Проблемот со религијата
АКО кажеме дека религијата е главната причина за сите конфликти, тоа би значело дека би имало многу малку војни доколку таа не би постоела. Дали овој аргумент е издржан? Би можеле ли да им ставиме крај на војните со тоа што едноставно ќе ја отстраниме религијата? Каков и да е твојот одговор, едно е неоспорно: Религијата не ги обединува луѓето. Да разгледаме неколку факти што го потврдуваат ова.
Религијата разединува
Религијата го разединува човештвото. На пример, постојат неколку поголеми вери кои се вечни ривали. Може ли да очекуваме некогаш да има соживот помеѓу будистите, Евреите, муслиманите, хиндусите и христијаните?
Друг жалосен факт е расцепканоста во секоја од овие вери. На пример, според една проценка, христијанството е поделено на повеќе од 30.000 вероисповеди. Разликите во верувањата создаваат поделби и во исламот. Како што известува една новинска агенција од Блискиот Исток, муслиманскиот изучувач Мосен Хоџат неодамна признал дека „неединството меѓу муслиманите е главната причина за проблемите во исламскиот свет“. Другите влијателни религии, како што се будизмот, хиндуизмот и јудаизмот, исто така се поделени на многу секти со спротивни гледишта.
Религијата и политиката
Се чини дека религијата е навлезена во речиси секоја пора на општеството. Списанието The Economist вели дека „религиозните луѓе имаат сѐ поголемо влијание на секое поле, вклучувајќи го и бизнисот. Религијата сѐ повеќе навлегува и во економијата“. Оваа појава не ги обединува, туку ги разединува луѓето. Но, религијата нанела уште поголема штета со тоа што отсекогаш се мешала во политиката.
Во извештајот спомнат во претходната статија, група историчари коментирале дека, „кога постои тесна соработка помеѓу религијата и државата, поголема е веројатноста религијата да биде причина за војна“. А ова потврдува уште еден непобитен факт: Религијата била и до ден-денес е тесно поврзана со политиката и војската.
Темпирана бомба
Во многу земји, главните религии станаа симбол на национална и расна припадност. Како резултат на тоа, речиси и нема разлика меѓу националистичката омраза, расните предрасуди, етничката нетрпеливост и верската омраза. Оваа опасна комбинација, како една темпирана бомба, ги има сите потребни елементи за да го уништи светот.
Парадоксот во сето ова е што речиси сите религии тврдат дека го застапуваат Богот за кој зборува Библијата, нашиот Творец. Дали е логично дека еден семоќен, семудар Творец полн со љубов би имал нешто со религиите што сеат раздор и кои се виновни за крвопролевање?
[Слика на страница 6]
Илјадници Јеховини сведоци биле ставени во затвор затоа што избрале да бидат неутрални