ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 7/10 стр. 15-18
  • Запознај се со „шумскиот човек“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Запознај се со „шумскиот човек“
  • Разбудете се! 2010
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Средба со орангутаните
  • Живот на дрво
  • Семеен живот
  • На работ на истребувањето
  • Набљудувајќи го светот
    Разбудете се! 1996
  • Насилство над дождовните шуми
    Разбудете се! 1998
  • На работ на истребувањето
    Разбудете се! 2001
  • „Господовите дрва се наситија со храна“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
Повеќе
Разбудете се! 2010
g 7/10 стр. 15-18

Запознај се со „шумскиот човек“

ДРЖЕЈЌИ СЕ цврсто за една гранка, навидум претенка да го издржи неговото огромно тело, животното вкочането гледаше во нас. И ние втренчено и без здив гледавме во него. Изгледаше дека нему му е сеедно што нѐ среќава, но ние бевме занемени. Стоевме лице в лице со еден орангутан — најголемиот шумски жител чие живеалиште се крошните на дрвјата.

Орангутаните спаѓаат во редот на големи човеколики мајмуни, заедно со горилите и шимпанзата. Овие нежни самотни суштества живеат во густите џунгли на Борнео и Суматра, едни од најголемите острови во Југоисточна Азија. Нивното име се состои од два индонезиски збора, оранг и хутан, што значат „шумски човек“.

Би сакал ли да дознаеш нешто повеќе за овие извонредни големи црвени мајмуни? Тогаш, поканет си да ни се придружиш на нашето патување длабоко во шумите на Борнео, за да ги посетиме во нивното природно живеалиште.

Средба со орангутаните

За да ги видиме овие мајмуни, отидовме во националниот парк Танџунг Путинг, кој изобилува со животински свет. Главна атракција се илјадниците орангутани кои живеат овде.

Нашата посета почна во малото пристаниште Кумае, каде што се качивме на еден моторизиран дрвен чамец наречен клото́к. Пловевме по реката, навлегувајќи сѐ подлабоко во густата џунгла. Речниот брег беше начичкан со еден вид палми, а во црната, мирна вода демнеа крволочни крокодили. Насекаде одекнуваа чудни звуци кои ја зголемуваа нашата возбуда.

Откако излеговме од чамецот, добро се намачкавме со средство против инсекти и влеговме во честаците. За неколку минути наидовме на првиот орангутан — големиот мажјак што го спомнавме во почетокот. Неговото бушаво, црвено крзно светеше на сонцето како исполиран бакар. Силните мускули под крзното му даваа грандиозен изглед.

Дивите мажјаци, кои во својата зрелост достигнуваат висина од 1,7 метри и тежина од околу 90 килограми, се двапати потешки од женките. Кај зрелите мажјаци се оформуваат широки образи кои им го прават лицето рамно и тркалезно. Тие имаат и гуша која им користи за да испуштаат звуци и да рикаат. Понекогаш испуштаат неколку силни крикови едноподруго кои може да траат и до пет минути и да се слушнат на оддалеченост од 2 километра! Не е ни чудо што ваквите звуци се наречени „долг повик“. Мажјаците обично рикаат за да ги привлечат женките спремни за парење и да ги уплашат соперниците.

Живот на дрво

Одејќи по патеката, забележавме орангутани кои скокаа од гранка на гранка. Стапалата и рацете им беа цврсти, подвижни и личеа на кукачки — со долги прсти и кратки палци. Лесно можеа да ги дофатат гранките движејќи се грациозно и внимателно, но изгледаше како никогаш да не се брзаат.

Орангутаните се мајстори за камуфлажа бидејќи тешко може да се забележат меѓу гранките. На земја се многу бавни и луѓето лесно би можеле да ги стигнат.

Овие животни речиси целиот свој живот го минуваат на дрвјата и се единствените големи мајмуни што го прават тоа. Во приквечерината, кога заоѓа сонцето, најчесто избираат цврст чатал на некое дрво, собираат гранчиња и фиданки и си прават удобен нов кревет кој го поставуваат на висина и до 20 метри. За да се заштитат од дождот, понекогаш си прават и „покрив“, што не е случај со шимпанзата и горилите. За сето тоа им се потребни само околу 5 минути!

Орангутаните имаат уште една корист од дрвјата. На нив можат да ја најдат својата омилена храна — овошјето. Бидејќи памтењето одлично ги служи, точно знаат кога и каде ќе најдат зрели плодови. На нивното мени се наоѓаат и лисјата, кората од дрво, никулците, медот и инсектите. Понекогаш, орангутаните користат и стапче за да извадат мед или инсекти од дупките на дрвјата. Сѐ на сѐ, орангутаните имаат повеќе од 400 различни видови храна!

На патеката нѐ чекаше уште едно изненадување — орангутани кои се гостеа со еден куп банани. Овие животни ги одгледале луѓе, а потоа биле пуштени во дивината. Бидејќи ги немаат вештините на дивите орангутани, добиваат храна како дополнување на она што ќе можат сами да го најдат.

Семеен живот

Ги набљудувавме новородените мајмунчиња кои цврсто се држеа за своите мајки и другите мали палавковци кои си играа на земјата и меѓу гранките. Женките живеат и до 45 години. Кога ќе наполнат 15-16 години, достигнуваат зрелост, и оттогаш раѓаат по еднаш на секои 7-8 години. Секоја женка раѓа просечно по три младенчиња во својот живот, па затоа се сметаат за едни од цицачите што најбавно се размножуваат.

Помеѓу мајката и новороденчето постои многу силна врска. Женките се грижат за своите малечки и ги учат до нивната осма година, па и подолго. Во првата година од животот, младенчето е речиси залепено за телото на мајка си. Потоа, не се оддалечува од неа сѐ додека не се роди следното младенче. Младите женки постојано се врткаат околу своите мајки гледајќи ги како се грижат за своите малечки.

Меѓутоа, набрзо откако ќе родат ново младенче, мајките ги отфрлаат младите мажјаци. Тие тогаш талкаат сами низ шумата на подрачје од околу 15 квадратни километри или повеќе. Обично ги избегнуваат другите мажјаци, а со женките се среќаваат само во сезоната на парење.

Обично женките цел живот го минуваат на многу помал простор од шумата. Одвреме-навреме се хранат од исто дрво со други женки, но дури и тогаш имаат ограничени контакти или воопшто не контактираат меѓу себе. Нивниот самотен живот ги издвојува орангутаните од другите мајмуни. Но, за да научиме повеќе за „шумскиот човек“, требаше да посетиме уште едно место.

На работ на истребувањето

Во рамките на националниот парк се наоѓа и кампот Лики — центар за рехабилитација, истражување и заштита на орангутаните, кој го добил своето име по антропологот Луис Лики. Тука можеш да сретнеш орангутан буквално на секој чекор. Некои ни се доближија и ни позираа или ни ги покажуваа своите гимнастички вештини. Една возрасна женка дури се обиде да му го грабне палтото на мојот пријател! Бевме возбудени што можеме да дојдеме толку близу до овие прекрасни животни.

Меѓутоа, во кампот Лики е дадено и едно отрезнувачко предупредување. Орангутаните се на работ на истребувањето. Според некои еколози, орангутаните имаат мали шанси да преживеат во дивината. Се проценува дека ќе бидат истребени за десет години или помалку, и тоа од три причини:

Сечење на шумите. Во изминативе 20 години, околу 80 отсто од природната средина погодна за орангутани беше уништена. Индонезија секој ден губи просечно по 51 квадратен километар шума, т.е. по пет фудбалски игралишта секоја минута.

Ловокрадство. Со уништувањето на шумите од страна на човекот, орангутаните им стануваат лесен плен на ловџиите. Еден череп на орангутан може да достигне вредност од 50 евра на црниот пазар за сувенири. Некои гледаат на орангутаните како на закана за нивните посеви. Други ги убиваат за храна.

Трговија со миленичиња. На црниот пазар, слатките мајмунчиња можат да се најдат по цена од неколку стотини евра, па дури и од неколку десетици илјади евра. Се проценува дека секоја година се продаваат околу илјада младенчиња.

Постојат и владини и невладини организации кои вложуваат посебни напори да ги спасат орангутаните од истребување. За таа цел, основаат центри за рехабилитација, се трудат да ја подигнат свеста преку образовни програми, основаат национални паркови и резервати и го контролираат нелегалното сечење на шумите.

Библијата открива дека наскоро Бог ‚ќе ги уништи оние што ја уништуваат земјата‘ и дека целата Земја ќе ја претвори во рај (Откровение 11:18; Исаија 11:4-9; Матеј 6:10). Тогаш ќе се исполнат зборовите на псалмистот: „Сите шумски дрвја нека воскликнуваат радосно“ (Псалм 96:12). Животните — во кои спаѓа и орангутанот, односно индонезискиот „шумски човек“ — ќе живеат во прекрасни услови, без да биде загрозен нивниот опстанок од страна на луѓето.

[Карта на страница 15]

(Види во публикацијата)

МАЛЕЗИЈА

Борнео

ИНДОНЕЗИЈА

Суматра

АВСТРАЛИЈА

[Слика на страница 16]

Зрелите мажјаци имаат карактеристични широки образи

[Извор на слика]

© imagebroker/Alamy

[Слики на страница 17]

Орангутаните се движат лесно меѓу дрвјата, но се многу побавни на земја

[Извори на слики]

Горе: © moodboard/Alamy; долу: Орангутан во кампот Лики во националниот парк Танџунг Путинг, под раководство на BTNTP, UPT Ditjen PHKA Dephut

[Извор на слика на страница 15]

Горе: © moodboard/Alamy; долу: Орангутан во кампот Лики во националниот парк Танџунг Путинг, под раководство на BTNTP, UPT Ditjen PHKA Dephut

[Извор на слика на страница 18]

Горе: © moodboard/Alamy; долу: Орангутан во кампот Лики во националниот парк Танџунг Путинг, под раководство на BTNTP, UPT Ditjen PHKA Dephut

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели