Поглавје 8
Шинтоизам — потрагата на Јапонците по Бог
„Затоа што татко ми беше шинтоистички свештеник, ни беше кажано секое утро пред појадок да принесуваме чаша со вода и чинија со варен ориз на камидана [шинтоистичко домашно светилиште]. После чинот на обожавање, ја земавме чинијата со ориз и јадевме од него. Бев сигурен дека на тој начин боговите ќе нѐ заштитуваат.
Кога купивме куќа, му се обративме на еден шаман, т.е. духовен медиум, за да можеме внимателно да ја одредиме поволната положба на новата куќа во однос на старата. Тој нѐ предупреди за трите демонски порти и нѐ поучи да ја следиме постапката на очистување која ја пропиша татко ми. Така, еднаш месечно ги чистевме тие делови со сол“ (Мајуми Т.).
1. (Вклучи го и уводот.) Каде првенствено се практикува шинтоистичката религија, и што вклучува таа за некои нејзини верници?
ШИНТОИЗМОТ е претежно религија на Јапонците. Според Nihon Shukyo Jiten (Енциклопедија на јапонските религии), „структурата на шинтоизмот е речиси идентична со етничката култура на Јапонците, и претставува религиозна култура која никогаш не била практикувана одвоено од ова етничко општество“. Но, бизнисот и културните влијанија во Јапонија сега се толку распространети што треба да бидеме заинтересирани да дознаеме кои религиозни фактори ја обликувале историјата на Јапонија и личноста на Јапонците.
2. До која мера шинтоизмот влијае врз животот на Јапонците?
2 Иако шинтоизмот тврди дека во Јапонија има над 91.000.000 членови, што изнесува околу три четвртини од нејзиното население, сепак, една анкета открива дека всушност само 2.000.000 луѓе, односно 3 проценти од возрасното население, навистина исповедува вера во шинтоизмот. Меѓутоа, Шугата Масааки, истражувач на шинтоизмот, вели: „Шинтоизмот е толку неразмрсиво вткаен во структурата на секојдневието на Јапонците што луѓето се едвај свесни за неговото постоење. За Јапонците тој е помалку религија, а повеќе еден незабележлив составен дел на природната средина, како што е воздухот кој го дишат“. Дури и оние кои тврдат дека се апатични кон религијата купуваат шинтоистички амајлии за безбедно возење, ги одржуваат венчавките според шинтоистичката традиција и ги расфрлаат парите на годишните шинтоистички празници.
Како настанал?
3, 4. Како јапонската религија првпат станала позната како шинтоизам?
3 Името „шинтоизам“ се јавило во шестиот век н.е. со цел да ја разликува локалната религија од будизмот кој почнал да навлегува во Јапонија. „Секако, ‚Религијата на Јапонците‘ . . . постоела уште пред воведувањето на будизмот“, објаснува Сачија Хиро, истражувач на јапонските религии, „но, таа била потсвесна религија која се состоела од обичаи и ‚норми на однесување‘. Меѓутоа, со воведувањето на будизмот, луѓето станале свесни за фактот дека тие норми на однесување ја сочинуваат јапонската религија, различна од будизмот кој бил странска религија.“ Како се развила оваа јапонска религија?
4 Тешко е точно да се одреди датум кога се појавил првобитниот шинтоизам, т.е. „Религијата на Јапонците“. Кога почнало одгледувањето ориз под водни површини, „земјоделството на водните површини барало добро организирани и стабилни заедници“, објаснува Kodansha Encyclopedia of Japan, „па така се развиле земјоделски обреди — кои подоцна одиграле многу важна улога во шинтоизмот“. Тие рани народи измислиле и почитувале голем број богови на природата.
5. а) Какво е шинтоистичкото гледиште за мртвите? б) Како шинтоистичкото гледиште за мртвите може да се спореди со гледиштето на Библијата?
5 Освен ваквата длабока почит, стравот од душите на починатите водел до обреди за нивно смирување. Од нив подоцна се развило обожавање на духовите на предците. Според шинтоистичкото верување, „покојната“ душа сѐ уште ја има својата личност и веднаш после смртта се валка со загадувањето од смртта. Кога ужалените вршат комеморативни обреди, душата се очистува до тој степен што се отстранува сета злоба, и се здобива со мирољубив и добротворен карактер. Со текот на времето, духот на предците се издига на положба на прадедовско, т.е. заштитничко божество. Значи, увидуваме дека верувањето во бесмртна душа е основно во уште една религија и тоа ги условува ставовите и постапките на верниците (Псалм 146:4; Проповедник 9:5, 6, 10).
6, 7. а) Како шинтоистите гледаат на своите богови? б) Што е шинтаи, и зошто е значаен за шинтоизмот? (Спореди Излез 20:4, 5; Левит 26:1; 1. Коринќаните 8:5, 6.)
6 Боговите на природата и на предците биле сметани за духови кои „лебдат“ во воздухот и го исполнуваат. За време на празниците, луѓето ги привикуваат боговите за да се спуштат на местата кои се посебно посветени за таа прилика. Се вели дека боговите привремено живееле во шинтаи, предмети на обожавање како, на пример, дрвја, камења, огледала и мечеви. Шаманите, т.е. спиритистичките медиуми, предводеле во ритуалите за привикување на боговите.
7 „Местата за слегување“ на боговите, кои биле повремено очистувани за празниците, постепено се здобиле со еден потраен облик. Луѓето граделе светилишта за добротворните богови, односно за оние кои се чинело дека ги благословуваат. Во почетокот, тие не резбале ликови на боговите туку ги обожавале шинтаите во кои, според кажувањето, живееле духовите на боговите. Дури и една цела планина, како што е Фуџи, можела да служи како шинтаи. Со текот на времето, настанале толку многу богови што кај Јапонците се јавил изразот yaoyorozu-no-kami кој дословно значи „осум милиони богови“ („ками“ значи „богови“ или „божества“). Сега тој израз се користи за да ги означи „безбројните богови“, бидејќи бројот на божествата во шинтоистичката религија сѐ повеќе се зголемува.
8. а) Според шинтоистичкиот мит, како била создадена и присилена да дава светлина Аматерасу Омиками? б) Како Аматерасу Омиками станала национално божество, и на кој начин императорите биле поврзани со неа?
8 Бидејќи шинтоистичките ритуали се сосредоточувале на светилиштата, секој клан си посветувал свое сопствено заштитничко божество. Меѓутоа, кога во седмиот век н.е. царското семејство ја обединило нацијата, тие ја возвишиле нивната божица на Сонцето, Аматерасу Омиками, како национално божество и централен лик меѓу шинтоистичките богови. (Види ја рамката на страница 191.) Со текот на времето, се појавил мит според кој императорот е директен потомок на божицата на Сонцето. За да се зацврсти ова верување, во осмиот век н.е. биле составени два главни шинтоистички записа Kojiki и Nihon shoki. Користејќи митови со кои се возвишувале членовите на семејството на императорот како потомци на боговите, овие книги помогнале во утврдувањето на превласта на императорите.
Религија на празници и ритуали
9. а) Зошто еден изучувач го нарекол шинтоизмот религија со многу „без“? б) Колку се строги учењата на шинтоизмот? (Спореди Јован 4:22—24.)
9 Меѓутоа, овие две книги на шинтоистичката митологија не биле сметани за инспирирани списи. Интересно е тоа што шинтоизмот нема познат основач или своја Библија. „Шинтоизмот е религија со многу ‚без‘“, објаснува Шоуичи Саеки, шинтоистички изучувач. „Тој е без дефинитивни доктрини и без детална теологија. Практично е без какви и да било правила кои треба да се држат . . . Иако сум воспитан во семејство кое традиционално се придржувало кон шинтоизмот, не памтам да ни било дадено сериозно религиозно образование.“ (Курзивот е од нас.) Доктрините, правилата а понекогаш, дури и она што го обожаваат, за шинтоистите не се важни. „Дури во истото светилиште“, вели еден шинтоистички истражувач, „посветениот бог честопати се заменува со друг, а понекогаш луѓето кои ги обожаваат тие богови и им се молат не се ни свесни за таа промена.“
10. Што е од животоважно значење кај шинтоистите?
10 Тогаш, што е од животоважно значење за шинтоистите? „Првобитно“, вели една книга за јапонската култура, „делата кои унапредувале хармонија и живеење во мала заедница шинтоизмот ги сметал како ‚добро‘, а оние кои го спречувале тоа како ‚лошо‘.“ Се сметало дека хармонијата со боговите, природата и заедницата се од најголема вредност. Сѐ што ја нарушувало мирољубивата хармонија во средината било лошо, без оглед на неговата морална вредност.
11. Каква улога играат празниците во шинтоистичкото обожавање и во секојдневието?
11 Со оглед на тоа што шинтоизмот нема формална доктрина или учење, неговиот начин на унапредување на хармонија со средината е преку ритуали и празници. „Она што е најважно за шинтоизмот“, објаснува Енциклопедијата на јапонските религии, „е дали ги славиме тие празници или не.“ (Види ја рамката на страница 193.) Заедничкото гоштавање на празниците околу прадедовските богови придонесувало за дух на соработка меѓу народот во средината каде што се одгледувал ориз. Поголемите празници биле, и сѐ уште се, поврзани со одгледувањето ориз. Напролет селаните го привикуваат „богот на оризовите полиња“ да слезе во нивното село и го молат за добар принос. Наесен им изразуваат благодарност на своите богови за жетвата. За време на празниците, ги носат своите богови околу едно микоши, или подвижно светилиште, и заедно со боговите земаат причесна од оризово вино (саке) и храна.
12. Какви обреди на очистување се вршат во шинтоизмот, и со кој цел?
12 Меѓутоа, за да бидат во единство со боговите, шинтоистите веруваат дека мора да се исчистат и очистат од сета своја морална нечистота и грев. Тука влегуваат во игра ритуалите. Постојат два начина да се очисти една личност или предмет. Еден е охараи, а другиот мисоги. Во охараи шинтоистичкиот свештеник мавта со една гранка од зимзеленото дрво сакаки на чиј врв е прицврстена хартија или лен за да го очисти предметот или лицето, додека во мисоги се користи вода. Овие ритуали на очистување се толку важни во шинтоистичката религија што еден јапонски авторитет вели: „Може со сигурност да се каже дека без овие ритуали, шинтоизмот не може да опстане [како религија]“.
Приспособливоста на шинтоизмот
13, 14. Како шинтоизмот се приспособил кон другите религии?
13 Празниците и ритуалите останале во шинтоизмот и покрај преобразувањето низ кое минала шинтоистичката религија со текот на годините. Какво преобразување? Еден шинтоистички истражувач ги споредува промените во шинтоизмот со преоблекување на една кукла. Кога бил воведен будизмот, шинтоизмот се облекол во будистичкото учење. Кога на луѓето им биле потребни морални мерила, тогаш се облекол во конфучијанизам. Шинтоизмот бил крајно приспособлив.
14 До синкретизам, или спојувањето на елементи од една религија со друга, дошло многу рано во историјата на шинтоизмот. Иако во шинтоистичката религија се вовлекле конфучијанизмот и таоизмот, кои во Јапонија се познати како „патот јин и јанг“, сепак будизмот бил главен елемент кој се споил со неа.
15, 16. а) Како шинтоистите реагирале на будизмот? б) Како дошло до спојување на шинтоизмот и будизмот?
15 Кога навлегол будизмот преку Кина и Кореја, Јапонците ги етикетирале своите традиционални религиозни практики како шинтоизам или „патот на боговите“. Меѓутоа, со доаѓањето на новата религија, Јапонија била поделена околу тоа дали да го прифати будизмот или не. Пробудистичкиот табор инсистирал: ‚Сите соседни земји обожаваат на тој начин. Зошто Јапонија да се разликува?‘ Антибудистичката фракција спорела: ‚Ако ги обожаваме боговите на соседите, ќе го поттикнеме гневот на сопствените богови‘. После децении на неслога, победиле пробудистите. До крајот на шестиот век н.е., кога принцот Шотоку го прифатил будизмот, новата религија пуштила корен.
16 Со ширењето во селските средини, будизмот наидувал на локалните шинтоистички божества чие постоење било цврсто утврдено во секојдневието на луѓето. Двете религии морале да направат компромис за да постојат истовремено. Будистичките калуѓери, кои практикувале самодисциплина во планините, помогнале да се спојат тие две религии. Бидејќи планините биле сметани за живеалишта на шинтоистичките божества, аскетските практики на калуѓерите во планините дале повод за идејата да се помешаат будизмот и шинтоизмот, што водело и до градење на јингуџи, т.е. „храмови-светилишта“.a Како што будизмот преземал иницијатива да се формираат религиозни теории, постепено дошло до спојување на тие две религии.
17. а) Кое е значењето на камиказе? б) Како камиказе е поврзан со верувањето дека Јапонија е божествена нација?
17 Во меѓувреме пуштило корен верувањето дека Јапонија е божествена нација. Кога во 13 век Монголите ја нападнале Јапонија, се појавило верувањето во камиказе, дословно „божествен ветар“. Монголите двапати го нападнале островот Кјушу со огромна флота, но и во двете прилики биле спречени од бура. Овие бури, т.е. ветрови (казе), Јапонците им ги припишале на своите шинтоистички богови (ками) и тоа во голема мера ја зголемило репутацијата на нивните богови.
18. Како шинтоизмот се натпреварувал со другите религии?
18 Како што довербата во шинтоистичките богови растела, почнало да се смета дека тие се првобитните богови, додека будите („просветлените“) и бодхисатвите (идните буди кои им помагаат на другите да постигнат просветленост; види страници 136—138; 145, 146) биле сметани само за привремени локални манифестации на божеството. Како резултат на овој шинтоистичко-будистички конфликт, се развиле различни шинтоистички школи. Некои ставале поголем нагласок на будизмот, други го воздигнувале шинтоистичкиот пантеон, а трети, пак, користеле еден подоцнежен облик на конфучијанизам за да ги дотераат своите учења.
Обожавање на императорот и државен шинтоизам
19. а) Која била целта на шинтоистите за Обнова? б) До кое размислување воделе учењата на Норинага Мотоори? в) Што нѐ поканува Бог да правиме?
19 После многу години компромитирање, шинтоистичките теолози дошле до заклучок дека нивната религија е загадена со кинеското религиозно размислување. Затоа, инсистирале да се вратат на древниот јапонски начин. Се појавила една нова шинтоистичка школа, позната како Обнова на шинтоизмот, во која еден од најистакнатите теолози бил Норинага Мотоори, изучувач од 18 век. Во потрага по потеклото на јапонската култура, Мотоори студирал класика, особено шинтоистичките записи наречени Коџики. Тој поучувал за надмоќноста на божицата на Сонцето Аматерасу Омиками, но причината за природните феномени ја оставил некако нејасно да зависи од боговите. Освен тоа, според неговото учење, божественото провидение е непредвидливо, и би било без почит луѓето да настојуваат да го разберат. Неговата идеја била: Не поставувај прашања и подложи се на божественото провидение (Исаија 1:18).
20, 21. а) Како еден шинтоистички теолог се обидел да го ослободи шинтоизмот од „кинеското“ влијание? б) До основањето на кое движење водела филозофијата на Хирата?
20 Еден од неговите следбеници, Атсутане Хирата, ја проширил идејата на Норинага и се обидел да го очисти шинтоизмот, да го ослободи од сите „кинески“ влијанија. Што направил Хирата? Го споил шинтоизмот со отпадничката „христијанска“ теологија! Го споредил Amenominakanushi-no-kami, бог спомнат во Коџики, со Богот на „христијанството“, и овој бог кој управува со универзумот го опишал како да има два подредени бога, „Возвишениот Создател (Таками-мусуби) и Божествената Создателка (Ками-мусуби) кои изгледа ги претставувале машкото и женското начело“ (Religions in Japan — Религиите во Јапонија). Да, тој го усвоил од римокатолицизмот учењето за троеден бог, но тоа никогаш не станало главно шинтоистичко учење. Меѓутоа, спојувајќи го таканареченото христијанство со шинтоизмот, на крај Хирата го накалемил во умот на шинтоистите обликот на монотеизам од христијанскиот свет (Исаија 40:25, 26).
21 Теологијата на Хирата станала темел за движењето ‚Почитувај го императорот‘ што водело до соборување на феудалните воени диктатори, шогуните, и до обновување на императорското владеење во 1868. Со воспоставувањето на владеењето на императорот, учениците на Хирата биле назначени како владини комесари на шинтоистичкото обожавање, и тие унапредувале едно движење чија цел била шинтоизмот да се направи државна религија. Под тогашниот нов устав, императорот, на кого се гледало како на директен потомок на божицата на Сонцето, Аматерасу Омиками, бил сметан за „свет и неприкосновен“. На тој начин, тој станал врховен бог на државниот шинтоизам (Псалм 146:3—5).
Шинтоистичкиот „свет ракопис“
22, 23. а) Кои два указа ги издал императорот? б) Зошто тие укази биле сметани за свети?
22 Иако шинтоизмот имал свои древни записи, ритуали и молитви во записите Коџики, Нихонги и Јенгишики, сепак на државниот шинтоизам му била потребна една света книга. Во 1882 императорот Меиџи издал Императорски проглас до војниците и морнарите. Бидејќи дошол од императорот, Јапонците го сметале за свет ракопис кој станал темел за секојдневно медитирање на луѓето во вооружените сили. Тој нагласувал дека должноста на поединецот да ги плати своите долгови и обврски кон императорот-бог е над кои и да било други што можеби ги има кон некој друг.
23 Еден понатамошен додаток на шинтоистичкиот свет ракопис се појавил кога императорот издал Императорски проглас за образование на 30 октомври 1890. Тој „не само што ги положил темелите на школското образование туку практично станал свето писмо на државниот шинтоизам“, објаснува Шигеиоши Мураками, истражувач на државниот шинтоизам. Прогласот дал до знаење дека „историскиот“ однос меѓу митските императорски предци и нивните поданици бил темел на образованието. Како гледале Јапонците на тие укази?
24. а) Наведи пример за тоа како народот гледал на императорските прогласи. б) Како државниот шинтоизам водел до обожавање на императорот?
24 „Кога бев девојче, заменик директорот [на училиштето] носеше една дрвена кутија која ја држеше во висина на очите и со полно почитување ја изнесуваше на подиумот“, се сеќава Асано Кошино. „Директорот ќе ја примеше кутијата и ќе го извлечеше од неа свитокот на кој беше напишан Императорскиот проглас за образование. Додека прогласот се читаше, требаше да ги наведнеме главите сѐ додека не ги слушневме заклучните зборови: ‚Името на Неговото величество и Неговиот печат‘. Тоа го имавме чуено толку многу пати што ги запамтивме зборовите.“ Со еден образовен систем кој се темелел на митологија, до 1945 година целата нација била условена да му се предаде на императорот. Државниот шинтоизам бил сметан за надрелигија, а другите 13 шинтоистички секти кои учеле поинакви доктрини биле деградирани во она што се нарекувало секташки шинтоизам.
Јапонската религиозна мисија — освојување на светот
25. Како луѓето гледале на јапонскиот император?
25 Државниот шинтоизам бил опремен и со свој идол. „Секое утро, плескав со рацете кон сонцето, симболот на божицата Аматерасу Омиками, и потоа се свртував источно кон Императорската палата и го обожавав императорот“, се сеќава Масато, еден постар Јапонец. Поданиците го обожавале императорот како бог. Тој бил сметан за највисок во политички и религиозен поглед поради неговото потекло од божицата на Сонцето. Еден јапонски професор рекол: „Императорот е бог кој е откриен во луѓето. Тој е видливо Божество“.
26. Кое учење произлегло од длабоката почит кон императорот?
26 Како резултат на тоа, се развило учењето дека „центар на овој феноменален свет е земјата на Микадо [Императорот]. Од овој центар мора да го шириме овој Голем дух низ светот . . . Ширењето на Велика Јапонија низ светот и издигнувањето на целиот свет во земјата на Боговите е итна работа во сегашнината и, уште еднаш, таа е наша вечна и непроменлива цел“ (The Political Philosophy of Modern Shinto — Политичката филозофија на современиот шинтоизам од Д. К. Холтом). Црквата не била одвоена од државата!
27. Како армијата го искористила обожавањето на јапонскиот император?
27 Во својата книга Религиите на човекот, Џон Б. Нос коментира: „Јапонската армија не се колебаше да го искористи ова гледиште. Дел од нејзиниот воен говор стана тоа дека освојувањето е света мисија на Јапонија. Секако дека во тие зборови можеме да го видиме логичниот исход на национализмот во кој се вплетени сите вредности на религијата“. Каква само трагедија пожнеале Јапонците и другите народи главно поради шинтоистичкиот мит за божественоста на императорот и поради мешањето на религијата со национализмот!
28. Каква улога одиграл шинтоизмот во воените активности на Јапонија?
28 Јапонците, општо земено, немале некоја алтернатива освен да го обожаваат императорот под државниот шинтоизам и неговиот императорски систем. Учењето на Норинага Мотоори ‚Не прашувај ништо туку подложи се на божественото провидение‘ продрело во размислувањето на Јапонците и се здобило со контрола над него. До 1941, целата нација била мобилизирана во воените активности на II светска војна под бајракот на државниот шинтоизам и во оддаденост на „живиот човек-бог“. ‚Јапонија е божествена нација‘, мислеле луѓето, ‚а камиказе, божествениот ветар, ќе дувне кога ќе наиде криза.‘ Војниците и нивните семејства ги молеле своите заштитнички богови за успех во војната.
29. Што водело до тоа многумина да ја изгубат верата после II светска војна?
29 Кога во 1945 „божествената“ нација била поразена под двојниот удар на атомското истребување на Хирошима и голем дел од Нагасаки, шинтоизмот се соочил со сурова криза. Наводно непобедливиот божествен владетел Хирохито прекуноќ станал само поразен човечки император. Верата на Јапонците била срушена. Камиказе ја разочарал нацијата. Енциклопедија на јапонските религии вели: „Една од причините било разочарувањето на нацијата бидејќи била предадена . . . Што е уште полошо, шинтоистичкиот свет не дал никакво религиозно напредно и соодветно објаснување за сомненијата кои произлегле од [поразот]. На тој начин, религиозно незрелата реакција ‚Не постои ни бог ни Буда‘ станала општ тренд“.
Патот до вистинска хармонија
30. а) Која поука можеме да ја извлечеме од шинтоистичкото искуство во II светска војна? б) Зошто е животоважно да ја користиме силата на разумот во врска со нашето обожавање?
30 Патот кој го трасирал државниот шинтоизам ја нагласува потребата секој поединец да ги испита традиционалните верувања за кои се придржува. Поддржувајќи го милитаризмот, шинтоистите можеби барале начин да дојдат во хармонија со своите јапонски соседи. Секако, тоа не придонело за светска хармонија, а тоа што нивните хранители и млади биле убиени во битката, не им донело хармонија ни дома. Пред да му го посветиме својот живот некому, мора да се осигураме кому и од која причина му се даваме. „Ве преколнувам“, им рекол еден христијански учител на римјаните кои претходно биле оддадени на обожавањето на императорот, „да ги принесувате своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, како света служба со вашата сила на разумот.“ Исто како што римските христијани требало да ја користат својата сила на разумот за да изберат кому треба да му се предадат, животоважно е да ја користиме нашата сила на разумот за да одредиме кого треба да го обожаваме (Римјаните 12:1, 2).
31. а) Што било доволно за повеќето шинтоистички верници? б) Кое прашање треба да се одговори?
31 За шинтоистите, општо земено, важен фактор во нивната религија не била специфичната идентификација на еден бог. „За обичниот народ“, вели Хиденори Цуи, наставник по јапонска религиозна историја, „боговите или будите не играле некоја важна улога. Без разлика дали тие биле богови или буди, сѐ додека ги слушале преколнувањата за добри приноси, искоренување на болестите и семејна сигурност, тоа било доволно за луѓето.“ Но, дали тоа ги довело до вистинскиот Бог и до неговиот благослов? Одговорот на историјата е јасен.
32. За што ќе дискутира нашето следно поглавје?
32 Во својата потрага по бог, шинтоистите, темелејќи ги своите верувања на митологијата, претвориле еден обичен човек, нивниот император, во бог, таканаречен потомок на божицата на Сонцето, Аматерасу Омиками. Сепак, илјадници години пред да се појави шинтоизмот, вистинскиот Бог му се открил на еден Семит, човек од вера во Месопотамија. Нашето следно поглавје ќе дискутира за тој важен настан и за неговиот исход.
[Фуснота]
a Шинтоистичките религиозни згради во Јапонија се сметаат за светилишта, а будистичките за храмови.
[Рамка на страница 191]
Божицата на Сонцето во шинтоистичкиот мит
Шинтоистичкиот мит вели дека, многу одамна, богот Изанаги „си го измил левото око и така ја родил великата божица Аматерасу, божицата на Сонцето“. Подоцна, Сусану, богот на морските површини, толку ја уплашил Аматерасу што таа „се скрила во една карпеста пештера на Небото, блокирајќи го влезот со една карпа. Светот потонал во темнина“. Затоа, боговите смислиле план за да ја извадат Аматерасу од пештерата. Собрале петли кои со кукуригање ја навестиле зората и направиле големо огледало. На дрвјата сакаки закачиле скапоцени камења и ленти од ткаенина. Потоа божицата Ама Но Узуме почнала да танцува и да удира со нозете по едно буре. Во својот избезумен танц, таа ја соблекла облеката и боговите прснале во смеа. Целата оваа активност ја побудила љубопитноста на Аматерасу која погледнала надвор и се видела во огледалото. Отсјајот ја извлекол од пештерата додека богот на Силата ја грабнал за рака и ја изнел надвор. „Светот повторно бил осветлен со зраците на божицата на Сонцето“ (New Larousse Encyclopedia of Mythology, спореди Битие 1:3—5, 14—19; Псалм 74:16, 17; 104:19—23).
[Рамка на страница 193]
Шинтоизам — религија на празници
Годината кај Јапонците е полна со религиозни празници, т.е. мацури. Еве некои од главните празници:
▪ Шо-гацу, т.е. прославување на Нова година, 1—3 јануари.
▪ Сецубун, фрлање грав во и надвор од домовите, додека се извикува: „Ѓаволите надвор, среќата внатре“; 3 февруари.
▪ Хина Мацури, или Празник на куклите за девојчињата, се одржува на 3 март. Се изложува платформа со кукли кои прикажуваат древно императорско домаќинство.
▪ Празник на момчињата, 5 мај; се виорат кои-нобори (знаменца со крап кои симболизираат сила) прицврстени на стапчиња.
▪ Цукими, восхитување на полната месечина кон средината на есента, при што се принесуваат мали тркалезни погачки од ориз и првите плодови од приносите.
▪ Канаме-саи, односно кога императорот го принесува првиот нов ориз, во октомври.
▪ Ниинаме-саи го прославува императорското семејство во ноември, кога императорот, кој претседава како главен свештеник во императорскиот шинтоизам, го пробува новиот ориз.
▪ Шичи-го-сан, што значи „седум-пет-три“, шинтоистичките семејства го прославуваат на 15 ноември. Седум, пет и три се сметаат за важни преодни години; децата облечени во разнобојни кимона го посетуваат семејното светилиште.
▪ Се прославуваат и многу будистички празници, во кои спаѓа роденденот на Буда, на 8 април, и празникот Обон, на 15 јули, кој завршува со пловење на фенери по морето или по реката „за да ги одведат духовите на предците во другиот свет“.
[Слика на страница 188]
Шинтоистичка поклоничка моли боговите да ѝ покажат наклоност
[Слика на страница 189]
Шинтоизам, ‚Патот на боговите‘
[Слика на страница 190]
Понекогаш една цела планина, како што е Фуџи, се смета за шинтаи, т.е. предмет на обожавање
[Слики на страница 195]
Шинтоистите носат микоши, или подвижно светилиште, а горе, носат лисја од црвен слез (аои) за време на празникот Аои во Кјото
[Слика на страница 196]
Се смета дека мавтањето со гранка од зимзелено дрво на која е прицврстена хартија или лен, ги очистува човекот и предметите, гарантирајќи им сигурност
[Слики на страница 197]
Јапонецот не го смета за противречно молењето и пред шинтоистичко светилиште (лево) и пред будистички олтар
[Слика на страница 198]
Императорот Хирохито (на бината) бил обожаван како потомок на божицата на Сонцето
[Слика на страница 203]
Млада жена на светилиштето прицврстува ема, т.е. дрвена плочка со молитва, што ја купила