Лекција 11
Верувања и обичаи кои не му се угодни на Бог
Кои верувања и обичаи се погрешни? (1)
Дали треба христијаните да веруваат дека Бог е тројство? (2)
Зошто правите христијани не слават Божиќ, Велигден или родендени? (3, 4)
Дали мртвите можат да им наштетат на живите? (5) Дали Исус умрел на крст? (6) Колку е важно да му угодуваме на Бог? (7)
1. Сите верувања и обичаи не се лоши. Но Бог не ги одобрува ако потекнуваат од лажната религија или ако се против библиските учења (Матеј 15:6).
2. Тројство: Дали Јехова е тројство — три личности во еден Бог? Не! Јехова, Таткото е „Единиот вистински Бог“ (Јован 17:3; Марко 12:29). Исус е Неговиот првороден Син, и тој му е подложен на Бог (1. Коринтјаните 11:3). Таткото е поголем од Синот (Јован 14:28). Светиот дух не е личност; тоа е Божја активна сила (1. Мојсеева 1:2; Дела 2:18).
3. Божиќ и Велигден: Исус не се родил на 25 декември или на 7 јануари. Тој се родил околу 1 октомври, време во годината кога овчарите навечер ги чувале своите стада под отворено небо (Лука 2:8—12). Исус никогаш не им заповедал на христијаните да го слават неговото раѓање. Наместо тоа, тој им рекол на своите ученици да ја слават, односно да се сеќаваат на неговата смрт (Лука 22:19, 20). Божиќ и неговите обичаи потекнуваат од древни лажни религии. Истото важи за велигденските обичаи, како што е употребата на јајца и на зајаци. Првите христијани не славеле ни Божиќ ни Велигден, а не ги слават ни вистинските христијани денес.
4. Родендени: Единствените два родендена за кои се зборува во Библијата ги славеле луѓе кои не го обожавале Јехова (1. Мојсеева 40:20—22; Марко 6:21, 22, 24—28). Раните христијани не славеле родендени. Обичајот да се слават родендени потекнува од древни лажни религии. Вистинските христијани даваат поклони и добро се забавуваат во други прилики во текот на годината.
5. Страв од мртвите: Мртвите не можат ништо да прават нити да чувствуваат. Ние не можеме да им помогнеме, а тие не можат да нѐ повредат (Псалм 145:4; Проповедник 9:5, 10). Душата умира; таа не живее понатаму после смртта (Језекиил 18:4). Но понекогаш, зли ангели, наречени демони, се преправаат дека се духови на мртвите. Секакви обичаи кои се поврзани со стравот или со обожавањето на мртвите се погрешни (Исаија 8:19).
6. Крст: Исус не умрел на крст. Тој умрел на колец или на столб. Во многу Библии, грчкиот збор преведен со „крст“ значел само едно парче дрво. Крстот како симбол потекнува од древни лажни религии. Крстот не го употребувале нити го обожавале раните христијани. Според тоа, мислиш ли дека би било исправно да се користи крст во обожавањето? (5. Мојсеева 7:26; 1. Коринтјаните 10:14).
7. Може да биде многу тешко да се напуштат некои од овие верувања и обичаи. Роднините и пријателите можеби ќе се обидуваат да те убедат да не ги менуваш твоите верувања. Но, поважно е да му се угодува на Бог отколку да им се угодува на луѓето (Изреки 29:25а; Матеј 10:36, 37).
[Слика на страница 22]
Бог не е тројство
[Слика на страница 23]
Божиќ и Велигден потекнуваат од древни лажни религии
[Слика на страница 23]
Не постои причина да се обожаваат мртвите или да се плашиме од нив