Во потрага по просветлување
„НЕЗНАЕЊЕТО не е никогаш подобро од знаењето“, изјавила Лаура Ферми, сопруга на познатиот физичар Енрико Ферми. Некои можеби не се согласуваат со тоа, тврдејќи дека тој што многу знае, многу и ќе пати. Меѓутоа, повеќето сметаат дека изјавата на Ферми е точна, и тоа не само на полето на научните истражувања туку и на другите подрачја од животот. Незнаењето, во смисла да не се знае вистината, оставило многу луѓе со векови да талкаат во интелектуална, морална и духовна темнина (Ефешаните 4:18).
Затоа, луѓето што размислуваат трагаат по просветлување. Тие сакаат да знаат зошто постоиме и што ни носи иднината. Оваа потрага ги одвела луѓето во различни правци. Да разгледаме неколку од нив.
Преку религијата?
Според будистичката традиција, Сидарта Гаутама, основачот на будизмот, длабоко го вознемириле страдањата и смртта на луѓето. Тој ги замолил хиндуистичките верски учители да му помогнат да го пронајде „патот до вистината“. Некои му предложиле јога и екстремно самоодрекување. На крајот, за да дојде до вистинско просветлување, Гаутама избрал еден процес на интензивна медитација.
Други, пак, во нивната потрага по просветлување користеле халуциногени дроги. Денес, на пример, членовите на Индијанската црква (Native American Church) го опишуваат кактусот пејотл, кој содржи халуциногени супстанции, како „откривач на скриеното знаење“.
Францускиот филозоф од осумнаесеттиот век, Жан Жак Русо, верувал дека секој што искрено трага може лично да добие духовно откровение од Бог. Како? Со тоа што ќе го слуша „она што Бог му го вели на срцето“. Потоа, она што го чувствуваш за нештата — она што ти го кажуваат емоциите и совеста — ќе стане „најсигурниот водич во овој бескраен лавиринт од човечки сфаќања“, рекол Русо (History of Western Philosophy — Историја на западната филозофија).
Преку разумот?
Многу современици на Русо жестоко се спротивставиле на ваквиот религиозен пристап. На пример, еден друг Французин, Волтер, сметал дека наместо да ги просветли луѓето, религијата била главната причина зошто Европа со векови била потоната во незнаење, суеверие и нетрпеливост во периодот што некои историчари го нарекуваат мрачен среден век.
Волтер станал член на европското рационалистичко движење, познато како Просветителство. Неговите следбеници ги прифатиле идеите на древните Грци — имено, дека само преку човечкиот разум и научното истражување може да се дојде до вистинско просветлување. Друг член на рационалистичкото движење, Бернард де Фонтенел, сметал дека само човечкиот разум ќе ги одведе луѓето во „век кој од ден на ден ќе станува сѐ попросветлен, а кога ќе се споредат со него, сите претходни векови ќе се изгубат во темнина“ (Encyclopædia Britannica)
Ова се само некои од многуте противречни мислења на тема како да се стекне просветлување. Дали навистина постои некој „сигурен водич“ кому можеме да му се обратиме во нашата потрага по вистината? Да разгледаме што има да каже следната статија за веродостојниот извор на просветлување.
[Слики на страница 3]
Гаутама (Буда), Русо и Волтер избрале различни патишта во потрагата по просветлување