Поглавје 48
Го напушта Јаировиот дом и повторно оди во Назарет
ТОА бил напорен ден за Исус — патување по море од Декапол, лекување на жената која крвавела и воскреснување на Јаировата ќерка. Но, денот сѐ уште не е завршен. Очигледно кога Исус го напушта Јаировиот дом, двајца слепи мажи тргнуваат по него, викајќи: „Смилувај ни се, Сине Давидов“.
Обраќајќи му се на Исус со „Сине Давидов“, овие мажи покажуваат вера дека Исус е наследник на Давидовиот престол и оттука, ветениот Месија. Меѓутоа, Исус навидум не обрнува внимание на нивните повици за помош, можеби за да ја испита нивната упорност. Но, мажите не попуштаат. Тие го следат сѐ до местото каде што престојува, и кога влегува во куќата, тие влегуваат по него.
Таму Исус прашува: „Имате ли вера дека можам да го направам тоа?“
„Да, Господи“, одговараат уверено.
Така, допирајќи им ги очите, Исус вели: „Нека ви биде според вашата вера“. Одеднаш тие прогледуваат! Исус тогаш строго им заповеда: „Гледајте никој да не дознае за ова“. Но, исполнети со радост, тие ја игнорираат Исусовата заповед и зборуваат за него по целиот тој крај.
Токму кога овие луѓе си заминуваат, народот доведува еден опседнат човек кому демонот му го одзел говорот. Исус го истерува демонот и човекот веднаш прозборува. Мноштвата се восхитуваат од тие чуда и велат: „Никогаш не се видело вакво нешто во Израел“.
Фарисеите, исто така, се присутни. Тие не можат да ги побијат чудата, но во своето злобно неверие го повторуваат обвинението во врска со изворот на Исусовите моќни дела и велат: „Со помош на владетелот на демоните ги истерува демоните“.
Набргу после тие настани, Исус се враќа во својот град, Назарет, овој пат во придружба на своите ученици. Пред околу една година, тој отиде во синагогата и таму поучуваше. Иако народот во почетокот се восхитуваше на неговите пријатни зборови, подоцна се чувствуваа навредени од неговото поучување и се обидоа да го убијат. Сега Исус милостиво уште еднаш се обидува да им помогне на своите поранешни соседи.
Додека во другите места луѓето се собираа кај Исус, овде очигледно не го прават тоа. Затоа, тој на Сабат оди во синагогата за да поучува. Повеќето од оние кои го слушаат се вчудовидени. „Од каде му се на овој ваква мудрост и вакви моќни дела?“, прашуваат тие. „Зарем не е ова синот на дрводелецот? Зарем мајка му не се вика Марија, а неговите браќа Јаков и Јосиф и Симон и Јуда? И зарем не се сите негови сестри со нас? Тогаш, од каде му се на овој сите овие работи?“
‚Исус е обичен мештанин како нас‘, резонираат тие. ‚Гледавме како расте, и го знаеме неговото семејство. Како може да биде Месијата?‘ Така, и покрај сите докази — неговата голема мудрост и чуда — тие го отфрлаат. Поради блиското познанство дури и неговите роднини се спрепнуваат од него, заради што Исус заклучува: „Пророкот не е без чест, освен во својот крај и меѓу своите роднини и во својата куќа“.
Навистина, Исус се чуди на нивниот недостиг на вера. Затоа таму не прави никакви чуда, освен што ги положува рацете на неколку болни и ги оздравува. Матеј 9:27—34; 13:54—58; Марко 6:1—6; Исаија 9:7.
▪ Во што покажуваат вера слепите со тоа што му се обраќаат на Исус со „Сине Давидов“?
▪ Како фарисеите ги објаснуваат Исусовите чуда?
▪ Зошто е милосрдно Исус да се врати да им помогне на луѓето во Назарет?
▪ На каков прием наидува Исус во Назарет и зошто?