Ќе бидат ли спасени од истребување?
ВО 2002 год., Обединетите Нации објавија дека имаат цел до крајот на деценијата да се намали стапката на истребување на видовите и уништување на екосистемите. Затоа одлучија 2010 да ја прогласат за година на Меѓународната биолошка разновидност.
Но, за жал, кога дојде таа година, остварувањето на целта сѐ уште не беше на повидок. Според еден извештај на Би-Би-Си, „како директна последица од активностите на луѓето, стапката на истребување на видовите е илјада пати поголема од природната“. Весникот New Zealand Herald даде уште поконкретна изјава: „Секое петто растение и секој петти цицач, секоја седма птица и секој трет водоземец е во опасност од глобално истребување“. Нешто што ќе ни помогне да сфатиме како дошло до оваа состојба е она што низ вековите се случувало на Нов Зеланд.
Живиот свет на Нов Зеланд
Пред да биде населен со луѓе, Нов Зеланд имал богат екосистем. Меѓутоа, првите доселеници донеле видови кои биле погубни за тамошниот жив свет. На пример, Маорите преку Пацификот пренеле кучиња и веројатно еден вид стаорци (Rattus exulans), кои им служеле како храна.
Потоа, во 17 и 18 век, стигнале и Европејците кои со себе донеле црни стаорци, глувци, и мачки чие потомство станало диво. Исто така, донеле и кози, свињи и елени кои ги одгледувале за храна. Во текот на 19 век, ги донеле опосумот со четкаст опаш и европскиот див зајак, од кои добивале месо и крзно, без да помислат какво влијание ќе имаат овие животни врз дрвјата, птиците и вегетацијата.
До 1860-тите, зајаците толку се намножиле што бил донесен хермелинот. Но, хермелините повеќе сакале да се гостат со тамошните птици кои биле побавни со што и полесен плен за нив. Како резултат на тоа, зајаците станувале сѐ побројни.
Одделот за конзервација на Нов Зеланд известува дека поради цицачите штетници, моментално 9 од секои 10 младенчиња на кафениот киви родени во дивината ќе умрат пред да наполнат една година. Веќе многу видови се потполно истребени — повеќе од 40 видови птици, 3 вида жаби, 1 вид лилјак, најмалку 3 вида гуштери, како и многу видови инсекти. На Нов Зеланд има 5.819 автохтони (домородни) растенија и животни, а повеќе од половина се наоѓаат на листата на загрозени видови, со што дивиот свет на оваа земја е еден од најзагрозените на планетата.
Позитивни чекори
Државните органи сега преземаат строги мерки со цел да спречат на Нов Зеланд да бидат донесени растенија и животни кои би можеле да предизвикаат штета. Освен тоа, Одделот за конзервација вложи голем напор за да се ослободи од штетниците, особено на островите, и отвори резервати за зачувување на живиот свет.
Еден од тие острови е Тиритири Матанги кој се наоѓа во близина на полуостровот Вангапараоа во Окланд. Оваа област, која во 1993 год. беше исчистена од стаорци и во која беа посадени околу 280.000 автохтони дрвја, сега е резерват од отворен тип каде посетителите можат да ги слушаат и да ги гледаат домородните птици — тиеке, такахе, кокако, титипоунаму и хихи — кои повторно ги населуваат овие краишта. Бидејќи живеат во средина во која не ги демне опасност од грабливци, овие прекрасни птици често им дозволуваат на луѓето одблизу да им се восхитуваат.
Во 2003 год., по двегодишна акција за истребување на стаорците, островот Кемпбел кој се наоѓа над Антарктикот беше прогласен за чист од овие штетници. Оттогаш, автохтоната флора се обновува и морските птици се враќаат. Дури повторно може да се сретне и еден редок вид патка (Anas nesiotis).
Неодамна, отпочна да се реализира еден значаен проект за зачувување на дивиот свет на островите Рангитото и Мотутапу, како и во заливот Хаураки во Окланд. Целта на овој проект е да се заштити најголемата шума со похутукава дрвја во светот и да се одржи ендемичниот див свет. По истребувањето на некои штетници — вклучувајќи ги зајаците, хермелините, ежовите, дивите мачки, норвешките стаорци, црните стаорци и глувците — после цел век повторно можат да се видат црвениот паракит и коримакото!
Овие примери покажуваат што може да се направи за да се спасат загрозените видови и како можат да се поправат непромислените грешки што оставија траги врз екоситемот. Љубителите на природата во целиот свет посебно се радуваат на библиското ветување дека Јехова Бог, „Творецот на небото и на земјата“, ќе им стави крај на човечките дејствија кои претставуваат закана за опстанокот на природата и нејзиниот жив свет (Псалм 115:15; Откровение 21:5).
[Истакната мисла на страница 25]
Моментално 9 од секои 10 младенчиња на кафениот киви не ја преживуваат првата година
[Рамка на страница 26]
МУДРА РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВАТА
Предизвикот со кој се соочуваат поборниците за заштита на животната средина низ целиот свет е тоа што има сѐ повеќе загрозени видови, а малку средства за решавање на проблемот. Затоа, се применува принципот „еколошка тријажа“, кој се заснова на тријажата во ургентните центри при што приоритет им се дава на пациентите во најтешка состојба. Со примената на овој принцип се прават напори средствата да се насочат таму каде што е најпотребно при што се земаат предвид повеќе фактори. На пример, 1) од колкава важност е зачувувањето на одреден вид или хабитат, 2) колкави се шансите за реализација на планот и 3) колкави би биле трошоците. Иако сите не се согласуваат со овој пристап, оние што се залагаат за него велат дека помага најдобро да се искористат ограничените средства.
[Карти на страница 26]
(Види во публикацијата)
НОВ ЗЕЛАНД
Заливот Хаураки
Островот Тиритири Матанги
Рангитото и Мотутапу
Островот Кемпбел
[Слика на страница 25]
Кафен киви
[Слика на страница 27]
Возрасно такахе на островот Тиритири Матанги
[Слика на страница 27]
Островот Кемпбел
[Извор на слика на страница 25]
© S Sailer/A Sailer/age fotostock
[Извори на слики на страница 27]
Такахе: © FLPA/Terry Whittaker/age fotostock; Островот Кемпбел: © Frans Lanting/CORBIS