Што вели Библијата
Дали целата Библија сѐ уште е корисна?
„Библијата нема речиси никаква практична вредност за современиот човек, освен неколкуте безначајни факти потребни да се реши крстозбор или да се даде точен одговор на квиз.“
„Семејните лози, девственоста и стравот од Бог, за кои зборува Библијата, се обележја на културата од библиски времиња, но од нив немаме голема корист во 21 век.“
„Библијата застарела уште пред да биде отпечатена за првпат.“
ОВИЕ коментари неодамна беа земени од една интернет-страница на која се дискутираше на тема: „Дали Библијата е застарена и бескорисна?“ Што мислиш ти за нив? Дали се согласуваш?
Иако можеби ти не го делиш мислењето со оние што потполно ја отфрлаат Библијата, веројатно се прашуваш дали целата Библија сѐ уште е корисна. Впрочем, во повеќето цркви се користи Библија што е поделена на таканаречениот Стар и Нов завет, а тоа остава впечаток дека над три четвртини од неа се застарени.
Денес веќе не се принесуваат животински жртви како што пропишува Мојсеевиот закон. Тогаш зошто ни се потребни сите детали во врска со жртвите запишани во 3. Мојсеева? (3. Мојсеева 1:1 — 7:38). А што е со првите неколку поглавја од 1. Летописи кои содржат главно родословија? (1. Летописи 1:1 — 9:44). Од каква корист ни се овие списоци ако денес никој не може да ги најде своите корени во нив?
Да речеме дека си скинал јаболко од некоја јаболкница. Дали сега, откако си го набрал јаболкото, јаболкницата е бескорисна? Сигурно дека не — на неа има уште многу јаболка. На некој начин, и Библијата е како оваа јаболкница. Некои делови од неа, како што се Псалмите или Проповедта на гората, се можеби многу интересни и лесни за читање. Иако овие делови ни се допаѓаат — како што ни се допаѓа и нашето омилено овошје — треба ли да го отфрлиме остатокот? Што вели самата Библија во врска со тоа?
Околу 65 год. од н.е., апостол Павле го напишал своето второ писмо до Тимотеј, во кое го потсетил: „Од рано детство ги познаваш светите списи, кои можат да те направат мудар за да добиеш спасение преку верата која е во Христос Исус“. А потоа додал: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста“ (2. Тимотеј 3:15, 16). Кога Павле напишал дека „целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно“, дали мислел само на Новиот завет?
Павле рекол дека Тимотеј ги познавал „светите списи“ од „рано детство“. Ако Тимотеј имал над 30 години кога било напишано ова писмо, како што мислат некои, тој бил мало дете во времето кога умрел Исус. Тогаш сѐ уште не бил напишан ниту еден дел од Новиот завет, или Грчките списи. Бидејќи мајка му на Тимотеј била Еврејка, светите списи за кои го поучувала како мал мора да бил Стариот завет, или Хебрејските списи (Дела 16:1). Кога Павле рекол „целото Писмо“, сигурно мислел на целиот Стар завет во кој, меѓу другото, се запишани и родословијата и законите за жртви.
Денес, над 1.900 години подоцна, тие делови од Библијата сѐ уште се корисни за нас, и тоа на неколку начини. Како прво, воопшто би ја немале Библија ако Бог не се погрижел таа да биде напишана и сочувана преку еден народ што тој го избрал (Римјаните 3:1, 2). За древните Израелци, Мојсеевиот закон не бил само света реликвија што требало да се сочува за идните генерации, туку народен устав. Деталите во Законот, кои можеби нам денес ни изгледаат неважни, биле неопходни за да може древниот Израел да опстои и нормално да функционира. Родословијата во Библијата, пак, биле неопходни за да се препознае Месијата, за кого било претскажано дека ќе биде директен потомок на цар Давид (2. Самоилова 7:12, 13; Лука 1:32; 3:23-31).
Иако не се под Мојсеевиот закон, христијаните треба да покажуваат вера во претскажаниот Месија, Исус Христос. Древните родословија сочувани во Библијата докажуваат дека Исус навистина бил ветениот „син на Давид“. А деталите во врска со жртвите го зголемуваат нашето ценење за далеку позначајната жртва што ја направил Исус и ни помагаат да имаме уште поголема вера во нејзината вредност (Евреите 9:11, 12).
На христијаните од Рим кои живееле во првиот век, Павле им напишал: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Овој стих нѐ потсетува дека Библијата не била запишана само за наша корист. Повеќе од 3.500 години, нејзините зборови го воделе, го поучувале и го исправале Божјиот народ — додека бил во пустината Синај, потоа во Ветената земја, додека бил во изгнанство во Вавилон, за време на Римското Царство и денес низ целиот свет. За ниедна друга книга не може да се каже тоа. Исто како што не се видливи корењата на една јаболкница, така можеби не се гледа на прв поглед ни вредноста на некои делови од Библијата. За да се увиди таа вредност, можеби ќе треба малку да се копа, но трудот се исплаќа!
ШТО МИСЛИШ?
● Колку долго Тимотеј ги познавал „светите списи“? (2. Тимотеј 3:15)
● Кои делови од Библијата се вдахновени и корисни? (2. Тимотеј 3:16)
● Каква корист имаме од ‚сѐ што било некогаш напишано‘? (Римјаните 15:4)
[Слики на страница 29]
Деталите во Библијата го зголемуваат нашето ценење за жртвата на Исус