Младите прашуваат
Зошто постојано се расправаме?
Во замислената ситуација опишана подолу, 17-годишната Сандра предизвикува кавга со три свои постапки. Можеш ли да кажеш кои се тие? Впиши ги своите одговори на празните линии подолу, а потоа провери ги во рамката „Одговори“ на крајот од статијата.
Среда навечер. Сандра ги заврши домашните обврски и сега може конечно да се опушти малку! Го вклучува телевизорот и се испружува во својата омилена фотелја.
Во истиот момент, на вратата се појавува мајка ѝ, но не изгледа многу среќна. „Сандра! Зошто губиш време пред телевизорот кога треба да ѝ помогнеш на сестра ти да ја напише домашната задача? Никогаш не си послушна!“
„Пак истата песна“, мрмори Сандра, но доволно гласно за да се слушне.
„Што рече!?“ — изненадено ја прашува мајка ѝ.
„Ништо“, одговара Сандра со воздишка и ги превртува очите.
Е дури сега мајки ѝ се лути! „Да не сум те чула уште еднаш да ми се обратиш со таков тон!“ — вели таа.
„А си се прашала ли некогаш со каков тон ми се обраќаш ти?“ — ѝ возвраќа Сандра.
Толку од гледањето телевизија... Почнува уште една расправија.
1. ․․․․․
2. ․․․․․
3. ․․․․․
ТИ ЗВУЧИ ЛИ ова некако познато? Дали ти и твоите родители постојано се расправате? Ако да, размисли за тоа. За што најчесто се карате? Штиклирај ги соодветните одговори или допиши го својот одговор под „Друго“.
◯ Став
◯ Домашни обврски
◯ Облека
◯ Пријатели
◯ Забава
◯ Кога да се враќаш дома
◯ Спротивниот пол
◯ Друго ․․․․․
Сеедно за што се расправате, караницата ве прави нервозни — и тебе и твоите родители. Се разбира, би можел едноставно да си премолчиш и да се преправаш дека се согласуваш со сѐ што ќе кажат тие. Но, дали Бог го очекува тоа од тебе? Не. Додуша, Библијата вели ‚да ги почитуваш татка си и мајка си‘ (Ефешаните 6:2, 3). Но, таа исто така те поттикнува да развиваш „способност за расудување“ и да го ‚користиш својот разум‘ (Изреки 1:1-4; Римјаните 12:1). А кога го правиш тоа, неизбежно е да имаш цврсти ставови, и некои од нив да бидат поинакви од ставовите на твоите родители. Меѓутоа, во семејствата што ги применуваат библиските начела, родителите и младите можат смирено да разговараат, дури и ако не се сложуваат за сѐ (Колошаните 3:13).
Како да ги изразиш своите ставови без да дојде до жестока расправија. Лесно е да кажеш: „Нивни проблем. И онака тие се оние што секогаш ми висат над глава!“ Но, размисли: Колкава контрола имаш ти над другите, вклучувајќи ги и твоите родители? Единствената личност што можеш да ја смениш си самиот ти. А добрата вест е дека, ако го дадеш својот дел за да ја смириш ситуацијата, поголема е веројатноста твоите родители да останат смирени и да го чујат и твоето мислење.
Затоа, да видиме што би можел да сториш ти за да не дојде до расправија. Примени ги следниве предлози, и ќе видиш колку пријатно ќе ги изненадиш родителите — и себеси — со твоите нови вештини на комуникација.
(Ако сакаш, штиклирај ги предлозите што мислиш дека треба да ги примениш.)
◯ Добро размисли пред да дадеш одговор. Библијата вели: „Срцето на праведниот мисли што зборува“ (Изреки 15:28, Превод на МПЦ — ревидирано издание). Кога имаш чувство дека те напаѓаат, не дозволувај да ти излета првото што ќе ти дојде на јазик. На пример, замисли си дека мајка ти ти вели: „Зошто не се измиени садовите? Никогаш не ме слушаш!“ Во таков момент би можел избрзано да кажеш: „Дај, не ме нервирај!“ Наместо тоа, користи ја својата способност за расудување. Обиди се да сфатиш какви чувства се кријат зад зборовите на мајка ти. Обично изјавите што содржат зборови како „секогаш“ и „никогаш“ не треба да се сфатат дословно. Меѓутоа, тие можат да укажуваат на некоја скриена емоција.
На пример, можеби мајка ти се нервира бидејќи смета дека сѐ се чека од неа. Таа можеби сака да ѝ покажеш дека ја има твојата поддршка. Или, да бидеме искрени, можеби си имаш навика да ги избегнуваш домашните обврски. Како и да е, ако возвратиш со: „Дај, не ме нервирај!“, само ќе се влоши ситуацијата. Наместо тоа, обиди се да ја опуштиш мајка ти. На пример, би можел да речеш: „Мамо, гледам дека тоа те вознемирува. Веднаш ќе ги измијам“. Но, внимавај да не го кажеш тоа со сарказам. Многу поверојатно ќе ја смириш ситуацијата ако твојот одговор биде сочувствителен.
Напиши подолу некоја изјава со која татко ти или мајка ти би можеле да те изнервираат ако не се контролираш.
․․․․․
А сега, размисли со каков одговор би покажал разбирање за чувствата што се кријат зад оваа изјава.
․․․․․
◯ Зборувај со почит. Мишел потврдува од лично искуство колку е важно да внимава како разговара со мајка си. „Сеедно за каков проблем се работи, она што не ѝ се допаѓа на мајка ми е тонот со кој ѝ се обраќам.“ Ако тоа честопати е случај и со тебе, научи да зборуваш потивко и побавно. Не превртувај ги очите и не прави какви било други гестови што покажуваат дека си изнервиран (Изреки 30:17). Ако забележуваш дека си на граница да избувнеш, помоли му се на Бог кратко и во себе (Неемија 2:4). Се разбира, тоа не значи дека треба да се молиш родителите да ‚престанат да те нервираат‘, туку да се воздржиш и да не додаваш дрва на огнот (Јаков 1:26).
На празните линии напиши кои зборови и постапки мислиш дека е добро да ги избегнуваш ти.
Зборови:
․․․․․
Гестови (со лицето и со телото):
․․․․․
◯ Сослушувај. Библијата вели: „Ако зборуваш многу, ќе кажеш нешто погрешно“ (Изреки 10:19, Contemporary English Version). Затоа, дозволи им на родителите да кажат што мислат и обрни им целосно внимание. Исклучи ја музиката, остави го списанието и гледај ги во очи. Не прекинувај ги за да се правдаш. Само слушај. Откако ќе се доискажат, ќе имаш доволно можност да им поставуваш прашања или да го објасниш својот став. Ако се инаетиш и почнеш веднаш да се браниш, само ќе ја влошиш ситуацијата. Дури и да имаш да кажеш уште нешто, сети се дека тогаш најверојатно е „време за молчење“ (Проповедник 3:7).
◯ Биди спремен да се извиниш. Секогаш е на место да се извиниш што можеби си придонел да настане караница (Римјаните 14:19). Би можел дури да кажеш и дека ти е жал што воопшто постои некакво несогласување. Ако ти е тешко да го сториш тоа лично, пиши им го во писменце. А потоа направи и повеќе отколку што се бара од тебе — смени ја постапката или однесувањето што било причина за расправијата (Матеј 5:41). На пример, ако дошло до кавга затоа што не си завршил некоја работа, зошто не ги изненадиш родителите така што ќе го сториш тоа? Дури и ако не уживаш многу во таа работа, зар не би било подобро да ја завршиш отколку да ги сносиш последиците кога твоите родители ќе видат дека сѐ уште не е сработена? (Матеј 21:28-31).
На крајот на краиштата, тоа што ќе се трудиш да не дојде до конфликти ќе ти го олесни животот тебе. Библијата вели дека „добродушниот човек ѝ прави добро на својата душа“ (Изреки 11:17). Затоа, размислувај каква ќе биде користа ако го дадеш својот дел да ја намалиш напнатоста помеѓу тебе и твоите родители.
До несогласици доаѓа и кај успешните семејства, само што тие знаат како да ги решат на мирен начин. Примени ги предлозите од оваа статија, и ќе видиш дека со твоите родители можеш да разговараш и за тешки теми — без да се скарате!
РАЗМИСЛИ
● Зошто некои твои врсници мислат дека е добро да знаеш како да се расправаш?
● Зошто Јехова ги смета кавгаџиите за глупави? (Изреки 20:3)
[Рамка/слики на страница 27]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
Морав да сфатам дека, иако самиот заработувам за живот, живеам во куќата на мајка ми и морам да ја слушам. Бидејќи долги години се грижела за мене, можам да ја разберам кога проверува што правам — на пример, дали сум се вратил во договореното време
Ако за нешто не се согласувам со родителите, заедно се молиме, истражуваме и дискутираме за тоа. Ова секогаш ни помага да најдеме заеднички јазик. Ако се потпираме на Јехова, секогаш ќе испадне како што треба
[Слики]
Даниел
Камерон
[Рамка на страница 29]
ОДГОВОРИ
1. Сарказмот („Пак истата песна“) ја лути мајка ѝ уште повеќе.
2. Сандра просто си ја бара бељата правејќи несоодветни гримаси (превртува очи).
3. Грубото возвраќање („А си се прашала ли некогаш со каков тон ми се обраќаш ти?“) речиси секогаш предизвикува негативна реакција.
[Рамка на страница 29]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ
Прочитај го воведот од оваа статија. Дали забележа кои постапки на мајка ѝ на Сандра придонеле да дојде до расправија? Како можеш да избегнеш кавга со твоето дете? Еве неколку предлози:
Избегнувај изрази од типот: „Ти секогаш...“ или „Ти никогаш...“ Тие само ќе го предизвикаат детето да се брани. Тоа е свесно дека ваквите тврдења се претерани и дека ги кажуваш затоа што си гневен, а не поради неговата неодговорност.
Наместо да користиш груби изјави што почнуваат со „ти“, обиди се да му укажеш како влијае неговото однесување на тебе. На пример: „Кога ти [го правиш тоа и тоа], јас се чувствувам [вака и вака]“. Колку и да ти изгледа неверојатно, твоите чувства му се важни на детето. Поголема е веројатноста тоа да соработува со тебе ако му кажеш како влијае врз тебе она што го прави.
Труди се да не избувнеш, сеедно колку ти е тешко (Изреки 10:19). Ако расправијата настанала поради неизвршување на некоја домашна обврска, разговарај за тоа со детето. Дај му список со конкретни барања и, ако е потребно, објасни му какви ќе бидат последиците од непочитувањето на тие барања. Стрпливо сослушај го, дури и ако мислиш дека не е во право. Повеќето тинејџери подобро реагираат ако се сослушани, отколку кога им се држат лекции.
Немој брзо да заклучиш дека твоето дете е обземено од духот на побуна, бидејќи постапките што ги толкуваш како бунтовни се дел од неговиот природен развој. Тоа може да се кара за нешто само за да докаже дека расте. Одолеј му на искушението да почнеш да се расправаш. Не заборавај дека тинејџерите учат од родителите како да реагираат на провокации. Ако си стрплив и долготрпелив, ќе им дадеш добар пример на своите деца (Галатите 5:22, 23).
[Слика на страница 28]
Да се расправаш со родителите е како да трчаш на подвижна лента — си ја трошиш силата, а никаде не стигнуваш