Поглавје 6
Будизам — потрага по просветленост без Бог
1. а) Како будизмот се појавил во општеството на Запад? б) Кои се причините за ваквиот негов развој на Запад?
БУДИЗМОТ, кој во почетокот на 20 век бил речиси непознат надвор од Азија, денес се здобил со улога на светска религија. Всушност, многу луѓе на Запад се прилично изненадени кога откриваат дека будизмот цвета токму во нивното соседство. Ова во голема мера се случува како резултат на меѓународното движење на бегалци. Во Западна Европа, Северна Америка, Австралија и на други места, се основани прилично големи азиски заедници. Како што сѐ повеќе имигранти пуштаат корени во својата нова земја, така со себе ја носат и својата религија. Истовремено, сѐ повеќе луѓе на Запад за првпат се среќаваат со будизмот. Ова, како и попустливоста и духовниот пад во традиционалните цркви, навело некои луѓе да станат преобратеници во „новата“ религија (2. Тимотеј 3:1, 5).
2. Каде денес може да се најдат следбеници на будизмот?
2 Така, според 1989 Britannica Book of the Year, будизмот тврди дека има светско членство од околу 300 милиони луѓе, од кои по околу 200.000 во Западна Европа и во Северна Америка, 500.000 во Латинска Америка и 300.000 во поранешниот Советски Сојуз. Сепак, повеќето од приврзаниците на будизмот се наоѓаат во азиските земји како, на пример, Шри Ланка, Мјанмар (Бурма), Тајланд, Јапонија, Кореја и Кина. Но, кој бил Буда? Како настанала оваа религија? Кои се учењата и практиките на будизмот?
Прашање на веродостоен извор
3. Кој изворен материјал за животот на Буда стои на располагање?
3 „Она што е познато за животот на Буда се темели главно на доказот од канонските текстови, од кои најопширни и најдетални се оние кои се напишани на пали — јазик во древна Индија“, вели книгата Светските религии — од древната историја до денес. Ова значи дека не постои изворен материјал од негово време кој ќе ни каже нешто за Сидха̄рта Гаутама, основачот на оваа религија, кој живеел во северна Индија во шестиот век пр.н.е. Секако, тоа наметнува еден проблем. Меѓутоа, уште посериозно е прашањето кога и како биле напишани овие „канонски текстови“.
4. Како во почетокот било сочувано автентичното учење на Буда?
4 Според будистичката традиција, набргу по смртта на Гаутама бил свикан концил од 500 калуѓери за да решат кое е автентичното учење на Учителот. Дали таков концил воопшто се одржал е предмет на голема дебата меѓу будистичките изучувачи и историчари. Меѓутоа, важна точка која треба да ја забележиме е тоа што дури и будистичките текстови признаваат дека утврденото автентично учење не е предадено на писмено туку со памтење од страна на учениците. Всушност, самото пишување на светите текстови морало да чека прилично време.
5. Кога биле запишани текстовите на јазикот пали?
5 Според некои шриланкански хроники од четвртиот и шестиот век н.е., најраните од овие „канонски текстови“ на јазикот пали биле запишани за време на владеењето на царот Ватагамани Абхаја, во првиот век пр.н.е. Други извештаи за животот на Буда не се појавуваат на писмено можеби сѐ до првиот или дури до петтиот век н.е. — речиси илјада години после негово време.
6. Кои критики се изнесени против „канонските текстови“? (Спореди 2. Тимотеј 3:16, 17.)
6 Според тоа, забележува Abingdon Dictionary of Living Religions, „,Биографиите‘ се со подоцнежен датум и полни се со легендарен и митски материјал, а најстарите канонски текстови се производ на еден долг процес на усно пренесување кое очигледно вклучувало некои измени и многу додатоци“. Еден изучувач дури „тврдел дека ниту еден единствен збор од запишаното учење не може со потполна сигурност да му се припише на самиот Гаутама“. Дали таквите критики се оправдани?
Зачнувањето и раѓањето на Буда
7. Како, според будистичките текстови, забременила мајката на Буда?
7 Разгледај ги следниве извадоци од Јатака, дел од канонот на јазикот пали, и од Buddha—charita, санскритски текст за животот на Буда од вториот век н.е. Прв е извештајот за тоа како мајката на Буда, царицата Маха-Маја, забременила со него во сон.
„Дошле четири ангели чувари, ја подигнале со нејзиното легло и ја однеле на планината Хималаи . . . Потоа дошле жените на тие ангели чувари, ја одвеле до езерото Анотата и ја искапиле за да се отстрани секоја човечка дамка . . . Недалеку било Сребреното Брдо, а на него имало златен дворец. Таму распослале едно божествено легло со зглавјето свртено кон исток и ја легнале на него. Сега, идниот Буда станал сјајно бел слон . . . Тој се вознел на Сребреното Брдо, и . . . трипати го обиколил леглото на мајка си, свртен со десната страна кон леглото и продирајќи низ нејзиниот десен бок изгледа влегол во нејзината утроба. На тој начин дошло до зачнување за време на прославувањето на долгоденицата.“
8. Што било претскажано во врска со иднината на Буда?
8 Кога царицата му го кажала сонот на својот сопруг, царот, тој свикал 64 прочуени хиндуистички свештеници, ги нахранил и ги облекол, па ги замолил да му го протолкуваат сонот. Нивниот одговор бил следниов:
„Не грижи се велики царе! . . Ќе имаш син. И тој, ако продолжи да води вообичаен семеен живот, ќе стане универзален монарх; но ако го напушти вообичаениот семеен живот и се повлече од светот, ќе стане Буда, и ќе ги отстрани облаците на гревот и лудоста на овој свет“.
9. Според кажувањето, кои несекојдневни настани следеле после објавата за иднината на Буда?
9 Се вели дека после тоа се случиле 32 чуда:
„Сите десет илјади светови одеднаш се раздрмаа, затреперија и се затресоа . . . Излегоа огновите од сите пеколи . . . престанаа болестите меѓу луѓето . . . сите музички инструменти почнаа да даваат тонови без да се свири на нив . . . во големиот океан водата стана слатка . . . сите десет илјади светови станаа едно мноштво од цветни венци со најголема можна величественост“.
10. Како будистичките свети текстови го опишуваат раѓањето на Буда?
10 Потоа настапило необичното раѓање на Буда во една градина од сал дрвја, наречена корија Лумбини. Кога царицата сакала да дофати гранка од највисокото сал дрво во коријата, дрвото ѝ направило услуга така што се свиткало за да може да го дофати. Држејќи се за гранката и стоејќи, таа се породила.
„Тој излегол од матката на неговата мајка како проповедник кој се спушта од неговата проповедничка столица, односно како човек кој слегува по скала, испружувајќи ги двете раце и двете нозе, неизвалкан од каква и да било нечистотија од матката на својата мајка . . .
Веднаш по раѓањето, [идниот Буда] цврсто застанува со обете нозе на тлото, прави седум чекори кон север, над неговата глава се носи бел балдахин и го испитува секој дел од светот, воскликнувајќи со неспоредливи звуци: Јас сум главен, најдобар и најистакнат во целиот свет; ова е моето последно раѓање; никогаш нема повторно да се родам.“
11. Кој заклучок го извеле некои изучувачи во врска со извештаите за животот на Буда кои се наоѓаат во светите текстови?
11 Подеднакво се разработени и приказните за неговото детство, за неговите средби со младите обожавателки, за неговите патувања и скоро за секој настан од животот. Можеби не е за изненадување тоа што повеќето изучувачи ги отфрлаат сите овие извештаи како легенди и митови. Еден службеник од Британскиот музеј дури укажува дека поради „големиот број легенди и чуда . . . историскиот живот на Буда не може да се реконструира“.
12, 13. а) Кој е традиционалниот извештај за животот на Буда? б) Што е општоприфатено во врска со времето на раѓањето на Буда? (Спореди Лука 1:1—4.)
12 И покрај овие митови, нашироко кружи еден традиционален извештај за животот на Буда. Еден современ текст, A Manual of Buddhism (Прирачник за будизам), издаден во Коломбо (Шри Ланка), го дава следниов упростен извештај.
„На денот на полна месечина, во мај 623 година пр.н.е., во областа Непал се родил индискиот шакијански принц по име Сидхатха Готама.a Негов татко бил царот Судходана, а мајка царицата Маха̄ Ма̄ја̄. Таа умрела неколку дена откако го родила детето и негова помајка станала Маха̄ Паџа̄пати Готамӣ.
На возраст од шеснаесет години се оженил со својата братучетка, прекрасната принцеза Јасодхара̄.
Речиси тринаесет години по неговата среќна венчавка, водел еден луксузен живот, во блажено незнаење за среќите и несреќите во животот надвор од портите на палатата.
Со текот на времето, постепено станувал свесен за вистината. Во неговата 29 година, која се покажала како пресвртница во неговата кариера, се родил син му Ра̄хула. Својот потомок го сметал за препрека, бидејќи сфатил дека сите, без исклучок, се подложни на раѓање, болест и смрт. Сфаќајќи ја на тој начин универзалноста на тагата, решил да открие панацеја за оваа универзална болест на човештвото.
Затоа се откажал од царските задоволства, една ноќ го напуштил домот . . . ја истригол косата, наметнал едноставна облека на аскет и почнал да лута како Трагач по вистината.“
13 Јасно е дека овие неколку биографски детали се во остра спротивност со фантастичните извештаи кои се наоѓаат во „канонските текстови“. И, освен годината на неговото раѓање, тие се општо прифатени.
Просветленост — како дошла
14. Што било пресвртница во животот на Гаутама?
14 Што била претходно спомнатата „пресвртница во неговата кариера“? Тоа било кога, за првпат во животот, видел болен човек, стар човек и мртов човек. Ова го навело да се измачува околу смислата на животот — зошто се раѓаат луѓето, само за да страдаат, да остарат и да умрат? Се вели дека потоа сретнал еден светец кој се одрекол од светот за да трага по вистината. Тоа го натерало Гаутама да се откаже од семејството, поседите и своето кнежевско име и следните шест години да ги помине барајќи одговор од хиндуистичките учители и гуруа, но без успех. Извештаите ни кажуваат дека тој се стремел кон правец на медитација, постење, јога и крајно самоодрекување, но сепак, не нашол ниту духовен мир ниту просветленост.
15. Како Гаутама конечно ја достигнал својата наводна просветленост?
15 На крај, сфатил дека овој екстремен правец на самоодрекување бил бескорисен, исто како и животот на самопопустливост кој претходно го водел. Сега, го усвоил она што тој го нарекол Среден пат, избегнувајќи ги крајностите во начинот на живеење што претходно го следел. Одлучувајќи одговорот да го најде во сопствената свест, седнал да медитира под дрвото пипал, т.е. индиска смоква. Спротивставувајќи се на нападите и на искушенијата од ѓаволот Мара, цврсто продолжил да медитира четири седмици (некои велат седум седмици), сѐ додека наводно не го надминал сето спознание и разбирање, и не достигнал просветленост.
16. а) Што станал Гаутама? б) Какви различни гледишта постојат за Буда?
16 Преку овој процес, според будистичката терминологија, Гаутама станал Буда — Разбудениот, т.е. просветлениот. Ја достигнал крајната цел, нирвана, состојба на совршен мир и просветленост, ослободен од желбите и страдањата. Станал познат и како Сакијамуни (мудрец од племето Сакија), а честопати себеси се нарекувал Татхагата (оној кој така дошол [да поучува]). Меѓутоа, различните будистички секти застапуваат различни гледишта на таа тема. Некои го сметаат само за човек кој го нашол патот до сопствената просветленост и за неа ги поучувал своите следбеници. Други го сметаат за последен од серијата Буди, кој дошол на светот за да проповеда или да ја оживее дхармата (на пали, дхама), учењето или патот на Буда. Трети, пак, го сметаат за бодхисатва, некој кој постигнал просветленост, но одложувал да влезе во нирвана за да им помогне на другите во нивното тежнеење кон просветленост. Како и да е, овој настан, Просветленоста, е од централна важност во сите школи на будизмот.
Просветленост — што е тоа?
17. а) Каде и кому Буда му ја одржал својата прва проповед? б) Објасни ги накратко Четирите благородни вистини.
17 Откако постигнал просветленост и откако го совладал почетното колебање, Буда почнал да ги поучува другите за својата новопронајдена вистина, неговата дхарма. Својата прва и веројатно најпозната проповед ја одржал во градот Бенарес, во еден парк со елени, пред петмина бхикус — ученици или калуѓери. Во неа поучувал дека, за да се биде спасен, мора да се избегнува како правецот на сладострасна попустливост така и правецот на аскетизам, и да се следи Средниот пат. Потоа, мора да се разберат и да се следат Четирите благородни вистини (види ја рамката на другата страница), кои кратко може да се резимираат вака:
1) Целокупното постоење е страдање.
2) Страдањето доаѓа од желбата или копнеењето.
3) Престанувањето на желбата значи крај на страдањето.
4) Престанувањето на желбата се постигнува со следење на Осмократниот пат кој го контролира однесувањето, размислувањето и верувањето.
18. Што рекол Буда за изворот на својата просветленост? (Спореди Јов 28:20, 21, 28; Псалм 111:10.)
18 Оваа проповед за Средниот пат и за Четирите благородни вистини ја изразува суштината на Просветленоста и се смета за резиме на целото учење на Буда. (За разлика од тоа, спореди Матеј 6:25—34; 1. Тимотеј 6:17—19; Јаков 4:1—3; 1. Јованово 2:15—17.) Гаутама не тврдел дека за оваа проповед имал божествена инспирација туку заслугата си ја припишал себеси со зборовите „откриени од Татхагата“. Се вели дека на смртна постела, Буда им рекол на своите ученици: „Барајте спасение само во вистината; не барајте помош кај некој друг освен кај себеси“. Така, според Буда, просветленоста не доаѓа од Бог туку од личниот напор да се развие исправно размислување и од правењето добри дела.
19. Зошто пораката на Буда била добредојдена во тоа време?
19 Не е тешко да се сфати зошто ова учење било добредојдено во индиското општество од тоа време. Тоа ги осудувало алчните и расипани религиозни практики кои ги унапредувале хиндуистичките брахмани, т.е. свештеничката каста, од една страна, и строгиот аскетизам на џаините и на другите мистични култови, од друга. Исто така, тоа ги укинало жртвите и ритуалите, миријадите богови и божици, како и тегобниот кастински систем кој доминирал и го поробувал секој аспект на животот на луѓето. Со неколку зборови, тоа му ветувало ослободување на секој кој бил спремен да го следи патот на Буда.
Будизмот го шири своето влијание
20. а) Кои се „Трите скапоцени камења“ на будизмот? б) Колку била обемна проповедничката кампања на Буда?
20 Кога петте бхикус го прифатиле учењето на Буда, тие станале првите сангха, т.е. ред на калуѓери. Со тоа биле довршени „Трите скапоцени камења“ (Triratna) на будизмот, имено, Буда, дхарма и сангха, кои требало да им помогнат на луѓето да дојдат на патот на просветленоста. Така подготвен, Гаутама Буда тргнал да проповеда долж и попреку долината Ганг. Доаѓале да го чујат луѓе од секој општествен ранг и статус, и станувале негови ученици. Кога умрел, на 80-годишна возраст, веќе бил многу познат и почитуван. Се известува дека последните зборови до неговите ученици му биле: „Распаѓањето е вродено во сите составни делови. Издејствувајте го своето спасение со трудољубивост“.
21. а) Кој послужил како орудие во ширењето на будизмот? б) Каков бил исходот од неговите напори?
21 Во третиот век пр.н.е., околу 200 години по смртта на Буда, се појавил најголемиот поборник на будизмот, императорот Ашока, кој го довел поголемиот дел од Индија под своја власт. Ожалостен од колежот и немирите кои ги предизвикале неговите освојувања, го прифатил будизмот и му дал поддршка од државата. Подигнал религиозни споменици, свикувал концили и го поттикнувал народот да живее според прописите на Буда. Исто така, Ашока испраќал будистички мисионери во сите делови на Индија и во Шри Ланка, Сирија, Египет и Грција. Главно со напорите на Ашока, од индиска секта будизмот прераснал во светска религија. Некои со право го сметаат за втор основач на будизмот.
22. Како бил воспоставен будизмот низ Азија?
22 Од Шри Ланка, будизмот се раширил кон исток во Мјанмар (Бурма), во Тајланд и во други делови на Индокина. На север се раширил до Кашмир и централна Азија. Од тие подрачја, уште во првиот век н.е. будистичките калуѓери патувале низ опасните планини и пустини и ја пренеле својата религија во Кина. Од Кина бил потребен само мал чекор за будизмот да се рашири во Кореја и Јапонија. Бил воведен и во Тибет, северниот сосед на Индија. Измешан со локалните верувања се појавил како Ламаизам, кој доминирал со тамошниот религиозен и политички живот. До шестиот или седмиот век н.е. будизмот добро се утврдил во цела југоисточна Азија и на Далечниот Исток. Но, што се случувало во Индија?
23. Што се случило со будизмот во Индија?
23 Додека будизмот го ширел своето влијание во другите земји, во Индија постепено слабеел. Длабоко вплеткани во филозофски и во метафизички стремежи, калуѓерите почнале да го губат контактот со своите лаички следбеници. Освен тоа, губењето на царското покровителство и усвојувањето на хиндуистички идеи и практики го забрзало изумирањето на будизмот во Индија. Пропаднале дури и будистичките свети места, како што бил Лумбини, родното место на Гаутама, и Буд Гаја, каде што тој доживеал „просветленост“. До 13 век, будизмот практично исчезнал од Индија, земјата на неговото потекло.
24, 25. До каков понатамошен развој на будизмот дошло во 20 век?
24 Во текот на 20 век, будизмот претрпел еден друг вид преобразба. Политичките немири во Кина, Монголија, Тибет и во земјите на југоисточна Азија му задале разорен удар. Илјадници манастири и храмови биле уништени и стотици илјади калуѓери и калуѓерки биле истерани, затворени, па дури и убиени. И покрај тоа, влијанието на будизмот сѐ уште силно се чувствува во размислувањето и во навиките на луѓето од тие земји.
25 Изгледа дека во Европа и во Северна Америка е многу привлечна идејата на будизмот за барање на „вистината“ внатре во самиот себе, а практикувањето медитација овозможува бегство од метежот на западњачкиот живот. Интересно е тоа што во предговорот на книгата Living Buddhism, Тензин Гиацо, изгнаниот тибетански Далај Лама, напишал: „Можеби денес будизмот може да одигра улога во тоа да ги потсети западњаците на духовната димензија на нивниот живот“.
Различните патишта на будизмот
26. На кои начини е поделен будизмот?
26 Иако е вообичаено за будизмот да се зборува како за една религија, всушност тој е поделен на неколку школи на мислење. На темел на различните толкувања на природата на Буда и на неговите учења, секоја си има свои доктрини, практики и свети книги. Овие школи понатаму се поделени на бројни групи и секти од кои многу се под длабоко влијание на локалната култура и традиција.
27, 28. Како би го опишал Теравада будизмот? (Спореди Филипјаните 2:12; Јован 17:15, 16.)
27 Школата на будизмот Теравада (Патот на постарите), т.е. Хинајана (помало возило), цвета во Шри Ланка, Мјанмар (Бурма), Тајланд, Кампучија (Камбоџа) и Лаос. Некои ја сметаат за конзервативна школа. Таа нагласува дека човек може да стекне мудрост и да го издејствува сопственото спасение ако се одрече од светот и ако води живот на калуѓер, посветувајќи се на медитација и на проучување во манастир.
28 Во некои од овие земји вообичаено е да се видат групи босоноги млади мажи со избричени глави кои носат облеки од шафран и одат со чинии за милостиња за да ја добијат секојдневната прехрана од лаичките верници, чија улога е да ги издржуваат. Вообичаено е мажите да поминат барем дел од својот живот во манастир. Крајната цел на манастирскиот живот е да се стане архат, односно оној кој достигнал духовно совршенство и ослободување од болката и страдањата во циклусите на повторното раѓање. Буда го покажал патот; останува на секој поединец да го следи.
29. Кои се некои карактеристики на Махајана будизмот? (Спореди 1. Тимотеј 2:3, 4; Јован 3:16.)
29 Школата на будизмот Махајана (поголемо возило) обично може да се најде во Кина, Кореја, Јапонија и Виетнам. Така е наречена бидејќи го нагласува учењето на Буда дека „вистината и патот на спасение се за секого, без разлика на тоа дали тој живее во пештера, манастир или во куќа . . . Тие не се само за оние кои се откажуваат од светот“. Основниот концепт на Махајана е дека љубовта и сожалувањето на Буда се толку големи што тој никому не би му го ускратил спасението. Тој учи дека, бидејќи Буда-природата се наоѓа во сите нас, секој е способен да стане еден Буда, просветлен, т.е. бодхисатва. Просветленоста не доаѓа преку исцрпувачка самодисциплина туку преку верата во Буда и сожалувањето кон сите живи суштества. Јасно, ова е многу попривлечно за масите кои се склони кон практично размислување. Меѓутоа, поради овој полиберален став, се развиле бројни групи и култови.
30. Кон каква цел се стремат поклониците на будизмот „Чиста земја“? (Спореди Матеј 6:7, 8; 1. Царства 18:26, 29.)
30 Меѓу многуте Махајана секти кои се развиле во Кина и во Јапонија се школите на будизмот Чиста земја и Зен. Првата го сосредоточува своето верување на вербата во спасувачката моќ на Амида Буда кој им ветил на своите следбеници повторно раѓање во Чиста земја, т.е. Западњачки рај, земја на радост и задоволство населена со богови и луѓе. Оттаму е лесен чекорот до нирвана. Повторувајќи ја молитвата „Ја полагам мојата вера во Амида Буда“, понекогаш илјадници пати дневно, поклоникот се очистува за да постигне просветленост или за да добие повторно раѓање во Западњачкиот рај.
31. Кои се некои обележја на Зен будизмот? (Спореди Филипјаните 4:8.)
31 Зен будизмот (Ч’ан школата во Кина) го извел името од практикувањето медитација. Зборовите ч’ан (кинески) и зен (јапонски) се варијации на санскритскиот збор дхја̄на што значи „медитација“. Оваа дисциплина учи дека проучувањето, добрите дела и ритуалите имаат мала вредност. Просветленоста може да се постигне само преку размислување за нерешливите загатки, како што се: ‚Каков е звукот на плескањето со една рака?‘ и ‚Што наоѓаме онаму каде што нема ништо?‘ Мистичната природа на Зен будизмот нашла израз во фините уметности — аранжирањето цвеќе, калиграфијата, цртањето со туш, поезијата, градинарството итн. и тие се поволно примени на запад. Денес, Зен центрите за медитација може да се најдат во многу земји на запад.
32. Како се практикува тибетанскиот будизам?
32 На крај, тука е и Тибетанскиот будизам или Ламаизмот. Овој облик на будизам понекогаш се нарекува Мантрајана (мантра возило) поради значителната употреба на мантри, т.е. низа слогови со или без значење, во долги рецитали. Наместо да ја нагласува мудроста или сожалувањето, овој облик на будизам во обожавањето ја нагласува употребата на ритуали, молитви, магии и спиритизам. Молитвите се повторуваат илјадници пати на ден со помош на молитвени мониста и молитвени тркала. Сложените ритуали можат да се научат само со усно упатство од ламите, т.е. од калуѓерските водачи, меѓу кои најпознати се Далај Лама и Панчен Лама. По смртта на некој лама, се бара некое дете во кое се вели дека реинкарнирал ламата за тоа да биде следниот духовен водач. Меѓутоа, тој термин обично се применува и на сите калуѓери кои, според една проценка, едно време броеле околу една петтина од целокупното население на Тибет. Исто така, ламите служеле како учители, лекари, земјопоседници и политичари.
33. Како будистичките поделби се слични на поделбите во христијанскиот свет? (Спореди 1. Коринќаните 1:10.)
33 Овие главни струи на будизмот пак, од своја страна, понатаму се поделени на многу групи, односно секти. Некои се оддадени на некој посебен водач, како што е Ничирен од Јапонија кој учел дека само махајанската Лотус сутра ги содржи конечните учења на Буда, и Нун Ч’ин-Хај од Тајван кој има мноштво следбеници. Во тој поглед, будизмот не се разликува многу од христијанскиот свет со неговите многубројни деноминации и секти. Всушност, вообичаено е да се видат луѓе кои тврдат дека се будисти, како учествуваат во практиките на таоизмот, шинтоизмот, обожавањето предци, па дури и на христијанскиот свет.b Сите овие будистички секти тврдат дека своите верувања и практики ги темелат на учењата на Буда.
Трите кошнички и други будистички свети книги
34. Што мораме да имаме на ум кога ги разгледуваме учењата на будизмот?
34 Учењата кои му се припишуваат на Буда биле пренесувани усно, а во писмен облик почнале да се запишуваат дури со векови откако тој ја напуштил сцената. Така, во најдобра рака, тие го претставуваат она што следбениците од подоцнежните генерации сметале дека тој го рекол и го сторил. Тоа понатаму се усложнило со фактот што дотогаш будизмот веќе бил разделен на многу школи. Затоа, различни текстови претставуваат прилично различни верзии на будизмот.
35. Кои се најраните будистички свети текстови?
35 Најраните будистички текстови биле напишани околу првиот век пр.н.е. на јазикот пали, за кој се вели дека е сроден на мајчиниот јазик на Буда. Тие се прифатени од школата Теравада како автентични текстови. Се состојат од 31 книга организирани во три збирки наречени Tipitaka (на санскритски Tripitaka), што значи „Три кошнички“ или „Три збирки“. Vinaya Pitaka (Кошничка на дисциплина) се занимава главно со правила и одредби за калуѓери и калуѓерки. Sutta Pitaka (Кошничка на говори) ги содржи проповедите, параболите и изреките кои ги изнеле Буда и неговите водечки ученици. На крај, Abhidhamma Pitaka (Кошничка на конечната доктрина) се состои од коментари за будистичките доктрини.
36. Што ги карактеризира светите списи на Махајана будистите?
36 Од друга страна, пак, записите на Махајана школата се претежно на санскритски, кинески и тибетански јазик, и се доста обемни. Само кинеските текстови се состојат од над 5.000 тома. Тие содржат многу идеи кои ги немало во претходните списи како, на пример, извештаите за Буди кои се толку бројни колку песокот на Ганг, а за кои се вели дека живееле безброј милиони години и дека секој управувал со сопствен свет на Буда. Не е претерување кога еден писател забележува дека овие текстови се „карактеризираат со разновидност, претерана имагинација, живописни личности и прекумерни повторувања“.
37. Кои проблеми ги наметнале Махајана записите? (Спореди Филипјаните 2:2, 3.)
37 Нема потреба да се каже дека малку луѓе се во состојба да ги разберат овие високо апстрактни монографии. Како резултат на тоа, со ваквиот подоцнежен развој будизмот бил однесен далеку од намерата што Буда ја имал во почетокот. Според Vinaya Pitaka, Буда сакал неговите учења да ги разбере не само образованата класа туку и сите видови луѓе. За таа цел инсистирал неговите идеи да се учат на јазикот на обичниот народ, а не на мртвиот свет јазик на хиндуизмот. Затоа, на приговорот на Теравада будистите дека овие книги не се канонски, одговорот на следбениците на Махајана е дека Гаутама Буда во почетокот ги поучувал оние кои биле прости и неуки, но дека на учените и на мудрите им ги открил учењата кои биле напишани подоцна во книгите Махајана.
Циклусот на карма и самсара
38. а) Каква споредба може да се направи меѓу будистичките и хиндуистичките учења? б) Каков е будистичкиот концепт за душата во теорија и во пракса?
38 Иако будизмот до извесна мера ги ослободил луѓето од прангите на хиндуизмот, неговите основни идеи сѐ уште се наследство од хиндуистичките учења за карма и самсара. Будизмот, онака како што во почетокот поучувал Буда, се разликува од хиндуизмот по тоа што го негира постоењето на бесмртна душа, а за поединецот зборува како за „комбинација на физички и умствени сили или енергии“.c Сепак, неговите учења сѐ уште се сосредоточени на идеите дека целото човештво талка од живот во живот преку безброј повторни раѓања (самсара) и ги трпи последиците од минатите и сегашните постапки (карма). Иако неговата порака за просветленост и ослободување од овој циклус може да изгледа привлечна, сепак некои прашуваат: ‚Колку е цврст тој темел? Каков доказ постои дека сите страдања се резултат на нечии постапки во некој претходен живот? И, всушност, каков доказ има дека постои некаков претходен живот?‘
39. Како еден будистички текст го објаснува законот за карма?
39 Едно објаснување на законот за карма вели:
„Кама [еквивалент за карма на јазикот пали] е сама по себе закон. Но, тоа не значи дека мора да постои законодавец. На нормалните закони во природата, како што е гравитацијата, не им треба законодавец. И законот кама не бара законодавец. Тој дејствува во своето поле без интервенција од некое надворешно, независно владејачко застапништво“ (Прирачник на будизмот).
40. а) На што укажува постоењето на природните закони? б) Што вели Библијата за причината и последицата?
40 Дали ова е здраво резонирање? Дали на законите во природата навистина не им треба законодавец? Ракетниот експерт д-р Вернер фон Браун еднаш навел: „Природните закони во универзумот се толку прецизни што нам не ни претставува проблем да изградиме еден вселенски брод кој ќе лета до месечината и да можеме да го измериме времето на летот со прецизност до делче од секундата. Овие закони мора некој да ги поставил“. Исто така, Библијата зборува за законот на причина и последица. Таа ни кажува: „Со Бог нема подигрување. Зашто, што човек сее, тоа и ќе пожнее“ (Галатите 6:7). Наместо да каже дека на овој закон не му треба законодавец, таа истакнува дека „со Бог нема подигрување“, покажувајќи дека овој закон бил покренат од страна на неговиот Творец, Јехова.
41. а) Која споредба може да се истакне меѓу законот за карма и судскиот закон? б) Направи разлика меѓу кармата и библиското ветување.
41 Освен тоа, Библијата ни кажува дека „платата што ја дава гревот е смрт“ и „кој умрел, ослободен е од својот грев“. Дури и судовите признаваат дека никој не треба двапати да биде казнет заради некое злосторство. Тогаш, зошто едно лице кое за своите гревови веќе платило со смрт, да биде повторно родено, зарем само за одново да страда заради последиците од своите минати дела? Освен тоа, ако некој не знае за кои минати дела е казнуван, како може да се покае и да се поправи? Дали тоа би можело да се смета за правда? Дали е доследно на милоста за која се вели дека е најистакната особина на Буда? За разлика од ова, откако навела дека „платата што ја дава гревот е смрт“, Библијата понатаму вели: „А дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господ“. Да, таа ветува дека Бог ќе ја укине целокупната расипаност, грев и смрт, и ќе му донесе слобода и совршенство на целото човештво (Римјаните 6:7, 23; 8:21; Исаија 25:8).
42. Како еден будистички изучувач го објаснува повторното раѓање?
42 Што се однесува до повторното раѓање, еве едно објаснување на будистичкиот изучувач д-р Валпола Рахула:
„Едно суштество не е ништо друго освен комбинација на физички и умствени сили или енергии. Она што ние го нарекуваме смрт е потполно нефункционирање на физичкото тело. Дали сите сили и енергии потполно запираат со нефункционирањето на телото? Будизмот вели: ‚Не‘. Волјата, сакањето, желбата, жедта да се постои, да се продолжи, да се стане повеќе и повеќе, е огромна сила која става во движење цели животи, цели постоења, која го става во движење дури и целиот свет. Тоа е најголемата сила, најголемата енергија во светот. Според будизмот, оваа сила не запира со нефункционирањето на телото, што всушност е смртта; туку продолжува да се манифестира во друг облик, произведувајќи повторно постоење кое е наречено повторно раѓање“.
43. а) Како се одредува генетскиот состав од биолошка гледна точка? б) Кој „доказ“ понекогаш се нуди во поддршка на повторното раѓање? в) Дали таквиот „доказ“ за повторно раѓање е во склад со општото искуство?
43 Во моментот на зачнувањето, лицето наследува по 50 проценти од гените на секој родител. Затоа, не постои начин со кој тој може да биде 100 проценти како некој во претходното постоење. Навистина, процесот на повторно раѓање не може да се поддржи со ниеден познат принцип во науката. Оние кои веруваат во доктрината за повторно раѓање, честопати како доказ го наведуваат доживувањето на луѓето кои тврдат дека се сеќаваат на лица, настани и места кои порано не ги познавале. Дали тоа е логично? Ако се каже дека едно лице, кое може да прераскаже работи од минатите времиња мора да живеело во таа ера, тогаш исто така мора да се каже дека некое лице кое може да ја претскажува иднината — а има многу кои го тврдат тоа — мора да живеело во иднината. Тоа очигледно не е така.
44. Спореди го библиското учење за „духот“ со будистичката доктрина за повторно раѓање.
44 Повеќе од 400 години пред Буда, Библијата зборувала за една животна сила. Опишувајќи што се случува при смртта на човекот, таа вели: „И се врати правот во земјата како што дојде од неа; а духот се врати при Бога, Кој го даде“ (Проповедник 12:7). Зборот „дух“ е преведен од хебрејскиот збор ру́ах што значи животна сила која ги оживува сите живи суштества, и луѓето и животните (Проповедник 3:18—22). Меѓутоа, важната разлика е дека ру́ах е безлична сила; таа нема сопствена волја и не ја задржува личноста ниту, пак, која и да било карактеристика на починатиот поединец. Таа при смртта не оди од човек на човек туку ‚се враќа при Бог кој ја дал‘. Со други зборови, изгледите за иден живот на тоа лице — надежта за воскресение — во потполност се наоѓаат во Божји раце (Јован 5:28, 29; Дела 17:31).
Нирвана — постигнување на недостижното?
45. Каков е будистичкиот концепт за нирвана?
45 Ова нѐ доведува до учењето на Буда за просветленост и спасение. Кажано со будистички термини, основната идеја за спасение е ослободување од законите на карма и самсара, како и постигнување нирвана. А што е нирвана? Будистичките текстови велат дека тоа не е возможно да се опише или објасни туку може само да се доживее. Тоа не е небо каде што некој оди после смртта туку постигнување на нешто што им е на дофат на сите, овде и сега. Се вели дека самиот збор значи „замирање, згаснување“. Така, некои ја дефинираат нирваната како прекин на сите страсти и желби; постоење кое е слободно од сите сетилни чувства како, на пример, болка, страв, копнеж, љубов или омраза; состојба на вечен мир, одмор и непроменливост. Во суштина, се вели дека тоа е прекин на постоењето на поединецот.
46, 47. а) Според будистичките учења, кој е изворот на спасение? б) Зошто будистичкото гледиште за изворот на спасение е спротивно на општото искуство?
46 Буда поучувал дека просветленоста и спасението — совршенството на нирвана — не доаѓа од некој Бог или од некоја надворешна сила туку од внатрешноста на човекот, преку неговото сопствено напрегање во добрите дела и од исправните мисли. Ова води до прашањето: Дали може од нешто несовршено да излезе нешто совршено? Зарем нашето општо искуство не ни кажува, како што рекол и хебрејскиот пророк Еремија, дека „патот на човекот не е во негова власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“? (Еремија 10:23). Ако никој не може да има целосна контрола над своите постапки дури и во едноставните секојдневни работи, зарем е логично да мислиме дека некој сосема сам може да го издејствува своето вечно спасение? (Псалм 146:3, 4).
47 Исто како што еден човек кој пропаднал во жив песок веројатно нема да се ослободи сам, така и целокупното човештво е фатено во стапицата на гревот и смртта, и никој не може сам да се отплетка од оваа замрсена ситуација (Римјаните 5:12). Сепак, Буда учел дека спасението зависи само од сопствениот напор. Неговиот проштален поттик до неговите ученици бил да се ‚потпираат на себеси и да не се потпираат на надворешна помош; цврсто да се држат за вистината како светилка; да бараат спасение само во вистината; да не бараат помош од никој друг, освен од себеси‘.
Просветленост или разочарување?
48. а) Како една книга го опишува ефектот од сложените будистички идеи како што е нирваната? б) Каков е исходот од неодамнешниот интерес за будистичките учења во некои подрачја?
48 Каков е ефектот од една таква доктрина? Дали таа влева во своите верници вистинска вера и оддаденост? Книгата Living Buddhism известува дека во некои будистички земји, дури и „калуѓерите малку размислуваат за возвишените работи од својата религија. Нашироко се смета дека постигнувањето нирвана е безнадежна нереална амбиција, а медитацијата ретко се практикува. Освен што недоследно ја проучуваат Типитака, тие се посветуваат на вршење добротворно и хармонично влијание врз општеството“. На сличен начин, World Encyclopedia (на јапонски), коментирајќи за неодамнешниот препород на интересот за будистичките учења, забележува: „Колку повеќе проучувањето на будизмот се специјализира, толку повеќе се оддалечува од неговата првобитна намера — да ги води луѓето. Од оваа гледна точка, неодамнешниот тренд на строго проучување на будизмот не значи безусловен препород на една жива вера. Напротив, мора да се забележи дека кога некоја религија станува предмет на сложена метафизичка наобразба, тогаш нејзиниот реален живот како вера ја губи својата моќ“.
49. Што станал будизмот за многумина?
49 Основниот концепт на будизмот е дека спознанието и разбирањето водат до просветленост и спасение. Но, сложените доктрини на различните школи на будизмот само ја произвеле претходно спомнатата „безнадежна нереалистична“ ситуација која е вон сфаќањето на повеќето верници. За нив будизмот се сведува на правење добро и следење неколку ритуали и едноставни прописи. Тој не се зафаќа со збунувачките животни прашања како, на пример: Од каде доаѓаме? Зошто сме овде? И каква е иднината за човекот и за Земјата?
50. Кое прашање паѓа на ум со оглед на искуствата на некои искрени будисти? (Спореди Колошаните 2:8.)
50 Некои искрени будисти ја признале збрката и разочарувањето кои настанале од сложените доктрини и тегобните ритуали на будизмот кои се практикуваат денес. Хуманитарните напори на будистичките групи и здруженија во некои земји можеби на многумина им донеле олеснување од болката и страдањата. Но, како извор на вистинска просветленост и ослободување на сите, дали будизмот го исполнил своето ветување?
Просветленост без Бог?
51. а) Што кажува една анегдота за будистичките учења? б) Кој важен пропуст се гледа во учењата на Буда? (Спореди 2. Летописи 16:9; Псалм 46:1; 145:18.)
51 Извештаите за животот на Буда кажуваат дека во една прилика тој и неговите ученици биле во некоја шума. Тој ја наполнил раката со лисја и на своите ученици им рекол: „Она за кое ве учев може да се спореди со лисјата во мојата рака, а она за кое не ве научив може да се спореди со количината на лисјата во шумата“. Секако, тоа подразбирало дека Буда поучувал само за еден дел од она што го знаел. Меѓутоа, постои еден важен пропуст — Гаутама Буда немал речиси ништо да каже за Бог; ниту, пак, некогаш тврдел дека е Бог. Всушност, се вели дека тој на своите ученици им рекол: „Ако постои Бог, незамисливо е Тој да биде загрижен за моите секојдневни работи“ и „не постојат богови кои можат, или кои ќе му помогнат на човекот“.
52. а) Какво е будистичкото гледиште за Бог? б) Што игнорирал будизмот?
52 Во оваа смисла, улогата на будизмот во потрагата на човештвото по вистинскиот Бог е минимална. Енциклопедија на светските вери забележува дека „изгледа раниот будизам не го зел предвид прашањето за Бог и сигурно дека не учел ниту, пак, налагал верување во Бог“. Кога нагласува дека секое лице треба самостојно да трага по спасение, обраќајќи се за просветленост кон внатре, кон сопствениот ум или сопствената совест, будизмот е навистина агностички, ако не и атеистички. (Види ја рамката на страница 145.) Во обидот да ги отфрли хиндуистичките пранги на суеверие и неговата збунувачка низа митолошки богови, будизмот отишол во друга крајност. Го игнорирал основниот концепт за Врховно битие преку кое постои и дејствува сѐ (Дела 17:24, 25).
53. Што може да се рече за барањето просветленост без Бог? (Спореди Пословици 9:10; Еремија 8:9.)
53 Резултатот од овој саможив и независен начин на размислување е еден вистински лавиринт од легенди, традиции, сложени доктрини и толкувања кои биле создадени во текот на вековите од страна на многуте школи и секти. Она за кое се мислело дека ќе донесе едноставно решение на сложените животни проблеми резултирало во еден религиозен и филозофски систем кој повеќето луѓе не можат да го сфатат. Наместо тоа, просечниот следбеник на будизмот едноставно е преокупиран со обожавање идоли и реликвии, богови и демони, духови и предци, како и со вршење многу други ритуали и практики кои имаат мала врска со она што го учел Гаутама Буда. Јасно, барањето просветленост без Бог не функционира.
54. Учењата на кои други ориентални религиозни мислители ќе бидат разгледани после ова?
54 Отприлика во истото време кога Гаутама Буда трагал по патот на просветленост, во еден друг дел на азискиот континент живееле двајца филозофи чии идеи влијаеле врз милиони луѓе. Тоа биле Лао-цу и Конфучие, двајца мудреци кои биле длабоко почитувани од многу генерации на Кинези и други. Што учеле тие, и како влијаеле врз потрагата на човештвото по Бог? Ова ќе го разгледаме во следното поглавје.
[Фусноти]
a Ова е транслитерација на неговото име на јазикот пали. Транслитерацијата од санскритски е Сидха̄рта Гаутама. Меѓутоа, за неговото раѓање се дадени различни години како, на пример, 560, 563 или 567 пр.н.е. Повеќето авторитети како датум ја прифаќаат 560 година или неговото раѓање го ставаат барем во шестиот век пр.н.е.
b Многу будисти во Јапонија го слават „Божиќ“ на впечатлив начин.
c Будистичките доктрини, како што е аната (не себе ), го негираат постоењето на некоја непроменлива или вечна душа. Меѓутоа, повеќето денешни будисти, особено оние на Далечниот Исток, веруваат во селење на бесмртна душа. Тоа што практикуваат обожавање предци и веруваат во мачење во пекол после смртта јасно го покажува тоа.
[Рамка на страница 139]
Четирите благородни вистини на Буда
Буда го изложил своето основно учење во она што се нарекува Четири благородни вистини. Овде цитираме од Dhammacakkappavattana Sutta (Темелот на Царството на праведност), во превод на Т. В. Рис Дејвидс:
▪ „Сега ова, о Бхикус, е благородната вистина во врска со страдањата. Раѓањето е проследено со болка, распаѓањето е болно, болеста е болна, смртта е болна. Соединувањето со она што е непријатно е болно, одвојувањето од пријатното е болно и секое копнеење кое не е задоволено е исто така болно . . .
▪ Сега ова, о Бхикус, е благородната вистина во врска со потеклото на страдањата. Навистина, тоа е жедта која предизвикува обновување на постоењето, која е придружена со сладострасно уживање, која бара задоволство сега овде, сега онде — со други зборови, копнеење по задоволување на страстите, т.е. копнеење по животот, т.е. копнеење по успехот . . .
▪ Сега ова, о Бхикус, е благородната вистина во врска со уништувањето на страдањата. Навистина, тоа е уништување кое не остава никаква страст од самата жед; нејзино отстранување, спасување од неа, ослободување од неа, крај на негувањето на таа жед . . .
▪ Сега ова, о Бхикус, е благородната вистина во врска со патот кој води до уништување на тагата. Навистина, тоа е тој благороден осумкратен пат; со други зборови: исправни гледишта; исправни стремежи; исправен говор; исправно однесување; исправен начин на заработување; исправен напор; исправна совесност и исправно размислување“.
[Рамка на страница 145]
Будизмот и Бог
„Будизмот учи за патот на совршена добрина и мудрост без Бог кој е личност; за највисоко спознание без ‚откровение‘; . . . за можност за искупување без застапнички искупител, за спасение во кое секој си е сопствен спасител“ (The Message of Buddhism [Пораката на будизмот], од Бхику Субхадра, како што е цитирано во What Is Buddhism? [Што е будизам?])
Значи, дали будистите се атеисти? Книгата Што е будизам? издадена од Будистичката ложа (Лондон), одговара: „Ако оној што го отфрла концептот за Бог кој е личност го сметате за атеист, тогаш сме“. Понатаму вели: „Умот во развој може исто толку лесно да ја свари идејата за еден универзум со кој управува непроменлив Закон колку што може и концептот за една далечна Личност која можеби никогаш нема да ја види, која живее којзнае каде и која некогаш од ништо го создала универзумот во кој преовладува непријателство, неправда, нееднаквост на приликите и бескрајно страдање и борба“.
Според тоа, теоретски гледано, будизмот не застапува верување во Бог ниту во Творец. Меѓутоа, денес во речиси секоја земја во која се практикува будизмот може да се најдат будистички храмови и ступи, а сликите и реликвиите на Буди, како и бодхисатвите станале предмет на молитви, приноси и оддаденост од страна на побожните будисти. Буда, кој никогаш не тврдел дека е Бог, станал бог во секоја смисла на зборот.
[Карта на страница 142]
(Види во публикацијата)
До седмиот век н.е. будизмот се раширил од Индија низ цела источна Азија
ИНДИЈА
Бенарес
Буд Гаја
3 ВЕК ПР.Н.Е. ШРИ ЛАНКА
1 ВЕК ПР.Н.Е. КАШМИР
ЦЕНТРАЛНА АЗИЈА
1 ВЕК Н.Е. КИНА
МЈАНМАР
ТАЈЛАНД
КАМПУЧИЈА
ЈАВА
4 ВЕК Н.Е. КОРЕЈА
6 ВЕК Н.Е. ЈАПОНИЈА
7 ВЕК Н.Е. ТИБЕТ
[Слики на страница 131]
Будистичките храмови ширум светот се разликуваат во стилот
Ченгтех (северна Кина)
Кофу (Јапонија)
Њујорк (САД)
Чиенг Мај (Тајланд)
[Слика на страница 133]
Камен релјеф Сонот на Маја од Гандхара (Пакистан), го прикажува идниот Буда како бел слон со ореол кој влегува низ десниот бок на царицата Маја за да ја оплоди
[Слики на страница 134]
Будистички калуѓери и обожаватели во еден храм во Њујорк Сити
[Слики на страница 141]
Кипови на Буда со стилизирани гестови
влегување во нирвана
поучување
медитирање
спротивставување на искушение
[Слика на страница 147]
Процесија во чест на роденденот на Буда во Токио (Јапонија). Белиот слон одзади го симболизира Буда
[Слики на страница 150]
Страници на Lotus Sutra (10 век), на кинески, ја опишуваат моќта на бодхисатвата Куан-јин да спасува од пожар и од поплава. Бодхисатвата Кситигарба (десно) бил популарен во Кореја во 14 век
[Слика на страница 155]
Будистички свиток од Кјото (Јапонија), прикажува мачење во „пекол“
[Слики на страница 157]
Денешните будисти вршат обожавање пред (како што се гледа во правец на стрелките на часовникот од горе лево) лингам во Банкок (Тајланд); реликвија на заб на Буда во Канди (Шри Ланка); кипови на Буда во Сингапур и во Њујорк
[Слики на страница 158]
Една будистка се моли пред семејниот олтар, а децата учествуваат во храмската служба