., царски намесник станал Хидејоши Тојотоми, феудалец со скромно потекло кој повторно делумно ја обединил земјата. Во почетокот Јејасу се борел против моќниот Хидејоши, но подоцна склучил сојуз со него. Заедно го опсадиле и го освоиле замокот кај Одавара, упориште на моќното племе Хоџо, и на тој начин завладеале со јапонскиот источен регион Канто.

Хидејоши му го дал на Јејасу големото подрачје од осум провинции во Канто, кое претходно му припаѓало главно на племето Хоџо, и со тоа го поместил подрачјето над кое владеел Јејасу кон исток. Ова најверојатно била добро осмислена стратегија за да го задржи Јејасу што подалеку од Кјото, каде што живеел императорот, т.е. формалниот владетел на Јапонија. И покрај тоа, Јејасу се согласил и отишол во Едо, како што беше спомнато на почетокот. Тој планирал да го преобрази ова безначајно рибарско село во главен град на подрачјето со кое владеел.

По смртта на Хидејоши, Јејасу ги повел сојузничките војски, главно од источна Јапонија, во борба против западните војски и, во 1600 год. извојувал победа за само еден ден. Во 1603 год., тој бил поставен за шогун со што станал вистински владетел на земјата, а Едо станал нов административен центар на Јапонија.

Јејасу им наредил на феудалците да обезбедат работна рака и материјали за да се изгради еден огромен замок. Во една прилика биле ангажирани околу 3.000 бродови за да се пренесат големите парчиња гранит изделкани од карпите во Изу-ханто кои се наоѓале на оддалеченост од стотина километри кон југ. За да бидат пренесени на градилиштето, група од стотина мажи требало да ги влече овие парчиња од пристаништето каде што биле истоварени.

Изградбата на замокот, кој бил многу поголем од кој и да е друг замок во Јапонија и кој служел како впечатлив симбол на моќта на династијата Токугава, траела уште 50 години, сѐ до времето на третиот шогун. Оние самураи, т.е. војници, што им служеле на шогуните, живееле во близина на замокот. Шогунот барал од феудалците да се грижат не само за замоците во областа под нивна надлежност, туку и за дворците во Едо.

За да ги задоволат потребите на самураите, сѐ повеќе трговци и занаетчии од целата земја почнале да се доселуваат во Едо. Во 1695 год. — отприлика еден век откако Јејасу дошол во ова место — овој град имал еден милион жители! Во тоа време, Едо бил најголем град во светот.

Сметалка наместо меч

Бидејќи под власта на шогуните во земјата завладеал мир, за самураите имало сѐ помалку работа. Се разбира, тие сѐ уште се гордееле со својата професија, но мечот полека почнал да ѝ отстапува место на сметалката — рачна направа за сметање, популарна на Далечниот Исток. Овој период на мир траел повеќе од 250 години. Општо земено, граѓаните, а особено трговците, се збогатиле и станале понезависни од порано. Се развила една посебна култура.

Луѓето уживале во познатите историски драми наречени кабуки, во куклените театри (бунраку) и во комично раскажување (ракуго). За време на жешките летни вечери, се собирале на бреговите на студената река Сумида, на која лежел Едо. Доаѓале и за да гледаат огномет — традиција што е популарна до ден-денес.

Сепак, Едо останал непознат град за останатиот свет. Повеќе од 200 години, населението не смеело да има никакви контакти со странците освен со Холанѓаните, Кинезите и Корејците — но и тие контакти биле многу ограничени. Но, еден ненадеен пресврт на настаните му го сменил животот на населението, не само во овој град туку и во целата земја.

Едо станува Токио

Во близина на Едо ненадејно се појавиле чудни бродови што исфрлале чад. Стаписаните рибари мислеле дека тоа се вулкани што пловат! Бидејќи низ Едо се рашириле страшни гласини, луѓето почнале масовно да го напуштаат градот.

Под водство на комодорот Метју К. Пери, капетан на американската воена морнарица, оваа флота од четири бродови се укотвила во Токискиот Залив на 8 јули 1853 год. (лево). Пери побарал од властите дозвола за слободна трговија меѓу Јапонија и неговата земја. Од посетата на Пери, Јапонците сфатиле колку заостанале зад другите земји во однос на технологијата и вооружувањето.

Од тоа произлегла една низа настани што довеле до соборување на режимот на шогуните од династијата Токугава и до обнова на царството. Во 1868 год., Едо го добил името Токио, што значи „источна престолнина“ — име што укажува на неговата местоположба во однос на Кјото. Од палатата во Кјото, императорот се преселил во замокот во Едо, кој подоцна бил преуреден и служел како нова царска палата.

Под влијание на западната култура, новата влада спровела реформи за модернизација на Јапонија, што било прилично голем потфат. Според некои, овој период бил време на чуда. Во 1869 год. била воспоставена телеграфска врска меѓу Токио и Јокохама. Потоа била поставена првата железничка пруга со која биле поврзани овие два града. Одеднаш, меѓу дрвените куќи почнале да никнуваат и згради од цигли. Биле изградени банки, хотели, стоковни куќи и ресторани. Биле отворени првите факултети. Поплочените улици ги замениле земјените патишта. Низ реката Сумида почнале да пловат пароброди.

Се сменил дури и изгледот на луѓето. Иако повеќето сѐ уште носеле традиционално кимоно, сѐ повеќе Јапонци почнале да се дотеруваат по западна мода. Мажите пуштале мустаќи, носеле капи и се шетале со бастуни, а некои жени почнале да се облекуваат во елегантни фустани и научиле да играат валцери.

Пивото било прифатено како омилен пијалак покрај сакето, а бејзболот станал речиси исто толку популарен спорт колку и сумо борењето. Како еден џиновски сунѓер, Токио ги впивал културните и политичките идеи што биле популарни во тоа време, и тие станале дел од неговото секојдневие. Градот продолжил непрестајно да се шири — сѐ додека еден ден не бил погоден од катастрофа.

Се издига од пепелта

На 1 септември 1923 год., многумина си правеле ручек во моментот кога дошло до силен земјотрес во регионот Канто. Тој бил проследен со стотици помали потреси, меѓу кои и еден силен земјотрес кој уследил 24 часа подоцна. Земјотресот причинил голема штета, но пожарите кои ги предизвикал биле уште поразорни бидејќи поголемиот дел од Токио изгорел до темел. Од вкупно 100.000 жртви, 60.000 настрадале во овој град.

Жителите на Токио ги чекало многу работа бидејќи требало да го обноват градот. Но, откако делумно го поправиле, во текот на Втората светска војна врз градот биле извршени неколку воздушни напади. Се проценува дека при ноќниот напад на 9/10 март 1945 год., кој предизвикал значителна штета и траел од полноќ до три часот наутро, биле фрлени 700.000 бомби. Дел од нив биле напалм-бомби, а дел запаливи бомби што содржат магнезиум и желиран бензин. Бидејќи паѓале главно врз дрвени објекти, настанал голем пожар во пренаселениот дел од центарот на градот во кој загинале повеќе од 77.000 лица. Тоа било најразорното бомбардирање со ненуклеарно оружје што некогаш е извршено.

По војната, Токио успеа да закрепне од големите пожари и да застане на здрави нозе како ниеден друг град. За помалку од 20 години, градот беше обновен до тој степен што во 1964 год. во него се одржаа Летните олимписки игри. Во последниве четири децении, оваа бетонска џунгла непрестајно расте не само хоризонтално туку и вертикално.

Ставот на жителите — причина за постојаниот напредок

Градот што денес е познат како Токио постои веќе 400 години, па сепак, воопшто не е стар во споредба со другите поголеми градови во светот. Иако некои делови од него сѐ уште потсетуваат на минатото, повеќето згради се нови. Меѓутоа, ако го проанализирате урбанистичкиот план на градот, ќе откриете дека Токио е граден по моделот на древниот Едо.

Во центарот на оваа метропола има огромна парцела со зеленило. Царската палата и околното земјиште си стојат на истото место на кое бил изграден и првобитниот замок во Едо. Главните патишта што водат кон излезот на градот се шират од ова место како нишки од пајакова мрежа, што било случај и со поранешниот Едо. Истата сличност може да се забележи и во однос на неорганизираниот распоред на улиците кои личат на лавиринт. Всушност, повеќето улици немаат дури ни име! За разлика од другите големи градови во светот, наместо да бидат правоаголни, деловите на кои е поделен Токио имаат најразлична форма и големина.

Но, она што никогаш не се променило е ставот на жителите на Токио — спремноста да прифатат нови, а особено туѓи идеи, како и нивната непоколеблива решеност да продолжат напред и покрај земјотресите, долготрајната економска стагнација и проблемите поврзани со пренаселеноста. Поканет си да дојдеш и самиот да го почувствуваш ведриот дух на жителите на Токио — градот кој од безначајно рибарско селце прерасна во познат светски центар.

[Фуснота]

a „Шогун“ била наследна титула што му припаѓала на заповедникот на јапонската војска кој формално му бил подреден на императорот но, всушност, имал апсолутна власт.

[Карта на страница 11]

(Види во публикацијата)

ЈАПОНИЈА

ТОКИО (Едо)

Јокохама

Кјото

Осака

[Слика на страници 12 и 13]

Токио денес

[Извор на слика]

Ken Usami/photodisc/age fotostock

[Извор на слика на страница 11]

© The Bridgeman Art Library

[Извор на слика на страница 13]

The Mainichi Newspapers

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели