Поглавје 29
Правење добри дела на Сабат
ПРОЛЕТ е, 31 н.е. Поминаа неколку месеци откако Исус зборуваше со жената на бунарот во Самарија кога беше на пат од Јудеја за Галилеја.
Сега, по засиленото поучување во Галилеја, Исус повторно заминува за Јудеја, каде што проповеда во синагогите. Во споредба со вниманието кое Библијата го посветува на неговата служба во Галилеја, таа зборува малку за Исусовата активност во Јудеја за време на оваа посета и за време на месеците што тој ги поминал тука по претходната Пасха. Очигледно, неговата служба немала таков поволен одѕив во Јудеја како што имала во Галилеја.
Наскоро Исус е на пат кон Ерусалим, главниот град на Јудеја, по повод Пасхата во 31 н.е. Овде, во близина на Овчата порта во градот, се наоѓа бања наречена Витезда, каде што доаѓаат многу болни, слепи и сакати. Тие веруваат дека можат да бидат излекувани ако влезат во водата на бањата кога таа ќе се разбранува.
Сабат е, и покрај бањата Исус здогледува еден човек кој е болен веќе 38 години. Знаејќи за долготрајната болест на човекот, Исус прашува: „Сакаш ли да оздравиш?“
Тој му одговара: „Господине, немам човек да ме спушти во бањата кога водата ќе се разбранува; па додека јас да дојдам, друг веќе слегува пред мене“.
Исус му вели: „Стани, земи си ја носилката и оди“. Тогаш човекот веднаш оздравува, си ја зема својата носилка и почнува да оди!
Но, кога Евреите го гледаат човекот, велат: „Сабат е, и не е дозволено да ја носиш носилката“.
Човекот им одговара: „Оној кој ме излекува, тој ми рече: ‚Земи си ја носилката и оди‘“.
„Кој е човекот што ти рече: ‚Земи ја и оди‘?“ прашуваат тие. Исус се тргнува настрана поради мноштвото, а оној кој бил излекуван не го знаел Исусовото име. Но, подоцна Исус и човекот се среќаваат во храмот и човекот дознава кој е тој што го излекувал.
Така, оздравениот човек ги пронаоѓа Евреите за да им каже дека Исус е тој кој го оздравел. Кога го дознаваат тоа, Евреите одат кај Исус. Од која причина? За да дознаат на кој начин тој може да ги прави тие прекрасни дела? Не. Одат со цел да најдат грешка кај него бидејќи ги прави овие добри дела на Сабат. Тие дури и почнуваат да го прогонуваат! Лука 4:44; Јован 5:1—16.
▪ Колку време помина откако Исус последен пат ја посети Јудеја?
▪ Зошто бањата Витезда е толку популарна?
▪ Какво чудо прави Исус кај бањата, и како реагираат Евреите?