Разнобојните рибарчиња
ЗАЛЕТАНА тиркизна или светлосина птица се нурнува во поток, брзо излегува од него со риба во клунот и продолжува по својот пат. Вака ќе го препознаете рибарчето кое се одликува со шарени бои и со релативно голема глава и клун. И покрај името што го носат, сите рибарчиња не се хранат со риби. Некои видови повеќе сакаат гуштери, змии, морски ракови, па дури и инсекти, кои честопати ги ловат во лет. Освен тоа, само околу една третина од сите рибарчиња во светот живеат во близина на вода. Останатите живеат на најразлични места — во џунгли, на корални острови, во пустини и итн. На пример, видот Todiramphus pyrrhopygius живее во сушните предели на Австралија.
Рибарчињата што ловат риба се вистински мајстори на својот занает. Обично птицата стрпливо набљудува од некое повисоко место. Штом ќе здогледа риба, се подготвува да пикира, а инстинктот ѝ помага точно да одреди каде е таа, иако водата ја изобличува нејзината вистинска положба. Потоа, замавнува со крилјата и пикира. Ако рибата е близу до површината, птицата едноставно си ја зема како од тацна. Ако не е, ги собира крилјата наназад и како стрела се забива во водата. „Целиот овој зафат е изведен многу вешто — без никакво колебање или грешка“, стои во книгата Животот на птиците (The Life of Birds). Рибарчињата можат да фатат и по неколку риби одеднаш! А во студените предели, некои од нив биле забележани како главечки се зариваат во тенкиот мраз за да го уловат пленот. Во Австралија, едно рибарче е забележано како грабнува од една река мали водни суштества што биле вознемирени од клунарите кои барале храна под водата.
Додворување и правење гнезда
Многу е интересно да се набљудува додворувањето на рибарчињата. Некои видови се спаруваат во лет додека се бркаат. Потоа мажјакот ја демонстрира својата вештина во правење гнездо. За да покажат колку се способни, некои мажјаци им нудат на женките и по некој вкусен залак.
Гнездата на рибарчињата не се типични птичји гнезда. Некои рибарчиња се вгнездуваат на крајот од тунел што самите си го ископале на некој брег, во некој ендек или во чакалот. Други се вселуваат во зајачко дувло или во дупка од некое дрво.
За да си направи живеалиште во земјата, рибарчето може да ископа тунел долг и до еден метар. Но, на почетокот мора многу да се намачи. Неколку видови го решаваат овој проблем заривајќи се со клунот во брегот — прилично опасен потфат што може да ја зашемети, па дури и да ја усмрти птицата! Во тропските прашуми во Нова Гвинеја и северна Австралија, рибарчињата од видот Tanysiptera sylvia обично копаат дупка во термитници. Изгледа дека тоа не им пречи на термитите кои ја поправаат штетата откако птиците ќе се иселат заедно со своите потомци.
Рибарчињата се навистина совесни родители. Еден набљудувач во Африка видел како еден пар им носел на своите пет пиленца по 60 до 70 риби секој ден, без да се сметаат рибите што ги ловеле за себе. Во еден случај, мажјакот успеал да ги одгледа своите пиленца иако неговата партнерка умрела четири дена пред да се изведат. Има некои видови што ги користат услугите од птици што немаат свој пород. Тие им помагаат на родителите да ги лежат јајцата и потоа да се грижат за пиленцата.
Од Ирска до Соломоновите Острови
Обичните рибарчиња се распространети на големо подрачје — од Ирска на северозапад, преку Европа и Русија, па сѐ до Соломоновите Острови на југоисток. Бидејќи живеат во области каде што зимите се многу студени, овие рибарчиња се еден од неколкуте видови кои се селат, при што преминуваат речиси 3.000 километри. Голем број рибарчиња може да се видат во Израел покрај Галилејското Море и покрај реката Јордан. Исус Христос најверојатно ги набљудувал овие прекрасни птици и нивните навики. (Види ја рамката „Погледнете ги птиците небесни“.)
Прочуено австралиско рибарче е таканаречената кокабура што се смее. Оваа главно кафеава птица, долга 40-ина сантиметри и опремена со силен клун од 10 сантиметри, е честа градинарска птица во Австралија препознатлива по нејзиното злобно „смеење“. Таа е бестрашен ловец, а нејзин плен се обично змиите, кои можат да бидат долги и до еден метар!a
Иако рибарчињата имаат неколку природни непријатели, нивниот број се намалува главно поради загадувањето на реките и уништувањето на шумите каде што живеат. Околу 25 видови рибарчиња се или загрозени или на работ на истребувањето. Да се надеваме дека еколозите ќе им помогнат на овие прекрасни и, честопати, забавни птици да опстанат.
[Фуснота]
a Сродниот вид Dacelo leachii, кој живее во северна Австралија, не се „смее“.
[Рамка/слика на страница 17]
„ПОГЛЕДНЕТЕ ГИ ПТИЦИТЕ НЕБЕСНИ“
Исус Христос внимателно го набљудувал природниот свет, а она што ќе го забележел честопати го користел во своите длабоки споредби што содржеле морални и духовни поуки. На пример, еднаш рекол: „Погледнете ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, а сепак вашиот небесен Татко ги храни. Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ (Матеј 6:26). Колку трогателна поука за љубовта на Бог кон луѓето кои ги создал!