ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 8/11 стр. 14-16
  • Ибн Батута и неговиот свет

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ибн Батута и неговиот свет
  • Разбудете се! 2011
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • На аџилак во Мека
  • Во Александрија, Каиро и долж горното течение на Нил
  • Долг заобиколен пат
  • Неуморен светски патник
  • Од Индија до Кина
  • Тажни вести на пат кон дома
  • Налог да напише мемоари
  • Содржина
    Разбудете се! 2011
  • Како арапскиот станал јазикот на учените
    Разбудете се! 2012
  • До каде на исток отишле мисионерите?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Врвни средновековни астрономи
    Разбудете се! 2012
Повеќе
Разбудете се! 2011
g 8/11 стр. 14-16

Ибн Батута и неговиот свет

ВО 1325 год., еден млад човек тргнал од Тангер (Мароко) на првото од многуте патувања кои го одвеле до некои од најдалечните делови на тогаш познатиот свет, како што биле Индија, Индонезија, Кина, Мали, Персија, Русија, Сирија, Танзанија, Турција и сите арапски земји. Тој човек бил Абу Абдала ибн Батута, кој пропатувал околу 120.700 километри — нешто невидено пред да биде измислена парната машина.

Ибн Батута е најпознатиот средновековен патник во исламот. Од неговите мемоари, запишани кога конечно се вратил дома по речиси 30-годишно патешествие, дознаваме за многу аспекти од животот и културата во 14 век, а посебно за муслиманскиот свет во средниот век.

На аџилак во Мека

Ибн Батута заминал од Тангер за да ги посети светите места, односно отишол на аџилак во Мека, нешто што се бара од секој возрасен муслиман чија материјална и физичка состојба му дозволуваат да патува. Мека се наоѓа 4.800 километри источно од Тангер. Од безбедносни причини, Ибн Батута, како и повеќето аџии, патувал со каравани, што му овозможило да стигне до своето одредиште.

Бидејќи татко му бил кадија, т.е. локален судија, и Ибн Батута учел за кадија, највисокото образование што можело да се добие во Тангер. Кога дознале за тоа, сопатниците го поставиле за судија за да им ги решава споровите додека патувале.

Во Александрија, Каиро и долж горното течение на Нил

Караванот патувал покрај брегот на Северна Африка па сѐ до Египет. Таму, Ибн Батута го видел прочуениот светилник во Александрија — едно од чудата на древниот свет — кој дотогаш веќе бил делумно разрушен. Според она што го запишал, Каиро бил град „со безброј зданија, со беспримерна убавина и невиден сјај, град во кој како морски бранови се слевале и патници добронамерници и патници на минување“. Ибн Батута бил крајно одушевен од бродовите, градините, пазарите, верските објекти и обичаите во овој величествен град. Како што обично правел, и во Египет побарал и добил заштита и финансиска поддршка од верските лица, од учените луѓе и од големците.

Од Каиро тргнал долж горното течение на реката Нил (Горен Египет), а за време на патувањето наоѓал преноќиште кај некои гостољубиви побожни луѓе, во манастирите, како и во ановите финансирани од добротвори и во муслиманските школи, кои во тоа време ги имало речиси во сите муслимански градови. Ибн Батута имал намера да стигне до Црвеното Море преку пустината, да отплови кон западна Арабија, а потоа да отиде до Медина, каде што се наоѓала џамијата на пророкот Мухамед, и во Мека. Но, една војна му го расипала планот, па затоа се вратил во Каиро.

Долг заобиколен пат

Бидејќи бил решен да отиде во Медина и Мека, Ибн Батута заминал кон север во Газа, па во Хеврон, а потоа до местото каде што се верува дека биле погребани Авраам, Исак и Јаков. На пат кон Ерусалим и кон светилиштето Купола на карпата, кое се наоѓа во овој град, застанал во Витлеем, каде што забележал дека луѓето што се изјаснувале како христијани го обожавале родното место на Исус.

Потоа, Ибн Батута заминал кон север, во Дамаск, каде што учел кај видни муслимански учители и стекнал квалификации и самиот да биде учител. Според неговите зборови, умајадската џамија во овој град била „највеличествената“ во целиот свет. На локалните пазари се продавале накит, ткаенини, хартија, прибор за пишување, книги и стакларија, а на нотарските тезги имало по „5-6 сведоци и лице овластено од кадијата да врши венчавки“. Всушност, додека бил во Дамаск, и Ибн Батута се оженил. Но, неговата невеста била една од многуте жени и конкубини кои во неговата приказна исчезнуваат веднаш откако ќе се појават.

Во Дамаск, Ибн Батута им се придружил на други аџии кои оделе накај Мека. Патем се улогориле кај еден извор каде што некои носачи на вода правеле огромни резервоари за вода од биволска кожа. Од нив, патниците ги напојувале своите камили и си ги полнеле своите мешини пред да тргнат на пат низ пустината. Најпосле, стигнал во Мека. Ова е првиот од седумте аџилаци на кои пошол таму. Повеќето аџии се вратиле дома откако завршиле со своите обреди. Но, не и Ибн Батута. Тој продолжил кон Багдад, „чисто заради авантура“, вели еден биограф.

Неуморен светски патник

Во Багдад, кој тогаш бил средиште на исламот, Ибн Батута бил одушевен од јавните бањи. „Секоја зграда има голем број приватни бањи“, запишал тој, „а во секоја од нив на ќошот има мијалник со две славини за топла и ладна вода.“ Преку еден пријателски расположен генерал младиот Ибн Батута бил претставен пред султанот Абу Саид. Од кај него си заминал со скапоцени дарови — коњ, церемонијална наметка и писмена препорака со барање до управителот на Багдад да му обезбеди камили и храна за по пат.

Потоа, Ибн Батута отпловил минувајќи низ источноафриканските пристаништа Могадиш, Момбаса и Занзибар пред да отпатува до Арабија и да стигне до Персискиот Залив. Подоцна ги опишал народите, обичаите и производите што ги видел по патот — во Сомалија му паднало во очи гостопримството кон трговците, во Јемен џвакањето бетелов орев и одгледувањето кокосов орев, а во Персискиот Залив вадењето бисери од школки. Потоа тргнал на еден долг заобиколен пат кон Индија — поминал низ Египет, Сирија и Анадолија (Турција), пловел низ Црното Море, го обиколил северниот дел од Каспиското Море и ја преминал територијата на денешен Казахстан, Узбекистан, Авганистан и Пакистан.

Од Индија до Кина

Во Индија, Ибн Батута служел 8 години како кадија кај султанот од Делхи. Свесен за неговата љубов кон патувањата, султанот го испратил како амбасадор кај Тогон-темур, императорот на Кина од монголската династија. Ибн Батута требало да му предаде дипломатски дар кој се состоел од „сто чистокрвни коњи, сто бели робови, сто пејачки и танчерки од Индија, 1.200 најразлични ткаенини, златни и сребрени свеќници и мијалници, брокатни наметки, капи, торбички за стрели, мечеви, ракавици украсени со бисери и петнаесет евнуси“.

Во јужноиндиското пристаниште Каликут, Ибн Батута видел големи трговски бродови наречени џунки кои пловеле по патот по кој планирал да отиде до Кина. Овие бродови имале 12 едра изработени од плетена бамбусова трска и екипаж од 1.000 души — 600 морнари и 400 војници. Семејствата на морнарите живееле на бродот, каде што „во дрвени сандаци [одгледувале] билки, зеленчук и ѓумбир“, напишал Ибн Батута.

Бидејќи доживеал бродолом, Ибн Батута не можел да ја изврши својата дипломатска мисија во Кина. Наместо тоа, почнал да служи за еден муслимански владетел на Малдивите и бил првиот кој му ги открил локалните обичаи на надворешниот свет. По некое време, успеал да влезе во Кина. Но, покрај сѐ добро што видел таму, имало и работи кои ги повредувале неговите религиозни убедувања. Скудните записи за неговиот престој во Кина дале повод некои да се сомневаат дека баш и не ја пропатувал оваа земја толку колку што тврдел. Можеби дошол само до пристаништата во јужна Кина.

Тажни вести на пат кон дома

Кога се вратил во Дамаск, Ибн Батута дознал дека еден од неговите синови, кого го оставил таму пред 20 години, бил мртов веќе 12 години и дека татко му, кој живеел во Тангер, умрел пред 15 години. Тоа било во 1348 год., кога црната чума беснеела низ Блискиот Исток. Всушност, Ибн Батута напишал дека во Каиро секој ден умирале 21.000 луѓе!

Една година подоцна, овој 45-годишен патник стигнал во Мароко, каде што дознал дека мајка му умрела од чумата само неколку месеци пред тоа. Кога си заминал од дома, имал 21 година. Дали по 24 години патувања конечно згаснала неговата жед за авантури? Очигледно не, бидејќи набрзо заминал за Шпанија. Три години подоцна, тргнал на своето последно патешествие кое го одвело до реката Нигер и Томбукту (Тимбукту), град во африканската земја денес позната како Мали.

Налог да напише мемоари

Откако дознал за патувањата на Ибн Батута, султанот од Фес (Мароко) му наредил да состави писмен извештај во кој ќе уживаат членовите на дворот, а назначил и секретар што ќе му помага — Ибн Жази. Неговото дело не било многу препишувано на арапски, а почнало да се преведува на западните јазици дури откако повторно било откриено од страна на европските изучувачи во 19 век.

Ибн Жази го опишува овој извештај како скратена верзија на сето она што му го раскажал Ибн Батута за своите патувања, но по сѐ изгледа писарот си зел и малку слобода во раскажувањето. Сепак, ова дело е уникатен увид во животот, трговијата, обичаите, религијата и политиката во земјите што ги посетил Ибн Батута, посебно во оние од средновековниот исламски свет.

[Слика на страница 14]

Цртеж на ал-Васити од 13 век на кој се прикажани исламски аџии

[Извор на слика]

Scala/White Images/Art Resource, NY

[Слика на страница 16]

Каталонскиот атлас од 1375 год. во кој може да се види дел од подрачјето што го пропатувал Ибн Батута

[Извор на слика]

Snark/Art Resource, NY

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели