Зошто некои се решаваат на насилство
КОГА го прашале зошто се приклучил на милитантна група, Хосеба, кој живее во Шпанија, рекол: „Угнетувањето и неправдата во тоа време станаа неподносливи. Во големиот град Билбао, каде што живеев, полицијата често им упаѓаше дома на луѓето, ги тепаше и ги апсеше“.
Тој понатаму вели: „Едно утро бев уапсен затоа што отворено кажував што мислам за таквите тактики на полицијата. Бев толку гневен што сакав да направам нешто — ако треба и нешто насилно — за да ја поправам ситуацијата“.
Угнетување и одмазда
Иако не го оправдува насилството, Библијата вели дека „угнетувањето може да го наведе мудриот да постапува лудо“, т.е. неразумно (Проповедник 7:7). Многумина ги обзема гнев кога трпат малтретирање поради нивната расна, верска или национална припадност.
На пример, Хафени, кој беше спомнат во претходната статија, вели: „Земјата ни беше неправедно одземена. Животните се борат за својата територија, па изгледаше сосема исправно и ние да се бориме за нашата земја и за нашите права“. Во една изјава на еден бомбаш-самоубиец, објавена по неговата смрт, тој вели: „Додека не престанете да фрлате бомби, да употребувате бојни отрови, да го апсите и да го мачите мојот народ, нема да престанеме со нашата борба“.
Верски побуди
Иако обично причина за насилството од страна на милитантите се општествените неправди, тие честопати се служат со насилство и од верски причини. Еден светски лидер го добил следниов факс од портпаролот на една милитантна група: „Не сме ниту луди ниту жедни за власт. Му служиме на Бог и затоа не отстапуваме од нашите ставови“.
Во врска со верските побуди, во својата книга Време на свет терор (The Age of Sacred Terror), Даниел Бенџамин и Стивен Сајмон напишале: „Во овој свет, кој станува сѐ порелигиозен, сѐ повеќе верници од големите цркви и од новите растечки култови го сметаат насилството за основен дел од нивната служба за Бог“. Еден друг истражувач, откако документирал голем број на, како што самиот рекол, „спектакуларни терористички напади во светот“, забележал: „Извршителите се уверени дека нивните дела имаат одобрување од Бог, па дури и дека се по негов налог“.
Но, голем број од милитантите водени од верски побуди имаат екстремистички гледишта кои не ги одразуваат традиционалните учења и вредности на религијата на која ѝ припаѓаат.
Длабоки корени
Кога бил уапсен, Хосеба, кого го спомнавме претходно, бил многу малтретиран. Тој вели: „Бруталноста ме убеди дека мојата омраза е оправдана. Сметав дека вреди и да умрам за да се сменат работите“.
Честопати таквите причини за насилство се продлабочуваат поради она што се поучува во тие групи. Хафени вели: „Во бегалските кампови се одржуваа собири на кои беше кажувано дека белците постојано смислуваат начини да доминираат над црнците“. Каков бил резултатот?
„Чувствував дека кај мене расте омразата кон белците“, додава тој. „Немав доверба во ниеден белец. По некое време не можев веќе да ги контролирам чувствата и сметав дека нашата генерација мора да преземе нешто.“
Изненадува тоа што, иако имале крути ставови, и Хосеба и Хафени ги смениле своите длабоко вкоренети чувства на омраза и недоверба. На што се должеле тие коренити промени? За тоа зборува следната статија.
[Истакната мисла на страница 6]
„Бруталноста ме убеди дека мојата омраза е оправдана. Сметав дека вреди и да умрам за да се сменат работите“ (Хосеба)