Покажи искрен интерес — со давање пофалби
1 Искрената пофалба ги охрабрува луѓето, ги мотивира на акција и ги радува. Многу објавители увиделе дека луѓето се поспремни да нѐ слушаат во службата ако искрено ги пофалиме за нешто. За што можеме да ги пофалиме луѓето додека им ја пренесуваме добрата вест?
2 Набљудувај: Прославениот Исус Христос ги забележал добрите дела на седумте собранија во Мала Азија (Откр. 2:2, 3, 13, 19; 3:8). Слично на тоа, ако сме искрено заинтересирани за луѓето што ги сретнуваме во службата, ќе бараме можности да ги пофалиме. На пример, еден добро одржуван двор, родител што е нежен со своите деца или пријателската насмевка и поздравот од страна на станарот — сето тоа ни дава можност да ги пофалиме. Дали будно набљудуваш за да ги искористиш тие можности да ги пофалиш луѓето?
3 Слушај внимателно: Кога им проповедаш на другите, замоли ги да го кажат своето мислење така што ќе поставиш соодветно прашање. Искажи им чест со тоа што внимателно ќе ги слушаш кога зборуваат (Рим. 12:10). Во тоа што ќе го кажат обично ќе најдеш нешто за кое можеш да ги пофалиш, а потоа гради на заедничкиот темел што ќе го поставиш.
4 Биди прониклив: Што треба да правиме ако станарот каже нешто што не е во склад со библиската вистина? Наместо да правиш проблем од таа неточна изјава, заблагодари му се за неговото мислење и продолжи со коментар од типот: „Се гледа дека многу сте размислувале за оваа тема“ (Кол. 4:6). Дури и ако лицето останува на своето мислење, обично можеме да го пофалиме за неговиот искрен интерес за темата. Таквиот благ пристап честопати го омекнува оној што на прв поглед изгледа дека е категорично против добрата вест (Посл. 25:15).
5 Пофалбата мора да биде искрена за да има некаква вредност. Ако со нашите зборови ги изградуваме другите, му носиме чест на Јехова и би можеле да ги привлечеме другите кон пораката за Царството.