Пофалбата зајакнува
1 „Зарем не бев умна денес?“ липало малото девојченце пред да си легне. Тоа прашање ја изненадило мајката. И покрај тоа што забележала колку многу нејзиното девојченце се труди да се однесува добро тој ден, таа пропуштила да каже макар и еден збор на пофалба. Солзите на тоа девојченце треба да ни служат како потсетник дека на сите нас — и млади и стари — ни треба пофалба. Дали ги зајакнуваме другите околу нас така што им искажуваме ценење за доброто што го прават? (Посл. 25:11).
2 Сохристијаните ни даваат многу добри причини за да ги пофалиме. Старешините, слугите помошници и пионерите напорно работат за да ги исполнат своите одговорности (1. Тим. 4:10; 5:17). Богобојазливите родители даваат сѐ од себе за да ги подигнат своите деца на патот на Јехова (Ефеш. 6:4). Христијанските младинци водат тешка борба за да се спротивстават на „духот на светот“ (1. Кор. 2:12; Ефеш. 2:1—3). Други верно му служат на Јехова и покрај староста, здравствените проблеми или други испити (2. Кор. 12:7). Сите тие заслужуваат пофалба. Дали ги цениме нивните напори што се за пофалба?
3 Лични и конкретни: Сите ние се радуваме кога ќе чуеме пофалба од подиумот. Меѓутоа, пофалбата уште повеќе зајакнува кога ни е упатена лично нам. На пример, во 16. поглавје од своето писмо до Римјаните, Павле, покрај оние за другите, кажал конкретни изрази на пофалба и за Фива, Приска и Акила, Трифена и Трифоса и Персида (Рим. 16:1—4, 12). Колку мора да ги зајакнале тие зборови овие верни лица! Таквата пофалба ги уверува нашите браќа и сестри дека се потребни и помага да се зближиме уште повеќе. Дали во последно време си дал некоја конкретна пофалба? (Ефеш. 4:29).
4 Од срце: За да биде навистина зајакнувачка, пофалбата мора да биде искрена. Луѓето можат да препознаат дали зборуваме од срце или само ‚ласкаме со својот јазик‘ (Посл. 28:23). Додека вежбаме да го забележуваме доброто кај другите, нашето срце ќе биде поттикнато да даде пофалба. Великодушно да даваме пофалба, имајќи на ум дека „зборот во право време колку е добар!“ (Посл. 15:23).