Што вели Библијата
Зошто да ги пофалуваме другите?
МНОГУ луѓе сметаат дека никој не го забележува она што го прават. На пример, оние што одат на работа често мислат дека нивните работодавци не ги ценат. Многумина од оние што се во брак сметаат дека брачниот другар не ги цени. Некои деца имаат чувство дека никогаш не можат да ги исполнат очекувањата на нивните родители. Се разбира, сите ќе се чувствуваме поубаво ако сме спремни одвреме-навреме да ги пофалуваме другите.
Денес ретко може да се чуе искрена пофалба. Ова воопшто не изненадува бидејќи во Библијата е проречено: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви... неблагодарни, нелојални“ (2. Тимотеј 3:1, 2).
Си добил ли некогаш искрена пофалба? Ако да, тогаш сигурно знаеш колку значи таков збор и колку може да го охрабри човек. Библијата вели: „Збор кажан во право време — колку е добар!“ (Изреки 15:23). Светото писмо може да ни помогне да се однесуваме љубезно со другите.
Барај го доброто во другите
Бидејќи Бог е длабоко заинтересиран за нас, тој ги забележува и ги цени нашите убави особини и добри дела. Библијата нѐ уверува: „[Бог] ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Летописи 16:9). Кога му покажуваме на Бог дека го сакаме така што ги држиме неговите заповеди, тој сигурно го забележува тоа.
Јехова Бог не ни бара маани. Кога би го правел тоа, никој од нас не би опстанал (Псалм 130:3). Напротив, Јехова е како еден рудар кој стрпливо пребарува низ куповите камења за да ги најде оние што се скапоцени. Кога ќе најде скапоцен камен, рударот многу се радува. Необработен, каменот не изгледа многу вреден, но рударот го гледа крајниот производ. Слично, кога Бог го испитува нашето срце, тој ги бара добрите особини во нас, а не нашите маани. Кога ќе ги најде, многу се радува. Тој знае дека кога тие особини ќе се обликуваат и обработат, крајниот производ ќе биде нешто многу вредно — верен и оддаден слуга на Јехова.
Ние можеме да учиме од примерот на Бог. Кога ги гледаме другите, можеби сме склони да се концентрираме на нивните маани. Но, ако ги гледаме онака како што Јехова ги гледа, ќе ги видиме нивните убави особини (Псалм 103:8-11, 17, 18). А кога ќе ги видиме, да ги пофалиме. Каков ќе биде резултатот од тоа? Нашите зборови сигурно ќе ги охрабрат и можеби ќе ги поттикнат уште повеќе да се држат за она што е исправно! А, ние, пак, ќе ја почувствуваме радоста што ја носи давањето (Дела 20:35).
Пофали ги другите за нивните добри дела
Исус често ги забележувал добрите дела што ги правеле оние околу него и ги пофалувал. Еднаш, кога една исплашена болна жена кришум му ја допрела облеката за да оздрави, Исус ја пофалил велејќи ѝ: „Ќерко, твојата вера те оздраве“ (Марко 5:27-41).
Во друга прилика, додека поучувал во храмот во Ерусалим, Исус гледал како голем број богати луѓе пуштаат пари во ковчежињата за прилози. Но, тогаш забележал една сиромашна вдовица која пуштила само „две парички“. Другите приложиле многу повеќе од неа. Сепак, Исус пред сите ја пофалил вдовицата за нејзиниот исправен мотив, велејќи: „Вистина, ви велам, оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите нив. Зашто, сите тие пуштија дарови од својот вишок, а оваа жена од својата немаштија пушти сѐ што имаше за живот“ (Лука 21:1-4).
Како можеме да го следиме примерот на Исус? Библијата вели: „Немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно, кога твојата рака може да го стори тоа“ (Изреки 3:27).
Моќта на пофалбата
Во денешниот неблагодарен свет, сите ние имаме потреба да се чувствуваме сакани и ценети. Кога од срце ги пофалуваме другите, тие се охрабрени и зајакнати. Нашата искрена пофалба им дава сила да продолжат да го даваат најдоброто од себе (Изреки 31:28, 29).
Библијата го дава следниов совет за сите христијани: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела“ (Евреите 10:24). Светот би бил многу поинаков кога секој би покажувал личен интерес за другите, барајќи ги нивните убави особини и пофалувајќи ги за добрите дела. Никогаш да не ја потценуваме моќта на пофалбата!
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто треба да ги пофалуваме другите за нивните добри дела? (Изреки 15:23)
● Што бара Јехова во нас кога нѐ испитува? (2. Летописи 16:9)
● Кога треба да ги пофалуваме другите? (Изреки 3:27)
[Слика на страница 29]
Дали ги забележуваш добрите дела на другите и ги пофалуваш?