Јеховините сведоци под лупата на еден адвокат
„ЗА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ знаев многу малку“, вели Лес Сивин, адвокат и директор на една адвокатска фирма во Јужноафриканската Република. Зошто ги испитувал верувањата на Јеховините сведоци и до каков заклучок дошол? Еве што изјави тој за Разбудете се!
Во која религија сте роден?
Роден сум во еврејската религија, но во почетокот на 1970-тите се оженив со Керол, која беше англиканка. Таа воопшто не беше религиозна, и во тоа време религијата немаше никаква улога во нашиот живот. Меѓутоа, кога нашиот син, Ендру, наполни осум години, Керол сметаше дека треба да му пренесеме некакви религиозни верувања. Еден рабин ми кажа дека, ако Керол го прифати јудаизмот, Ендру автоматски ќе стане Евреин и на 13 години ќе може да има бармицва (еврејска религиозна церемонија). Затоа се вклучивме во една програма за преобратеници.
Како дојдовте во контакт со Јеховините сведоци?
Кога Сведоците ќе ми дојдеа на врата, брзо го прекинував разговорот. Им велев: „Јас сум Евреин и не верувам во Новиот завет“. По некое време, Керол ми спомна дека има пријателка Јеховин сведок која знае многу за Библијата. Ми предложи да научиме нешто повеќе за Светото писмо. Со тешко срце прифатив да проучувам со Сведоците.
Како реагиравте на проучувањето на Библијата?
Бев многу горд што се вратив на своите корени. Повторно бев во еврејската вера и мислев дека сум припадник на избраниот народ. ‚Што можат да ме научат овие?‘ си велев во себе. Во текот на нашата прва дискусија, на Сведокот кој дојде кај нас му реков: „Роден сум како Евреин, се вратив во својата религија и ќе умрам како Евреин. Нема шанси да ме премислите“. Тој покажа почит кон мојот став. Така, во петок и понеделник навечер ја посетувавме програмата за преобратеници, а во недела наутро (ако не можев да се извлечам) проучувавме со Сведоците. За разлика од часовите во синагогата, проучувањето со нив беше бесплатно.
Ја користев мојата Библија на хебрејски бидејќи си мислев дека Сведоците се служат со превод кој ги поддржува нивните гледишта. Меѓутоа, се изненадив кога видов колку слични беа двете Библии. Затоа, уште поцврсто решив да докажам дека Сведоците не се упатени во она што го проповедаат.
Откако поминавме неколку часови по еврејска веронаука, Керол ми рече дека, според неа, рабинот не ја знае добро Библијата. Ми кажа дека ќе престане да оди на овие часови и дека нема да се одрече од Христос. Бев скршен и помислував на развод. Но, откако се созедов од шокот, решив да се обидам со друга тактика — да ги искористам моите адвокатски вештини за да ѝ докажам дека оваа ‚чудна секта‘ не е во право.
Дали успеавте во тоа?
Еден рабин ми даде книга наменета да ги побие месијанските пророштва. Заедно со Керол ја проучувавме цели 18 месеци. Исто така, продолживме секоја седмица да проучуваме со Сведоците. Меѓутоа, со секое ново пророштво разгледано во книгата на рабинот, станував сѐ повознемирен. Спротивно на аргументите во книгата, месијанските пророштва укажуваа исклучиво на една личност — Исус Христос. Критичниот момент беше кога го проучувавме пророштвото од Даниел 9:24-27, кое претскажува дека Месијата ќе се појави во 29 год. од н.е.a Сведокот донесе интерлинеарна Библија на хебрејски со дословен англиски превод под секој збор. Ги проверив зборовите, самиот направив некои пресметки и реков: „Добро, пророштвото укажува на 29 год. од н.е. Но, каква врска има сега тоа со Исус?“
„Тоа е годината кога Исус бил крстен“, рече Сведокот.
Бев шокиран! Многу се изненадив од фактот дека библиските пророштва се толку точни и складни.
Како реагираа пријателите кога дознаа дека сте ги смениле своите гледишта?
Некои беа длабоко загрижени за нас и ми ветија дека ќе нѐ поврзат со лица што ќе ни докажат дека Сведоците ни го перат мозокот. Но, нашите ставови се темелеа на длабоко истражување и на логични аргументи, што е сосема спротивно на перење мозок.
Зошто станавте Сведок?
Отпрвин почнав да одам на некои состаноци во Салата на Царството со жена ми, која дотогаш стана Сведок.b Бев одушевен од пријателската атмосфера меѓу Сведоците и од тоа што се сакаа без оглед на нивната раса. Вакво нешто не бев видел во мојата вера. Затоа, продолжив да проучувам и, по три години, се крстив.
Што мислите за Вашата одлука да станете Сведок?
Чест ми е што можам да кажам дека сум Јеховин сведок. Но, кога ќе се сетам како се борев против вистината, се чувствувам недостоен за духовните богатства што ми ги даде Јехова. Никогаш нема да зажалам што донесов таква одлука.
Какви благослови имате?
Ги има многу. Како прво, ја ценам честа што служам како старешина, т.е. духовен пастир и учител, во нашето собрание. Исто така, можев да помагам во Правното одделение во подружницата на Јеховините сведоци во Јужноафриканската Република. Но, најголем благослов е тоа што ги запознав Јехова и неговиот Син и што го разбирам вистинското значење на нашите времиња и на важните настани што го потресуваат светот.
[Фусноти]
a Разработка на пророштвото на Даниел во врска со Месијата можеш да најдеш на 197. страница од книгата Што навистина учи Библијата?
b Керол почина во 1994 година. Денес Лес Сивин е преженет.
[Истакната мисла на страница 11]
Се изненадив од фактот дека библиските пророштва се толку точни и складни