Идејата навлегува во источните религии
„Секогаш мислев дека бесмртноста на душата е универзална вистина што секој ја прифаќа. Затоа, навистина бев изненаден кога дознав дека некои големи умови и на Исток и на Запад страствено аргументирале против ова верување. Сега се прашувам како идејата за бесмртност дошла во хиндуската свест“ (ЕДЕН УНИВЕРЗИТЕТСКИ СТУДЕНТ КОЈ БИЛ ОДГЛЕДАН КАКО ХИНДУС).
1. Зошто спознанието за развојот и ширењето на доктрината за човечка бесмртност во различни религии е од интерес за нас?
НА КОЈ начин идејата дека човекот има душа што е бесмртна, навлегла во хиндуизмот и во другите источни религии? Прашањето е од интерес дури и за оние на Запад кои можеби не се запознаени со овие религии, бидејќи верувањето влијае врз сечие гледиште за иднината. Поради тоа што учењето за човечка бесмртност е заеднички именител во повеќето религии денес, сознанието за тоа како се развило ова сфаќање може навистина да унапреди подобро разбирање и комуникација.
2. Зошто Индија била значаен извор на религиозно влијание во Азија?
2 Нинијан Смарт, професор по религиозни студии на универзитетот во Ланкастер (Британија), забележува: „Најважниот центар на религиозно влијание во Азија била Индија. Ова не е само поради тоа што самата Индија родила извесен број вери — хиндуизам, будизам, џаинизам, сикизам итн. — туку затоа што една од нив, будизмот, извршила длабоко влијание врз културата на практично цела Источна Азија“. Многу култури врз кои било извршено влијание на овој начин, „сѐ уште ја сметаат Индија за своја духовна татковина“ — вели хиндускиот изучувач Нихилананда. Тогаш, на кој начин ова учење за бесмртност продрело во Индија и во другите делови од Азија?
Учењето за реинкарнација во хиндуизмот
3. Според еден историчар, кој можеби ја однел во Индија идејата за селење на душите?
3 Во шестиот век пр. н. е., додека Питагора и неговите следбеници во Грција ја застапувале теоријата за селење на душите, хиндуските мудреци кои живееле долж бреговите на реките Инд и Ганг во Индија го развивале истиот концепт. Истовременото појавување на ова верување „во грчкиот свет и во Индија тешко да е случајно“ — вели историчарот Арнолд Тојнби. „Еден можен заеднички извор [на влијание]“ — истакнува Тојнби — „е евроазиското номадско општество, кое во 8 и во 7 век пр. Хр. се спуштило во Индија, Југозападна Азија, степската земја долж северниот брег на Црното Море, како и на Балканскиот и Анадолскиот Полуостров.“ Очигледно, мигрирачките евроазиски племиња со себе ја донеле во Индија идејата за селење.
4. Зошто концептот за селење на душите ги привлекол хиндуските мудреци?
4 Хиндуизмот започнал во Индија многу порано, со пристигнувањето на Аријанците околу 1500 пр. н. е. Уште од самиот почеток, хиндуизмот го држел верувањето дека душата е поинаква од телото и дека таа ја преживува смртта. На тој начин, Хиндусите практикувале обожавање на предците и за душите на своите умрени изнесувале храна за да ја консумираат. Со векови подоцна, кога идејата за селење на душите стигнала до Индија, таа сигурно ги привлекла хиндуските мудреци кои се бореле со универзалниот проблем на злото и со страдањето меѓу луѓето. Комбинирајќи го ова со таканаречениот закон на Карма, законот за причина и последица, хиндуските мудреци ја развиле теоријата за реинкарнација, преку која заслугите и недостатоците во едниот живот се наградени или казнети во наредниот.
5. Според хиндуизмот, која е конечната цел на душата?
5 Но, постоел и еден друг концепт што влијаел врз хиндуистичкото учење за душата. „Се чини точно дека токму во времето кога била формирана теоријата за селење и за карма, или уште порано, во еден мал интелектуален круг во С. Индија постепено се обликувал еден друг концепт . . . — филозофскиот концепт за Браман-Атман [врховниот и вечен Браман, конечната реалност]“, вели Encyclopædia of Religion and Ethics. Оваа идеја била комбинирана со теоријата за реинкарнација за да се дефинира конечната цел на Хиндусите — ослободување од циклусот на селење за да се биде едно со конечната реалност. Хиндусите веруваат дека тоа се постигнува преку тежнеење кон општествено прифатливото однесување и кон посебното хиндуско спознание.
6, 7. Какво е верувањето на денешниот хиндуизам во врска со задгробниот живот?
6 На тој начин, идејата за селење на душите хинду мудреците ја обликувале во доктрина за реинкарнација, комбинирајќи ја со законот на Карма и со концептот за Браман. Октавио Паз, поет добитник на Нобелова награда и поранешен мексикански амбасадор во Индија, пишува: „Како што се ширел хиндуизмот, се ширела и една идеја . . . која е стожерна за браманизмот, будизмот и за другите азиски религии: метемпсихозата, селење на душите преку последователни постоења“.
7 Доктрината за реинкарнација е главната потпора на денешниот хиндуизам. Хиндуистичкиот филозоф Нихилананда вели: „Уверувањето на секој добар Хиндус е дека постигнувањето бесмртност не е исклучителна повластица на малкумина избрани, туку наследно право на сите“.
Циклусот на повторно раѓање во будизмот
8-10. а) Како будизмот го дефинира постоењето? б) Како еден будистички изучувач го објаснува повторното раѓање?
8 Будизмот бил основан во Индија околу 500-тата пр. н. е. Според будистичката традиција, еден индиски принц по име Сидарта Гаутама — кој откако добил просветлување, станал познат како Буда — го основал будизмот. Поради тоа што потекнувал од хиндуизмот, неговите учења на некој начин се слични со оние на хиндуизмот. Според будизмот, постоењето е стален циклус од повторно раѓање и смрт и, како во хиндуизмот, статусот на секој поединец во неговиот сегашен живот е одреден од делата во неговиот претходен живот.
9 Но, будизмот не го дефинира постоењето во смисла на некаква душа која е личност, а која ја преживува смртта. „Во човечката психа [Буда] гледал само краткотрајни серии од испрекинати психолошки состојби, кои се држат заедно само преку желбата“ — забележал Арнолд Тојнби. Сепак, Буда верувал дека нешто — некоја состојба или сила — се пренесува од еден живот на друг. Д-р Валпола Рахула, будистички изучувач, објаснува:
10 „Битието не е ништо друго туку комбинација од физички и ментални сили или енергии. Она што ние го викаме смрт е севкупното нефункционирање на физичкото тело. Дали сиве овие сили и енергии сосема престануваат со нефункционирањето на телото? Будизмот вели: ‚Не‘. Волјата, сакањето, желбата, жедта за постоење, за континуираност, да се биде уште повеќе, претставува една огромна сила која движи цели животи, цели постоења, која го движи дури и целиот свет. Тоа е најголемата сила, најголемата енергија во светот. Според будизмот, оваа сила не престанува со нефункционирањето на телото, што претставува смрт, туку продолжува да се манифестира во друг облик, произведувајќи повторно постоење, кое е наречено повторно раѓање“.
11. Какво е будистичкото гледиште за задгробниот живот?
11 Будистичкото гледиште за задгробниот живот е ова: Постоењето е вечно доколку поединецот не ја постигне конечната цел на нирвана — ослободување од циклусот на повторни раѓања. Нирвана не е состојба ниту на вечно блаженство ниту, пак, на станување едно со конечната реалност. Тоа едноставно е состојба на непостоење — „место без смрт“ над личното постоење. Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary ја дефинира „нирвана“ како „место или состојба на заборав од грижа, болка или надворешна реалност“. Наместо да ја бараат бесмртноста, будистите се охрабрени да ја трансцендираат преку постигнување нирвана.
12-14. На кој начин разни облици на будизам ја пренесуваат идејата за бесмртност?
12 Како што се ширел на различни места по Азија, будизмот ги модификувал своите учења за да се приспособи кон локалните верувања. На пример, Махајана будизмот, облик што е доминантен во Кина и во Јапонија, држи едно верување во небесни бодисатви, односно идни Буди. Бодисатвите ја одложуваат својата нирвана уште безброј животи за да им служат на другите и да им помогнат и тие да ја постигнат истата. На тој начин, човек може да избере да продолжи со циклусот на повторни раѓања дури и откако ќе постигне нирвана.
13 Едно друго прилагодување кое станало особено влијателно во Кина и во Јапонија е доктрината за Чистата земја на Запад, создадена од Буда Амитаба, односно Амида. Оние кои со вера го привикуваат името на Буда, повторно се раѓаат во Чистата земја, односно рајот, каде што условите се поповолни за постигнување на конечното просветлување. Што се развило од ова учење? Професор Смарт, споменат порано, објаснува: „Не е неприродно што раскошот на рајот, живо опишан во некои од Махајана стиховите, во народната фантазија ја заменил нирваната како врховна цел“.
14 Тибетанскиот будизам инкорпорира и други локални елементи. На пример, Тибетанската книга за мртвите ја опишува судбината на поединецот во меѓусостојбата пред да се роди повторно. За мртвите се вели дека се изложени на сјајната светлина на конечната реалност, а оние, кои не можат да ја поднесат светлината, не постигнуваат ослободување, туку се раѓаат повторно. Јасно, будизмот во своите различни облици ја пренесува идејата за бесмртност.
Обожавање на предците во јапонскиот шинтоизам
15-17. а) На кој начин во шинтоизмот се развило обожавањето на прадедовските духови? б) На кој начин верувањето во бесмртност на душата е фундаментално за шинтоизмот?
15 Религијата постоела во Јапонија уште пред пристигнувањето на будизмот во шестиот век н. е. Тоа било религија без име и се состоела од верувања поврзани со моралот и обичаите на луѓето. Меѓутоа, со воведувањето на будизмот, се јавила потребата јапонската религија да се разликува од странската. И така никнала ознаката „Шинто“, што значи „пат на боговите“.
16 Какво верување имал првобитниот шинтоизам во врска со задгробниот живот? Откако започнало одгледувањето ориз под водни површини, „земјоделските култури под водни површини изискувале добро организирани и стабилни заедници“ — објаснува Kodansha Encyclopedia of Japan — „и така се развиле земјоделските ритуали кои подоцна одиграле една толку важна улога во шинтоизмот“. Стравот од покојните души ги навел овие древни луѓе да измислат ритуали за да ги смират. Ова се развило во обожавање на духовите на предците.
17 Според шинтоистичкото верување, една „покојна“ душа сѐ уште ја има својата личност, но е извалкана поради смртта. Кога ужалените извршуваат спомен-ритуали, душата се прочистува до точката на отстранување на сета злоба, и се здобива со мирољубив и добротворен карактер. Со текот на времето, прадедовскиот дух се крева до положбата на прадедовско божество, односно заштитник. Како што коегзистирал со будизмот, шинтоизмот инкорпорирал извесни будистички учења, вклучувајќи ја и доктрината за рајот. Така, наоѓаме дека верувањето во бесмртност е фундаментално за шинтоизмот.
Бесмртноста во таоизмот, обожавање на предците во конфучијанизмот
18. Какво е таоистичкото размислување во врска со бесмртноста?
18 Таоизмот бил основан од Лао-Це, за кој се вели дека живеел во Кина во шестиот век пр. н. е. Целта на животот, според таоизмот, е човечката активност да се доведе во склад со Тао — природниот пат. Таоистичкото размислување во врска со бесмртноста може да се сумира вака: Тао е водечкиот принцип на универзумот. Тао нема почеток ни крај. Живеејќи во склад со Тао, поединецот учествува во него и станува вечен.
19-21. До какви настојувања довеле таоистичките шпекулации?
19 Во својот обид да бидат едно со природата, таоистите со текот на времето станале особено заинтересирани за нејзината безвременост и за нејзината способност да се врати во првобитната состојба. Тие шпекулирале дека можеби со живеењето во склад со таоизмот, односно со природниот пат, човек би можел некако да допре во тајните на природата и да стане имун на физичката штета, болест, па дури и на смртта.
20 Таоистите почнале да експериментираат со медитација, со вежби на дишење и со исхраната, кои наводно можеле да го одложат телесното распаѓање и смртта. Набргу, почнале да кружат легендите во врска со бесмртници кои можеле да летаат на облаците и да се појавуваат и да исчезнуваат по желба и кои живееле безброј години на свети гори или на далечни острови, издржувани од роса или од волшебни плодови. Кинеската историја известува дека во 219 пр. н. е., царот Чин Ши Хуанг Ти испратил една флота бродови со 3.000 момчиња и девојки да го пронајдат легендарниот остров Пенглаи, живеалиштето на бесмртниците, за да ја донесат билката на бесмртноста. Излишно е да се рече дека тие не се вратиле со еликсирот.
21 Потрагата по вечен живот ги навела таоистите да експериментираат со подготвување пилули на бесмртноста со помош на алхемија. Според таоистичкото гледиште, животот настанува кога ќе се искомбинираат спротивните сили јин и јанг (машко и женско). Според тоа, со мешање на олово (темно, односно јин) и жива (светло, односно јанг), алхемичарите го имитирале процесот на природата и мислеле дека продуктот ќе биде пилула на бесмртноста.
22. Што резултирало од будистичкото влијание врз кинескиот религиозен живот?
22 До седмиот век н. е., будизмот продрел во кинескиот религиозен живот. Резултатот бил еден амалгам кој опфаќал елементи на будизам, спиритизам и обожавање на предците. „И будизмот и таоизмот“ — вели професор Смарт — „им дале облик и содржина на верувањата во задгробен живот, кои биле прилично оскудни во древното кинеско обожавање на предците.“
23. Каков бил ставот на Конфучие во поглед на обожавањето на предците?
23 Конфучие, другиот угледен кинески мудрец од шестиот век пр. н. е., чија филозофија станала темел за конфучијанизмот, не коментирал многу за задгробниот живот. Место тоа, ја нагласувал важноста на моралната доброта и на општествено прифатливото однесување. Но, имал поволен став спрема обожавањето на предците и ставал голем нагласок врз вршењето на ритуалите и церемониите кои биле поврзани со духовите на покојните предци.
Други источни религии
24. Што учи џаинизмот во врска со душата?
24 Џаинизмот бил основан во Индија во шестиот век пр. н. е. Неговиот основач, Махавира, поучувал дека сите живи нешта имаат вечни души и дека спасението на душата од ропството на кармата е можно само преку крајно себеодречување и самодисциплина, како и преку строга примена на ненасилство спрема сите суштества. Џаините и ден-денес ги држат овие верувања.
25, 26. Кои хиндуски верувања се наоѓаат и во сикизмот?
25 Индија е родно место и на сикизмот, религија што ја практикуваат 19 милиони луѓе. Оваа религија го имала својот почеток во 16 век, кога Гуру Нанак одлучил да го соедини најдоброто од хиндуизмот и од исламот и да оформи една обединета религија. Сикизмот ги усвоил хиндуистичките верувања за бесмртност на душата, реинкарнација и карма.
26 Јасно, верувањето дека животот продолжува откако телото ќе умре, претставува составен дел од повеќето источни религии. Сепак, како е со христијанскиот свет, со јудаизмот и со исламот?
[Карта на страница 10]
(Види во публикацијата)
ЦЕНТРАЛНА АЗИЈА
КАШМИР
ТИБЕТ
КИНА
КОРЕЈА
ЈАПОНИЈА
Банарас
ИНДИЈА
Буд Гаја
МЈАНМАР
ТАЈЛАНД
КАМБОЏА
ШРИ ЛАНКА
ЈАВА
3 ВЕК ПР. Н. Е.
1 ВЕК ПР. Н. Е.
1 ВЕК Н. Е.
4 ВЕК Н. Е.
6 ВЕК Н. Е.
7 ВЕК Н. Е.
Будизмот извршил влијание врз цела Источна Азија
[Слика на страница 9]
Реинкарнацијата е главна потпора на хиндуизмот
[Слика на страница 11]
Живеејќи во склад со природата, таоистот се обидува да стане вечен
[Слика на страница 12]
Конфучие имал поволен став спрема обожавањето на предците