Што ме привлече кај Јеховините сведоци
Раскажал Томас Ороско
Кога првпат отидов на состанок на Јеховините сведоци во нивната Сала на Царството, говор држеше едно мало дете. Иако едвај гледаше преку пултот, неверојатно сталожено и вешто ја изнесуваше својата точка. Бев одушевен!
ЗАБЕЛЕЖАВ дека присутните многу внимателно го слушаа. Имав служено како боливиски воен дипломат во САД, како вицеадмирал на боливиската морнарица и како личен помошник на претседателот и бев свикнат другите да ми искажуваат почит. Но, почитта што ја добиваше ова дете ме поттикна да размислам за моите цели во животот.
Татко ми загина во 1934 год. во војната Чако, која се водеше помеѓу Парагвај и Боливија. Кратко потоа, бев испратен во католичко интернатско училиште. Долги години, секој ден одев на миса каде што пеевме црковни песни, учевме веронаука и повторувавме напамет научени молитви. Служев дури и како министрант и пеев во хорот. Но, никогаш ја немав читано Библијата. Всушност, никогаш немав ни видено Библија.
Многу ги сакав верските празници бидејќи повеќе личеа на веселба и ја разбиваа монотонијата на секојдневието. Но, свештениците и другите учители по веронаука се однесуваа многу грубо. Воопшто не ми беше привлечен начинот на кој поучуваа. Напротив, ми беше одбивен. Затоа, решив да раскрстам со религијата.
Ми се допаѓаше редот во војската
Еден убав сончев ден, двајца елегантно облечени млади воени офицери, кои служеа во Ла Паз, главниот град на Боливија, дојдоа на отсуство во мојот град, Тариха. Се шетаа низ центарот исправено и со лесен чекор. Ме одушеви нивниот уреден и достоинствен изглед. Носеа зелени униформи и капи со блескав раб. Од тој момент решив да станам воен офицер. Си мислев дека животот им е полн со разни доживувања и благородни дела.
Во 1949 год., кога имав 16 години, бев примен во боливиската воена школа. Мојот постар брат дојде со мене и чекаше во долгата редица од млади регрути од капијата до бараките. Тој ме претстави на поручникот, го замоли добро да се грижат за мене и ме пофали. Кога брат ми си замина, ми беше изразено „добредојде“ какво што е вообичаено за новите регрути. Ме турнаа на земја и ми рекоа: „Ќе видиме кој тука заслужува пофалба!“ Тогаш за првпат ја искусив војничката дисциплина и заплашување. Меѓутоа, бидејќи бев жилав, беше повредена само мојата гордост.
Со текот на времето, научив како да војувам и станав почитуван офицер. Но, сега од лично искуство знам дека чистотата и достоинствениот изглед на воениот персонал можат да лажат.
Напредок до висока положба
Кариерата ја започнав на крстосувачот на аргентинската морнарица Хенерал Белграно, чијашто посада можеше да брои и до илјада лица. Пред Втората светска војна, тој се користел во американската морнарица како УСС Феникс, а во 1941 год. го преживеал нападот на Перл Харбор (Хаваи).
Со текот на времето напредував и станав втор по ранг офицер во боливиската морнарица која патролираше во пограничните води на Боливија. Во боливиски води спаѓаа и реките од амазонскиот басен, како и највисокото пловно езеро во светот, езерото Титикака.
Во меѓувреме, во мај 1980 год., како член на една делегација од воени дипломати бев испратен во Вашингтон, главниот град на САД. Беше избран по еден висок офицер од секој дел на вооружените сили — од копнената војска, военото воздухопловство и воената морнарица — и, како најстар, бев назначен за координатор на групата. Живеев во САД речиси две години, а подоцна станав личен помошник на претседателот на Боливија.
Како воен командант, бев обврзан секоја недела да одам в црква. Се разочарав од религијата кога видов дека воените капелани и свештениците се мешаат во војни и во револуции. Знаев дека ставот на црквата, која поддржуваше вакви крвопролевања, е погрешен. Но, наместо да ме наведе да се откажам од религијата, таквото лицемерство ме поттикна да ја барам духовната вистина. Бидејќи никогаш ја немав прочитано Библијата, почнав одвреме-навреме да ја читам таму каде што ќе ми се отвореше.
Редот во Салата на Царството
На мое изненадување, жена ми Мануела почна да ја проучува Библијата со една мисионерка на Јеховините сведоци по име Џенет. По некое време, Мануела почна да оди во Салата на Царството, објектот каде што ги одржуваа состаноците. Не ми беше проблем да ја возам до таму, но не сакав да седам на нивните состаноци. Мислев дека ќе бидат бучни и емотивни.
Еден ден, Мануела ме праша дали ќе сакам да го примам на гости мажот на Џенет. Отпрвин не се согласував, но потоа заклучив дека со помош на моето верско образование би можел да го побијам секое нивно учење. Она што ме одушеви кај Ијан кога првпат се запознавме не беа толку неговите зборови, туку неговото однесување. Наместо да се обиде да ме посрами со своето библиско знаење, тој беше љубезен и учтив.
Решив следната седмица да одам во Салата на Царството. Како што спомнав на почетокот, таа вечер говор имаше едно мало дете. Додека го слушав како чита и ги објаснува стиховите од библиската книга Исаија, сфатив дека сум нашол една посебна организација. Иронично е тоа што како мал сакав да бидам почитуван воен офицер, а сега сакав да бидам како тоа дете и да давам библиски поуки. Моето срце одеднаш омекна и стана приемливо.
Многу ја ценев точноста кај Сведоците и срдечноста со која секогаш ме поздравуваа. Ми беше многу пријатно со нив. Ме одушевуваше и нивната чиста и уредна облека. Посебно ми се допадна извонредната организираност на состаноците — ако некој говор беше на распоредот за тој ден, можев да бидам сигурен дека ќе го чујам токму тој говор. Забележав и дека ваквиот ред се темели на љубов, а не на заплашување.
По мојот прв состанок, прифатив да ја проучувам Библијата со Ијан. Проучував со помош на книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.a Сѐ уште се сеќавам на третото поглавје, во кое на една слика е прикажан свештеник кој ги благословува војските пред да тргнат во борба. Воопшто не се сомневав дека такво нешто се случува бидејќи го имав видено со свои очи. Во Салата на Царството ја добив книгата Расудување на темел на Писмото. Кога прочитав што вели Библијата за неутралноста, знаев дека ќе морам да направам некои промени. Решив никогаш повеќе да не се вратам во Католичката црква и почнав редовно да одам на состаноците во Салата на Царството. Исто така, одлучив да се повлечам од воената служба.
Напредок до крштавање
Неколку седмици подоцна, чув дека собранието ќе го чисти објектот во кој требаше да се одржи претстојниот конгрес. Со душа го чекав конгресот и отидов да помагам во чистењето. Работев заедно со другите и уживав во работата и во дружењето. Додека го метев подот, еден младич дојде и ме праша дали сум јас тој и тој вицеадмирал.
„Да“, му одговорив.
„Не ми се верува!“ — зачудено извика тој. „Вицеадмирал да мете под!“ Еден висок офицер никогаш не би кренал ни едно хартивче, а камоли да земе метла в раце. Тој младич, кој во меѓувреме станал Јеховин сведок, ми беше личен шофер во армијата.
Соработка што се темели на љубов
Редот во војската се темели на почит кон лицата со повисок чин, па таквиот концепт остави длабоки траги врз мене. На пример, се сеќавам дека прашував дали некои Јеховини сведоци се поважни во зависност од одговорностите и задачите што ги имаа. Ваквото гледиште за статусот и положбата сѐ уште беше дел од мене. Но, еден настан драстично го смени.
Некаде во тоа време, поточно во 1989 год., дознав дека во Боливија треба да допатува член на Водечкото тело на Јеховините сведоци од Њујорк и да одржи говор. Сакав да видам како ќе биде третиран еден „елитен“ член на организацијата. Мислев дека некој со таква одговорност ќе биде пречекан со некаква помпа.
Но, ми беше чудно што, кога почна состанокот, немаше никакви навестувања дека пристигнала некоја важна личност. До мене и до Мануела седеше еден постар брачен пар. Мануела забележа дека жената има англиска песнарка, па за време на паузата започна разговор со неа. Но, потоа овој брачен пар си замина.
Колку изненадени бевме и двајцата кога, по кратко време, сопругот на таа жена излезе на бината за да го одржи главниот говор! Во тој момент, од умот ми беше избришано сѐ што научив во војската за статусот, почитта, моќта и положбата. Подоцна реков: „Замисли, братот што седеше со нас во овие неудобни седишта бил член на Водечкото тело!“
Ми доаѓа да се насмеам кога ќе помислам колку пати Ијан се обиде да ми помогне да ги разберам зборовите на Исус од Матеј 23:8: „Сите вие сте браќа“.
Кога почнав да проповедам
Откако бев ослободен од моите воени должности, Ијан ме покани да проповедам со него од куќа до куќа (Дела 20:20). Отидовме во една населба во која се надевав дека никогаш нема да проповедам. Во неа живееја главно воени лица со своите семејства. Ми отвори еден генерал што најмалку сакав да го сретнам. Ме фати многу трема, посебно кога тој ја забележа мојата актовка и Библијата. Ме праша со презир: „Што се случува со тебе!?“
Се помолив во себе и почувствував самодоверба и смиреност. Генералот ја ислуша мојата презентација, па дури и прими библиска литература. Тоа искуство ме поттикна да му го заветувам животот на Јехова. Својот завет го симболизирав со крштавање во вода, на 3 јануари 1990 година.
Со текот на времето, мојата сопруга, синот и ќерката исто така станаа Јеховини сведоци. Сега со радост служам во собранието како старешина и полновремено ја проповедам добрата вест за Божјето Царство. Најголемата чест што некогаш сум ја имал е да го познавам Јехова и тој да ме познава мене. Тоа е далеку повредно од каков и да е статус што некој би можел да го посака. Точно е дека треба да постои ред, но тој не треба да се постигне со сурова и непопустлива дисциплина, туку со љубов и грижа. Јехова е Бог на редот, но, што е уште поважно, тој е и Бог на љубовта (1. Коринќаните 14:33, 40; 1. Јованово 4:8).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.
[Слика на страница 13]
Со брат ми Ренато (1950)
[Слика на страница 13]
На еден прием со воени претставници од Кина и од други земји