Поглед во светот
◼ „На територијата на Русија моментално има околу две милијарди тони токсичен отпад и засега не постои ефикасен начин тој да се отстрани“ (RIA NOVOSTI, РУСИЈА).
◼ Во 21 век дојде до ненадеен пораст на бројот на пирати што ограбуваат бродови. На пример, во 2007 год. „беа извршени 263 пиратски напади или обиди за ваков напад“ (THE WALL STREET JOURNAL, САД).
Алкохолот и бременоста
Секоја година околу 10.000 бебиња во Германија се раѓаат со некаква аномалија поради тоа што мајките консумирале алкохол за време на бременоста, пишува весникот Süddeutsche Zeitung. Околу 4.000 од нив имаат сериозно или трајно оштетување. „Досега не е утврдено колку алкохол смее да се консумира во текот на бременоста“, предупредува комесарот за злоупотреба на наркотици, Сабине Бецинг. „Мораме да ја подигнеме свеста кај лекарите, акушерите и трудниците дека дури и повременото пиење алкохол [во текот на бременоста] може да го загрози психичкото и физичкото здравје на детето или да води до проблеми со однесувањето.“
Градинарството е корисно за здравјето
„Истражувачите увидуваат дека одгледувањето земјоделски производи, сеедно дали во големи или во мали количини, го подобрува здравјето многу повеќе отколку што некој би можел да претпостави“, вели списанието Psychology Today. Истражувањето покажа дека „отпорноста на организмот значително се зголемува“ кога ќе голтнеме или ќе вдишиме „одредени видови бактерии што живеат во почвата“. Како што вели ова списание, „сѐ повеќе докази водат до заклучокот дека внесувањето состојки од почвата само по себе е можеби исто толку здраво за човекот колку и најдоброто овошје и зеленчук одгледани во таа почва“.
Рекорд во летање без престан
Научниците од Геолошкиот институт на САД го објавија „најдолгиот непрекинат лет на една копнена птица што досега е евидентиран“. Голем број северни блатки биле следени со помош на сателит додека се селеле преку Тихиот Океан. Една женка летала осум дена без престан, преминувајќи 11.650 километри на пат од Алјаска до Нов Зеланд. Притоа таа загубила „половина од својата телесната тежина, која изнесува вкупно 700 грама“, стои во списанието The Week. Кога се враќаат назад, блатките летаат од Нов Зеланд до Кина и повторно се враќаат на Алјаска, што значи дека во двата правца прелетуваат вкупно 29.000 километри. „Ако за една година преминуваат во просек по 29.000 километри, тогаш една возрасна северна блатка во својот животен век би прелетала 463.000 километри“, вели понатаму Геолошкиот институт на САД.
Кражба на кактуси
Националниот парк „Сагуаро“ во Аризона (САД) ги губи своите уникатни кактуси поради кражби. „Секој сака во дворот да си засади кактус ‚сагуаро‘“, вели Џим Мегинис од Одделот за посебни истражувања при Министерството за земјоделие на Аризона. Многу често, низ пустината можат да се видат возила натоварени со кактуси. Посебна мета на крадците им се примероците високи метар до два, кои можат да достигнат цена повисока и од 1.000 долари. За да ги спречат кражбите, надлежните органи планираат во кактусите да вметнат микрочипови. Тоа ќе овозможи со посебни детектори да се утврди дали примероците во расадниците и во претпријатијата за уредување дворови биле украдени од националниот парк.