Целта на стручната нега на неизлечиво болните
„Мојата 94-годишна мајка имаше Алцхајмерова болест и срцев застој, поради што повеќе не можеше да станува. Одбиваше да јаде и не реагираше на ништо. Во болницата ми рекоа дека е во ‚еден вид транс‘. Сакав да се грижам за неа дома, но ми беше потребна помош“ (Џин).
КОГА некој има неизлечива болест, не му е тешко само на болниот туку и на целото семејство. Најблиските се пред тешка одлука. Треба ли животот на болниот да му се продолжи по секоја цена, дури и ако тоа значи непотребно да трпи болки? Или, пак, треба да се трудат болниот да ги помине последните денови од својот живот најдобро што може?
За многумина, практично решение се услугите што ги нудат службите за палијативна нега. Ваквата нега опфаќа грижа и внимание за емоционалните, духовните, општествените и финансиските потреби на неизлечиво болните пациенти. Целта е да им се олеснат маките. Моментално, палијативната нега, макар во ограничена мера, е достапна речиси во половина од земјите во светот. На пример, затоа што во Африка има сѐ поголем број на заболени од ХИВ/СИДА и болни од рак, во повеќето африкански земји има такви програми или се прават чекори да се спроведат.
Целта на негата на неизлечиво болните
Некои пациенти можеби си мислат дека, ако прифатат ваква нега, тоа е исто како да кренале раце од животот. Членовите на семејството, пак, може да мислат дека, ако го вклучат својот близок во таква програма, ќе изгледа како бездушно да чекаат да умре. Меѓутоа, ако некој прифати палијативна нега, не значи дека само пасивно го чека смртниот час. Напротив, таа може да му помогне на пациентот да си го проживее достоинствено и исполнето времето што му преостанува заедно со своите најблиски, а во исто време, колку што е можно, да му се ублажат болките. Освен тоа, семејството има можност да го теши и да му помага на болниот колку што ќе биде потребно.
Иако со палијативната нега нема да се излечи неизлечива болест, сепак на пациентот може да му се помогне ако дојде до извесни компликации кои може да се лекуваат, како што се пневмонија или воспаление на мочниот меур. Ако околностите се сменат, на пример ако се најде лек или ако болеста почне да се повлекува, пациентот може да премине на обично лекување.
Предности на домашното лекување
Во некои земји, палијативна нега се нуди само во здравствените установи. Но, во други земји, членовите на семејството можат да се грижат за болниот и дома. Домашната нега му овозможува на пациентот да се чувствува како дел од семејството. Ова е во склад и со културата во некои земји, како што е Уганда, каде што е обичај семејството да се грижи за болните и старите.
Кога болниот е вклучен во ваква програма, членовите на семејството кои се грижат за него обично добиваат помош од цел тим, како што се лекар, медицински сестри, помошници и социјален работник. Овие стручни лица можат да ги поучат оние што се грижат за болниот што да прават за тој да се чувствува добро и да им објаснат што можат да очекуваат во последните денови од животот на нивниот близок. Тие ги почитуваат желбите на пациентот и на неговото семејство. На пример, доколку семејството побара, стручните лица нема да прават непотребни прегледи или да го хранат со цевка пациентот кога повеќе нема да може да ја вари храната.
Долорес и Џин се грижат за својот 96-годишен татко. Поради неговата сѐ полоша состојба, тие многу ја ценат помошта што ја добиваат. „Пет дена во седмицата доаѓа една жена и ни помага да го искапеме татко ми“, вели Долорес. „Таа исто така му ја менува постелнината и, ако ја замолиме, му помага да се облече, да се избричи и слично. Еднаш седмично доаѓа медицинска сестра за да му ја провери состојбата и да му донесе лекови. А на секои три седмици доаѓа лекар. Ако е потребно, помош ни стои на располагање 24 часа во денот.“
Многу важен дел од палијативната нега е тоа што во секое време на располагање се стручни лица кои одредуваат какви лекови да зема болниот и гледаат пациентот да нема болки и да остане при себе колку што е можно. Исто така можат да му даваат кислород. Помошта од овие стручни лица им дава самодоверба и на пациентот и на оние што се грижат за него, затоа што го отстранува стравот дека ќе трпи силни болки или други тешки симптоми пред да умре.
Сочувствителна грижа
Членовите на службата за нега внимаваат да не го повредат достоинството на пациентот и во секое време се однесуваат со него со почит. Марта, која повеќе од 20 години работела во таква служба, вели: „Станував блиска со пациентите, знаев што сакаат, што не сакаат, и се обидував да им помогнам колку што е можно поубаво да си ги поминат последните денови од животот. Честопати се приврзував со нив, а некои просто не можев да не ги сакам. Точно е дека некои пациенти со Алцхајмерова болест или некој друг вид деменција понекогаш беа агресивни. Сакаа да ме удрат, да ме каснат, па дури и да ме клоцнат. Но, се трудев да задржам на ум дека ваквото однесување не ја одразува нивната личност, туку е резултат на болеста“.
На Марта ѝ причинувало големо задоволство да им помага на оние што се грижат за болниот. Таа кажува зошто: „Со она што го правев им ги олеснував грижите. Утеха им беше и самото тоа што знаеја дека има некој со кого можат да го поделат товарот“.
Ако во твојата земја има служба за палијативна нега, тоа може да биде добра замена за болница или старечки дом. Џин, која беше спомната во почетокот, е среќна што избрала палијативна нега за својата мајка. Таа вели: „Така мајка ми си остана дома, во кругот на семејството, кое ѝ даваше физичка, емоционална и духовна поддршка, а во исто време добиваше и медицинска помош и лекови. Сите од службата за нега се однесуваа професионално и беа сочувствителни. Нивните совети и стручност ни беа од непроценлива вредност. Уверена сум дека ни мајка ми не би избрала ништо друго“.
[Истакната мисла на страница 17]
Многу важен дел од палијативната нега е тоа што во секое време на располагање се стручни лица
[Рамка/слика на страница 16]
„Можевме да бидеме со неа“
Мајка ѝ на Изабел од Мексико 16 години се борела со рак на дојката. Тогаш ракот метастазирал и повеќе не можело ништо да се направи. Изабел вели: „Јас и семејството се плашевме дека мама ќе се мачи. Се молевме да нема силни болки какви што трпат многу луѓе со рак пред да умрат. Една лекарка овде во Мексико, која специјализира палијативна нега, беше одговор на нашите молитви. Таа ја посетуваше еднаш седмично, ѝ носеше лекови против болка и ни даде прецизни и едноставни упатства како да ѝ ги даваме и како да се грижиме за мајка ми. Нѐ тешеше тоа што знаевме дека лекарката е спремна да дојде кога и да ѝ се јавиме, било дење било ноќе. Колкаво олеснување беше што последните неколку денови од својот живот мајка ми немаше болки и беше спокојна, па дури и можеше да ужива во малку храна. Можевме да бидеме со неа, и тоа дома, сѐ до нејзиниот последен здив“.
[Рамка на страница 17]
Кога крајот е неизбежен
Одржувај ги чаршафите чисти, суви и неистуткани. За да не дојде до декубит, редовно менувај му ја положбата на болниот, а ако не може да го контролира мокрењето и празнењето на цревата, редовно менувај му ја и долната облека или пелените. За полесно празнење на цревата, може да се користат чепчиња или клистир. Ако смртта е близу, не мора да го тераш болниот да јаде и да пие. Влажни му ја устата со коцки мраз или со крпче и балсам за усни. На болниот може многу да му значи и само тоа што ќе го држиш за рака, а не губи од вид и дека можеби може да те чуе сѐ до мигот на смртта.