ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • sh погл. 7 стр. 161-186
  • Таоизам и конфучијанизам — потрага по небесниот пат

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Таоизам и конфучијанизам — потрага по небесниот пат
  • Потрагата на човештвото по Бог
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Тао — што е тоа?
  • Таоизам — филозофски почеток
  • Краток преглед на „Tao Te Ching“
  • Вториот мудрец во таоизмот
  • Од филозофија до религија
  • Соочување со предизвикот на будизмот
  • Друг истакнат кинески мудрец
  • Конфучие учителот
  • „Небото ме знае!“
  • Суштината на конфучијанските идеи
  • Конфучијанизмот станал државен култ
  • Наследство на мудрост на истокот
  • Идејата навлегува во источните религии
    Што ни се случува кога ќе умреме?
  • Златното правило — универзално учење
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Човештвото во потрага по Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Трагање по непознатото преку магија и спиритизам
    Потрагата на човештвото по Бог
Повеќе
Потрагата на човештвото по Бог
sh погл. 7 стр. 161-186

Поглавје 7

Таоизам и конфучијанизам — потрага по небесниот пат

Таоизмот, конфучијанизмот и будизмот се трите главни религии во Кина и на Далечниот Исток. Меѓутоа, за разлика од будизмот, таоизмот и конфучијанизмот не станале светски религии туку во основа останале во Кина и во подрачјата кои дошле под влијание на кинеската култура. Иако нема на располагање некои официјални бројки за моменталниот број на нивните следбеници во Кина, во изминативе 2.000 години таоизмот и конфучијанизмот доминирале со религиозниот живот на речиси една четвртина од светското население.

1. (Вклучи го и уводот.) а) Каде се практикуваат таоизмот и конфучијанизмот, и колку се раширени? б) Кон кој временски период ќе се свртиме сега за да ги испитаме овие учења?

,НЕКА расцветаат сто цвеќиња; нека се борат сто школи.‘ Таа изрека, која станала позната од еден говор на Мао Це-тунг од Народна Република Кина, во 1956 година, всушност била парафраза на изразот кој го користат кинеските изучувачи за да ја опишат ерата од петтиот до третиот век пр.н.е. во Кина, која била наречена период на Завојуваните Држави. До тоа време моќната Чоу династија (околу 1122—256 пр.н.е.) се распаднала во еден систем на слабо поврзани феудални држави кои постојано војувале, нанесувајќи му големи маки на обичниот народ.

2. а) Што водело до ‚стоте школи‘ на мислење? б) Што останало од развојот на ‚стоте школи‘?

2 Метежот и страдањата предизвикани од војните сериозно ја ослабнале власта на традиционалната владејачка класа. Обичниот народ повеќе не бил спремен да се подложува на самоволието и итрините на аристократијата и немо да ги поднесува последиците. Како резултат на тоа, идеите и стремежите кои долго време биле потиснувани, расцветале како „сто цвеќиња“. Различните школи на мислење унапредувале свои идеи за владата, законот, општествениот поредок, однесувањето и етиката, како и за теми како, на пример, земјоделството, музиката и литературата, како средства за враќање на животот во некаква нормала. Тие станале познати како „сто школи“. Повеќето од нив немале траен ефект. Меѓутоа, две школи станале толку истакнати што имале влијание врз животот во Кина повеќе од 2.000 години. На крајот, станале познати како таоизам и конфучијанизам.

Тао — што е тоа?

3. а) Каков е кинескиот концепт за Тао? б) Според верувањето на Кинезите, наместо Творец, што било причина за сите работи? (Спореди Евреите 3:4.)

3 За да сфатиме зошто таоизмот (се изговара дао-изам) и конфучијанизмот извршиле толку длабоко и трајно влијание врз Кинезите, како и врз Јапонците, Корејците и другите околни народи, потребно е да знаеме нешто за основниот кинески концепт Тао. Самиот тој збор значи „пат, друм, или патека“. Во поширока смисла, може да значи и „метода, начело, или доктрина“. За Кинезите, хармонијата и подреденоста што ги согледувале во универзумот, биле манифестации на Тао, еден вид божествена волја или законодавство кое постои во универзумот и управува со него. Со други зборови, наместо да веруваат во Бог Творец, кој го контролира универзумот, тие верувале во провидение, небесна волја, или едноставно во самото небо како причина за сѐ.

4. Како Кинезите го примениле концептот Тао на човечките работи? (Спореди Пословици 3:5, 6.)

4 Применувајќи го концептот Тао на човечките работи, Кинезите верувале дека постои природен и исправен начин да се прави сѐ и дека секој и сѐ си има свое пригодно место и своја пригодна функција. На пример, верувале дека доколку владетелот ја врши својата должност на тој начин што праведно постапува со луѓето и се грижи за жртвените ритуали кои се однесуваат на небото, тогаш нацијата ќе има мир и просперитет. На сличен начин, доколку народот е спремен да го бара патот, т.е. Тао, и да го следи, тогаш сѐ ќе биде хармонично, мирно и делотворно. Но, доколку тој оди спротивно на него или му дава отпор, тогаш резултатот ќе биде хаос и катастрофа.

5. а) Каков е таоистичкиот пристап кон Тао? б) Каков е конфучијанскиот пристап кон Тао? в) На кои прашања треба да се одговори?

5 Оваа идеја, да се оди со Тао и да не се попречува неговиот тек, е централен елемент во кинеското филозофско и религиозно размислување. Може да се рече дека таоизмот и конфучијанизмот се два различни израза на истиот концепт. Таоизмот има мистичен пристап и, во својот првобитен облик, застапува неактивност, смиреност и пасивност, избегнување на општеството и враќање кон природата. Неговата основна идеја е дека сѐ ќе излезе како што треба доколку луѓето се опуштат, не прават ништо и дозволат природата да си оди по својот тек. Конфучијанизмот пак, од своја страна, има прагматичен пристап. Тој учи дека општествениот поредок ќе се оддржи тогаш кога секој човек ќе ја игра својата предвидена улога и ќе си ја врши својата должност. За таа цел, тој ги кодифицира сите човечки и општествени односи — владетел-поданик, татко-син, сопруг-сопруга итн. — и дава упатства за сите нив. Секако, тоа ги наметнува следниве прашања: Како настанале овие два система? Кои биле нивни основачи? Како се практикуваат денес? И што сториле тие во врска со потрагата на човекот по Бог?

Таоизам — филозофски почеток

6. а) Што се знае за основачот на таоизмот? б) Како основачот на таоизмот станал познат како Лао Це?

6 Во своите рани стадиуми, таоизмот повеќе бил филозофија отколку религија. Неговиот основач Лао Це не бил задоволен од хаосот и метежот во тоа време и побарал ослободување преку бегање од општеството и враќање кон природата. Малку се знае за тој човек за кого се вели дека живеел во шестиот век пр.н.е., иако и тоа не е сигурно. Обично е наречен Лао Це, што значи „Стар учител“ или „Старец“ бидејќи, како што вели легендата, неговата мајка имала толку долга бременост што кога се родил, косата веќе му била побелена.

7. Што учиме за Лао Це од ‚Историските записи‘?

7 Единствениот официјален извештај за Лао Це се наоѓа во Shih Chi (Историски записи) од Су-ма Чиен, почитуван дворски историчар од вториот и првиот век пр.н.е. Според овој извор, вистинското име на Лао Це било Ли Ер. Тој служел како службеник во императорските архиви во Лојанг, централна Кина. Но, што е уште позначајно, тој ни го дава за Лао Це следниов извештај:

„Поголемиот дел од животот Лао Це го поминал во Чоу. Кога го предвидел распаѓањето на Чоу, си заминал и дошол до границата. Цариникот Јин Ши му рекол: ‚Господине, бидејќи сакате да се повлечете, ве молам, заради мене, напишете една книга‘. Веднаш потоа, Лао Це напишал една книга во два дела која се состоела од над пет илјади зборови, во која дискутирал за концептите на Патот [Тао] и Моќта [Те]. Потоа си заминал. Никој не знае каде умрел“.

8. а) Според кажувањата, која книга ја напишал Лао Це? б) Зошто таа книга е предмет на многу различни толкувања?

8 Многу изучувачи се сомневаат во автентичноста на овој извештај. Како и да е, книгата која била напишана е позната како Tao Te Ching (обично се преведува како „Книга за патот и моќта“) и се смета за главен текст во таоизмот. Напишана е со концизни, загадочни стихови, од кои некои се состојат само од три или четири зборови. Поради ова, а и затоа што значењето на некои букви прилично се изменило од времето на Лао Це па досега, книгата е предмет на многу различни толкувања.

Краток преглед на „Tao Te Ching“

9. Како Лао Це го опишува Тао во Tao Te Ching?

9 Во Tao Te Ching, Лао Це го образложил Тао, конечниот Пат на природата и го применил на секое ниво од човечката активност. Овде ќе цитираме еден современ превод на Џија-фу Фенг и Џејн Инглиш за да добиеме краток преглед на Tao Te Ching. Во врска со Тао, се вели следново:

„[Постоеше] нешто мистериозно создадено,

родено пред небото и Земјата . . .

Можеби тоа е мајката на десет илјади работи.

Не му го знам името.

Викај го Тао“ (Поглавје 25).

„Сите работи настанале од Тао.

Ги хранела Доблеста [Те].

Создадени се од материја.

Ги обликувала околината.

Затоа, сите десет илјади работи го почитуваат Тао и ѝ

оддаваат чест на Доблеста [Те]“ (Поглавје 51).

10. а) Која е целта на таоизмот? б) Како ова таоистичко гледиште се применува на човечкото однесување?

10 Каков заклучок можеме да извлечеме од овие енигматски пасуси? Тоа дека за таоистите, Тао е некаква мистериозна космичка сила која е одговорна за материјалниот универзум. Целта на таоизмот е да го открие Тао, да го остави зад себе светот и да дојде во склад со природата. Овој концепт се одразува и во гледиштето на таоистите за човечкото однесување. Еве еден израз на овој идеал од Tao Te Ching:

„Подобро е да се налее помалку отколку да се наполни до врв. Ако острицата се изостри премногу, наскоро сечивото ќе се истапи. Ако се натрупа многу злато и нефрит, никој не ќе може да го заштити. Ако се присвојат богатство и титули, ќе следи катастрофа. Одмори се кога ќе ја завршиш работата. Тоа е небесниот пат“. (Поглавје 9).

11. Како може да се опише таоистичкиот идеал?

11 Овие неколку примери покажуваат дека, барем во почетокот, таоизмот во основа бил филозофска школа. Реагирајќи на неправдите, страдањата, пустошењето и ништожноста кои произлегувале од крутото владеење на феудалниот систем од тоа време, таоистите верувале дека начинот да се најде мир и хармонија е враќање на традицијата која ја имале древните луѓе пред доаѓањето на царевите и министрите кои доминирале со обичниот народ. Нивниот идеал бил да живеат спокоен селски живот во единство со природата (Пословици 28:15; 29:2).

Вториот мудрец во таоизмот

12. а) Кој бил Чуанг Чоу? б) Што додал тој на првобитните учења на Лао Це?

12 Филозофијата на Лао Це ја однел чекор понатаму Чуанг Чоу или Чуанг Це, што значи „Учителот Чуанг“ (369—286 пр.н.е.) кој бил сметан за најистакнат наследник на Лао Це. Во својата книга Chuang Tzu тој не само што го разработил Тао туку и ги изложил идеите за јин и јанг, кои првпат биле развиени во I Ching. (Види страница 83.) Според него, ништо не е навистина трајно или апсолутно туку сѐ е во состојба на движење меѓу две спротивни страни. Во поглавјето „Есенска поплава“ тој напишал:

„Ништо во универзумот не е трајно, бидејќи сѐ живее само додека не умре. Единствено Тао, бидејќи нема ниту почеток ниту крај, трае засекогаш . . . Животот може да се спореди со еден брз коњ кој галопира со сета брзина — тој се менува постојано и без прекин, во секое делче од секундата. Што треба да правиш? Што не треба да правиш? Тоа всушност не е важно“.

13. а) Според деталниот опис на Чуанг Це, какво е таоистичкото гледиште за животот? б) Кој сон на Чуанг Це е најдобро запамтен?

13 Поради оваа филозофија на инерција, таоистичкото гледиште е дека нема смисла некој да прави нешто што би го попречило она кое природата го ставила во движење. Порано или подоцна, сѐ ќе се врати на спротивното. Без разлика колку ситуацијата е неподнослива, наскоро ќе биде подобро. Сеедно колку ситуацијата е пријатна, наскоро ќе исчезне. (За разлика од тоа, види Проповедник 5:17, 18.) Ова филозофско гледиште за животот симболично е изразено во еден сон на Чуанг Це по кој обичниот народ најдобро се сеќава на него:

„Еднаш Чуанг Чоу сонувал дека е пеперутка, пеперутка која летала и треперела наоколу, среќна со себеси и правејќи така како што ѝ било угодно. Тој не знаел дека е Чуанг Чоу. Одеднаш се разбудил и навистина бил тој, цврсто и непогрешливо Чуанг Чоу. Но, не знаел дали е Чуанг Чоу кој сонувал дека е пеперутка или, пак, пеперутка која сонувала дека е Чуанг Чоу“.

14. На кои полиња се одразило таоистичкото влијание?

14 Влијанието на оваа филозофија се гледа во стилот на поезијата и сликарството кои ги развиле кинеските уметници од подоцнежните генерации. (Види страница 171.) Меѓутоа, таоизмот не требало уште долго да остане пасивна филозофија.

Од филозофија до религија

15. а) До која идеја дошле таоистите фасцинирани од природата? б) Кои изјави во Tao Te Ching придонеле за таквата идеја?

15 Во својот обид да бидат во склад со природата, таоистите станале опседнати со бескрајноста и со способноста на обновување. Шпекулирале дека можеби, ако се живее во хармонија со Тао, т.е. со патот на природата, ќе може некако да се исцрпат тајните на природата и да се стане имун на физичките повреди, болестите па дури и на смртта. Иако Лао Це не направил од ова спорно прашање, изгледа дека пасусите во Tao Te Ching укажуваат на таа идеја. На пример, во поглавје 16 се вели: „Складноста со Тао е вечна. И иако телото умира, Тао нема никогаш да исчезне“a.

16. Како записите на Чуанг Це придодале кон магиските верувања на таоизмот?

16 Чуанг Це исто така придонел за такви шпекулации. На пример, во еден дијалог во Chuang Tzu, еден митски лик прашал друг: „Имаш прилично години, а кожата сѐ уште ти е детска. Како е можно тоа?“ Другиот одговорил: „Го спознав Тао“. Во врска со еден друг таоистички филозоф, Чуанг Це напишал: „Сега Лихце може да јава на ветрот. Си оди на петнаесет дена едрејќи среќно на свежиот ветрец, пред да се врати. Меѓу смртниците кои постигнуваат среќа, таков човек е редок“.

17. Кои таоистички практики произлегле од претходните шпекулации, и каков бил исходот? (Спореди Римјаните 6:23; 8:6, 13.)

17 Ваквите приказни ја распламтувале фантазијата на таоистите и тие започнале да експериментираат со медитација, исхрана и вежби за дишење кои наводно можеле да ги одложат распаѓањето и смртта на телото. Наскоро почнале да кружат легенди за бесмртници кои можеле да летаат по облаците, да се појавуваат и да исчезнуваат кога ќе посакаат и кои живееле на светите планини или на далечните острови безброј години, поддржувани од росата или од магичните плодови. Кинеската историја известува дека во 219 пр.н.е. Чин императорот Ши Хуанг-Ти испратил една флота бродови со 3.000 момчиња и девојки за да го најдат легендарниот остров Пенглаи, живеалиштето на бесмртниците, и да ја донесат билката на бесмртноста. Непотребно е да се каже дека не се вратиле со еликсирот, но традицијата вели дека ги населиле островите кои станале познати како Јапонија.

18. а) Која таоистичка идеја стои зад ‚пилулите на бесмртноста‘? б) Какви други магиски практики се развиле во таоизмот?

18 За време на династијата Хан (206 пр.н.е.—220 н.е.) магиските практики на таоизмот достигнале нов зенит. Се вели дека на императорот Ву Ти, иако го унапредувал конфучијанизмот како официјално учење на државата, му била многу привлечна таоистичката идеја за физичка бесмртност. Особено се занимавал со приготвување ‚пилули на бесмртноста‘ по пат на алхемија. Според таоистичкото гледиште, животот настанува кога ќе се комбинираат спротивните сили јин и јанг (женско и машко). На тој начин, со спојување на олово (темно, т.е. јин) и жива (светло, т.е. јанг), алхемичарите го имитирале процесот на природата и сметале дека производот од тоа ќе биде пилула на бесмртноста. Таоистите развиле и вежби слични на јога, техники за контрола на дишењето, ограничувања во исхраната и сексуални практики за кои се верувало дека ја зајакнуваат виталната енергија и го продолжуваат животот. Нивниот прибор вклучувал магични амајлии за кои се велело дека го прават поединецот невидлив и неранлив на оружје или дека му овозможуваат да оди по вода или да лета низ просторот. Исто така, на градбите и над влезовите прицврстувале магични печати, кои обично го содржеле симболот јин-јанг, за да ги одбиваат злите духови и дивите ѕверки.

19. Како таоизмот станал организиран?

19 До вториот век н.е. таоизмот веќе станал организиран. Извесен Чанг Линг, или Чанг Тао-линг, основал едно тајно таоистичко друштво во западна Кина и практикувал магиски лечења и алхемија. Поради тоа што на секој член му била наметната членарина од по пет мерки ориз, неговото движење станало познато како таоизам Пет-мерки-ориз (ву-тоу-ми Тао). Тврдејќи дека добил лично откровение од Лао Це, Чанг станал првиот „небесен учител“. Се вели дека на крај успеал да го направи еликсирот на животот и дека јавајќи на тигар, жив се вознел на небото од планината Лунг-ху (планина змеј-тигар) во провинцијата Киангси. Со Чанг Тао-линг започнала една со векови долга низа таоистички „небесни учители“ и за секој од нив се вели дека е реинкарнација на Чанг.

Соочување со предизвикот на будизмот

20. Како таоизмот се обидел да дејствува против влијанието на будизмот?

20 До седмиот век, за време на династијата Танг (618—907 н.е.), будизмот почнал да навлегува во религиозниот живот на Кинезите. Како противмерка, таоизмот почнал да се унапредува како религија со кинески корени. Лао Це бил обоготворен, а таоистичките записи биле канонизирани. Биле изградени храмови, машки и женски манастири, и биле воспоставени редови на калуѓери и калуѓерки — повеќе или помалку според будистичкиот крој. Освен тоа, во својот пантеон таоизмот усвоил и многу богови, божици, самовили и бесмртници од кинескиот фолклор како, на пример, Осумте бесмртници (Па Шиен), богот на огништето (Цао Шен), градските богови (Џенг Хуанг) и чуварите на портата (Мен Шен). Резултатот од тоа била една смеса која опфаќала елементи на будизмот, традиционалното суеверие, спиритизмот и обожавањето предци (1. Коринќаните 8:5).

21. Во што на крај се преобразил таоизмот, и како?

21 Со текот на времето, таоизмот постепено се распаднал во еден систем на идолопоклонство и суеверие. Едноставно секој човек ги обожавал своите омилени богови и божици во локалните храмови, молејќи ги за заштита од злото и за помош во постигнувањето среќа на Земјата. Биле најмувани свештеници за вршење погреби; за избирање поволни места за гробови, куќи и дуќани; за комуницирање со мртвите; за одбивање на злите духови и на сеништата; за славење празници и извршување различни други ритуали. На тој начин, она што започнало како школа на мистична филозофија, се преобразило во религија која била длабоко потоната во верување во бесмртни духови, пеколен оган и полубогови — идеи извлечени од застоената бара на лажни верувања од древниот Вавилон.

Друг истакнат кинески мудрец

22. Која школа на мислење почнала да доминира во Кина, и кои прашања треба да ги разгледаме?

22 Следејќи го подемот, развојот и распаѓањето на таоизмот, треба да се присетиме дека тој бил само една од „стоте школи“ кои цветале во Кина во периодот на Завојуваните Држави. Една друга школа која на крај станала истакната, всушност и доминантна, бил конфучијанизмот. Но, зошто конфучијанизмот станал толку истакнат? Од сите кинески мудреци, надвор од Кина несомнено најпознат е Конфучие. Но, кој бил всушност тој, и што поучувал?

23. Кои лични детали во врска со Конфучие се изнесени во „Историските записи“?

23 Во врска со Конфучие, повторно се обраќаме во Shih Chi (Историските записи) на Су-ма Чиен. За разлика од краткиот расказ за Лао Це, за Конфучие наоѓаме опширна биографија. Еве некои лични детали цитирани од преводот на кинескиот изучувач Лин Јутанг:

„Конфучие е роден во градот Цоу, во покраината Чангпинг, во земјата Лу . . . [Мајка му] се помолила на брдото Ничиу и како одговор на нејзината молитва го зачнала Конфучие, во дваесет и втората година од војводата Шианг од Лу (551 пр.н.е.). При раѓањето, на главата имал забележливо испапчување, па затоа бил наречен ‚Чиу‘ (што значи „брдо“). Неговото книжевно име било Чунгни, а презимето му било Кунг“.b

24. Што му се случило на Конфучие во младоста?

24 Кратко време по неговото раѓање татко му умрел, но мајка му, иако била сиромашна, успеала да му обезбеди пристојно образование. Момчето развило длабок интерес за историја, поезија и музика. Според The Analects, една од Four Books (Четирите книги) на Конфучие, кога наполнил 15 години тој се посветил на научни студии. На 17-годишна возраст му била дадена една ниска владина служба во неговата татковина Лу.

25. Како влијаела врз Конфучие смртта на неговата мајка? (Спореди Проповедник 9:5, 6; Јован 11:33, 35.)

25 Неговиот финансиски статус очигледно се подобрил, па така на возраст од 19 години се оженил и следната година добил син. Меѓутоа, во средината на неговите 20-ти години умрела мајка му. Тоа очигледно имало силно влијание врз него. Бидејќи точно се придржувал за древните традиции, Конфучие се повлекол од јавниот живот и 27 месеци ја оплакувал мајка си на нејзиниот гроб, давајќи им на тој начин на Кинезите класичен пример на синовски пиетет.

Конфучие учителот

26. Каква професија прифатил Конфучие после смртта на мајка си?

26 После тоа, го напуштил своето семејство и го прифатил звањето патувачки учител. Во предметите кои ги предавал спаѓале музика, поезија, литература, наука за граѓански права, етика и наука, или она што постоело од тие предмети во тоа време. Сигурно си стекнал име, зашто се вели дека во еден период имал дури 3.000 студенти.

27. Што е познато за Конфучие како учител? (Спореди Матеј 6:26, 28; 9:16, 17; Лука 12:54—57; Јован 4:35—38.)

27 На Ориентот, Конфучие е почитуван главно како голем учител. Всушност, епитафот на неговиот гроб во Чу-фоу, провинцијата Шантунг, едноставно го нарекува „Древен, најсвет учител“. Еден западњачки писател ја опишува методата на неговото поучување вака: „Тој одел од ‚место до место придружуван од оние кои ги усвојувале неговите гледишта за животот‘. Секогаш кога патувањето ќе ги однело некаде далеку, се возел на воловска кола. Бавното темпо на животното им овозможувало на учениците да го следат пешки, и очигледно е дека темата на неговите предавања честопати ја наметнувале настаните што се случувале по патот“. Интересно е тоа што подоцна, но независно од него, Исус користел слична метода.

28. Според кинескиот писател Лин Јутанг, што го направило Конфучие почитуван учител?

28 Она што го направило Конфучие почитуван учител меѓу ориенталците несомнено бил фактот што и самиот тој бил добар студент, особено по историја и етика. „Луѓето биле привлечени кон Конфучие не толку затоа што бил најмудриот човек од своето време колку затоа што бил најучениот изучувач, единствениот од тоа време кој можел да ги поучи за древните книги и за древната ученост“, напишал Лин Јутанг. Укажувајќи на оваа љубов кон учењето како на можна клучна причина зошто конфучијанизмот триумфирал над другите школи на мислење, Лин го резимирал тоа на следниов начин: „Конфучијанските учители имале нешто конкретно за поучување, а конфучијанските ученици имале нешто конкретно за учење, имено, историско учење, додека другите школи биле присилени да изнесуваат чисто лични мислења“.

„Небото ме знае!“

29. а) Која била вистинската амбиција во животот на Конфучие? б) Како тој се обидел да ја оствари својата амбиција, и со каков резултат?

29 И покрај својот успех како учител, Конфучие не гледал на поучувањето како на свое животно дело. Сметал дека неговите идеи за етика и морал би можеле да го спасат разбрануваниот свет од тоа време само кога владетелите би ги применувале, на тој начин што ќе го вработат него или неговите ученици во своите влади. За таа цел, тој и една мала група негови најблиски ученици ја напуштиле татковината Лу и тргнале на пат од држава до држава обидувајќи се да го пронајдат мудриот владетел кој би ги усвоил неговите идеи за владата и за општествениот поредок. Каков бил исходот? Во Shih Chi се наведува: „На крај си заминал од Лу, бил напуштен во Чи, протеран од Сунг и Веи, страдајќи во оскудица меѓу Чен и Цаи“. После 14 години поминати на пат, се вратил во Лу разочаран, но не и скршен.

30. Кои книжевни дела го сочинуваат темелот на конфучијанизмот?

30 Во преостанатиот дел од својот живот се посветил на книжевна работа и поучување. (Види ја рамката на страница 177.) Иако несомнено жалел заради тоа што не бил сфатен, рекол: „Не мрморам против Небото. Не приговарам против човек. Продолжувам со моите студии овде на Земјата, а во допир сум со Небото горе. Небото ме знае!“ На крај, во 479 година пр.н.е., умрел на 73-годишна возраст.

Суштината на конфучијанските идеи

31. Што поучувал Конфучие во врска со начинот како да се постигне ред во општеството?

31 Иако Конфучие се истакнувал како изучувач и учител, сепак неговото влијание воопшто не било ограничено на схоластичките кругови. Всушност, целта на Конфучие била не само да поучува за правила на однесување или за морал туку и да го обнови мирот и редот во општеството кое во тоа време било растргнато со постојани војни меѓу феудалците. За да се постигне таа цел, Конфучие поучувал дека секој, од императорот па сѐ до обичниот народ, мора да научи која улога во општеството се очекува од него и да живее во склад со неа.

32, 33. а) Каков бил конфучијанскиот концепт за ли? б) Според Конфучие, каков би бил резултатот од практикувањето на ли?

32 Овој концепт во конфучијанизмот е познат како ли, што значи пристојност, љубезност, ред и, во поширока смисла, ритуал, церемонија и длабоко почитување. Како одговор на прашањето: „Што е ова големо ли?“ Конфучие го дал следново објаснување:

„Најголема од сите работи според кои живеат луѓето е ли. Без ли нема да знаеме како да вршиме исправно обожавање на духовите во универзумот; ниту како да го установиме исправниот статус на царот и на министрите, на владетелот и на оние над кои се владее, на старите и на помладите; ниту како да ги воспоставиме моралните односи меѓу половите, меѓу родителите и децата и меѓу браќата; ниту, пак, како да ги разликуваме различните степени на односи во семејството. Затоа еден благороден човек толку високо го цени ли“.

33 Според тоа, ли е правило на однесување според кое еден вистински благороден човек (чун-це, понекогаш преведен со „супериорен човек“) ги спроведува сите свои општествени односи. Кога секој настојува да го прави тоа, тогаш „сѐ си доаѓа на свое место во семејството, во државата и во светот“, рекол Конфучие, и тогаш се спроведува Тао, т.е. небесниот пат. Но, како треба да се изрази ли? Тоа нѐ доведува до еден друг централен концепт на конфучијанизмот — јен (се изговара рен), човечност или човечка срдечност.

34. Каков е конфучијанскиот концепт за јен, и како тој помага во справувањето со општествените проблеми?

34 Додека ли нагласува воздржување со надворешни правила, јен се занимава со човечката природа или со внатрешната личност. Конфучијанскиот концепт, особено онака како што тоа го изразил Менчие, главниот ученик на Конфучие, е дека човечката природа во основа е добра. Затоа, решението за сите општествени проблеми лежи во самонегувањето и започнува со образование и спознание. Уводното поглавје на The Great Learning (Големото учење) вели:

„Кога ќе се постигне вистинско спознание, тогаш желбата станува искрена; кога желбата е искрена, тогаш срцето е доведено во ред . . .; кога срцето е доведено во ред, тогаш се негува личниот живот; кога се негува личниот живот, тогаш се регулира семејниот живот; кога се регулира семејниот живот, тогаш во животот на нацијата владее ред; а кога во животот на нацијата владее ред, тогаш во овој свет има мир. Од императорот па сѐ до обичните луѓе, сите мораат како корен или темел да го почитуваат негувањето на личниот живот“.

35. а) Како можат да се резимираат начелата за ли и јен? б) Како сево ова се одразува во гледиштето на Кинезите кон животот?

35 На тој начин гледаме дека, според Конфучие, држењето на ли ќе им овозможи на луѓето да се однесуваат исправно во секоја ситуација, а негувањето на јен ќе помогне да постапуваат љубезно со секого. Резултатот, теоретски гледано, е мир и хармонија во општеството. Идеалот на Конфучие, темелен на начелата ли и јен, може да се резимира вака:

„Љубезност кај таткото, синовска почит кај синот

Учтивост кај најстариот брат, понизност и почит кај помалиот

Праведно однесување кај сопругот, послушност кај сопругата

Човечки обѕир кај постарите, почит кај помладите

Добротворство кај владетелите, лојалност кај министрите и поданиците“.

Сево ова помага да се објасни зошто повеќето Кинези, па и други ориенталци, ставаат толкав голем нагласок на семејните врски, на тоа да се биде трудољубив, на образованието и на знаењето и постапувањето во склад со својата положба во општеството. За добро или за лошо, откако со векови биле всадувани, овие концепти на Конфучие навлегле длабоко во свеста на Кинезите.

Конфучијанизмот станал државен култ

36. Како конфучијанизмот добил статус на државен култ?

36 Со подемот на конфучијанизмот завршил периодот на „стоте школи“. Во конфучијанското учење за лојалност кон владетелот, императорите на династијата Хан ја нашле токму онаа формула која им била потребна за да ја зацврстат моќта на престолот. Под императорот Ву Ти, на кого веќе се осврнавме во поврзаност со таоизмот, конфучијанизмот бил издигнат до статус на државен култ. Само оние кои биле упатени во конфучијанските класици биле избирани за државни службеници, а секој кој се надевал да стапи во владината служба морал да положи сенародни испити кои се темелеле на конфучијанските класици. Конфучијанските обреди и ритуали станале религија на царскиот дом.

37. а) Како конфучијанизмот станал религија? б) Зошто, всушност, конфучијанизмот е повеќе отколку само филозофија?

37 Оваа промена на настаните придонела многу за издигнување на положбата на Конфучие во кинеското општество. Императорите Хан започнале една традиција на принесување жртви на гробот на Конфучие. Нему му биле доделени почесни титули. Потоа, во 630 н.е., Танг императорот Таи Цунг наредил во секоја провинција и покраина во империјата да се подигне по еден државен храм на Конфучие во кој редовно ќе се принесуваат жртви. Во најголем број случаи, Конфучие бил издигнат до статус на бог, а конфучијанизмот станал религија која едвај се разликувала од таоизмот или будизмот. (Види ја рамката на страница 175.)

Наследство на мудрост на истокот

38. а) Што се случило со таоизмот и со конфучијанизмот од 1911 па наваму? б) Но, што сѐ уште е случај со основните концепти на тие религии?

38 Со завршувањето на династичното владеење во Кина, во 1911, конфучијанизмот и таоизмот се нашле под голем критицизам, па дури и под прогонство. Таоизмот бил дискредитиран заради неговите магиски и суеверни практики. А конфучијанизмот бил етикетиран како феудалистички, кој унапредува ропски менталитет за да ги држи луѓето, а особено жените, во потчинетост. Меѓутоа, и покрај таквите официјални оптужби, основните концепти на овие религии се толку длабоко всадени во умот на Кинезите што сѐ уште имаат силен стисок над многумина од нив.

39. Што вели еден новински извештај за суеверните религиозни практики во Кина?

39 На пример, под насловот „Религиозните обреди на Кинезите — ретки во Пекинг, но цветаат во крајбрежните региони“, канадскиот весник Globe and Mail во 1987 извести дека после речиси 40 години атеистичко владеење во Кина, погребните обреди, храмските служби и многуте суеверни практики сѐ уште се вообичаени во селските подрачја. „Повеќето села имаат еден човек фенгшуи, обично постар жител кој знае да ги чита силите на ветрот (фенг) и на водата (шуи) за да ја одреди најповолната локација за сѐ — од гробот на предците па сѐ до новиот дом или мебелот во дневната соба“, вели извештајот.

40. Какви религиозни практики можат да се забележат на Тајван?

40 Таоизмот и конфучијанизмот можат да се најдат и на други места, секаде каде што преживеала традиционалната кинеска култура. На Тајван, оној човек кој тврди дека е потомок на Чанг Тао-линг, претседава како „небесен учител“ со моќ да заредува таоистички свештеници (Тао Ших). Популарната божица Мацу, која е позната како „Светата мајка на небото“, се обожава како заштитничка светица на островот, како и на морнарите и на рибарите. Што се однесува до обичниот народ, тој е претежно преокупиран со давање приноси и жртви на духовите на реките, планините и ѕвездите; на заштитничките божества на сите занаети; и на боговите на здравјето, среќата и богатството.c

41. На кој начин конфучијанизмот се практикува како религија денес?

41 А како е со конфучијанизмот? Неговата улога како религија е сведена на статус на национален споменик. Во Чу-фоу во Кина, родното место на Конфучие, државата го одржува Храмот на Конфучие и неговиот семеен имот како туристичка атракција. Таму, според списанието China Reconstructs, се даваат претстави со кои се „повторува еден ритуал на обожавање на Конфучие“. А во Сингапур, Тајван, Хонгконг и на други места во источна Азија, луѓето сѐ уште го слават роденденот на Конфучие.

42. Како таоизмот и конфучијанизмот потфрлаат како водичи во потрагата по вистинскиот Бог?

42 Во конфучијанизмот и таоизмот, гледаме како еден систем темелен на човечка мудрост и резонирање, без разлика на тоа колку е логичен и добронамерен, на крајот потфрла во потрагата по вистинскиот Бог. Зошто? Бидејќи испушта еден неопходен елемент, имено, волјата и барањата на Бог кој е личност. Конфучијанизмот се свртува кон човечката природа како мотивирачка сила да се прави добро, а таоизмот се свртува кон самата природа. Но, оваа доверба е ставена на погрешно место, бидејќи едноставно не претставува ништо друго туку обожавање на творби, а не на Творецот (Псалм 62:9; 146:3; Еремија 17:5).

43. Како религиозните традиции на Кинезите дејствуваат против нив, како целина, во потрагата по вистинскиот Бог?

43 Од друга страна, пак, традициите на обожавање предци и идоли, длабоката почит кон космичкото небо и возвишувањето на духовите во природата, како и обредите и ритуалите кои се поврзани со нив, станале толку длабоко вкоренети во начинот на размислување на Кинезите што се прифатени како неискажана вистина. Честопати е многу тешко да се разговара со некој Кинез за Бог или Творец кој е личност бидејќи тој концепт за нив е сосема туѓ (Римјаните 1:20—25).

44. а) Како реагираат на чудата во природата умовите кои резонираат? б) На што сме охрабрени?

44 Непобитно е дека природата е полна со величествени чуда и мудрост, како и тоа дека ние луѓето сме надарени со прекрасни дарови — разум и совест. Но, како што беше истакнато во поглавјето за будизмот, чудата кои ги гледаме во светот на природата предизвикале умовите кои резонираат да дојдат до заклучок дека мора да постои Дизајнер или Творец. (Види страници 151, 152.) Штом е ова така, зарем не е логично дека треба да настојуваме да трагаме по Творецот? Всушност, Творецот нѐ поканува да го сториме тоа: „Подигнете ги очите и гледајте: кој го создаде тоа? Оној Кој по број ја изведува нивната војска, И Кој ги вика сите по име“ (Исаија 40:26). На тој начин, ќе дознаеме не само кој е Творецот, имено, Јехова Бог, туку и што ни подготвува тој за во иднина.

45. Која друга ориентална религија ќе ја разгледаме после ова?

45 Заедно со будизмот, конфучијанизмот и таоизмот, кои одиграле главна улога во религиозниот живот на луѓето на Ориентот, постои уште една религија која е единствена за луѓето во Јапонија — шинтоизмот. По што се разликува таа? Кој е нејзиниот извор? Дали ги водела луѓето кон вистинскиот Бог? Ова ќе го разгледаме во следното поглавје.

[Фусноти]

a Преводот на овој пасус на Лин Јутанг гласи: „Кој е во склад со Тао, тој е вечен, и целиот негов живот е сочуван од зло“.

b Зборот „Конфучие“ е латинска транслитерација на кинеското Кунг-фу--це што значи „Кунг учителот“. Језуитските свештеници кои дошле во Кина во 16 век, го сковале латинизираното име кога на римскиот папа му предложиле Конфучие да биде канонизиран како „светец“ на Римокатоличката црква.

c Една таоистичка група на Тајван, наречена Тиен Тао (Небесен Пат), тврди дека е смеса од пет светски религии — таоизам, конфучијанизам, будизам, христијанство и ислам.

[Рамка на страница 162]

Изговор на кинеските зборови

Заради доследност со поголемиот дел од стручните дела, во оваа книга се користи Вејд-Гајлс обликот на транслитерација на кинески зборови. Подолу се наведени македонските форми на изговор:

ch џ, како во Tao Te Ching (џинг)

ch’ ч, како во династијата Ch’in (чин)

hs ш, како во Ta Hsüeh (шу-ех), Големото учење

j р, како во jen (рен), човечка срдечност

k г, како кај будистичката божица Kuan-yin (гуан-јин)

k’ к, како кај K’ung-fu-tzu (кунг-фу-це), или Конфучие

t д, како во Tao (дао), Патот

t’ т, како во династијата T’ang (танг)

[Рамка на страница 175]

Конфучијанизмот — филозофија или религија?

Поради тоа што Конфучие дал малку коментари за Бог, многу луѓе сметаат дека конфучијанизмот е само филозофија а не религија. Сепак, она што го рекол и направил, покажува дека тој бил религиозен. Тоа може да се види од два аспекта. Прво, имал страв полн со почит кон една врховна космичка духовна сила која Кинезите ја нарекуваат Тѝен или Небо, а која тој ја сметал за извор на целокупната доблест и морална добрина и чија волја, според него, управува со сите работи. Второ, ставал голем нагласок врз подробното набљудување на обредите и церемониите поврзани со обожавањето на небото и на духовите на покојните предци.

Иако Конфучие никогаш не ги застапувал тие гледишта во облик на религија, сепак за генерации Кинези тие станале религија во полна смисла на зборот.

[Рамка/слики на страница 177]

Конфучијанските Четири книги и Пет класици

Четирите книги

1. Големото учење (Ta Hsüeh), основа за образование на благородните луѓе, првиот текст кој го учеле момчињата во стара Кина

2. Доктрина за средината (Chung Yung), расправа за развојот на човечката природа по пат на умереност

3. Аналекти (Lun Yü), збирка изреки на Конфучие, се смета за главен извор на конфучијанската мисла

4. Книгата на Менчие (Meng-tzu), записи и изреки на Конфучиевиот најголем ученик Менг-це, или Менчие

Петте класици

1. Книга на поезија (Shih Ching), 305 поеми кои даваат слика за секојдневниот живот во раниот период на Чоу (1000—600 пр.н.е.)

2. Книга на историја (Shu Ching), опфаќа 17 века од кинеската историја почнувајќи со династијата Шанг (1766—1122 пр.н.е.)

3. Книга на промени (I Ching), книга на претскажување, се темели на толкувањата на 64-те можни комбинации на шест цели или прекршени линии

4. Книга на обреди (Li Chi), збирка правила за церемонии и ритуали

5. Анали за пролет и есен (Ch’un Ch’iu), историја на Лу, татковината на Конфучие, го опфаќа периодот од 721—478 пр.н.е.

[Слики]

Петте класици, горе, и дел од Големото учење, лево (една од Четирите книги), цитирана на страница 181

[Слика на страница 163]

Тао, ‚патот по кој треба да се оди‘

[Слика на страница 165]

Лао-це, таоистички филозоф, на грбот на еден бивол

[Слика на страница 166]

Таоистички храм на Мацу, „Светата мајка на небото“, во Тајван

[Слика на страница 171]

Планини обвиени со магла, тивки води, растреперени дрвја и повлечени изучувачи — популарни теми во кинеските слики со пејзажи — го одразуваат таоистичкиот идеал за живеење во хармонија со природата

[Слики на страница 173]

Лево: древна таоистичка резба на богот на Долгиот живот со Осуммината бесмртници.

Десно: таоистички свештеник облечен во церемонијална облека извршува погребна служба

[Слика на страница 179]

Конфучие, најистакнатиот кинески мудрец, почитуван како учител по морал и етика

[Слика на страница 181]

Прослави, проследени со музика во Сунг Кијан Кван, конфучиски образовен центар од 14 век во Сеул (Кореја), ги овековечуваат конфучијанските ритуали

[Слики на страница 182]

Без разлика дали е будист, таоист или конфучијанист, типичниот Кинез (одлево), во својот дом им оддава чест на предците, ги обожава боговите на богатството и принесува жртви во храмовите во празничните денови

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели