Можеш да го подобриш памтењето!
„Памтењето ни го збогатува животот. Без него не би знаеле што е минато, а што иднина, и не би можеле да се препознаеме себеси во огледало. Не би поседувале искуство, не би учеле од минатото и не би ја очекувале иднината“ („ТАЈНИТЕ НА УМОТ“, на англиски)
ЗОШТО некои птици можат со месеци да памтат каде оставиле семки за в зима и верверичките знаат каде ги закопале своите лешници, а ние забораваме каде сме ги оставиле клучевите пред еден час? Има многу луѓе што се жалат на слабо памтење. Сепак, иако е несовршен, човечкиот мозок има неверојатен капацитет да учи и да помни. Тајната лежи во целосното користење!
Огромен потенцијал
Човечкиот мозок тежи околу 1,5 килограм, но содржи околу 100 милијарди неврони, т.е. нервни клетки поврзани во една неверојатно сложена мрежа. Само еден неврон може да биде поврзан со 100.000 други. Овие врски овозможуваат мозокот да обработува и да складира огромен број информации. Се разбира, предизвикот е во тоа да се потсетиме на тие информации кога ќе ни затребаат. Некои луѓе, меѓу кои и многу лица со мало или без никакво образование, многу добро ги служи памтењето.
На пример, неписмените племенски хроничари од Западна Африка, наречени гриоа, можат напамет да ги изрецитираат имињата на жителите од нивното село со генерации наназад. Гриоата му помогнале на американскиот писател Алекс Хејли, добитник на Пулицерова награда за книгата Корења (Roots), да го открие своето семејно стебло во Гамбија, и тоа шест генерации наназад. Хејли вели: „Голем должник сум им на гриоата во Африка, каде што со право се вели дека, кога ќе умре еден грио, исто како да изгорела до темел цела библиотека“.
Размисли и за познатиот италијански диригент Артуро Тосканини, чиј талент бил откриен на 19 годишна возраст кога бил замолен да замени друг диригент. И покрај слабиот вид, напамет ја издиригирал целата опера Аида!
Можеби се одушевуваме на ваквите способности, но повеќето луѓе имаат потенцијал да запомнат многу повеќе отколку што мислат. Би сакал ли да памтиш подобро?
Како да го подобриш памтењето
Процесот на памтење се одвива во три фази: кодирање, складирање и присетување. Твојот мозок ја кодира информацијата кога ќе ја прими, а потоа може да ја складира за да се сети на неа кога ќе му притреба. Проблем со сеќавањето имаме тогаш кога недостига една од овие фази.
Постои сетилно, краткотрајно и долготрајно памтење. Информациите преминуваат во сетилното памтење кога дразбите влијаат врз сетилата за мирис, вид, допир и сл. Краткотрајното памтење задржува само мал дел од информациите, и тоа само извесно време. Таа ни овозможува да собираме броеви напамет, да запомниме телефонски број доволно долго за да го свртиме и да ја запомниме првата половина од реченицата додека читаме или додека ја слушаме втората. Но, како што знаеш, краткотрајната меморија има и свои ограничувања.
Ако сакаш трајно да запамтиш некоја информација, таа мора да премине во долготрајното памтење. Како би можел да ја ставиш таму? Еве неколку начела што ќе ти помогнат:
◼ Интерес: Биди заинтересиран за материјалот што го разгледуваш и често потсетувај се зошто го учиш. Од искуство можеш да потврдиш дека, ако во нешто се внесеш со емоции, полесно ќе го запамтиш. Ваквото сознание може многу да ти помогне додека ја проучуваш Библијата. Ќе запамтиш многу повеќе ако твоја цел при читањето на Библијата е таа да ти помогне да се зближиш со Бог и да ги поучуваш другите за него (Изреки 7:3; 2. Тимотеј 3:16).
◼ Внимание: „Слабото памтење најчесто е резултат на слабо внимание“, стои во книгата Тајните на умот. Што може да ти помогне да го задржиш вниманието? Биди заинтересиран и прави белешки секогаш кога тоа е можно. Ова ќе ти помогне да се сконцентрираш и ќе ти овозможи да се осврнеш на материјалот и друг пат.
◼ Разбирање: „Со сиот свој имот стекни способност за разбирање“, стои во Изреки 4:7 (фуснота). Ако ти е тешко да разбереш нешто, тогаш најверојатно нема ни да го запомниш добро или воопшто нема да се сеќаваш на него. Разбирањето ни помага да сфатиме како се поврзани деловите и како да ги споиме во една логична целина. На пример, ако некој што учи за механичар разбира како функционира еден мотор, полесно ќе ги запомни и неговите делови.
◼ Организирање: Групирај ги информациите. На пример, за го да запомниш полесно списокот за пазарување, би можел да ги сортираш продуктите во групи: месо, зеленчук, овошје итн. Пожелно е овие групи да содржат од 5 до 7 работи. Телефонските броеви обично се поделени на два дела за да можат полесно да се памтат. И за крај, би можел да го подредиш списокот, да речеме, по азбучен ред.
◼ Изговарање на глас: Кога на глас ќе го повториш она што сакаш да го запомниш (на пример, збор или фраза на некој странски јазик), се зајакнуваат врските помеѓу невроните во мозокот. На кој начин? Како прво, кога го изговараш зборот, присилен си да му обрнеш внимание. Како второ, учителот ќе може веднаш да ти каже дали си го изговорил точно. И, како трето, додека слушаш — дури и ако се слушаш самиот себеси — се активираат други делови од твојот мозок.
◼ Визуелизирање: Труди се да си го замислиш она што сакаш да го запомниш. Од помош би ти било и ако си го забележиш тоа на хартија. Како што е случај и со претходната метода, визуелизирањето активира различни делови од твојот мозок. Колку повеќе сетила се вклучени толку потрајно ќе ти се вреже информацијата.
◼ Асоцијации: Кога учиш нови работи, поврзувај ги со она што веќе го знаеш. Врската помеѓу мислите и сеќавањата го олеснува кодирањето и присетувањето, а асоцијациите му помагаат на мозокот да ја најде потребната информација. На пример, за да запамтиш нечие име, би можел да го поврзеш со некоја необична карактеристика во изгледот на тоа лице или со нешто друго што ќе ти помогне да се сетиш на неговото име. Колку посмешна и поапсурдна е асоцијацијата толку подобро ќе се сетиш на неа. Значи, ако сакаме да запомниме некого или нешто, треба да размислуваме за него.
Во книгата Во потрага по сеќавањето (Searching for Memory) стои: „Ако правиме речиси сѐ автоматски, без да размислуваме за светот околу нас или за она што го доживуваме, нема добро да се сеќаваме каде сме биле или што сме правеле“.
◼ Утврдување: Одвој си време за да ја обработиш и да ја „впиеш“ примената информација. Еден од најдобрите начини да го постигнеш тоа е да го повториш наученото така што ќе му го кажеш на некој друг. Ако си доживеал нешто интересно или си прочитал нешто убаво во Библијата или во библиската литература, кажи го тоа некому. Така ќе имате корист и двајцата — ти ќе ја запамтиш информацијата, а твојот пријател ќе биде охрабрен. Со добра причина се вели дека повторувањето е мајка на знаењето.
Мнемонички техники
Во античка Грција и Рим, ораторите можеле да држат долги говори без никакви белешки. Како успевале во тоа? Со помош на мнемонички техники. Се работи за стратегии со чија помош во долготрајната меморија се задржуваат информации на кои можеме да се сетиме кога ќе ни затребаат.
Една мнемоничка техника што ја користеле ораторите во античка Грција бил таканаречениот метод loci. Него прв го опишал грчкиот поет Симонид од Кеос во 477 год. пр.н.е. Оваа техника користи принципи од методите организирање, визуелизирање и асоцијации и ги поврзува со нешто познато, како на пример обележје на некој пат или предмет во нечија соба или куќа. Оние што ја користат оваа техника тргнуваат на „прошетка“ со мислите, при што секое делче од информациите што сакаат да ги запамтат го поврзуваат со одредени обележја или предмети. Кога сакаат да се сетат на информациите, едноставно тргнуваат на истата „прошетка“. (Види ја рамката „Појди на прошетка со мислите“.)
Испитувањата на најуспешните учесници на Светско првенство во памтење, кое се одржува секоја година, покажаа дека нивната неверојатна меморија не се должи на некаква натпросечна интелигенција. Освен тоа, повеќето учесници се на возраст помеѓу 40 и 50 години. Која е нивната тајна? Многумина ја припишуваат својата способност на делотворното користење мнемонички техники.
Треба ли да запомниш повеќе зборови? Во тоа може да ти помогне мнемоничката техника акроним — збор создаден од почетните букви на други зборови. Многу жители на Северна Америка ги памтат имињата на петте Големи Езера — Хјурон (Huron), Онтарио (Ontario), Мичиген (Michigan), Ири (Erie) и Горното Езеро (Superior) — по акронимот HOMES, што во превод значи „домови“. Слично помагало за памтење е акростихот, кој во голема мера го користеле древните Евреи. На пример, во многу псалми, првиот збор од секој стих или строфа започнува со една буква од хебрејската азбука. (Види ги псалмите 25, 34, 37, 111, 112 и 119.) Оваа корисна техника им помагала на пејачите да се сетат на сите 176 стихови од 119. псалм!
Биди уверен дека можеш да го вежбаш и да го подобриш памтењето. Како што покажуваат истражувањата, памтењето е како мускул. Колку повеќе го користиме толку подобро ќе нѐ служи, дури и на старост.
[Рамка на страница 27]
ДОПОЛНИТЕЛНИ СОВЕТИ
◼ Стимулирај го памтењето стекнувајќи нови вештини. Би можел да учиш нов јазик или некој музички инструмент
◼ Концентрирај се на најважното
◼ Применувај мнемонички техники
◼ Пиј доволно вода. Дехидрирањето прави збрка во главата
◼ Спиј доволно бидејќи мозокот ги складира информациите додека спиеме
◼ Кога учиш, биди опуштен. При стрес се ослободува кортизол, кој може да ја наруши врската меѓу нервите
◼ Немој да пушиш ниту претерано да пиеш. Алкохолот влијае негативно врз краткотрајната меморија, а алкохолизмот може да води до недостиг на тијамин, т.е. витамин Б1, кој е неопходен при процесот на памтење. Пушењето, пак, го намалува присуството на кислород во мозокотa
[Фуснота]
a На темел на информации објавени во онлајн списанието Brain & Mind.
[Рамка/слики на страници 28 и 29]
ПОЈДИ НА ПРОШЕТКА СО МИСЛИТЕ
Да речеме дека треба да купиш леб, јајца, млеко и маргарин. Како би можел да ги запамтиш сите продукти? Според методот loci, би можел да си ги замислиш додека шеташ со мислите низ твојата дневна соба.
Замисли си дека перничето на фотелјата е векна леб,
дека под светилката се испилуваат јајца,
дека рибата од аквариумот плива во млеко,
дека низ целиот екран од телевизорот е размачкан маргарин.
Колку посмешна и поневообичаена е твојата замисла толку подобро! Кога ќе отидеш во продавница, повтори ја истата „прошека“.
[Рамка на страница 29]
БИДИ СРЕЌЕН ШТО ЗАБОРАВАШ!
Замисли си каков ќе ти беше животот ако можеше да се сетиш на секоја ситница. Твојот ум ќе беше претрупан со информации. Една жена која може да се сети речиси на секој настан од својот живот го „опишува овој бран од сеќавања како ‚непрекинат, нескротлив и крајно исцрпувачки‘ и вели дека за неа тоа е ‚товар‘“, пишува во списанието New Scientist. За среќа, повеќето од нас немаат таков проблем бидејќи, како што велат истражувачите, нашиот мозок има способност да ги отфрли неважните и непотребни информации. Истото списание коментира дека „ефикасното заборавање е важен дел од процесот на памтење. Кога ќе заборавиме нешто корисно,... тоа само покажува дека овој селективен систем малку претерал“.